Регион

Србите во Хрватска мора да гласаат за да „ги зачуваат своите права“

Изборите за членови на советите на националните малцинства, што во недела треба да се одржат во Хрватска, ризикуваат да бидат во сенка на изборите за пратеници во Европскиот парламент

Хрватска се наоѓа среде кампања за изборите на кои овој месец, ќе се избираат членови во Европскиот парламент. Но, во оваа земја, ја чекаат и други избори. Имено, во недела, близу 255.000 гласачи, членови на 14 регистрирани национални малцинства во Хрватска, ќе избираат претставници во советите на националните малцинства.

Српското малцинство, како најголемо национално малцинство во Хрватска, има најголем број на кандидати и листи во овие избори, односно од 558 листи, 189 се од српското малцинство.

Јелена Несторовиќ, од Српскиот народен совет (СНС), која ги координира сите локални српски национални совети, за БИРН вели дека малцинските избори се важни, доколку државата „сака да изгради плуралистичко општество и да биде нормална земја во која сите ќе се чувствуваат слободни“.

„Што се однесува до Србите во Хрватска, ако тие сакаат да го негуваат својот идентитет и да ги заштитат своите права … за нив е важно да излезат на малцинските избори“, вели таа.

„Слободата е нешто што е од суштинско значење за секој граѓанин на оваа држава, а малцинствата често се соочуваат со немање на слобода“.

Одѕивот на последните малцински избори беше мал, признава таа, наведувајќи неколку причини за тоа: лошата медиумска кампања и слабата ангажираност за информирање на луѓето за нив, особено на државните институции и на медиумите, потоа, комплицираниот систем на гласање, како и немањето желба кај Србите, да се изјаснат како припадници на ова малцинство, на изборите.

„Ова е резултат на целокупната општествена клима и на стигматизацијата, што сé уште преовладува против Србите. На сите избори каде што луѓето треба да се изјаснат како Срби, на некој начин, постои страв“, вели Несторовиќ.

Проблеми со избирачките места

Изборен билборд на СДСП за ЕП на кој е поставено прашањето: „Знаете ли како е да се биде Србин во Хрватска?“. Фото: БИРН

Во Хрватска, уште од крвавата војна во 90-тите години, против силите на Југословенската народна армија и на српските бунтовници, постојат тензии меѓу хрватското мнозинство и српското малцинство.

Повеќето Срби во Хрватска живеат во недоволно развиени подрачја, а нивниот број драстично е намален од 581.000, колку што броеја пред војната во 1991 година, на 186.000, во 2011.

Несторовиќ нагласува дека Србите во Хрватска се соочуваат со повеќе пречки на парламентарните, отколку на малцинските избори.

На парламентарните избори, гласачите кои им припаѓаат на националните малцинства, можат да гласаат или за територијална листа или за листа на националните малцинства, на која можат да бираат претставници од малцинствата.

Сепак, нагласува таа, кога Србите се изјаснуваат „пред своите соседи, познаници и пријатели, тогаш се нарушува приватноста на изборниот процес“.

Според неа, еден од проблемите на малцинските избори е бројот на избирачки места и фактот дека тие „понекогаш се наоѓаат во области каде што не живеат припадници на одредено малцинство“.

„Нашето население е во просек постаро од хрватското. Многумина живеат во недостапни села, каде што нема јавен превоз, често нема начин како сами да дојдат до овие избирачки места“, истакнува таа.

Хрватска, прв пат, организирала избори за советите на малцинствата во 2003 година, по усвојувањето на Уставниот закон за правата на националните малцинства во 2002. Сите избори ги карактеризираше слаб одѕив на гласачите.

Несторовиќ додава дека информирањето на граѓаните за овие избори, е голем проблем, и дека целиот товар на кампањата за ширење на информации, паѓа на СНВ.

„Медиумското покривање на малцинските избори има голема улога. Многу постари луѓе … се потпираат на ‘Дневникот’ (на националната телевизија), каде што оваа тема е покриена многу лошо“.

„Не знам зошто има проблем … да се извести дека ќе се одржат малцински избори, да се информира кои се предлагачи на листите, колку гласачи можат да гласаат на овие избори и да се објаснат основните правила“, нагласува таа.

Несторовиќ објаснува дека само неколку телевизиски емисии на националната телевизија им се посветени на малцинствата, како што е „Малцински мозаик“, „Призма“ или повремени преноси на службата на Српската православна црква.

„Толку е тоа малку и сиромашно, што е оправдано да се праша, дали таквиот третман ги одразува намерите кои не се особено праведни и добри“.

Во сенка на европските избори

Двете главни српски партии во Хрватска, Самостојната демократска српска партија (СДСП) и Демократскиот сојуз на Србите (ДСС), одвоено ќе учествуваат на изборите за Европскиот парламент (ЕП), кои ќе се одржат од 23 до 26 мај.

Претставувајќи ја во април својата кампања за ЕП, лидерот на СДСП, Милорад Пуповац, изјави дека партијата се залага за Европа, ослободена од опасен национализам.

Тој, исто така, го откри и слоганот на нивната кампања, која гласи: „Дали знаете како е да бидете Србин во Хрватска?“.

„Ова е прашање кое многумина не си го поставуваат себеси, за кое многумина мислат дека не заслужува внимание, прашање од кое зависи обемот на слободата и нормалноста во Хрватска и европската природа на Хрватска“, рече Пуповац.

Несторовиќ верува дека српската заедница ќе биде далеку повеќе заинтересирана за европските, отколку за малцинските избори.

„Прашањето на пратениците во Европскиот парламент е од клучно значење за нас, и поголемиот дел од силата и ангажманот на српската заедница, ќе бидат, на некој начин, насочени кон тоа“, нагласи таа.

„Покрај тоа, овие избори ќе бидат слободни, бидејќи сите хрватски државјани ќе имаат идентични листи и секој ќе може да заокружи кого сака (на гласачкото ливче)“.

„Сега не е идеален момент за малцински избори бидејќи тие се совпаѓаат (со изборите за ЕП) … некои се вклучени во двете кампањи, некои само во едната … Но, тоа е нешто што ни се случи и ние мора да живееме со тоа“, заклучуваа таа.

Сè уште постои стигма кога ќе се спомне зборот „Србин“

Куќа во сопственост на Србин од Хрватска, урната за време на војната. Фото: Википедија/Петар Милошевиќ

Осврнувајќи се на прашањето „како е да се биде Србин во Хрватска“, таа истакнува дека еден дел од проблемот има свои корени во Татковинската војна.

„Нерешените прашања од тој период постојано излегуваат на виделина во форма на специфични проблеми за луѓето, во врска со нивниот статус, имот, пензии и домување“, нагласува таа.

„Втората работа се однесува на сегашноста и на иднината … проблеми при вработувањето, проблеми со дискриминацијата и во образованието … Ова е нашата сегашноста. Оваа сегашност не треба да биде поврзана со минатото до тој степен – но очигледно е поврзана“, истакнува Несторовиќ, укажувајќи на континуираната стигма против Србите во Хрватска.

„Додека стигмата околу зборот ‘Србин’ или ‘српски’ не се отстрани, решавањето на сите конкретни работи во животот на луѓето ќе биде уште потешко“, додава таа.

Таа, исто така, истакнува дека трендот на асимилација е доста присутен и дека некои Срби често не се изјаснуваат како Срби, поради постоечката стигма.

И самата од село, вели дека националната припадност не може да се скрие во малите места, каде што секој знае кој е кој.

„Но, во градовите е полесно да се скрие. И потребата да се скрие … укажува дека ситуацијата не е онаква, каква што треба да биде“, истакна таа.

Несторовиќ раскажува оти сретнала Срби од Загреб, кои во деведесеттите години биле во тешка состојба и дека тие сѐ уште се плашат, бидејќи „на некој начин биле сами, немале кому да се обратат, ниту од кого да побараат помош“.

Како девојче бегалец, таа мислела дека ним им е полесно. „Кога бегавме (од Хрватска) за време на (операцијата) ‘Бура’, тоа беше многу трагично и тешко искуство и јас си помислив: ‘Што може да биде полошо од ова?’. Но, денес, кога интервјуиравме и разговаравме со голем број од нив (Срби од Загреб), не можам да кажам дека ним им било полесно“.

Со операцијата на хрватската војска, „Бура“, во 1995 година, беше ставен крај на војната и беше вратена територијата што ја држеа бунтовничките Срби. Според хрватскиот Хелсиншки комитет, за време и по операцијата, биле убиени 677 српски цивили.

Воениот колапс на самопрогласената Република Српска Краина, доведе до масовен бег на околу 250.000 Срби.

Меѓу нив било и семејството Несторовиќ. Тие го напуштиле селото Мала паукова и поминале шест години во Србија како бегалци.

Кога им се укажала првата можност, тие се вратиле. „Ја искористивме можноста да се вратиме во нашиот дом, иако знаевме дека ќе се врати во ништо“, вели Несторовиќ, истакнувајќи дека таа и нејзиното семејство оставиле солиден живот во Србија.

Враќањето ѝ било уште потешко од периодот кога била бегалец, но не зажалила.

„Сега е до нас да се вклучиме во оваа ситуација и во општеството во кое живееме … Ние, барем, оваа генерација, немаме друга земја што можеме со радост да ја наречеме свој дом, а јас и не го сакам тоа“, истакна таа.

„Што се однесува до СНВ и српската заедница, не сум сигурна дека оваа борба е победничка и дека ќе исполниме дел од целите, но мислам дека е неопходно српската заедница и нејзините институции да постојат“, заклучи таа.