Регион

Србија: Воените злосторници осудени во Хаг, величени во Белград

Муралот на Младиќ – фокус на спор

„Судскиот совет заклучи, надвор од разумно сомневање, дека (Јовица) Станишиќ и (Франко) Симатовиќ се одговорни за помагање и поттикнување на злосторствата прогон, убиства, депортација и насилно преместување, кои ги извршија српските сили во Босански Шамац“, се вели во пресудата на ММКТ, донесена во јуни 2021 година.

По повторното судење, поранешните шефови на српската Државна безбедност (ДБ), Станишиќ и Симатовиќ, беа осудени на по 12 години затвор, за помагање и поттикнување на злосторствата, извршени од специјалната борбена единица на ДБ во Босански Шамац, во 1992 година, за време на војната во Босна и Херцеговина. Но, тие беа ослободени од обвиненијата за други злосторства извршени од српските единици, во другите делови на БиХ и Хрватска, за време на тамошните конфликти.

По пресудата, и двајцата поднесоа жалба.

Пресудата потврди повеќе детали, кои покажуваат дека српските државни функционери и режимот на Слободан Милошевиќ, имале директна улога во конфликтите во Хрватска и БиХ во раните 90-ти години, иако Србија долго време негираше секаква директна вмешаност.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, ја критикуваше пресудата, наведувајќи дека ММКТ ја „променил практиката“, затоа што Станишиќ и Симатовиќ биле ослободени на првото судење во 2013, а хрватските генерали Анте Готовина и Младен Маркач во 2012 година.

Вучиќ, пресудите на ММКТ ги опиша како „одмазда спроведена врз српскиот народ и држава“, иако додаде: „Не сакам да кажам дека ние сме биле ангели и дека немало злосторства од српска страна“.

Муралот на Младиќ – фокус на спор

Уништен мурал на Ратко Младиќ во Нов Белград, мај 2021 година. Фото: Твитер/@K_U_P_E_K.

И покрај очигледното значење за Србија, пресудите на Станишиќ и Симатовиќ добија помалку внимание од српските медиуми, отколку пресудата на ММКТ изречена неколку недели претходно, со која на командантот на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, му беше потврдена доживотната затворска казна, за геноцид и други воени злосторства.

Пресудата на Младиќ доведе до жесток повеќемесечен спор во Белград, меѓу националистите и активистите за човекови права. Имено, по пресудата изречена во јули, на една од зградите во белградската општина Врачар, беше нацртан голем мурал на Младиќ, кој салутира, облечен во униформа.

Во септември, општинската инспекциска служба им наложи на станарите на зградата, да го отстранат муралот – но ниту една фирма не сакаше да ја прифати работата.

Младинската иницијатива за човекови права, невладина организација со седиште во Белград, ги повика граѓаните на 9 ноември, на Меѓународниот ден против фашизмот и антисемитизмот, да се соберат пред зградата и да го тргнат муралот од ѕидот. Но, Министерството за внатрешни работи (МВР) на Србија, ги забрани сите собири на таа локација, наведувајќи дека може да дојде до судири.

Активистите потоа го оштетија муралот во два наврати, првиот пат фрлајќи на него со јајца, а вториот пат фрлајќи бела боја. За време на првиот инцидент, полицијата уапси две активистки. Десничарите, и во првиот, и во вториот случај, го исчистија муралот, а околу него секојдневно почнаа да се собираат млади, неидентификувани мажи, за да го заштитат од понатамошно уништување.

Општината Врачар, на 20 декември, го бојоса муралот, но младите националисти повторно го исчистија во рок од два часа. Во меѓувреме, графити и симболи со поддршка на Младиќ, се појавија и на други локации во центарот на Белград.

Графитите на Младиќ почнаа да се појавуваат во поголем број, откако српските власти ја критикуваа неговата пресуда. Така, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин, пресудата ја опиша како „одмазда, а не пресуда“. Српските власти не прифаќаат дека масакрите врз Бошњаците од Сребреница, извршени од страна на силите на босанските Срби, предводени од Младиќ, се геноцид.

Во декември, европратениците му предложија на Европскиот парламент да ја осуди, како што рекоа, „улогата на хулиганските групи, во заштитата на муралот на осудениот воен злосторник, Ратко Младиќ, во Белград, и соодветните инциденти кои разоткрија блиски врски меѓу хулиганите и полицијата“.

Во меѓувреме, главниот обвинител на ММКТ, Серж Брамерц, изјави пред Советот за безбедност на ООН, дека муралите на Ратко Младиќ во Белград покажуваат дека „сѐ уште има такви кои ги негираат, релативизираат и минимизираат утврдените факти за геноцидот, злосторствата против човештвото и воените злосторства“.

„Како е можно многумина сè уште да го гледаат Младиќ како херој на српскиот народ, откако тој беше осуден на доживотен затвор од судот, врз основа на огромни докази за неговите злосторства?“, праша Брамерц.

Наводи дека Србија ги штити осомничените

Батајница, место на периферијата на Белград, каде во полицискиот центар за обука, беа пронајдени посмртни останки на 744 косовски Албанци. Фото: БИРН/Марко Рисовиќ.

Во октомври, српската влада усвои нова петгодишна национална стратегија за гонење на воените злосторства. Но, во практика, судските постапки често тапкаат во место или, како во значајните судења, рочиштата често се одложуваат. Судењата на Србите обвинети за воени злосторства се одолговлекуваат со години.

Српските власти предизвикаа краток спор со соседна БиХ, кога на граница, во септември, го уапсија поранешниот висок полициски функционер, Един Врањ. Апсењето предизвика лути реакции на министрите на БиХ, но по средбите на високо ниво меѓу официјални лица на Србија и БиХ, Врањ беше ослободен од притвор и неговиот случај беше предаден на БиХ.

Инцидентот предизвика критики дека Србија, од една страна, апси Бошњаци како Врањ, а ги штити Србите обвинети или осудени за воени злосторства и геноцид во БиХ – со тоа што одбива да ги екстрадира или давајќи им српско државјанство.

Во мај оваа година, БИРН дојде до сознание дека српскиот Уставен суд, донел одлука според која српските судови нема да гонат високи офицери за командна одговорност, за злосторства извршени од нивните подредени, за време на војната во Косово.

Уставниот суд објасни дека ваквата одлука ја донел, затоа што терминот „командна одговорност“, е воведен во српското кривично право во 2006, а злосторствата во Косово се случиле во 1999 година.

Од истите причини, никој не може да биде гонет за злосторства против човештвото, извршени пред 2006 година, оцени Уставниот суд.

Фондот за хуманитарно право (ФХП) од Белград, оваа одлука ја окарактеризира како удар на сите понатамошни обиди за кривично гонење на генерали, за воени злосторства.

„Ваквата одлука ќе му послужи како одлично оправдување на Обвинителството за воени злосторства, да продолжи со досегашната практика, никого да не обвинува за командна одговорност“, истакна директорката на ФХП, Ивана Жаниќ.

Српските медиуми и оваа година продолжија да обезбедуваат простор за осудените воени злосторници. Така, во март, двајца осудени воени злосторници – Никола Шаиновиќ, поранешен потпретседател на Владата на Сојузна Република Југославија (СРЈ), и поранешниот генерал на Војската на Југославија (ВЈ), Владимир Лазаревиќ, гостуваа во емисија на Радио-телевизија Србија, по повод годишнината од бомбардирањето на НАТО на Југославија, при што тие негираа дека ги извршиле злосторствата за кои беа осудени.

Ваквите инциденти предизвикаа незадоволство кај ММКТ. Во октомври, овој суд му одобри предвремено ослободување на поранешниот српски полициски генерал, Сретен Лукиќ, под услов да не ги негира злосторствата за кои беше осуден.