Регион

Србија и БиХ им исплатиле 3,6 милиони евра на лицата ослободени од обвиненијата за воени злосторства

Србија и Босна и Херцеговина, според сознанијата на БИРН, поединечно исплатиле околу 1,8 милиони евра отштета и надомест за трошоци на правна постапка, на обвинети ослободени од обвиненијата за воени злосторств

Врховниот суд во Белград наложил, за отштета и надомест на правните трошоци на обвинетите, кои српските судови ги ослободиле од обвиненијата за воени злосторства, исплата на вкупна сума во висина од околу 1,8 милиони евра, покажуваат документите до кои дојде БИРН .

Вкупниот износ на отштета што во последните осум години Судот на Босна и Херцеговина наложил да се исплати, како што покажуваат официјалните податоци кои БИРН ги собра, исто така ја надминува бројката од 1,8 милиони евра.

Од сумата од 1,8 милиони евра, Србија исплатила 878.000 евра отштета за незаконски притвор и околу 941,000 евра за покривање на трошоците на правните постапки, на лицата ослободени од вината.

Официјалните документи што ги добивме во Србија, во кои се детализираат иплатите извршени до 10 јули минатата година, покажуваат дека најголеми суми им биле исплатени на оние кои биле ослободени од обвинението за вмешаност во тортурата и убиството на околу 200 лица на фармата Овчара, источна Хрватска, откако во ноември 1991 година, Вуковар падна во рацете на Југословенската народна армија и српските паравоени единици.

На обвинетите кои беа ослободени во случајот „Овчара“ им беа доделени вкупно околу 468.000 евра за правни трошоци и околу 327.000 евра отштета.

Во Србија, обвинетите имаат право да ги надоместат трошоците направени за време на постапката, ако се ослободени, ако судот ги отфрлил обвиненијата против нив, доколку обвинителот се откаже од случајот или ако настапила негова застара.

Трошоците за адвокатите во Србија, се утврдени со официјален тарифник и тие се највисоки во случаите кога потенцијалната казна е поголема од 15 години, односно во случаите кога се судат воени злосторства.

Според одлуките за трошоците во кои имавме увид, Вишиот суд во Белград, според тарифникот, одредил, адвокатите да добијат околу 522 евра за присуство на секое сослушување на осомничено лице или на сведок, или за присуство на расправа, плус 12,71 евро за секој час започнат ангажман.

Причината зошто трошоците за случаите на воени злосторства се високи, е делумно поради фактот што судењата во овие случаи во Србија траат долго – на пример, случајот „Овчара“ траеше 14, а случајот „Тузла“ 8 години.

„Една од цените за одолговлекување на постапката е материјалниот момент. Се разбира, цената на одолговлекување (во смисла на правдата), но ова е една од цените“, вели за БИРН, Ивана Жаниќ, извршна директорка на Фондот за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград.

Адвокатите кои ги бранеа обвинетите во овие случаи, за БИРН велат дека не треба тие да се обвинуваат за трошоците и оти треба да се постави прашањето, дали обвинителите требале двапати да размислат пред да ги поднесат обвиненија што не можат да се докажат на суд, поради што државата ги плаќа нивните трошоци.

Српското судство генерално има проблем кога станува збор за обвинетите кои, во текот на судењето, се наоѓаат во долготраен притвор. Така, меѓу 2014 и 2018 година, државата исплатила над 1,6 милиони евра за незаконско притворање или осудителна пресуда, на свои граѓани, покажа истражувањето што БИРН го спроведе минатата година.

За убиствa извршени за една ноќ, 14 години судење

Графика: БИРН

Обвинителството за воени злосторства во Белград, од 2003 до 2008 година, обвини 22 наводни сторители на злосторства извршени по падот на Вуковар.

Обвинетите, членови на територијалната одбрана на Вуковар или паравоената единица „Лева Суподерица“, беа обвинети за убиство на 200 лица на фармата Овчара, ноќта на 20 ноември 1991 година.

Судскиот процес траеше 14 години.

Првостепената пресуда беше донесена кон крајот на 2005 година, но подоцна беше поништена и судењето започна повторно. Второстепената пресуда беше донесена во 2009, а беше потврдена во јуни 2010 година, со мали измени во казната за две осудени лица.

Обично ова би бил крај на приказната, но во овој случај имаше пресврт.

Имено, осудениот, Саша Радак, поднесе жалба до Уставниот суд на Србија.

Во неа, Радак, меѓу другото, наведе дека при донесувањето на второстепената пресуда, претседател на судскиот совет бил Синиша Важиќ, кој носел некои одлуки и во првостепената постапка.

Според важечкиот закон во тоа време, еден судија не можел да учествува во едно судење, доколку за истиот случај учествувал во донесување на одлука на понизок суд или носел одлуки во истиот суд, на кои било можно да се поднесе жалба.

Уставниот суд на Србија пресуди дека на Радак му било прекршено правото на правично судење. Оваа одлука важеше и за другите осудени лица во случајот „Овчара“ кои, според судот, беа „во иста правна ситуација“ како и Радак.

Случајот потоа отиде пред Врховниот касациски суд, кој, уште еднаш, во јуни 2014 година, го врати случајот на повторно судење.

Три години подоцна, во 2017 година, Апелацискиот суд во Белград донесе пресуда: Мирољуб Вујовиќ, Станко Вујановиќ, Предраг Милојевиќ, Горан Мугоша, Мирослав Ѓанковиќ, Саша Радак, Нада Калаба и Иван Анастасијевиќ (кој го смени името во Ивица Хусник) беа прогласени за виновни, додека Јовица Периќ, Милан Војновиќ, Милан Ланчужанин и Предраг Драговиќ беа ослободени од сите обвиненија.

Покрај овие четири ослободителни пресуди, пет други лица беа ослободени во постапката: Марко Љубоја, Слободан Катиќ, Предраг Маџарац, Вујо Златар и Милорад Пејиќ, што значи дека вкупно девет лица беа ослободени во случајот „Овчара“.

Сите добија надомест за трошоците на судењето во Белград – вкупно 468.000 евра. Петмината добија и отштета за времето поминато во притвор – околу 327.000 евра.

Жаниќ посочува дека, со оглед на должината на постапката, разумно е што трошоците се големи.

„Доколку во 2013 година Уставниот суд не донесеше пресуда дека на еден од обвинетите му е прекршено правото на правично судење, ќе се избегнеше повторното судење по жалбата на обвинетите пред Апелацискиот суд, што ќе го скратеше процесот за неколку години, а со тоа и трошоците ќе беа помали“, посочува таа за БИРН.

Од парите што им беа доделени на обвинетите, кои беа ослободени во овој предмет, најголемиот дел им беа исплатени на оние кои беа ослободени откако случајот беше вратен на повторно судење во 2014 година – на Предраг Драговиќ, Милан Ланчужанин и на Милан Војновиќ.

Најголемата сума за правни трошоци му беше исплатена на Драговиќ – 124.495 евра. Драговиќ, борец доброволец, познат како Капетан или Цеца, беше член на паравоената единица „Лева Суподерица“, која се борела заедно со силите на територијалната одбраната на Вуковар.

Единицата беше блиска до националистичката Српска радикална партија, чиј лидер, Воислав Шешеj, беше ослободен од обвинението за организирање паравоени единици во Хрватска од страна на Хашкиот трибунал, иако, по друго обвинение, беше осуден за воени злосторства.

Адвокатот на Драговиќ, Ѓорѓе Калањ, го критикуваше начинот на кој се водеше постапката за наведениот случај.

„Ова го истакнавме во нашите жалби, дека оваа постапка ќе го чини државниот буџет“, вели Калањ за БИРН.

Трошоците во овој случај главно се однесуваа на исплати на адвокатите, да се појават пред судот или да бидат присутни во текот на истражната фаза при сослушувањето. Адвокатите, исто така, биле исплатени и за посетите на нивните клиенти и за подготовката на жалбите.

Доколку адвокатот работи во еден град, а обвинетиот е во притвор во друг град, како во случајот „Овчара“, тогаш трошоците се зголемуваат затоа што адвокатот може, покрај вообичаената исплата, да бара и надомест за патни трошоци и отсуство од работа. Тој, исто така, има право да бара исплата на половина од надоместокот, во случај судското рочиште да се одложи.

Адвокатот, Бојан Станојловиќ, од адвокатската канцеларија на Ѓорѓе Калањ, вели дека обвинителите треба да преземат одредена одговорност, за трошоците направени во неуспешните предмети.

„Не постои законско правило со кое се пропишува одговорноста на обвинителите, за трошоците во кривичната постапка, од кои далеку најголеми се трошоците што судот смета дека се потребни за бранителите според (службената) тарифа“, вели Станојловиќ за БИРН.

Тој додава дека во предметите на воени злосторства или оние на организиран криминал во кои има повеќе обвинети, обвинителите знаат дека ќе има „100 или 200 рочишта, а можеби и повеќе, и колку ќе ги чини тоа даночните обврзници“.

„Но, тоа обвинителите нема ништо да ги чини“, истакнува тој.

Вината за зголемените исплати во БиХ, се префрла на обвинителите

Зградата на Судот и на Обвинителството на БиХ. Фото: Обвинителство на БиХ.

Во текот на изминатите осум години, отштетата исплатена на лицата ослободени од обвиненијата за воени злосторства од Судот на БиХ, се зголеми на над 3,5 милиони босански конвертибилни марки (1,6 милиони евра), при што правните експерти сметаат дека за спиралните трошоци е виновна лошата работа на обвинителите.

Помеѓу 2011 и ноември 2019 година, од лицата ослободени од обвинението, поднесени се вкупно 59 побарувања за отштета. Четириесет и осум случаи во целост се завршени, едно барање за отштета е одбиено, едно е повлечено, а во два случаи е поднесена жалба. Во уште седум, постапката е во тек.

Адвокатот, Петко Павловиќ, кој работел на еден од овие случаи, вели „сѐ почнува од лошите обвиненија“.

Тој посочува дека „обвиненијата со слаб квалитет и несигурните докази се основа за отштета“, но и мерките што ги бараат обвинителите – воведување притвор, куќен притвор или наметнување ограничувања на движењето на обвинетите.

Според законот во БиХ, секое лице на кое му е одреден притвор или му се одредени рестриктивни мерки како куќен притвор, има право на отштета, доколку биде ослободено од вината.

Павловиќ го застапувал поранешниот припадник на полициските  сили на босанските Срби, Зоран Томиќ, кој ја тужеше државата за четирите години што ги помина во притвор, додека му се судеше за наводна вмешаност во геноцидот во Сребреница, извршен во 1995 година.

Томиќ беше ослободен, ја доби тужбата и му беа доделени повеќе од 51.000 евра.

Според извештаите на мисијата на ОБСЕ во БиХ, бројот на осудителни пресуди изречени од Судот на БиХ, помеѓу 2014 и 2018 година, бележи континуирано опаѓање.

Во 2018 година, шест од осум завршени предмети, резултирале со ослободителна пресуда. Во извештајот објавен во јуни следната година, ОБСЕ наведе дека „овој голем број на ослободителни пресуди на Судот на Босна и Херцеговина, иницира прашање за тоа дали има системски недостатоци во гонењето на воените злосторства во босанското обвинителство“.

Врз основа на резултатите што ги добиле од мониторингот на судењата, ОБСЕ наведува дека недостатоците може да се припишат на неуспехот на обвинителите да поднесат доволно докази, на лошата стратегија во судењата, на несоодветното управување со предметите или неефикасното презентирање на доказите.

Сè што имав, исчезна

 

Александар Цветковиќ, поранешен припадник на ВРС, беше ослободен од обвиненијата. Фото: Суд на БиХ

Во август 2017 година, на поранешниот припадник на Војската на Република Српска (ВРС), Александар Цветковиќ, кој беше ослободен од обвинението за учество во геноцидот во Сребреница, му беа иплатени 255.000 босански конвертибилни марки (приближно 130.000 евра) како отштета за времето што тој го поминал во притвор.

Цветковиќ изјави оти оваа сума е „само бројка и ништо друго“.

„Оваа земја, како сакате наречете ја, ми го уништи животот. Се разведов, децата заминаа, мајка ми се разболе, а исто и јас“, изјави тој.

„Мислам дека е глупост да се мисли дека нешто може да се компензира со пари. Некои експерти ќе проценат нечија ментална болка или страдање, како да сме на пазар“, истакна Цветковиќ.

Тој беше уапсен во Израел во август 2010 година, на барање на БиХ, а беше екстрадиран во август 2013 година, по тригодишен правен процес.

Тој потенцира оти поминал повеќе од 1.600 дена во притвор, вклучувајќи ги и 34 месеци што ги поминал во притвор во Израел,  пред неговата екстрадиција. Цветковиќ верува дека обвинителството е одговорно за она што му се случило.

„Имав работа во Израел, требаше да добијам кредит за да купам стан и да започнам свој бизнис. Ништо не ми остана. Сè што имав во Израел, исчезна“, вели тој.

Милош Стевановиќ, адвокатот кој го застапуваше Цветковиќ во судскиот процес по тужбата за отштета, заради душевната болка што Цветковиќ ја претрпел, вели дека обвиненијата не успеваат поради начинот на кој обвинителите ги подготвуваат, поради начинот на постапување со доказите и поради интензитетот на работата на обвинителите на нивните предмети.

„Се плашам дека порано имаше многу случаи, што беа користени само за да им се покаже на меѓународните партнери дека тие прават нешто и обвинуваат луѓе, но овие обвиненија немаа правна основа за добар квалитет“, вели Стевановиќ.

„Во некои ситуации обвиненијата се добро поткрепени со факти, но во правна смисла тие се многу лошо напишани, а судиите го гледаат само она што оди во прилог на обвинетите. Таков е законот, а и уставот“, додава тој.

Адвокатот, Душан Душко Томиќ, смета дека обвинителството „постапило неодговорно“ при поднесување на некои обвиненија.

Тој, како пример, го наведува случајот на Рача Симиќ, за кој вели дека му биле исплатени 56.000 босански конвертибилни марки (над 28.000 евра), откако бил ослободен од обвинението за убиство на 11 лица за време на војната. Томиќ додава дека Симиќ поминал четири години во притвор за време на судењето, пред да биде ослободен од вината.

„Симиќ почина пред две години. Тој почина без воопшто да се опорави од судењето“, нагласува Томиќ и додава: „Не се сомневам дека (неговото време во притвор) беше причина за неговата прерана смрт“.