Студентите и професорите вечерва се собраа пред Собранието и со симболично палење свеќи и поставување крст, „го погребаа“ високото образование откако Собранието ги изгласа законските измени.
Бојкот, непослушност и барање правда на улица најавуваат студентите и професорите, откако Собранието вечерва ги изгласа измените во Законот за високо образование со 67 гласови „за“, девет „против“ и ниту еден воздржан.
Со ова, државниот испит, кој е жестоко критикуван од академската јавност како неуставен, доби зелено светло да се спроведува на универзитетите.
Студентите и професорите и вечерва беа пред Собранието, за, како што велат, „да го погребаат високото образование“.
Со симболично палење свеќи и со некролози во рацете, тие се спротивставија на донесувањето на новите законски измени.
Професорскиот и студентскиот пленум бараат да се донесе нов, системски закон, кој суштински ќе ги реши проблемите во високото образование, со инволвираност на сите засегнати страни, вклучително на студентите и професорите.
„Укажуваме на глувоста на законодавната власт која одби да ги послуша нашите барања да донесе нов закон кој суштински ќе ги реши прашањата во високото образование. Очекуваме претседателот Ѓорге Иванов да стави вето на законот, а сега останува да видиме како ќе се огласи тој на нашите барања“, рече Иван Николовски од Студенскиот пленум.
Професорскиот пленум писмено се обрати до претседателот Иванов, повикувајќи го да стави вето на законските измени.
„Искористете го демократскиот предизвик да бидете првиот македонски претседател кој ставил аргументирано вето, повикувајќи се на Уставот. Претседателе, колега, поранешен претседател на Одборот за акредитација, не ставајте потпис на измени кои погрешно се нарекуваат „реформски“, му пишаа професорите на Иванов.
И претпладнево, студенти, професори и претставници од невладини организации се собраа пред Парламентот. Додека во позадина ечеше цитатот „Ропска Македонија“ од песната „Земјо македонска“, студентите го обиколија законодавниот дом со лента и го означија како „местото на злосторството“.
„Ако законот се изгласа, уште утре можеме да ги затвориме факултетите, а диплома да добиваме од господинот Адеми лично кој ќе ни постави 5 квиз прашања. Ги прашуваме министерот и владата – партиска книшка да си носиме и на полагањето на испитот или таа ќе ни треба само за интервју за работа?“, рече Ана Нешовска од Студентскиот пленум претпладнево, пред да се изгласа законот.
Таа додаде дека студентите ќе ја продолжат својката мисија надвор од институциите.
„Ќе бојкотираме, ќе окупираме, ќе блокираме“.
На протестотот студентите изведоа перформанс – претрчаа преку посланите транспаренти за симболично да го претстават, како што велат „финишот на упропастувањето на образованието“.
На денешниот протест тие добија поддршка од повеќе професори и од претставници од невладиниот сектор.