Репортажи

Стевчо Јакимовски овојпат послаб од судбината

Крај на една ера во Карпош

Само час и половина по затворањето на гласачките места, Стевчо Јакимовски им се заблагодари на насобраните поддржувачи во изборниот штаб на булеварот Партизански одреди, и по триесетина емотивни прегратки замина кон уличките во Тафталиџе. Со тоа заврши неговиот четврти мандат како градоначалник на скопската Општина Карпош.

„Владејачката партија го доби Карпош. Сега таа ја има речиси целата локална самоуправа во главниот град. Нека им е со среќа на граѓаните на Карпош“, рече Јакимовски, застанат пред видеобимот на кој се гледаше водството на неговиот противкандидат Сотир Лукровски од ВМРО-ДПМНЕ.

Карпош беше местото каде што се водеше една од најнеизвесните предизборни битки во земјава, барем кога станува збор за поголемите општини. Влогот беше голем за двете страни.

Јакимовски се бореше, како што вели, „сам против сите“ за петти мандат. Со лични видеообраќања наметнуваше имиџ на човек од маалото, испраќајќи пораки дека „го брани Карпош“ (така му гласеше и слоганот) од интересите на големите партии.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, се обидуваше да дојде до првата победа воопшто во оваа општина, за да си додаде уште еден важен трофеј на партиската полица за 2025 година, заедно со победите во Струмица, Кичево и во други, до неодамна недостижни места.

Големи влогови

Јакимовски и поддржувачите ги следат резултатите на Партизанска | Фото: БИРН

Карпош не е интересна општина само како политичко достигнување. Таа е место каде што речиси нема неатрактивна зона и каде што цените на недвижностите се високи – од падините на Водно, преку Жданец, Трнодол и Козле, потоа во населбите Карпош, па сè до другата страна на Вардар, каде што има индустриска зона и поранешни рурални населби во кои, во последниве децении, скопската елита гради хациенди со базени.

Судирот меѓу бизнис-интересите и желбата да се задржат стандардите за пристојно урбано живеење бил фактор што често влијаел врз изборните резултати. Во таа приказна, и двајцата годинешни кандидати се наоѓаа на двете страни – ги обвинуваа противниците за бетонизација и се прогласуваа себеси за спасители. ВМРО-ДПМНЕ, во тоа користеше и анегдоти од премиерот Христијан Мицкоски, а Јакимовски укажуваше на преизграденоста во други скопски општини, каде што со години владее оваа партија.

Слично како и во 2021 година, Јакимовски успеа да влезе во вториот круг, елиминирајќи еден противник од големите партии (тогаш од ВМРО-ДПМНЕ, а сега од СДСМ). Неговата партија ГРОМ, на овие избори беше дел од коалицијата „Искуство за успех“, со неколку помали партии, како ЛДП, Интегра и ПЦЕР, но во Карпош тој беше главен во својата кампања.

Лукровски, пак, во кампањата постојано добиваше поддршка и од Мицкоски, и од кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, и од други скопски градоначалници, како Дејан Митевски, Дарко Костовски и Бобан Стефковски.

На крајот, зурлите засвиреа во штабот на Лукровски, а се угаснаа мониторите кај Јакимовски. И тоа одвај нешто по 20 часот.

Тивко и аналитично пред штабот

Црвениот столб постојано беше малку повисок од синиот | Фото: БИРН

Штабот на ГРОМ, на Партизанска е различен од местата каде што партиите вообичаено чекаат изборни резултати, и кои имаат посебни прес-зони, зони за јавноста, и канцеларии каде што смее да влезе само партиското раководство и од каде што само повремено некој излегува да се обрати.

Тука сè беше отворено. Неколку десетици луѓе, собрани на пешачката патека покрај булеварот, гледаа во ексел-табелата на видеобимот, каде што резултатите се пополнуваа како што ги соопштуваа набљудувачите и активистите од избирачките места, во чет-група.

Јакимовски, уште во 19 часот, застана надвор, меѓу поддржувачите, и се оддалечуваше само повремено, поради телефонски повици. Коалицискиот партнер Самка Ибраимоски стоеше до него, повремено тапкајќи го по рамото, како што пристигнуваа пораките со неповолни вести.

А тие покажуваа водство на противникот уште од стартот. Само во еден момент, на пребројани неколку стотици гласови, табелата покажа водство на Јакимовски од 12 гласа, што беше поздравено со охрабрувачки аплауз. Се врати во минус веќе со следната порака.

Голем беше и бројот на неважечките ливчиња. Вкупно 2.834, според податоците на Државната изборна комисија, два и полпати повеќе од разликата меѓу двајцата кандидати.

„Неважечките нè јадат! Не знам нашиве таму што прават“, повторуваше една активистка.

Постои теорија во политичките кругови дека еден од начините за фаворизирање кандидат е да се прогласуваат ливчиња со поддршка за противкандидатот за неважечки, поради ситни техникалии во начинот на заокружување, особено на местата каде што една од страните има послаби набљудувачи што не реагираат.

Табелите беа повод да се бараат теории за поразот | Фото: БИРН

Во најголем дел, атмосферата пред штабот беше тивка. Неколкупати ја прекинуваа сирени на возила што вееја црвено-црни знамиња на Партизанска, што кај присутните наиде на негодување. Луѓето се обидуваа да најдат објаснување зошто нивниот кандидат губи. И беа креативни во тоа.

„СДСМ да гласа за ВМРО-ДПМНЕ! Ова не е видено до сега“, коментираа двајца поддржувачи, правејќи пресметки дека во избирачки места каде што Социјалдемократскиот сојуз е традиционално силен, сега Лукровски има повеќе гласови, или поточно – има речиси исто гласови колку што имале заедно со кандидатката Маја Мојсова-Мијовска во првиот круг, обвинувајќи ги двете партии дека се договориле.

Таквите теории дополнително ги засили заедничката фотографија на Лукровски и Мојсова-Мијовска на два дена пред изборите, од средба што двајцата ја нарекоа случајна.

Една проверка на десетина избирачки места навистина покажува дека резултатот на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг е близок со збирот меѓу таа партија и СДСМ во првиот. Но, што се случувало зад гласачките паравани, и дали екстра гласовите за Лукровски дошле од СДСМ, никој не може да знае.

Јакимовски не обвини никого. Само застана пред мониторот, се поздрави и си отиде.

Историја долга колку и општината

Нека им е со среќа на граѓаните, порача поразениот градоначалник | Фото: БИРН

Во изјава за БИРН, еден ден по изборите, Јакимовски не коментираше дали верува во теориите за меѓупартиски договори со цел тој да се симне од власт. Само рече дека биле користени секакви методи, притисоци и поткупи за да се постигне тоа.

Иако вечерта го призна поразот, утрово рече дека заедно со правниот тим ќе разгледаат дали некаде имало нерегуларности и ќе одлучат како да реагираат.

Историјата на Јакимовски во Карпош е долга речиси колку и постоењето на општината во плуралистичкото политичко уредување. Ова беше вкупно седмо негово учество на локални избори.

На првото гласање во 1996 година бил третопласиран, и во колумна што може да се најде на веб-страницата на ГРОМ опишува како со своето учество му одзел гласови на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Михаил Гаревски, и му овозможил на Саша Кузмановски од СДСМ да победи. Во 2000 победи како кандидат поддржан од СДСМ.

Единствено ги пропушти изборите во 2005 година, кога беше министер во владата на Владо Бучковски, а градоначалник стана Андреј Петров од СДСМ. Во 2008 година, Петров стана пратеник, што овозможи Саша Димиќ, претходно независен советник, да стане в.д. градоначалник и да се придружи на ВМРО-ДПМНЕ. Остана на тоа место до локалните во 2009 година, кога загуби повторно од Јакимовски, како кандидат на широка опозициска коалиција. Тоа беа единствените осум месеци досега кога ВМРО-ДПМНЕ ја имаа власта во Карпош.

По таа победа, Јакимовски и формално се придружи на СДСМ и стана претседател на нејзината градска организација. Но, кога таа партија реши да ги бојкотира локалните избори во 2013 година, излезе оттаму и се кандидираше со печат од Демократската партија на Србите во Македонија. Повторно победи и ја основаше својата партија ГРОМ.

Загуби со голема разлика од Стефан Богоев во 2017 година, кога се чинеше дека дошол крајот на неговата политичка кариера, но се врати во 2021 година, кога влезе во вториот круг заедно со Душко Весковски од СДСМ, и победи.

„Јас разбирам критика, ама Стевчо, бе? Ало, Карпош!“, извикуваше тогашниот лидер на СДСМ Зоран Заев, разочаран дека неговата партија губи од „отпишан“ политичар.

Градоначалникот си замина околу час и половина по затворањето на избирачките места | Фото: БИРН

„Отпишувањето“ на Јакимовски продолжи и во мандатот што го освои тогаш. Минатата година, како кандидат за претседател, освои осум илјади гласа, и стана единствениот што имал помалку гласови отколку што требаат потписи (10 илјади) за кандидатура. Во тој период беше ставен и на црната листа на САД поради корупција. Годинава, пак, по шест години судење, беше првостепено осуден на три и пол години затвор поради злоупотреба на функцијата. Се чека одлука на Апелацискиот суд.

По сето тоа следуваше и изборниот пораз. Дали ова е крајот на неговата политичка кариера или повторно ќе се бори во 2029 година?

„Здравје, ќе видиме. Има цели четири години дотогаш“, низ смеа одговара Јакимовски.

Работата на Јакимовски во општината ќе ја продолжат четворицата советници избрани од неговата коалиција, предводени од носителката на листата Добрила Андоновска, која заедно со него го дочека неговиот пораз.

Никој нема мнозинство во Советот од 27 членови, каде што ВМРО-ДПМНЕ има 11 и ЗНАМ едно место, а наспроти нив се „Искуство за успех“, Левица и СДСМ со по четири и „Независни за Kaрпош“ со три.