Вести

Средното богословско и медресата под државна капа

Во Собранието е доставен предлог-закон со кој двете верски училишта треба да влезат во државниот систем

Средното богословско училиште и средното исламско училиште да бидат дел од државниот систем, да бидат финансирани од буџетот, а нивната наставна програма да биде под контрола на институциите, се предвидува во предлог-закон, кој минатата недела беше ставен на седница на собраниската комисија за образование.

Седницата не се одржа, па поради тоа и предлогот поднесен од пратеничката група на ДУИ не стигна на дневен ред, но останува за следната седница, велат од партијата.

Вообичаено, секогаш кога се отвора тема што е поврзана со религијата и со образованието, како на пример вметнувањето на часовите по религија во основните училишта или, пак, влегувањето на верските факултети во државниот систем во 2008 година, се отвора и прашањето за нарушување на секуларноста на државата.

Арбер Адеми, пратеник од ДУИ

Поранешниот министер за образование, Арбер Адеми, кој сега како координатор на пратеничка група на ДУИ е прв потпишан на предлог-законот, на прашањето на БИРН дали е ова нарушување на секуларноста, инсистира дека тоа не е случај.

„Такви решенија има и во други земји што се секуларни“, тврди Адеми, не прецизирајќи во кои земји.

Инаку, сега двете средни училишта, православното на Македонската православна црква и медресата на Исламската верска заедница се непризнаени од државата. Тие што се образоваат таму, во најголем дел учат верски предмети, не добиваат оценки, а на крај не добиваат ниту државно признаена диплома со која ќе им се овозможи да се запишат на факултет. Овој закон, ако помине, би им овозможил да се запишат на двата верски факултети, но и на оние на кои се студираат општествените и хуманистички науки.

Во предлог-законот се предвидува наставниот план во овие училишта да биде составен 55 отсто од програмите за гимназиско образование и 45 отсто од предметите за верското образование, односно да има  најмалку 18 предмети од наставните програми за гимназиското образование.  

„Тоа е истиот сооднос што го имаат програмите и во другите технички училишта, како на пример во земјоделското“, вели Адеми.

Во сегашната програма објавена на интернет-страницата на средното богословско училиште е наведена настава за пет години, колку што трае сега образованието таму.  

Во програмата, освен јазиците што се учат и во другите средни училишта, ги има и предметите информатика, теорија на музика, психологија и логика, историја и педагогија. Другите се поврзани исклучиво со православието, а природни науки не се изучуваат.

Во медресата „Иса Бег“ во Скопје, средното образование се одвива во четири години, а за тоа време, учениците имаат вкупно 30 предмети. За разлика од богословското средно училиште, во медресата веќе се учат предметите како биологија, хемија, физика, математика и други.

Што ќе учат откако ќе станат државни училишта, според предлог-законот, ќе предлагаат училиштата, потоа програмите ќе ги доставуваат до Министерството за образование, кое ќе треба да ги донесе, а тоа ќе го прави по претходно мислење на Бирото за развој на образованието. 

Инаку, вметнувањето на средните верски училишта во системот е стара тема.  Неколку министри за образование се занимаваа со ова прашање. Сличен ваков предлог имаше во 2009 година, една година откако православниот и муслиманскиот факултет влегоа во државниот систем. Тогашниот министер за образование, Перо Стојановски формираше работна група, која требаше да го утврди начинот на кој ќе функционираат верските училишта.

Тогаш ова не се реализираше. Потоа темата повторно се актуализира во 2015 година, па и тогашниот министер Абдулаќим Адеми правеше обиди преку средби со верските заедници да се подготви закон, но повторно не се дојде до решение.