Регион

Српските активисти сѐ погласни во борбата против величењето на Ратко Младиќ

Поддржувачите на воениот генерал сакаат да ја испратат пораката: „Србија е наша, Белград е наш“

„Муралот мора да падне“, напишаа активистите во вторникот на протестот во центарот на Белград, организиран поради апсењето на активистките, Аида Ќоровиќ и Јелена Јаќимовиќ, кои фрлаа јајца на муралот на Ратко Младиќ, насликан на ѕидот на една станбена зграда во српскиот главен град.

Полицијата тој ден го чуваше муралот, бидејќи Министерството за внатрешни работи на Србија забрани јавни собири покрај него, откако невладината оргнизација, Младинска иницијатива за човекови права, ги повика граѓаните да ѝ се придружат и да го уништат.

Еден ден подоцна, муралот повторно се најде на насловните страници кога политичарот, Ѓорѓо Жујовиќ, фрли канта бела боја врз него. Но, само неколку часа подоцна, група млади екстремни десничари, облечени во црни јакни, со капи и маски, го исчистија и повторно го насликаа муралот.

Откако фрли боја на насликаното лице на Младиќ, Жујовиќ рече дека муралот „претставува дамка на образот на секој граѓанин на Србија“ и посочи дека „ако сега ја обиколите Србија, ќе најдете десетици такви мурали“.

И навистина. Графити со кои се велича Младиќ, слогани испишани со спреј кои го опишуваат како „херој“ и улични уметнички слики на неговиот лик, може да се видат на различни места низ земјата и тие често остануваат недопрени со месеци. Властите во Србија, полицијата на заедницата, но и редовните полицајци, обично не преземаат ништо по ова прашање; само повремено евидентираат поплаки.

Отстранувањето на ваквите графити, доколку воопшто се случи, обично е иницијатива на приватни лица или групи на антивоени активисти. Сепак, Иван Ѓуриќ, програмски директор на Младинската иницијатива за човекови права, вели дека муралот во населбата Врачар во Белград „станал многу посимболичен“ од другите графити и мурали.

„Овој мурал не е како секој графит што го има по градот и сакавме да направиме поширока акција, каде што ќе биде вклучена и локалната заедница … да се отстрани овој мурал, како пример, со надеж дека ќе започне отстранувањето и на другите мурали“, вели Ѓуриќ за БИРН.

Сепак, тој додава: „Свесни сме дека не можеме да ги отстраниме сите што постојат во градот и во Србија“.

Деценија нa глорификација

Уништен мурал на Ратко Младиќ во Нов Белград, мај 2021 година. Фото: Твитер/@K_U_P_E_K.

Величењето на Ратко Младиќ не е нов феномен по улиците на Србија, на кои поранешниот командант на босанските Срби беше уапсен во 2011 година и префрлен во Хашкиот трибунал за да му се суди.

Во мај 2007 година, полицијата уапси група екстремни десничарски активисти, кои поставуваа лажни улични табли во Белград, со натписот „Булевар Ратко Младиќ“. Неколку дена подоцна, ултранационалистите од Српската радикална партија (СРП) поставија слични табли на улицата која го носи името на прозападниот реформистски премиер, Зоран Ѓинѓиќ, кој, кога беше на власт, почна да ги предава луѓето осомничени за воени злосторства на Хашкиот трибунал.

Ултранационалистите ги предводеше Александар Вучиќ, тогаш генерален секретар на СРП, а денес претседател на Србија. Тогаш, Вучиќ за медиумите изјави дека тоа го направиле „за да покажеме дека ја сакаме Србија“.

Овие табли, како што пренесуваат медиумите, биле отстранети од пратениците на Демократската партија. Меѓутоа, во 2010 година, идентични табли се појавија во Белград и во Нови Сад, на годишнината од атентатот на Ѓинѓиќ извршен од оперативци на Државната безбедност кои соработуваа со банда вмешана во организиран криминал.

Во јули 2013 година, името на Ратко Младиќ беше напишано на џамијата во Ниш, иако овој верски објект беше под 24-часовен полициски надзор. Градските власти и една приватна компанија го отстранија овој графит, дури по пет дена.

Мурал на Младиќ на стадионот Фрушкогорац, Сремска Каменица, август 2021 година. Фото: 021.rs.

Според фотографиите и вестите во српските медиуми, зголемувањето на бројот на графити со кои му се дава поддршка на Младиќ, е воочено во јуни годинава, кога на Младиќ му се изрекуваше правосилната пресуда.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали во Хаг, му ја потврди на Младиќ казната доживотен затвор за геноцид врз Бошњаците од Сребреница, за прогон на Бошњаците и Хрватите низ Босна и Херцеговина за време на војната, за тероризирање на населението на Сараево со гранатирање и снајперски оган за време на опсадата на градот и за земање на припадници на мировните сили на ООН како заложници.

Сепак, српските власти и српските националисти не прифаќаат дека масакрите над Бошњаците, извршени во 1995 година од страна на силите на босанските Срби под команда на Младиќ, претставуваат геноцид. Тие и понатаму тврдат дека судот во Хаг е пристрасен и против Србите. По пресудата, провладините таблоиди во Белград ја осудија, како што напишаа, неправедната пресуда на Младиќ, опишувајќи го како „српски херој“.

Во јуни, како што беше објавено, на ѕид во Нов Белград, бил нацртан уште еден мурал на Младиќ, како и графит-„Булевар Ратко Младиќ“, додека слични инциденти имаше и во Нови Сад и Сремска Каменица.

Медиумите објавија дека муралот во Сремска Каменица, во вторник, истиот ден кога активистите сакаа да го уништат муралот во Белград, е обоен со црна боја.

„Младиќ не е херој“

Муралот на Младиќ во Белград, врз кој на 10 ноември, беше фрлена бела боја. Фото: БИРН.

Еден ден откако беше уапсена бидејќи фрлаше јајца на муралот на Младиќ во населбата Врачар, Аида Ќоровиќ за БИРН изјави дека тоа бил спонтан чин.

Ќоровиќ дошла на местото каде се наоѓа муралот, очекувајќи дека тоа ќе биде еден вид неформален собир – „дека ќе се соберат 50, 100 активисти, дека ќе застанеме таму, нема да треба ништо друго да правиме, освен да стоиме таму, за да покажеме дека сите не мислат оти Ратко Младиќ е херој“.

„Меѓутоа, бев запрепастена од тоа што бевме двајца, само ние две, реков ‘ова е страшно, ќе биде испратена порака дека победиле, а јас тоа не можам да го дозволам’“, нагласи таа.

Таа купила јајца во една продавница во близина, и со Јелена Јаќимовиќ почнале да фрлаат по муралот, кога полицајци во цивилна облека ги одвлекоа.

„Тоа е еден мал гест, тоа се мие, не се ни гледа, но ете, тоа е некој наш став“, посочува Ќоровиќ.

Ѓуриќ објаснува дека политичките активисти сликаат улични мурали „за да го освојат јавниот простор, за да испратат порака до многу широка публика“.

Тој, како пример, ги наведува бројните мурали низ Белград, кои ги слават фудбалските клубови Партизан и Црвена Звезда. „Знаеме дека во секое маало во Белград се знае дали има навивачи на Партизан или на Звезда, по тоа што го владеат јавниот простор преку графити и мурали“, вели тој.

Ѓуриќ додава дека кога станува збор за муралите со кои се слави Младиќ, поддржувачите на воениот генерал сакаат да ја испратат пораката: „Србија е наша, Белград е наш“.

Но, активистите вклучени во постојаната борба за отстранување на муралите кои ги слават воените злосторници, се решени да покажат дека тоа не е така.