Истражувањa

Странските инвеститори тешко ги исполнуваат ветувањата за вработување

Странските инвеститори во следните две до три години ќе отворат околу 30 илјади работни места, пишува ММФ врз основа на процените на Владата, но истражувањето на БИРН покажува дека странскиот капитал тешко ги остварува најавените вработувања, а платите што ги даваат се пониски од платите кај домашните компании

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Да ги отвореа сите работни места што ги ветуваа кога ги сечеа црвените ленти, во фабриките на странските инвеститори во слободните зони ќе работеа околу 4.000 луѓе. Меѓутоа, податоците од Централниот регистар покажуваат дека реалноста е поинаква. До крајот на 2014 година (до кога има достапни податоци), во сите фабрики што имале производство во технолошко индустриските развојни зони, работеле вкупно 3.187 луѓе.

„Не се сомневам дека американскиот инвеститор Кемет Електроникс ќе инвестира 25 милиони евра во фабриката во Бунарџик и ќе отвори 500 работни места во следните години“, изјави премиерот Никола Груевски во јуни 2011 година, на денот кога американскиот инвеститор ги удри темелите на фабриката за производство на кондензатори.

132561290

Работници во фабриката Ван Хоол / Фото: МИА

Меѓутоа, податоците за бројот на вработени во оваа компанија од Централниот регистар покажуваат дека премиерот бил неоправдано убеден оти бројот на вработени во Кемет Електроникс ќе достигне 500. До крајот на 2014 година во оваа фабрика работеле 243 луѓе, што е помалку од половина од најавените работни места.

Анализата на податоците покажува дека само една од странските компании целосно го исполнила ветувањето, а ниту една не отворила повеќе работни места отколку што ветила.

Во двете фабрики на Џонсон Мети во Бунарџик, заклучно со 2014 година, работеле вкупно 534 луѓе, односно над сто работници помалку што е далеку од бројката од 650 најавени работни места. Сепак, тие посочуваат дека во моментов веќе е исполнета целта што ја поставиле.

„Во моментов Џонсон Мети има нешто повеќе од 650 вработени во земјава. Досега не сме се соочиле со какви било институционални прашања и се стремиме кон продолжување на нашите инвестиции во локалната заедница“, изјави Џатин Такрар од Џонсон Мети.

Во американската компанија Вистеон Електроникс или некогашната Џонсон Контролс, до крајот на 2014 година имало 321 вработен, иако ветија дека ќе отворат најмалку 500 нови работни места. Во меѓувреме, компанијата најави дека си заминува од Македонија до крајот од годинава.

Во италијанската компанија Технохозе, во 2014 година биле вработени само 33 луѓе, далеку помалку од ветените 170.

Во фармацевтската компанија Продис, пак, вработени се 72, иако беа ветени најмалку 160 работни места.

Најблиску да го оствари ветувањето стигна белгиската компанија којашто во Бунарџик произведува автобуси, Ван Хоол, каде што се вработени 485 луѓе од најавените 500.

Компанијата што безмалку целосно го исполни дадениот збор е Џонсон Контролс со својата фабрика во Штип каде што до 2014 година вработи 1.499 луѓе, само еден помалку од најавената бројка од 1.500.

tabela_si1

Минатата година уште неколку други компании почнаа да градат фабрики во некоја од технолошко индустриските развојни зони, меѓутоа не почнаа со производство и поради тоа немаат вработени.

Германската компанија ОДВ Eлектрик најави дека гради производна хала во зоната помеѓу Струга и Охрид и вети дека ќе отвори 1.000 работни места. Во 2014 година кога е и основната компанијата, биле вработени 15 луѓе коишто работат во пробната производствена хала во постоен објект во Охрид. Најавено беше дека во пробното производство ќе се вклучат околу 100 работници.

Друг инвеститор што во 2014 година почна да гради производствен погон во слободната економска зона во Кичево е американската компанија Ки сејфти системс (КСС). Таа најави дека планира да отвори 800 работни места, но според последните достапни податоци за 2014 година, во оваа компанија немало ниту еден вработен.

Компанијата Дијатек од Северна Италија, исто така лани објави дека ќе вложи 10 милиони евра во производствен погон и логистички центар во Скопје и дека ќе отвори 200 нови работни места. До крајот на 2014 година, компанијата не вработила ниту еден работник.

Германската Техникал Текстајлс во 2014 година нема пријавено ниту еден вработен, додека пак, според информациите објавени во медиумите од минатата година, таму веќе се вработиле стотина луѓе.

Економистите велат дека властите мора да водат сметка и да следат дали странските компании ги исполнуваат ветувањата, бидејќи добиваат државна помош од народни пари.

„Државата е должна да проверува дали странските компании што имаат преференцијален статус на инвеститори во слободните зони ги исполнуваат обврските во поглед на големината на инвестицијата или бројот на отворени работни места, бидејќи врз основа на тоа тие добиваат субвенции, односно државна помош. Доколку странските компании не ги исполниле обврските мора да бидат санкционирани или во најмала рака да бидат условени да ја добијат државната помош откако ќе се утврди дека ги оствариле ветувањата“, вели академикот Абдулменаф Беџети.

Тој додава дека ефектот од странските директни инвестиции врз економијата е негативен, бидејќи овие компании повеќе создаваат трошоци отколку додадени вредности, меѓу кои и отворањето нови работни места.

Се води постапка против една компанија која не го исполнила најавениот број вработувања

Индустриската зона „Бунарџик“ / Фото: МИА

Индустриската зона „Бунарџик“ / Фото: МИА

Иако Агенцијата за странски инвестиции води постапка против еден странски инвеститор, затоа што не го исполнил најавениот број на вработувања, сепак, не го обелоденува името на инвеститорот и какви пенали би плаќал.

„Во моментов само една компанија-корисник на ТИРЗ е во задоцнување на исполнување на договорна обврска која се однесува на исполнување на преземена обврска за исполнување на однапред утврден број работни места, првенствено поради состојбата во земјите кои се нивни главни извозни пазари и против компанијата веќе е започната постапка за активирање на договорни пенали“, стои во одговорот што до БИРН го испрати Климент Шеќеровски кој во моментот кога се спроведуваше истражувањето ја извршуваше функцијата в.д. директор на Агенцијата, но дури откако му беше испратено барање согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Шеќеровски посочува и дека продолжува процесот на следење на исполнувањето на договорните обврски од страна на компаниите-корисници на ТИРЗ со кои Агенцијата има склучено договор и доколку се утврди евентуална повреда на обврските, Агенцијата ќе започне постапка за санкционирање на утврдената повреда во рамките и согласно позитивните законски прописи и одредбите од склучените договори.

Од минатата година, договори со странските компании, освен Агенцијата за странски инвестиции, потпишуваат и Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони и министрите за странски инвестиции.

„Ние како Дирекција почнавме да потпишуваме договори со странските инвеститори во зоните од минатата година и можам да кажам дека странските инвеститори со кои потпишавме договори ја почитуваат договорената динамиката за бројот на вработувања во фабриките. Но, тоа се договори склучени изминативе 12 месеци, за договорите склучувани пред 2015 година не можам да зборувам“, вели Мизо.

Прашања беа упатени и до министерот за странски инвестиции, Веле Самак, кој е потписник на неколку договори со странски инвеститори, но одговори не добивме.

Иако се одбегнуваат одговорите на конкретни прашања, владините претставници постојано најавуваат дека вкупниот број на вработени во зоните треба да надмине 5.000 луѓе.

Некои владини процени, пак, се уште пооптимистички. Така, во последниот Извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) пишува дека „странските инвеститори во следните две до три години ќе отворат околу 30 илјади работни места“. Иако оваа проценка владините министри од економскиот ресор ја претставија во јавноста како потврда од ММФ за позитивните ефекти од странските инвестиции, сепак, од оваа меѓународна финансиска институција објаснија дека бројката не е нивна проценка туку ја добиле од македонските власти за време на нивната мисија во Македонија.

Драган Тевдовски од СДСМ, кој е еден од креаторите на политичката програма на партијата, пак, смета дека повеќе од очигледно е дека власта наполно нетранспарентно се однесува во однос на странските инвестиции и манипулира со бројот на вработени.

„Од една страна, јавноста во целост треба да ги знае трошоците што нашата држава ги прави за привлекување и поддршка на компаниите во зоните, а од друга, државните институции треба да обезбедат прецизни информации за ефектите од странските инвестиции во зоните. Недозволиво е да се прават шпекулации и да се пумпаат бројките за вработеноста во овие компании од страна на високи владини претставници, а притоа соодветните институции, пред сè Агенцијата за странски инвестиции, на јавноста да не ѝ понудат точни податоци за актуелниот број на вработени во секоја компанија од зоните“, вели Тевдовски за БИРН.

Работно место нè чини и до 35 илјади евра народни пари!?

Иако државната помош што ја одобруваат македонските власти за странските инвеститори што отвораат фабрики во некоја од технолошко индустриските развојни зони е тајна за јавноста, сепак некои пресметки покажуваат дека едно работно место во овие фабрики може да нè чини и десетици илјади евра народни пари.

Откако извршниот директор на белгиската компанија Ван Хоол, Филип Ван Хоол во едно интервју за белгиски медиум објави дека македонските власти го субвенционирале работењето на неговата компанија во Македонија со 17 милиони евра, пресметките покажуваат дека државната помош по работно место во овој случај изнесува дури 35 илјади евра. За споредба, според еден од советниците во Агенцијата за странски инвестиции на соседна Србија, Алаксандар Милорадовиќ, просечната вредност на државната субвенција што се дава на странските инвеститори изнесува 4.700 евра за секое ново работно место, што е далеку помалку отколку во случајот на Ван Хоол.

Иако сумата за најголем дел од инвеститорите не е позната, се знае дека во обид да ги донесе во „инвестицискиот рај“ како што ја претставува Владата нашата земја, ги ослободува странските инвеститори во индустриските зони од плаќање данок на добивка, персонален данок на доход за платите на вработените, ДДВ за увозот на репроматеријалите, царински олеснувања и ослободувања. Владата им дава до 500 илјади евра за изградба на објект, плаќа дел од платите на вработените и им дава помош за трошоците за обука и усовршување на вработените.

За уредување на ТИРЗ, властите во Буџетот за годинава одвоија девет милиони евра, а сумата за оваа намена во последните девет години достигнува 65,5 милиони евра.

Универзитетскиот професорот Марјан Петрески, укажува на потребни промени на концептот со странските инвеститори.

„Прво, тоа е фокусирање врз привлекување индустрии кои ќе можат значајно да се поврзат со домашната индустрија, а во оваа фаза од развојот тоа се фабрики од индустрии со средна технологија. Тие ќе можат и полесно и побрзо да ја вработат нашата работна сила, а со тоа што ќе се поврзат со домашната економија и нивното заминување од нашата економија ќе биде помалку исплатливо. Дури и да одлучат да заминат, учеството на домашните фирми во веригата на снабдување ќе биде драгоцен придонес за нивниот понатамошен развој. Второ, целосна транспарентност на јавните трошоци за странските фабрики, како директните, така и индиректните и отворање широка дебата, како и експертски пресметки за тоа дали потенцијалните добивки ги надминуваат трошоците што би ги направиле“, предлага Петрески.

325 евра просечната плата за вработените во фабриките во зоните

Просечната плата на вработените во слободните економски зони минатата година изнесувала 325 евра. До оваа сума се доаѓа кога вкупниот износ на нето исплатени плати што е објавен во финансиските извештаи за работењето на компаниите ќе се подели со вкупниот број на вработени.

Односно, седумте компании што работат во зоните во 2014 година исплатиле 12,4 милиони евра нето плата за 3.177 вработени.

Од Здружението на млади истражувачи (ЗМАИ) објаснуваат дека просечната месечна нето-плата на вработените во компаниите во зоните во 2014 година изнесувала 19.981 денар, наспроти 22.696 денари во 2013 година, но потенцираат дека во овие плати се вклучени и менаџерските плати.

Најниска просечна плата од 11.789 денари е регистрирана кај Џонсон Контролс, компанијата која има најголем број вработени и единствената која го има постигнато ветениот број на вработувања.

„Бројот на вработени во 2014 година во Џонсон Контролс во Штип изнесувал 1.499 лица кои имале просечна плата од 11.789 денари, додека бројот на вработени во 2013 година изнесувал 682 лица, кои оствариле просечна месечна нето плата од 13.890 денари“, вели Славица Тодоровска од Здружението

Од Џонсон Контролс прескокнувајќи го делот за платите на вработените велат дека Македонија нуди добро квалификувани и образовани кадри и слободни индустриски зони со логистика и административна поддршка и посочуваат дека отвораат нова компанија во Струмица.

Податоците од финансиските извештаи за работењето на компаниите покажуваат дека највисоки плати има во Џонсон Мети и во Вистеон Електроникс, компанија која најави дека ќе го затвори погонот во Македонија до крајот на годинава. Просечната плата на вработените во овие две компании била нешто повеќе од 30.000 денари, но и тука се вклучени платите на менаџерите.

tabela_si2

Од Советот на странски инвеститори посочуваат дека според нивната анализа платите на вработените во зоните се незначително пониски од платите што ги даваат домашните компании, но споредбата е направена само со истите сектори. Нето-платата на ниво на Македонија во индустриите што ги компарирале изнесувала 17.555 денари, додека во зоните е 16.143 денари.

Сепак, ваквите податоци, практично ја потврдуваат тезата дека и покрај државната помош што ја добиваат странските инвеститори, платите што ги даваат се пониски од платите кај домашните компании кои не работат во зоните и не добиваат државна помош.

Во 2013 и 2014 година странските компании што работат во технолошко индустриските развојните зони оствариле вкупни приходи од 1,8 милијарди евра и добивка од 96,5 милиони евра.

Анализата на БИРН покажува дека најголем дел од приходите и од добивката отпаѓаат на работењето на Џонсон Мети. Оваа британска компанија во периодот од 2013 и 2014 година остварила приходи од 1,5 милијарди евра, додека приходите на сите останати компании што работат во зоните изнесувале 300 милиони евра. Во истиот период, Џонсон Мети остварила и добивка од 85,8 милиони евра, а додека сите останати, имале добивка од 10,7 милиони евра.