Новата книга на Милован Писари, „На балканскиот фронт: војната и злосторствата извршени над цивилното население во Србија 1914-1918”, говори за цивилните жртви во Србија, под бугарска окупација, за време на Првата светска војна, тема, за која како што вели авторот, српските и европските историчари ја занемаруваат.
„Кога станува збор за Првата светска војна во Србија и во Европа, историчарите претежно се занимаваат со воената, политичката и дипломатската историја – битките, причините за војната и политичките договори”, вели Писари во интервју за БИРН.
„Единствената слика што во Европа ја имаме за Првата светска војна, е онаа со војници во ровови”, додава тој.
Првите студии кои се фокусираа на цивилните жртви, се појавија во деведесетите години, кога се дошло до заклучок дека „цивилите биле цел на специфични политики, а не само колатерална штета”.
Централната тема на книгата на Писари, која произлезе од неговата докторска дисертација и првично беше објавена на италијански јазик, е злосторството врз српските цивили, на териториите на Кралството Србија, кои биле под окупација на Бугарија, во 1915 година. Преводот на оваа книга на српски јазик се очекува на есен.
Книгата, исто така, зборува и за други важни настани од Големата војна (Првата светска војна), како што е епидемијата на тифус, која зеде околу 70.000 цивилни животи, повлекувањето на српската војска преку Албанија, за меѓународните мировни конференции и прашањето на бегалците, како и за балканските војни 1912-1913 и цивилните жртви на сите страни.
Писари вели дека Првата балканска војна, со која Отоманската империја ја изгуби моќта на Балканот, довела до насилство, грабежи и масакри над муслиманите, вршени од бугарските, српските и грчките војници и герилци низ целиот регион.
Во Втората балканска војна, која се водеше меѓу Србија и Грција, од една страна, и Бугарија, од друга страна, злосторства биле вршени на сите страни.
Книгата на Писари се фокусира на злосторствата извршени во Кралството Србија на територијата што ја окупирала Бугарија, која, покрај Германија, Австро-Унгарија и Отоманската империја, била една од централните сили за време на Првата светска војна.
Во тоа време, и во деловите на Србија кои биле под австро-унгарска окупација, биле извршени големи злосторства над цивилите.
За време на војната, под бугарска окупација беше источниот и јужниот дел на Србија, две третини од Косово и дел од Македонија.
Писари истакнува дека главната цел на Бугарија била трајна анексија на овие територии и бугаризација на локалното население.
„Бугарската политика во источна и во јужна Србија и во Македонија беше многу добро организирана. Говориме за бугаризација, која ги опфаќа сите сегменти на општеството: администрацијата, војската, црквата и образованието”, вели тој.
„Кога бугарската војска влегла во Србија во 1915 година, еден од првите чекори била ликвидација на српската елита, која ги вклучувала наставниците, трговците и свештениците, односно сите оние кои Бугарија ги сметала за чувари на српскиот национален дух”, додава тој.
„Во некои од документите што ги користев во книгата, некаде стои дека тие (припадниците на српската елита) треба веднаш да бидат убиени, а некаде дека имало наредби да бидат депортирани во концентрациони логори”, нагласува Писари.
Во исто време, на окупираните територии биле формирани и бугарските институции.
„Кога биле ликвидирани српските учители, тие донеле учители од Бугарија, го вовеле бугарскиот, а го забраниле српскиот јазик и им ги смениле презимињата на луѓето. Истото се случило и со црквата, донеле бугарски свештеници, вовеле нов календар што го употребувала бугарската православна црква”, објаснува тој.
Еден од најинтересните документи до кои Писари дошол, се однесува на српските жени, кои, по свештениците, се сметале за втор најопасен непријател, кој морал да се држи под строга контрола.
Документот датира од мај 1918 година, „кога веќе било јасно дека Бугарите ќе ја изгубат војната и кога нивното население гладувало, а тие сé уште се занимавале со асимилација на Србите”.
„Кога првпат наидов на овој документ, бев збунет – зошто жените?”, објаснува Писари.
„Причината лежи во нивните педагошки функции, бидејќи пеејќи српски песни и приспивни песни на децата, тие го чувале српскиот национален дух”, нагласува тој.
Српски бегалци чекаат ред за храна, 1915 или 1916 година. Фото: Википедија комонс/Пол Јефтиќ/непознат фотограф
Оклопни возови и концентрациони логори
За време и по Првата светска војна, биле формирани неколку национални и меѓународни комисии, со цел документирање на злосторствата и идентификување на нивните сторители, во пресрет на Париската мировна конференција во 1919 година, на која победничките сојузнички сили им поставиле услови на поразените Централни сили.
Една од нив била и Интерсојузничката комисија, составена од домашни и меѓународни експерти, која била формирана од српската влада во ноември 1918 година во Скопје. Меѓу истакнатите експерти, членови на оваа комисија, бил и швајцарскиот криминолог, Арчибалд Рајс.
„Тие собрале и анализирале голем број на документи, вклучувајќи ги и оние издадени од Бугарите, како и сведочења на жртви и фотографии. Така дознавме за логорите”, истакна Писари.
„Честопати ги поврзуваме депортациите со воз, со Втората светска војна, но тие се случувале и во Првата светска војна, оклопните возови транспортирале голем број луѓе (и жени, и деца), некои од нив биле мртви, бидејќи патувале без храна и вода, во ужасни услови”, додава тој.
Првите логори во Бугарија биле формирани кон крајот на 1915 и почетокот на 1916 година. Сепак, повеќето од нив биле формирани по Топличкото востание, кое траело од февруари до март 1917 година, кога српските бунтовници се судриле со бугарскиот окупатор.
Востанието било задушено, неколку илјади српски цивили биле брутално погубени, а голем број од нив биле префрлени во логори во Бугарија, до кои понекогаш биле водени и пеш, истакнува Писари.
„Успеав да ги реконструирам настаните и да направам мала карта од 18 логори на бугарска територија. Се сеќавам, од сведочењата, дека логорот Сливен (во источниот дел на земјата) бил еден од најстрашните, во кој неколку илјади затвореници живееле во бараки, без покрив или легла, и често без вода. Затворениците, исто така, биле водени на принудна работа”, информира Писари.
Сепак, не постојат точни податоци за бројот на лица во логорите, за време на окупацијата, иако, според некои проценки, се работи за 100.000 лица.
Покрај депортациите, имало и бројни извештаи за силување, тортура и масовни гробници.
Едно од местата кои најмногу настрадале е Сурдулица, во близина на Ниш, на југот на Србија, вели Писари.
„Колони заробени луѓе поминале преку Сурдулица на пат кон Бугарија. Постојат сведоштва дека Бугарите знаеле да погубат цела група на луѓе или дел од неа. Рајс бил на местото на настанот кога масовните гробници биле ексхумирани”, додава тој.
Милован Писари. Фото: Медиа центар Белград
Прашањето за одговорност
Иако злосторства над цивилите биле вршени од самиот почеток на Првата светска војна, меѓународното право во тоа време не можело соодветно да се справи со овие случувања, вели Писари.
Хашките мировни конференции од 1899 и 1907 година, довеле до кодификација на законите и обичаите на војување, но тие не биле јасно применувани и кога станувало збор за цивилите.
Тоа е причината зошто, на крајот на војната, на Париската мировна конференција била конституирана меѓународна комисија, со цел да се дефинираат злосторствата и да се казнат одговорните за нив. Комисијата, по прашањето за одговорност на оние кои ја започнале војната и извршувањето на казните, кодифицирала 32 класи на злосторства против законите на војувањето и на хуманоста, како што се масакри, силување, депортација, затворање, тортура, намерно изгладнување, принудна работа и систематски тероризмот.
„Кога ќе го земеме списокот и ќе провериме каде се случиле злосторствата, гледаме дека Србија е жртва, а Бугарија сторител”, вели Писари.
Од 32 кодифицирани злосторства, бугарската војска, над српското цивилно население, извршила 18, нагласи тој.
Иако на почеток постоела волја за гонење на сторителите, само мал број од нив биле осудени. Нивните земји им изрекувале само симболични казни за злосторствата што ги извршиле.
„Србија направила спиок на сите сторители, вклучувајќи ги и имињата на 500 Бугари. Бугарија процесирала само тројца од нив, од кои еден починал пред почетокот на судењето“, додава Писари.
Бугарија ги негира обвинувањата уште од мировните разговори во Париз, и покрај извештаите на разните национални и меѓународни комисии. А како што поминуваа годините, и злосторствата беа заборавени.