Регион

Станишиќ и Симатовиќ осудени за помагање на воени злосторства

Бившите шефови на СДБ на Србија, Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ Френки. Фото: ММКТ

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ)  ги осуди денеска Станишиќ и Симатовиќ на по 12 години затвор, за помагање и поттикнување на воени злосторства во областа на Босански Шамац, во 1992 година.

Утврдено е дека и двајцата, кои биле моќни фигури кои влевале страв во времето на владеењето на режимот на Слободан Милошевиќ во 90-тите години, им помагале на борците од единицата за специјални операции на ДБ Србија, позната како „Црвени беретки“, кои вршеле злосторства.

„Судскиот совет смета дека обвинетите, со тоа што ги обучувале и распоредувале припадниците на единицата и локалните Срби од Босански Шамац, со цел тие да учествуваат во преземањето на власта во општината, обезбедиле практична помош, што имало значително влијание врз извршувањето на злосторствата во Босански Шамац“, изјави судијата, Бартон Хол.

„Соодветно на тоа, судскиот совет констатира дека тие се одговорни за помагање и поддржување на злосторствата … во Босански Шамац“, додаде тој.

Сепак, Хол посочи дека нема доволно докази, врз основа на кои тие би биле осудени за планирање, давање наредби и помагање на другите злосторства извршени од страна на српските единици, за време на војните во Хрватска и БиХ, како што се тврди во обвинението.

На Станишиќ и Симатовиќ, во повторен процес, им се судеше за наводно учество во заеднички злосторнички потфат, кој имал за цел насилно и трајно отстранување на поголемиот дел од несрпското население, претежно на Хрватите и Бошњаците, од големи области на Хрватска и БиХ, во периодот од 1991 до 1995 година.

Тие беа обвинети дека „раководеле со финансирањето, обуката, логистичката поддршка и други видови значителна помош или поддршка“ на специјалните вооружени единици на српската ДБ и на други српски сили, како што се паравоените групи, вклучени во злосторствата извршени за време на војните во Хрватска и БиХ. Меѓу таквите единици биле и Српската доброволна гарда, позната како „Тигрите“ на Аркан и „Скорпионите“.

Станишиќ и Симатовиќ беа обвинети како наводни членови на заеднички злосторнички потфат, заедно со Милошевиќ и другите српски политички, воени и полициски функционери и водачите на Србите во Хрватска и БиХ.

Судијата Хол истакна дека судот е уверен дека за време на војните „барем од август 1991 година, постоел заеднички злосторнички потфат“. Неговата цел била „насилно и трајно“ отстранување на мнозинството Бошњаци и Хрвати од областите над кои Србија сакала да воспостави контрола.

Сепак, додаде тој, обвинителството не успеа да докаже дека Станишиќ и Симатовиќ „ја делеле намерата за придонес кон остварувањето на заедничката злосторничка цел“ и дека учествувале во заедничкиот злосторнички потфат.

Тој истакна дека обвинителството „не успеа да докаже, надвор од разумно сомневање, дека обвинетите придонеле за остварување на заедничката злосторничка цел, со тоа што раководеле и организирале формирање, финансирање, обука, логистичката поддршка и друга значајна помош или поддршка на паравоените единици, вклучително и на Српската доброволна гарда предводена од Аркан или „Шкорпионите“, во врска со извршувањето на злосторствата за кои тие се обвинети“.

Обвинителството изрази задоволство што успеало да обезбеди осудителна пресуда.

„Денешните осудителни пресуди изречени на Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, се чекор напред кон обезбедувањето одговорност за оние кои се најодговорни за злосторствата извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија“, рече главниот обвинител, Серж Брамерц, по пресудата.

„Како високи функционери на Службата за државна безбедност на Република Србија, Станишиќ и Симатовиќ придонесоа за извршување на злосторствата од страна на паравоените сили и другите вооружени групи и во поттикнувањето на кампањи за етничко чистење против несрпското население“, додаде тој.

Но, Вејн Џордаш, бранителот на Станишиќ, нагласи дека доказите на обвинителството за овој случај биле несоодветни.

„Тие во основа беа прогласени за виновни со многу малку докази и беа осудени за да се оправда тоа што два пати им се судеше“, наведе Џордаш.

По пресудата, Станишиќ и Симатовиќ беа вратени во притвор.

„Станишиќ и Симатовиќ остануваат во притвор сѐ додека не се одлучи во која држава ќе го издржуваат остатокот од затворската казна. Двете страни имаат право на жалба“, изјави, Хелена Еглестон, портпарол на ММКТ.

Постапката против двајцата траеше скоро две децении. Тие беа екстрадирани во Хаг во 2003 година. Десет години подоцна, во 2013, судот ги ослободи од обвинението.

Жалбениот совет во 2015 година ја поништи ослободителната пресуда, и донесе одлука дека дошло до значителна правна и фактичка грешка, кога советот ги ослободил од обвинението. Повторното судење на Станишиќ и Симатовиќ започна во јуни 2017 година.