Три со три

Стојановска: При развод, не се врши проценка на родители со историја на насилство

Разговор со Деспина Стојановска, семеен и системски психотерапевт

„Заедничкото родителство“ е нов концепт за македонското законодавство. Се однесува на еднакво поделени обврски меѓу родителите по разводот на бракот.

Моментално, во изработка е новиот граѓански законик со посебен оддел за семејноправните односи каде што би се вметнал овој концепт.

Додека одредени групи родители сметаат дека заедничкото родителство би било позитивна промена, граѓанските здруженија се загрижени за тоа какви ефекти ваквото законско решение би имало врз менталното здравје и безбедноста на децата од ранливите категории.

Во новото истражување „Рамнотежа помеѓу ‘заедничко родителство’ и најдобриот интерес на детето“ се потенцира дека ваквиот законски предлог нема одредба што ја зема предвид историјата на насилство при одлучување кој родител ќе се грижи за децата.

Односно, експертите сметаат, во случаи на семејно или родово базирано насилство, по разводот на бракот или разделбата на нивните родители, децата би биле присилени да поминуваат половина од своето време со насилниот родител.

За оваа проблематика, БИРН разговараше со Деспина Стојановска, психолог и семеен и системски психотерапевт.

БИРН: Велите дека не треба да има заедничко родителство по секоја цена. Зошто е тоа така?

Стојановска: Доколку се смени Законот за семејството и би се вовело заедничко родителство по развод на бракот на родителите, тогаш децата би поминувале половина од времето со еден родител и половина со другиот, и двајцата подеднакво би носеле одлуки за детето.

Настанува проблем, на пример, кога се работи за случаи каде што едниот родител е неподобен – незаинтересиран, зависник од психоактивни супстанции, се соочува со психички тешкотии или е сторител на насилство. Тогаш ќе треба другиот родител да докажува дека првиот не е во можност да се грижи за детето.

Ме плаши тој процес на докажување, доколку се смени законот.

Во тој процес додека се докажува дека едниот родител не е соодветен, ќе се изгуби време и ќе се споделуваат само непосакуваните карактеристики за родителот, а детето ќе биде принудено да поминува време во страв, да слуша погрдни зборови за „тато“ или за „мама“, што директно негативно влијае врз неговото психичко здравје и на формирањето на сликата за себе.

Во нашата држава, всушност, недостасува да се прави соодветна проценка на капацитетот на родителство и проценка дали оној што има историја на извршено физичко или психичко насилство, може да пронајде мирољубив и соодветен начин за грижа за дете.

Од моето искуство, сметам дека треба да се работи задолжително со сторителот на насилство за да го промени своето однесување и да научи да ја исфрла лутината на социјално прифатлив начин без никого или себеси да се повреди.

БИРН: Што, според вас, е потребно да се направи за децата од семејства со историја на насилство, кога родителите се разведуваат?

Стојановска: Министерството за труд и социјална политика и центрите за социјална работа (ЦСР) треба да ги мониторираат овие процеси. Најчесто го прават ова добро и соодветно, но кога се работи за комплексни случаи, како што е насилството, тоа бара многу труд, време и енергија.

Би било корисно доколку ЦСР, во договор со повеќе советувалишта, институции или организации, засегнатите ги праќаат на бесплатен третман и во континуитет, подолг временски период се работи со психотерапевт за надминување на траумите.

Од огромна важност за менталното здравје на детето е да му се посвети доволно внимание во процесот на развод на бракот на родителите, особено ако постоела историја на насилство.

БИРН: Колку сегашните законски решенија ги земаат предвид потребите на детето наспроти правата на родителите во случаи на развод или разделба?

Стојановска:  Ова е горкото прашање.

Јасно е дека фокусот би требало да биде кон заштитата на детето и неговите потреби бидејќи тоа е немоќно и ранливо, меѓутоа, за жал, кај нас тие процеси одат со огромна доза корупција.

На пример, има родители што се моќници, кои се богати или кои се на одредена функција. Тука веќе системот пропаѓа и институцијата е немоќна, па одат во задоволување на потребите на родителот.

Во тој процес, детето е алатка преку која родителот ќе го задржи својот статус, сликата за себе, својата репутација во општеството, начин да ја покажат својата моќ итн. За жал, тоа се случува и тоа е страшно. Ако не беа корумпирани сите тие процеси, мислам дека ќе беше многу посоодветно.

Насловна фотографија: Скриншот од емисијата Приказна