Анализи

Улогата на медиумите во инцидентот на 27 април

Вака се известуваше ноќта на 27 април

Пропагандата во служба на поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ кулминираше за време на упадот во Собранието и нападот врз пратениците доцна попладнето и вечерта на 27 април 2017 година. Денеска, точно три години подоцна, таа е посиромашна за најмалку две телевизии и за весникарската империја на „Медиа принт Македонија“ и е прегрупирана под капата на фирми со унгарски капитал.

Оваа медиумска машинерија уште еднаш и за последен пат во тој обем беше впрегната за време на упадот во Собранието.

Таа цела деценија претходно беше потхранувана со пари од државниот буџет. На тој начин се воспостави медиумско-партиска симбиоза, која дотогаш, па и оттогаш наваму е без преседан во тридецениската историја на Македонија како независна држава.

Медиумите, во служба на властодршците, оцрнуваа и водеа хајки против опозицијата, медиумите, разни организации и поединци.

Дури по смената на владејачката гарнитура, се дозна дека од 2010 до 2017 година, власта на ВМРО-ДПМНЕ префрлила најмалку 26 милиони евра, пред сѐ, на телевизиите преку владините реклами и други медиумски услуги. Најголем дел од овие пари завршиле во најгледаните телевизии, како Сител и Канал 5, кои имаа уредувачка политика што беше блиска и исклучително искоординирана со политиките на Груевски.

Од денот кога ДУИ не ја прифати неговата покана уште еднаш заедно да состават владин кабинет, на крајот од јануари 2017, токму овие телевизии заедно со порталите, како Курир и Република, продолжија да ги зовриваат страстите.

Во тие неколку месеци, од февруари до 27 април, меѓу партиските гласила на ВМРО-ДПМНЕ, приматот го презеде штотуку отворената ТВ Нова на бизнисменот Сеад Кочан, кој во тоа време беше осомничен во случајот „Труст“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Десоросоизација на максимум

Црната кампања против Сорос доби на интензитет | Фото: Роберт Атанасовски

На почетокот од 2017 веќе беше распламтена таканаречената десоросоизација преку која тогашната власт таргетираше дваесетина невладини организации со интензивни финансиски контроли. Истражувањето на БИРН покажа дека партијата на Груевски, не била само идеолог, туку и формално правен иницијатор на процесот.

Десоросоизацијата само доби на интензитет откако веќе беше јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да формира влада со партијата на Али Ахмети. Во полза на тој процес, кој ги таргетираше невладините финансирани од Фондација отворено општество (Сорос), во деновите од почетокот на 2017 се активираше и организацијата Стоп операција Сорос, која го користеше акронимот СОС, што истовремено означува повик за помош.

Бргу потоа медиумите што беа во симбиотска врска со ВМРО-ДПМНЕ, опозициската СДСМ почнаа да ја изедначуваат со милијардерот Џорџ Сорос и со неговата организација во Скопје.

По принципот „Курир објавува, а сите други само пренесуваат“ осамнуваа наслови со кованицата СДСМ/Сорос под кои на долго и на широко се дискредитираа извештаите на Транспаренси интернешнел, Репортери без граници, Фридом хаус и слични меѓународни организации, кои говореа за корупцијата и за ограничената медиумска слобода во тогашна Македонија.

На оваа политичко-медиумска акција се надоврзаа и насловите, дебатните емисии и ТВ-прилозите против тогашниот американски амбасадор во земјава, Џес Бејли, обвинувајќи го дека не ја спроведува политиката на новиот претседател Доналд Трамп, туку дека работи под диктат на поранешниот американски претседател Барак Обама и на Џорџ Сорос.

Организацијата СОС и медиумите што гравитираа околу ВМРО-ДПМНЕ ги доведуваа во прашање и грантовите на американската агенција за меѓународен развој УСАИД.

„9,5 мил. долари од УСАИД ќе им се дадат главно на Соросовите организации во Македонија“, објави тогаш весникот „Дневник“, а координирано пренесоа и други медиуми.

Не беа поштедени ниту Европската унија, нејзините претставници и европратениците.

„Европратениците што ‘ги избришаа’ Македонците од Албанија застанаа на страната на СДСМ/Сорос“, гласеше еден од насловите тие денови.

По инерција од предизборниот период во 2016 продолжи и трендот на координирано пренесување колумни објавени во американски медиуми на кои им се предимензионираше улогата и важноста.

Преку тие текстови се повикуваше ДУИ да се премисли и да учествува во владата на Груевски, затоа што, наводно, принципиелно за тоа се залагала тогаш новата администрација во Вашингтон предводена од Доналд Трамп.

„За првпат во 20 години, најголемата албанска политичка партија во Македонија, ДУИ и нејзиниот претседавач, Али Ахмети, не ги прифаќаат резултатите од изборите и не работат заедно во коалиција со вистинскиот победник, ВМРО-ДПМНЕ. Наместо тоа, ДУИ е на страната на Сорос и на амбасадорот Бејли“, пишуваше во колумната потпишана од американскиот полковник Вес Мартин, која беше пренесувана во Македонија.

Задоцнет фокус на Тиранската платформа

Иако платформата на албанските партии беше потпишана во првата недела од јануари 2017, таа во медиумите блиски на ВМРО-ДПМНЕ доби на тежина, беше осудувана, критикувана и доживувана како обид за менување на унитарниот карактер на државата дури еден месец подоцна откако стана јасно дека партијата на Груевски нема да прави влада со ДУИ. 

И во случајов, овие медиуми ги следеа политичките сигнали од ВМРО-ДПМНЕ, со оглед дека и партијата на почетокот не се занимаваше со платформата како загрозувачка за државните интереси.

Оттогаш, па сѐ до 27 април, Тиранската платформа беше мотивот за протестите на организацијата За заедничка Македонија, која беше претставувана како граѓанска иницијатива и чиј последен протест прерасна во собраниски упад.

Медиумите за кои станува збор во овој текст често некритички ги следеа и ги пренесуваа изјавите од овие протести.

Секојдневно ја предимензионираа поддршката што ја имаа протестите и ги подгреваа страстите.

На почетокот на април, кога континуирано се држеше исцрпната конститутивна собраниска седница, новоетаблираното Радио слободна Македонија објавуваше  дека „над 200.000 граѓани од цела Македонија повторно се на нозе за да се отфрли предавничката и подметната Тиранска платформа“.

Сајтот Денешен пишуваше дека „Македонија е на нозе. Врие од народ на улиците по обидот на СДСМ насилно да го преземе претседавачкото место во Собранието“, додека Телеграф, кој беше дел од групацијата МПМ, тие денови објавуваше дека „Со народ нема играње: Граѓаните порачаа дека тирански претседател на Собрание нема да се избере“.

„На предавниците им порачувам да се откажат од Тиранската платформата“, ова, пак, беше само една од изјавите на демонстрантите што тие денови некритички се пренесуваа по телевизиите.

Во предвечерието на собранискиот упад, ВМРО-ДПМНЕ почна да ја ословува СДСМ со кратенката СДС, алудирајќи на тоа дека партијата не ги застапува македонските интереси што во медиумите беше прифатено со коментари од типот дека „сега партијата не се препознава како македонска“.

Спинови околу 27 април

Дел од телевизиите не информираа што се случува внатре во Собранието | Фото: Роберт Атанасовски

Од упадот во Собранието, па сѐ до доцна во ноќта, телевизиите блиски до ВМРО-ДПМНЕ известуваа исклучиво она што се случува надвор во Собранието, бегло спомнувајќи за нападот врз пратениците и за претепувањето на пратеникот Зијадин Села, повикувајќи се на портали.

И додека останатите новинари внатре од Парламентот известуваа за нападот врз пратениците, практично сѐ одеше во живо преку стримови на социјалните мрежи, овие медиуми во првите неколку часа од упадот јавија само за граѓаните што биле повредени откако влегле во Собранието.

„Неколку лица се полесно повредени во немирите во Собранието, кои следуваа по вонделовничкото прогласување на Талат Џафери за претседател на Собранието од страна на СДСМ и албанските партии“, објави телевизија Сител додека драмата во Собранието сѐ уште се случуваше.

Идентично како за време на случувањата на 24 декември 2011, кога беа исфрлени опозициските пратеници од Собранието, и во тие неколку часа на 27 април 2017, добар дел од телевизиите не известуваа што се случува на терен, туку во нивните студија дефилираа гости, кои требаше да им објаснат на граѓаните што се случува.

„Ова е најмирољубивиот насилен влез во некое Собрание во историјата“, беше една од анализите што можеше да се чуе таа вечер на ТВ Нова.

Овие медиуми известувањето го оставија за следниот ден.

Тогаш сите искоординирано јавуваа дека упадот во Собранието се случил само поради тоа што демонстрантите биле испровоцирани од пратеникот на БЕСА, Зеќирија Ибраими, кој од собраниската говорница ја пееше албанската химна.

Под тенденциозниот наслов „Ова е човекот кој пукаше во народот“ беа објавени слика и текст за сегашниот директор на Бирото за јавна безбедност,  Сашо Тасевски кој во тоа време беше дел од полициското обезбедување на Оливер Спасовски.

„Сашо Тасевски е човекот, дел од личното обезбедување на Зоран Заев и Оливер Спасовски, кој вечерва извади пиштол со намера да пука кон народот. Ова предизвика дополнителен револт кај народот што влезе во прес-салата на Собранието, по што настана општ хаос во кој беа повредени неколку пратеници од СДСМ, меѓу кои и Зоран Заев“, известуваше Инфомакс.

Курир, пак, следниот ден вака ја опиша атмосферата при гласањето за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието:

„Во текот на незаконската процедура, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја пееја химната на Република Македонија, онаа на која Заев и неговите албански партнери не се чувствуваат комотно“.

Известувањето на овие медиуми за упадот во Собранието, кој подоцна се покажа дека не бил спонтан, туку напротив, прилично организиран настан, можеше да се долови со еден од насловите што во тие денови излезе на порталите блиски до ВМРО-ДПМНЕ:

„Народот реагираше во одбрана на државата и спречување на државниот удар на СДСМ“.

Десеткување на пропагандистичката машинерија

Дел од медиумите згаснаа, дел се прегрупираа под унгарска капа

Токму 27 април и промената на власта  ја скастрија големата медиумска машинерија под контрола на ВМРО-ДПМНЕ.

Два дена по инцидентот во Собранието се затворија „Утрински весник“ и „Вест“, кои беа дел од групацијата МПМ, во која сопственички удел имаше бизнисменот Орце Камчев, во тоа време близок до поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. „Вест“ и третиот весник од групацијата – „Дневник“ во последните години од нивното постоење станаа отворени апологети на тогашната власт.

Набргу потоа во јуни истата година згасна и „Дневник“.

Канал 5 уште во март 2017 ја смени Лидија Богатинова од уредничката позиција, а по трансферот на власта следуваше и извинување од директорот Иван С. Мирчевски.

„Во името на сите вработени им се извинувам на сите што сме им нанеле неправда. Тоа е доблест. Канал 5 веќе година е на средина. Дојде момент и ние рековме доста е, од сега сме на средина. Сега немаме никаков притисок, рече Мирчевски во мај 2018.

На почетокот од 2018 година се затвори ТВ Нова на бизнисменот Сеад Кочан, додека подоцна, во 2019 година, Сител го смени Драган Павловиќ – Латас од уредничкото место откако подолго време тој не се појавуваше како водител во вестите.

Телевизија Алфа и порталите, како Република, Курир и Нетпрес, пак, се прегрупираа под сопствеништвото на Унгарци, кои се познати како дел од пропагандистичката машинерија на унгарскиот премиер Виктор Орбан, за чие финансирање истражуваше БИРН.