Анализи

Србите во Хрватска, пиони во игрите на десницата

Предложениот референдум во Хрватска, за скратување на правата на пратениците на националните малцинства, ја истакнува кревката позицијата на Србите во оваа земја, а тоа може да предизвика и сериозна меѓународна реакција.

Милан Симурдиќ, Белград

Каков парадокс! Паралелно со преземање на ротирачкото претседателство на Советот на Европа, Хрватска се соочува со наплив на популистички и политички манифестации, кои се закануваат сериозно да ги затресат институциите и структурата на правниот систем на најмладата членка на ЕУ.

Во фокусот на хрватската јавност е референдумот, кој многу веројатно е дека ќе се случи, кој може да доведе до промени на правата на националните малцинства во Хрватска и до промени во изборниот закон.

Клеристичката граѓанска група, „Народот одлучува“, ги повика граѓаните на Хрватска, да дадат поддршка на нивната иницијатива за референдум и сосема лесно собраа околу 400.000 потписи, што е 10 отсто од хрватскиот електорат.

Двата предлози за референдум, ја погодија сржта на модерна Хрватска.

Што се однесува до малцинствата, во случај на референдумот да се гласа со „за“, на пратениците од малцинските групи ќе им бидат ускартени правата, како што е правото на глас при изгласување на составот на владата или при изгласување на буџетот, додека со измените во изборниот закон би се смалил бројот на пратеници, особено оние кои ги претставуваат националните малцинства.

Заедно, овие промени ќе ги поткопаат уставните темели на оваа земја и ќе бидат во спротивност со големиот број обврски, што Хрватска ги презеде во процесот на добивање на меѓународно признавање, како и оние од документите за пристапување во ЕУ.

Накратко, тоа ќе ги лиши националните малцинства во Хрватска, од нивните стекнати права, што може да има тешки последици, како во земјата, така и на меѓународно ниво.

Премиерот, Андреј Пленковиќ, очигледно е свесен за тоа, бидејќи најави дека ќе го употреби секој политички и правен инструмент, за да ја поништи иницијативата.

Сепак, претседателката на Хрватска не го искажа јасно своето мислење за референдумот. За разлика од премиерот, Колинда Грабар-Китаровиќ, ја задржа својата популистичка практика која ја задоволува екстремната десница и ја нагласи потребата да се почитува „волјата на народот“.

Како што се очекуваше, иницијативата остро ја осудија припадниците на српската заедница во Хрватска, кои нагласија дека Србите се користат како мотивациски елемент, за собирање на потписи за иницијативата за референдум.

Ништо поблага не беше ниту реакцијата на другите малцинства. Реакцијата на Рим, која се грижи за позицијата на Италијанците во Хрватска, може да биде особено деликатна за претставниците во Загреб.

Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ. Фото:EПA-EФE/Роберт Гемент

Интересот на Србија во овој случај е легитимен и легален, бидејќи националните прашањето на малцинствата, се опфатени со меѓудржавен договор потпишан со Хрватска.

Гласањето „за“ на референдумот, би било спротивно на тој договор, чија имплементација и онака е бавна и соочена со предизвици.

Нормализацијата на односите по граѓанската војна и насилниот распад на поранешна Југославија, е задача за чие завршување е потребно долго време.

Дваесет и две години по меѓусебното признавање, Србија и Хрватска само делумно се занимаваа со големиот број нерешени прашања што постојат меѓу нив.

Едно од овие прашања е положбата на Србите во Хрватска и на Хрватите во Србија. Најголема закана во двете земји е употребата на овие малцински заедници за целите на интерните политики, вклучувајќи ги и стигматизацијата, наметнувањето на колективна вина и негирањето на правото овие заедници да го чуваат својот идентитет.

Гледајќи кон иднината, може да се заклучи дека малцинските прашања ќе бидат најголемиот предизвик за билатералните односи.

Недефинираните граници и прашањето на сукцесија на имотот на поранешна Југославија, исчезнатите лица и воените злосторства, се, меѓу другото, уште две групи на нерешени прашања.

Предлогот да се одржи референдум доаѓа во време на сѐ поголем број негативни извештаи за состојбата на демократијата во Хрватска, особено во сферата на правата и положбата на националните малцинства, но и во врска со пасивниот однос на државата кон порастот на екстремно десничарските идеи, поврзани со неофашистичките (усташките) пораки.

Меѓу нив, два документи имаат посебна тежина. Првиот, на американскиот Стејт департмент, во форма на годишен извештај за верските слободи, кој предупредува на нерешените прашања поврзани со Србите и Евреите во Хрватска. Вториот, на Европската комисија против расизмот и нетолеранција на Советот на Европа, во кој се наведува дека во Хрватска говорoт на омраза и расистичката реторика, главно насочени кон Србите, припадниците на ЛГБТ заедницата и Ромите, се во пораст.

Постои уште еден многу важен документ, неодамна објавениот годишен и веродостоен извештај на Српскиот народен совет, кровна организација на Србите во Хрватска, најголемата автохтона заедница на Србите во една земја членка на ЕУ, која има длабоко вкоренета антифашистичка и демократска традиција.

За оние што го следат развојот на настаните во Хрватска, ова нема да биде изненадување – четврта година по ред, извештајот содржи негативни оценки и наведува инцидентите како потврда на наводите во него.

Претседателката на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ. Фото: EПA-EФE/Ѓорѓи Личовски.

Ова деликатно прашање е на дневен ред во Хрватска во време кога хрватската влада, која во голема мера е зависна од поддршката на пратениците на српското и на другите малцинства во хрватскиот парламент, се соочуваа со други тешкотии, во прв ред, со скандалот Агрокор. Освен тоа, владејачката Хрватска демократска заедница, ХДЗ, е соочена и со зголемени тензии во самата партија, со знаци на борба за власт.

Гледајќи го оваа од Србија, два аспекти на овој ретрограден став кон српската заедница во Хрватска се од особен интерес – потенцијалното влијание врз билатералните односи и врз аспирациите на Србија за членството во ЕУ.

По ерупцијата на меѓусебните обвинувања и прекинатата посета на претседателот на хрватскиот парламент на Белград, во моментов во билатералните односи владее молк. Највисоките политички личности на Белград не излегоа со коментари за кампањата за одржување на референдум. До неодамна, ваквата можност ќе беше искористена за да се упатат голем број на обвинувања, иако најдобриот начин Србија да ја покаже својата веродостојна грижа за Србите во Хрватска, е добриот третман на малцински групи кои живеат во Србија.

Сепак, ова ќе биде сериозен вознемирувачки фактор во веќе сложените и предизвикувачки односи меѓу двете земји. Ова ќе предизвика задоволство кај екстремните десничари во Србија – сличниот на сличниот му се радува (similis simili gaudet).

Што се однесува до европските интеграции, Хрватска се подготвува да го преземе претседателството со ЕУ во 2020 година, па споровите околу малцинствата во овој период, се штетни за угледот на земјата. Треба да се има предвид дека Загреб го експлоатираше прашањето за позицијата на Хрватите во Србија, за да создаде услови за отворање на одредени поглавја во преговорите за пристапување во ЕУ.

Активностите на групата „Народот одлучува“ го ослободија духот надвор од шишето. Со оспорувањето на правата на малцинствата, во неколку наврати српското малцинство беше дефинирано како проблем, па затоа е тешко да се верува дека иницијаторите ќе ја повлечат својата иницијатива за референдум.

Токму спротивното, се чини дека во Хрватска се појавува нова, популистичка, клеричка и екстремна десничарска политичка сила.

Милан Симурдиќ е српски политолог и поранешен дипломат. Тој беше амбасадор на Србија во Хрватска помеѓу 2001 и 2005 година, и во Норвешка помеѓу 2010 и 2015 година.

Мислењата изразени во овој коментар се мислењата на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.