Репортажи

Студентското движење не е Крушевска република

Еден ден со студентското движење од перспектива на Дејан Бошевски, студент на Институтот за безбедносни, одбранбени и мировни студии, кој деновиве живее на Филозофскиот факултет.

Дејан е апсолвент на Институтот за безбедносни, одбранбени и мировни студии на Филозофскиот факултет и е еден од 150 студенти кои веќе седми ден живеат на Филозофскиот и Филолошкиот факултет | Фото: Г. Ризаов

Дејан е апсолвент на Институтот за безбедносни, одбранбени и мировни студии на Филозофскиот факултет и е еден од 150 студенти кои веќе седми ден живеат на Филозофскиот и Филолошкиот факултет | Фото: Г. Ризаов

„Ние не сме Крушевска република, ние сме автономна академска зона, вие сте студенти и тука треба да се информирате“, зборуваше гласно во мегафонот Дејан Бошевски, мазнејќи ја долгата брада во стилот на Никола Карев зад импровизираниот штанд пред Филозофскиот и Филолошкиот факултет наречен Информативен гласник на Студентскиот пленум.

Дејан е апсолвент на Институтот за безбедносни, одбранбени и мировни студии на Филозофскиот факултет и е еден од 150 студенти кои веќе седми ден живеат на Филозофскиот и Филолошкиот факултет. Тој и уште двајца негови колеги седеа зад импровизираниот штанд со две училишни клупи врз кои имаше чашки со освежителни сокови, вода, сечкано овошје, колачи, чипс, кафе…

Во текот на денот им било пренесено оти луѓето мислат дека тие си играат Крушевска република и си тераат лични хирови, но Бошевски вели дека не е така.

„Сакаме да ги информираме студентите дека ова не е никакво политичко движење и нема никаква политичка заднина“, вели Бошевски, додавајќи дека „условите за студирање се ужасни и треба да се потегне промена и нов закон за високо образование“.

Тој додава оти и тие сакаат што побргу да заврши окупацијата, но да заврши успешно. Вели не е доволно тоа што е одложена примената на законот. „Додека не заврши успешно, додека не се воведе нов закон, додека целосно не се испочитуваат барањата на студентите, ние не планираме да се тргнеме“, отсечно вели Дејан.

Завршил со испитите и веќе ја одбранил дипломската, а сега го чека уверението. Треба да земе уште два потписа и ќе заврши со студиите. „Но, останувам тука, до крај. Ова е тоа“, вели тој.

Не знае до кога ќе остане окупиран факултетот, но ќе биде таму додека не се исполнат нивните барања. Додека објаснуваше колку долго траат состаноците на Пленумот, зад него од вратата на факултетот излегоа триесетина студенти и со голема бучава се упатија кон Економскиот факултет.

Претставници на Студентскиот пленум влегуваат во Економскиот факултет за да ја попречат наставата и да ги заинтересираат студентите да им се придружат | Фото: Г. Ризаов

Претставници на Студентскиот пленум влегуваат во Економскиот факултет за да ја попречат наставата и да ги заинтересираат студентите да им се придружат | Фото: Г. Ризаов

Влегоа внатре и веднаш се упатија кон првиот амфитеатар каде што во тек беа предавањата, со смеа и аплауз застанаа пред студентите и правеа бучава додека сите не ја напуштија просторијата. Потоа истото го повторија и во другите амфитеатри во коишто имаше предавања. Никој не се противеше, сите студенти мирно излегуваа надвор, а професорите се тргаа на страна.

Идејата на оваа активност, според Студентскиот пленум, е да ја попречат наставата со цел да ги поканат студентите да се заинтересираат и да се приклучат на нивното движење.

Гледајќи дека студентите од Економскиот факултет го напуштаат факултетот, Дејан ги повика да се информираат за работата на Студентскиот пленум, но поголемиот број од нив заминаа од кампусот.

„Наместо да дојдат овде и да влезат на Филозофскиот факултет, тие излегоа на кафе. Овде имаме штанд со салати, со грицки, со кафе, и сето тоа бесплатно, а тие одат да платат кафе и да не се информираат на никаков начин“, нервозно вели Бошевски и додава „тоа е поентата на ова окупирање овде“.

Според него, аполитичноста е еден од клучните проблеми на студентите. „Ова е политички организирано општество и да си аполитичен е најголемиот проблем при остварувањето на есенцијалните услови за живеење. Политичката активност, граѓанскиот активизам, во која било форма мора да се случува на секојдневна база. Тука се работи за приоритети“, вели Бошевски.

Ова е политички организирано општество и да си аполитичен е најголемиот проблем при остварувањето на есенцијалните услови за живеење, вели Бошевски чии активности вклучуваат и изјави за медиумите | Фото: Г. Ризаов

Ова е политички организирано општество и да си аполитичен е најголемиот проблем при остварувањето на есенцијалните услови за живеење, вели Бошевски чии активности вклучуваат и изјави за медиумите | Фото: Г. Ризаов

Неговите колеги внатре во факултетот не спијат по 30-40 часа, како што вели тој. Работат макотрпно, имаат состаноци и дебати кои се крајно исцрпувачки. Знаат да траат и по шест до девет часа. „Во петокот бевме во Техничкиот факултет и состанокот траеше од 10 часот наутро до 17:30 попладнето. И потоа вечерта имаше уште еден информативен состанок“, вели Бошевски.

Точната бројка на студенти кои преспиваат во Филозофскиот факултет не се знае, но според бројот на просториите кои треба да се оспособат за спиење, им се приклучуваат сè повеќе студенти. Прво спиеја во три, па во девет простории, а сега и тој број ќе расте. При пресметката треба да се земе предвид и бројот на студентите на Техничкиот факултет, а од денеска и на Педагошкиот факултет.

Стануваат сите заедно рано наутро во осум до девет часот и, зависно од денот, ги планираат активностите. Во недела наутро имале состанок уште во девет часот, а веќе во десет – средба со ректорот. Потоа уште еден состанок што траел пет-шест часа сигурно, и на кој присуствувале 40-50 студенти во еден амфитеатар. „Сите дебатираат што се случува и заедно ги носиме одлуките на хоризонтална основа“, вели Бошевски.

Ректорот едно зборува едно со нас, прави друго со Владата.
Тој велидека нè поддржува максимално, но откако ќе добие инструкции од
Владата е сосема друг. Насостанокот имаше едно мислење, подоцна даде
друго мислење, преку телефон трето, со координаторот од едната група четврто,..
и на крај, среде состанок, ни се јави и ни кажа сосема петто нешто, вели
Бошевски

Секојдневно има работилници, предавања, трибини. Кога се носат одлуки на состаноците на Студентскиот пленум, секој има право на збор и на реплика и се одлучува со мнозинство. „Сепак, си има и внатре некои луѓе со различни, па дури и спротивставени мислења“, посочува тој.

За сето време додека се одвиваат овие активности самите студенти внимаваат на безбедноста на ниво на целиот Универзитет, од сите што ги поддржуваат бараат почитување на јавниот ред и правилата на однесување.

Како домаќини мора да покажат дека се грижат за просторот, да понудат доволно атрактивна програма и за професорите и за студентите, воедно работејќи на тоа „на крајот од денот“ да успеат да добијат квалитетен закон за високо образование.

Бошевски вели дека одѕивот е фантастичен, но повеќе од страна на луѓето коишто не се студенти туку вработени, пензионери, родители, професори. „Освен што носат храна и облека, се гледа дека и крв им се побара – крв ќе донесат“, вели Бошевски. Тој вели дека мораше да се преземе ваков радикален чекор за Владата да седне на маса, инаку не би ги сослушале барањата во никој случај.

„Ректорот едно зборува едно со нас, прави друго со Владата. Тој вели дека нè поддржува максимално, но откако ќе добие инструкции од Владата е сосема друг. На состанокот имаше едно мислење, подоцна даде друго мислење, преку телефон трето, со координаторот од едната група четврто,.. и на крај, среде состанок, ни се јави и ни кажа сосема петто нешто“, вели Бошевски.

Како домаќини мора да покажат дека се грижат за просторот, да понудат доволно атрактивна програма и за професорите и за студентите, воедно работејќи на тоа „на крајот од денот“ да успеат да добијат квалитетен закон за високо образование | Фото: Г. Ризаов

Како домаќини мора да покажат дека се грижат за просторот, да понудат доволно атрактивна програма и за професорите и за студентите, воедно работејќи на тоа „на крајот од денот“ да успеат да добијат квалитетен закон за високо образование | Фото: Г. Ризаов

Во понеделникот требаше да се одржи првата средба на работната група со членови од Студентскиот и Професорскиот пленум, Сенатот и Ректоратот. Овие работни групи се организираа на иницијатива на ректорот. Од Студентскиот пленум побараа првата средба да се одвива на територија на УКИМ, вклучително и студентските домови и универзитетската библиотека. Од другата страна бил предложен Клубот на пратениците, но тоа не била доволно неутрална територија. На крајот средбата е презакажана за во среда.

Додека Бошевски објаснуваше и ги информираше студентите пред факултетите, внатре во Филозофскиот и Филолошкиот факултет се одвиваше состанок на прес-групата на Студентскиот пленум.

Студентите во академската слободна зона на Филозофскиот и филолошкиот факултет имаат програма и испланирани активности за целиот ден, а паралелно се во разговори со ректоратот | Фото: Г. Ризаов

Студентите во академската слободна зона на Филозофскиот и филолошкиот факултет имаат програма и испланирани активности за целиот ден, а паралелно се во разговори со ректоратот | Фото: Г. Ризаов

Таму беше и професорот на правниот факултет Љубомир Фрчкоски, кој смета дека самиот факт што се случи окупацијата, е успех за македонскиот политички круг и по ова студентското движење никогаш повеќе нема да биде исто. „Тоа е едно ново искуство, автентично, коешто тие го направија како што треба“, вели Фрчкоски.

Тој смета оти и мобилизацијата на професорите „кои цупкаат зад студентите е, исто така, значајно искуство“. Но, посочува дека, како и во секое автентично силно движење, тие сега се наоѓаат пред нови премрежија.

„Преговорите кои им ги нудат сега, кои се водат, кои професорите ги третираат како делумна победа на академијата во однос на Владата, брзо ќе се покажат како јалови ако оваа власт остане и ако се консолидира“, вели Фрчкоски.

Според него, нема причина зошто власта радикално би ја променила својата позиција. Тој смета дека студентите се пред големо искушение како да ја одржат енергијата. „Мислам дека е битно тие да ја одржат окупацијата по секоја цена и треба сами да почнат да изготвуваат нов Закон за високо образование, паралелно со процесот на преговарање“, смета Фрчкоски.

Најпрвин студентите спиеја во три, потоа во девет, а сега се бара да се оспособат уште простории за оние што сакаат да преспијат во автономната зона на Филозофскиот и Филолошкиот факултет | Фото: Г. Ризаов

Најпрвин студентите спиеја во три, потоа во девет, а сега се бара да се оспособат уште простории за оние што сакаат да преспијат во автономната зона на Филозофскиот и Филолошкиот факултет | Фото: Г. Ризаов

Од Студентскиот пленум велат дека току нов квалитетен Закон за високо образование е она што тие сакаат да го направат, но во разумна временска рамка и со вклученост од сите засегнати страни, академскиот кадар и академската администрација.

Дипломската работа на Дејан Бошевски била на тема „Манипулацијата како средство во процесот на владеење“. Паралелно работел и во Пленумот и ја спремал дипломската. „Тоа што го пишував, тотално се поклопуваше со она што се случуваше во практиката “, вели Бошевски.

Вели дека неговите родители максимално го поддржуваат во работата со Пленумот, бидејќи знаат дека се работи за општо добро. На студентите им порачува да не се плашат и да пристапат кон Пленумот, да се информираат и да се активираат. „Стравот е алатка којашто се користи во процесот на манипулирање и контрола на населението. Тој удира на психичка и на емотивна база, но ние сме силата и заедно, солидарни, ние сме силни. Ако сме расцепкани, ништо нема да направиме“, заклучува Бошевски.