Регион

Црна Гора: И со нова влада без напредок во истрагите за воените злосторства

И покрај промената на власта во Црна Гора, во 2021 година, во оваа земја, не дојде до отворање на архивираните истраги за воени злосторства

Новата влада, која на власт во Црна Гора дојде на крајот на 2020 година, со што заврши тридецениското владеење на Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, во текот на изминатата година се осврна со прашањето за наследството на военото минато на оваа  земја, велат експертите.

Специјалното државно обвинителство на Црна Гора, завршува уште една година без отворање на архивираните воени истраги, а отвори само една нова истрага, откако од Обвинителството на БиХ, кое собра докази за злосторството, ги доби списите за тој предмет.

Сепак, владејачкото мнозинство презеде некои политички чекори во насока на справување со военото минато на земјата, усвојувајќи парламентарна резолуција за забрана на јавното негирање на геноцидот во Сребреница, како и со присуство на комеморации со кои беа обележани годишнини од воени злосторства.

Тамара Милас од невладината организација, Центар за граѓанско образование, вели дека новата Влада направила само минимални напори.

„За новото владејачко мнозинство, утврдувањето на фактите за жртвите, треба да биде приоритет, за да се врати нивното лично достоинство, но и за да се спречат идни инциденти. Воспоставувањето на транзициската правда беше одговорност на Владата, но очигледно постои недостиг на одговорност кај политичките елити“, вели Милас за БИРН.

Владата вети дека во воспоставувањето на владеење на правото, воените злосторства ќе бидат еден од нејзините приоритети. Во февруари, потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ, изјави дека е неопходно да се завршат преостанатите случаи на воени злосторства.

„Расветлувањето… на нерешените случаи, е прашање на совеста, за нас како поединци, кои сме на важни позиции во државата“, рече Абазовиќ.

Сепак, во јули, врховната државна обвинителка, Лидија Вукчевиќ, предупреди дека не постои политичка волја за гонење на воените злосторства, додавајќи дека на обвинителството му е потребна владина поддршка, за да ги донесе овие случаи пред суд.

Од осамостојувањето на Црна Гора во 2006 година, до денес, во оваа земја се одржале само осум судења за воени злосторства извршени во Хрватска, БиХ и во Косово. При тоа биле гонети само сторители од најниско ниво.

Во извештајот за напредокот на Црна Гора кон членството во ЕУ за 2021 година, Европската комисија ги повика властите да вложат поголеми напори во борбата против неказнивоста и да покажат проактивен пристап за ефикасно спроведување на истрагите за воените злосторства, нивно гонење и казнување.

„Во моментов, пет случаи поврзани со воените злосторства, извршени на територијата на Босна и Херцеговина и Хрватска, се во прелиминарна фаза на истрага. Една нова истрага беше отворена во 2021 година, а една беше затворена, поради немање основи за гонење“, се вели во извештајот.

Без нова стратегија

Главниот специјален обвинител на Црна Гора, Миливоје Катниќ (лево) и потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ (десно). Фото: Влада на Црна Гора.

Црна Гора во јуни остана без врховен државен обвинител, откако дотогашниот, Ивица Станковиќ, се пензионираше, а пратениците не успеаја да изберат негов наследник.

Според Уставот, за тоа се потребни гласови на две третини од пратениците, односно вкупно 54, при што во вториот круг границата беше спуштена на 48 пратеници. Но, владејачкото мнозинство има само 41, од вкупно 81 место во парламентот.

Без врховен државен обвинител, законски е невозможно да се подготви нова државна стратегија за истрагите за воените злосторства. Според сегашната стратегија, која датира од 2015 година, архивираните истраги треба повторно да се отворат, но во текот на изминатата година, Специјалното државно обвинителство наложи само едно апсење за воени злосторства.

Имено, црногорскиот државјанин, Слободан Пековиќ, беше уапсен под сомнение дека во 1992 година, како припадник на Војската на Република Српска (ВРС), извршил злосторства во областа на Фоча, град во југоисточна БиХ. Специјалното државно обвинителство соопшти дека Пековиќ учествувал во убиство на двајца Бошњаци и во силување и сексуална злоупотреба на цивили во Фоча.

„Главниот проблем е што обвинителството досега, секогаш кога можеше, ги избегнуваше воените злосторства. Во последните шест години, само еден човек е кривично гонет и еден е уапсен, на иницијатива на Србија и на Босна и Херцеговина. Значи, немаше никакви иницијативи на црногорското обвинителство“, изјави за БИРН, Теа Горјанц Прелевиќ, извршна директорка на невладината организација „Акција за човекови права“.

Како дел од Југославија, Црна Гора директно учествуваше во војните во Хрватска и во БиХ, под водство на Слободан Милошевиќ, и иако на нејзина територија не се водеше војна, граѓаните на земјата сè уште се чувствуваат непријатно поради наследството од 90-тите години. Некои поранешни и сегашни политичари, имаа свои улоги во настаните во војната, и повеќето од нив би сакале да го сокријат тоа.

Единствената судска пресуда од 2015 година до денес, е онаа донесена на поранешниот припадник на Војската на Југославија (ВJ), Владо Змајевиќ, кој беше осуден на 14 години затвор за убиство на четворица албански цивили во селото Жегра, Косово, во 1999 година.

Змајевиќ има долга историја на ментални болести, пореметување на личноста, криминално досие и нема никакви политички врски.

Во јули годинава, Змајевиќ поднесе жалба до Врховниот суд на Црна Гора, барајќи судењето да се повтори, но одлука сѐ уште не е донесена.

Симболично сочувство

Ѓорѓе Радуловиќ, министер за надворешни работи на Црна Гора, и неговиот хрватски колега, Гордан Грлиќ, на комеморацијата одржана во поранешниот логор Морињ. Фото: Влада на Црна Гора

За прв пат во историјата на земјата, владини претставници присуствуваа на комеморации за жртвите на воените злосторства.

Така, во мај, претставници на Министерството за внатрешни работи и на Полициската управа, присуствуваа на одбележувањето на годишнината од депортацијата на најмалку 66 бошњачки и неколку српски бегалци од Херцег Нови, во 1992 година.

Тие незаконски биле уапсени и приведени во полициската станица во Херцег Нови, во близина на границата со БиХ, од каде со автобус биле депортирани на територијата под контрола на босанските Срби. Тие потоа биле затворени во логори и само неколкумина успеале да преживеат.

Потпретседателот на Владата, Дритан Абазовиќ, и претседателот, Мило Ѓукановиќ, во јули, присуствуваа на одбележувањето на годишнината од геноцидот во Сребреница, а министерот за надворешни работи, Ѓорѓе Радуловиќ, и неговиот хрватски колега, Гордан Грлиќ, во октомври, положија венци на местото на поранешниот логор Морињ, во близина на Котор.

Но, Горјанц Прелевиќ нагласува дека новата Влада треба да има сеопфатен пристап во справувањето со минатото.

„Иако имаше позитивни случувања, како што е смената на министерот за правда и за човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, поради негирањето на геноцидот во Сребреница, и полагање на венци во логорот Морињ, недостига сериозна, систематска посветеност за справување со минатото. Таквата посветеност може да ги натера обвинителите посериозно да ги сфатат своите обврски во врска со воените злосторства“, нагласува, Горјанц Прелевиќ.

Лепосавиќ беше разрешен во јуни, откако изрази сомневање во одлуките на Хашкиот трибунал, со кои масакрите во Сребреница се квалификуваат како геноцид.

Разрешувањето на Лепосавиќ го поддржаа пратениците од опозицијата и од коалицијата Црно на бело. Другите два владејачки блока, За иднината на Црна Гора и Мирот е наша нација, не гласаа за смена на Лепосавиќ.

Лепосавиќ, просрпски политичар, истакна дека не го негирал геноцидот во Сребреница, туку оти го изразил својот став за Хашкиот трибунал, образложувајќи дека Трибуналот уништил докази за наводна трговија со органи на српски цивили на Косово.

Истиот ден кога Лепосавиќ беше сменет, црногорскиот парламент усвои резолуција со која се осудува јавното негирање на геноцидот во Сребреница и ги повика државните институции да спроведат истраги и да ги гонат воените злосторства.

Најголемиот блок во владејачкото мнозинство, За иднината на Црна Гора, гласаше против резолуцијата, нарекувајќи ја провокација против Србите во земјата.