Матс Стафансон смета дека во својата долга дипломатска кариера веќе доволно пати бил сведок на драматични настани. Тој беше дипломат во Полска во време кога Генерал Јарузелски 1981 прогласи воена состојба и преку ноќ уапси 6.000 луѓе. Тој воедно е и еден од неколкуте амбасадори од Западот кои останаа во Белград за време на бомбардирањето на НАТО во 1999 година.
Но, кога на 27 април минатата година, пристигна во хотелот„Мериот“ на прием за Националниот ден на Холандија, дозна дека само на стотина метри оттаму, разбеснета толпа народ влегла во македонскиот Парламент.
„Сум видел многу драматични нешта во мојата кариера, но ова беше поинаку, гледавме слики од луѓе облеани во крв и имаше гласини дека aлбански пратеник е убиен“, вели шведскиот амбасадор Матс Стафансон за БИРН.
Додека гостите чекаа во редица да се поздрават со холандските домаќини, сите очи беа вперени во нивните мобилни телефони, каде што се менуваа ужасни слики од пратеници облеани со крв и маскирани лица кои ја насочуваат толпата.
Група амбасадори одлучуваат дека на случувањата мора веднаш да се одговори.
Стафансон, како најстар од нив, ја добива задачата да се обрати до медиумите. Тој испраќа децидна и остра порака дека насилството мора веднаш да запре.
„Се испостави дека тоа беше првата меѓународна реакција, по која следеа многу други од останатите престолнини. Тоа беа драматични моменти, мислам дека тоа беше можеби најдраматичниот национален прием на кој некогаш сум бил“, вели Стафансон во интервјуто за БИРН, оценувајќи го настанот во Парламентот како клучна пресвртница.
„По 27 април немаше враќање назад, немаше повеќе можност за блокирање на номинацијата на Зоран Заев за премиер. Црвената линија беше премината и сите треба да бидеме благодарни што никој не беше убиен“, вели тој.
По инцидентите од 27 април, претседателот немаше друга алтернатива, освен да му го даде мандатот на Заев, чијашто Влада беше изгласана на 31 мај и поздравена со многу ентузијазам.
Десет месеци подоцна, Стафансон вели: „Ако судиме според она што го пишуваат медиумите, а јас читам на македонски јазик, весници и веб-портали, а ги следам и социјалните мрежи, очигледно дека медениот месец за Владата е завршен“.
За разлика од претходно, кога луѓето се воздржуваа од критикување на власта, а заплашувањето беше еден од главните инструменти на режимот на Груевски, чекорите на коалицијата предводена од СДСМ будно се следат и постојано се предмет на критики за различни прашања, почнувајќи од кадровските решенија до каков било вид наводни злоупотреби.
„Кога имате радикални промени како што имавте вие пред 10 месеци, постојат и огромни очекувања дека работите ќе се сменат веднаш. А ниту една власт не може да се носи со очекувања од таков вид“, вели тој.
„Не ѝ завидувам на Владата“, додава „бидејќи која било Влада што ќе дојдеше на власт пред една година, ќе мораше да се соочи со низа екстремно тешки прашања кои не се задолжително врзани за ЕУ агендата: Македонија е сè уште една од најсиромашните земји во Европа, тоа е држава од која голем дел од населението од сите етнички припадности мигрираше последниве десетина години; тоа е држава која опасно заостанува во многу области, како на пример во здравствената грижа и образованието“ .
За законот за јазици
„Жално е нешто што го подобрува и го зголемува правото на една етничка заедница, да се смета за штетно и негативно за другиот дел од популацијата.“
„Жално е да се гледаат луѓе кои протестираат поради закон кој дава дополнителни можности или права на една етничка заедница, како што беше жално кога кон крајот на 90-тите луѓето протестираа против Универзитет во Тетово или против Педагошка академија, да се видат македонските интелектуалци како протестираат против фактот дека идните наставници во албанските училишта ќе имаат можност да учат на свој јазик на универзитет.“
Тој посочува на шокантните наоди на УНИЦЕФ во однос на смртноста на новороденчињата, која е двојно повисока од Србија или Црна Гора и е во постојан пораст од 2010 година. Слично шокантни се и резултатите на ПИСА кои го мерат знаењето на учениците и кои покажаа дека две третини од учениците не ги исполнуваат основните стандарди и се во постојано опаѓање помеѓу 2010 и 2015.
„Тоа се тешки проблеми, наследени од минатото, вклучувајќи ги последните 10 години на лошо владеење, но не само од тоа, туку и од југословенското и турското минато.“
Стафансон по вторпат е амбасадор во Македонија, можеби единствениот кој два пати ги презентираше акредитивите: во 1996 година на претседателот Киро Глигоров и во 2013 година на претседателот Ѓорге Иванов.
„Оваа Влада има големи достигнувања, беа донесени многу важни закони, а успеа да создаде и комплетно различна слика за земјата, што не беше случај претходно“, вели тој, мислејќи на лошите односи што Македонија ги имаше со соседните држави последниве години.
„Во таа смисла, ова е извонредно достигнување. Владата многу брзо успеа да го реши проблемот со Бугарија, што претставуваше непотребна пречка за Македонија во однос на ЕУ и НАТО аспирациите. Тоа прашање веќе е затворено и Бугарија сега е најдобар пријател на Македонија и нејзин голем поддржувач.“
Шведскиот амбасадор ги пофали и владините напори за справување со долгорочниот спор за името со Грција, што е клучна пречка на земјата за влез во НАТО и во Европската унија. Македонија и Грција интензивно разговараат, во обид да го решат прашањето и двете страни изразија оптимизам дека ќе се најде заедничко прифатливо решение.
Во исто време, постои загриженост дека Владата ги стави сите влогови на картата за името, надевајќи се дека договорот со Атина ќе ги отвори портите на ЕУ и НАТО, без притоа да има резервен план.
„Нема план Б, има само план А, а тоа е да се реши прашањето (за спорот со името). Убеден сум дека Владата е целосно посветена да го стори тоа. Тоа мора да биде достоинствено решение, каде што двете страни ќе мораат да дадат и да земат нешто и решение коешто ќе можат да им го продадат на своите граѓани. Знаеме дека има тврди ставови тука и тврди ставови во Грција, но тоа мора да се направи со цел да се реши овој конфликт. Нема друга иднина за Македонија. Каде инаку би била Македонија, ако не во Европската унија, еден мал осамен остров на Балканот? Не би рекол“, смета Стафансон.
Тој вели дека има значителна разлика во земјата, во споредба со времето кога дошол како амбасадор во 2013.
„Моите први години тука беа прилично досадни. Дојдов 2013 и тогаш ретко кој од Шведска беше заинтересиран да ја посети Македонија. Во исто време завршуваше шведската програма за помош и соработка во развојот, програма која траеше од 1999 до 2012 година и изнесуваше 7 милиони евра на годишно ниво, прилично голема сума. Тоа сега комплетно се смени, со новата Влада и со новата реформска агенда, како и новата енергија што ја донесе власта.“
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, и претседателот на Собранието, Талат Џафери, ја посетија Шведска, додека пак, шефицата на дипломатијата, Марго Валстром, го посети Скопје, што беше прва посета на шведски министер за осум години.
Шведската влада реши да ја обнови билатералната соработка со Македонија со три милиони евра годишно, што е само уште еден знак за обновениот интерес за регионот.
Запрашан дали ЕУ извлекла некакви лекции од замижувањето пред растечките авторитарни тенденции кои од Македонија ја направија „заробена држава“, Стафансон вели дека „во ЕУ последниве година или две расте сознанието дека европскиот проект не е целосен без Балканот и дека без него, тој не може да биде финализиран“.
Пред три години, пред да „експлодираат“ бомбите на Заев, Македонија речиси цела една декада беше слепа точка на европската мапа.
„Македонија не се појавуваше на радарот, но сега повторно се појави и со Стратегијата за Западниот Балкан која неодамна беше презентирана од Европската комисија, имаме јасни сигнали од европските институции дека сте добредојдени како членки на ЕУ, тогаш кога ќе бидете подготвени. Но, неопходно беше тоа да се повтори, да се обнови ветувањето што беше дадено во Солун пред повеќе од 10 години.“
Во исто време, како што вели тој, не треба да се запоставува фактот дека други големи играчи покажуваат интерес за вмешување во Балканот на начин којшто може да влијае на стабилноста на земјата во иднина.
Македонија, во знак на солидарност со Велика Британија, минатата недела одлучи да протера руски дипломат, предизвикувајќи лут одговор од Москва, која овој потег го нарече чин на непријателство.
Стафансон вели дека не треба да се преценува улогата на Русија во Македонија, бидејќи никогаш, историски гледано, таа немала толку силни врски со Русија, како што тоа е случај со другите земји од регионот, на пример со Србија.
„Нема ништо лошо во тоа да се одржуваат нормални односи со Русија, како на пример трговија или културна соработка, но руската доктрина е премногу застарена, како геополитичко мислење од 19 век. Тоа е многу старомодно и непродуктивно. Не мислам дека Русија може да го стопира европскиот проект на Балканот. Но, секогаш треба да се биде внимателен, а се разбира, освен Русија има и други големи играчи, како Турција и растечките обиди да се рашири исламистичкото влијание на целиот балкански регион“, заклучува Стафансон.