Европскиот суд за човекови права во Стразбур ги усвои тужбите на тројца македонски судии што ги разреши Судскиот совет поради нестручно вршење на судиската функција.
Судот минатиот месец едногласно одлучил, а вчера ја објавил одлуката дека на врховниот судија, Стојанче Рибарев, штипската апелациска судијка Сузана Здравева и битолската судијка Силвана Илиевска им било повредено правото на фер судење.
Со други зборови, државата го прекршила членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права.
Рибарев беше разрешен затоа што како ВД претседател Кривичниот суд во 2017 година исклучил петмина судии од АКМИС системот за распределба на предмети, за да не добијат во работа предмети што ги водеше поранешното специјално јавно обвинителство (СЈО).

По разрешувањето Рибарев се жалеше пред жалбениот совет на Врховниот суд. Тој совет ја поништи постапката за неговото разрешување. Членовите на Судскиот совет повторно ја донесоа истата одлука, па Рибарев беше разрешен во 2022. Но, на оваа втора одлука, според одредбите од Законот за Судскиот совет, Рибарев нема право да се жали, па судот во Стразбур, констатира дека му е повредено правото на фер судење.
„Судот заклучува дека пристапот на подносителот на барањето до жалбениот совет бил ограничен“, пишува во пресудата.
Ист е случајот и со другите две судијки, кои, според домашните законски одредби, немаат право на жалба.
Разрешената судијка Здравева од Апелациониот суд во Штип, во Судскиот совет ја пријавила компанија со наводи дека нејзиниот син работел во адвокатска канцеларија која застапувала странки во предмети што таа ги судела. Иако во 2019 година, претседателот на судот донел одлука дека нема причина таа да биде изземена од постапување, сè додека нејзиниот син не се најде директно во предмет каде што суди таа, Судскиот совет ја разреши во 2022 година.
ЕСЧП оценува дека судијката Здравева не добила фер третман, затоа што не можела повторно да се жали за нејзиното разрешување.
Македонскиот судија Јован Илиевски се изземал од одлучувањето во предметот за Рибарев, но одлучувал за Илиевска и Здравева.
Судскиот совет во 2020 ја разреши битолската судијка Илиевска, со образложение дека направила крупни професионални грешки при одлучување за договор за доживотна издршка.
На судијките Здравева и Илиевска државата во наредните три месеци ќе треба да им исплати отштета од по 3.600 евра и по 975 евра за трошоци во постапката. Рибарев не побарал надомест.
Поради пресудите во Стразбур, Судскиот совет треба повторно да ги разгледува овие разрешувања, иако битолската судијка веќе е во пензија, а спорните законски одредби кои не дозволуваат право на повторна жалба се` уште се во правна сила.
Ова не е првпат Стразбур да ѝ враќа предмети на земјава за разрешени судии. Во последните десетина години, судот ги усвои тужбите на шестмина разрешени судии: Јордан Митриновски, Виолета Дума, Славица Геровска–Попчевска, Иво Попоски, Гоце Јакшоски, Мирослав Трифуновски.
Пред судот има уште тужби од разрешени македонски судии.

