Членови на семејства на Срби убиени или исчезнати во војната 1998-1999 година во Косово, велат дека се надеваат оти евентуалното судење на косовскиот претседател, Хашим Тачи, ќе им донесе нови информации, разрешница и правда.
Сепак, се чини дека некои од нив, две децении откако ги изгубиле своите најблиски, имаат големи очекувања.
Силвана Марковиќ, чиј сопруг бил киднапиран на 19 јуни 1999 година во Грачаница, вели дека Тачи и неговите сојузници „конечно треба да почнат да одговараат за злосторствата извршени врз Србите“.
„Има сомнение дека, како и минатиот пат, ќе се започне (со судењето) и потоа ќе се запре. Ние сме изненадени од кажаното, но сепак има надеж во бога, можеби сите што се одговорни за злосторствата ќе бидат казнети“, вели Марковиќ за БИРН.
Таа ни објаснува дека нејзиниот сопруг Горан се подготвувал да го напушти Косово, кога заедно со уште две лица бил киднапиран.
Во јуни 1999 година, по завршувањето на војната во Косово и откако меѓународните мировни сили беа стационирани во оваа земја, Наташа Шчепановиќ за последен пат ги видела своите родители живи. Таа ги добила посмртните останки на својот татко во 2003 година, додека нејзината мајка сè уште се води како исчезната.
Шчепановиќ, претседател на Здружението на семејства на киднапирани и убиени во Косово и Метохија, вели дека обвинението нуди „мала надеж“ за неа, за другите српски жртви и за нивните семејства.
„Се надеваме дека ќе дојдеме до некаква правда, дека оние што се виновни за злосторствата што се случија на Космет ќе бидат казнети. Очекуваме тие обвиненија да добијат судски епилог … Има многу докази, има многу материјал “, вели таа, додавајќи: „Ова требаше да се случи порано“.
Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), со седиште во Хаг, во средата објави дека до Специјализираните совети на Косово (ССК), поднело обвинение од десет точки, со кое Тачи, политичарот, Кадри Весели, и други личности, се товарат за низа злосторства против човештвото и за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, присилно исчезнување, прогон и мачење.
Во соопштението не се дадени детали за временскиот период на наводните злосторства, ниту пк за местата каде тие наводно биле извршени.
Како што БИРН веќе објави, обвинителите на Хашкиот трибунал ги обвинија поранешните припадници на ОВК, главно за изолирани злосторства, фокусирајќи се на конкретни настани и потоа се обидоа да ја докажат поврзаноста на обвинетите со конкретните злосторства.
Спротивно на тоа, обвинителите од СОК, овојпат се фокусираат на големи кампањи на убиства и прогони и тие се обидуваат да докажат дека како водач на ОВК, Тачи бил одговорен не само за воени злосторства, туку и за злосторства против човештвото.
Злосторствата против човештвото се однесуваат на злосторства извршени во контекст на широко распространети или систематски напади врз цивили или препознатливи делови на цивилното население и можат да бидат извршени и во мирнодопски услови, не само за време на конфликт, како што е тоа случај со воените злосторства.
Едно од најозлогласените злосторства над Србите извршени по војната во Косово, се случи на 23 јули 1999 година, во селото Старо Грацко, на 20 км од Приштина, кога 14 лица беа убиени додека жнееја пченица.
БИРН веќе пишуваше дека овој масакр бил предмет на кривична постапка, но без епилог. Во врска со овој случај, полицијата на УНМИК, во 2007 година, го уапси Мазлум Битиќи, но два месеци подоцна, поради недостиг на докази, тој беше ослободен.
Во 2010 година, обвинителите на ООН ѝ го предадоа предметот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, а во 2017 случајот беше затворен.
Како што од ССК потврдија за БИРН, случајот сега е во нивна надлежност.
Славица Тепшиќ, сопруга на настрадниот, Миодраг Тепшиќ, вели дека вистината требало веќе да се дознае. „По овие 20 години, да бидам искрен, немам никакви очекувања“, вели таа за БИРН.
Некои членови на семејствата и здруженија што ги претставуваат српските жртви од Косово, одбија да коментираат „сè додека не видиме што ќе се случи“.
Пресвртница во долгиот процес на утврдување на вистината за злосторствата извршени од страна на ОВК кон крајот на 90-тите, беше извештајот објавен во 2010 година од страна на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти. Во извештајот се наведува дека поранешните водачи на ОВК се одговорни за голем број сериозни злосторства, вклучително и за трговија со органи.
По овој извештај, специјална работна група на ЕУ покрена истрага. Оваа група, исто така, состави извештај во кој се наведува дека шефовите на ОВК, извршиле тешки злосторства, што доведе до формирање на ССК.
Наташа Кандиќ, основач на Фондот за хуманитарно право, невладина организација која се занимава со воените злосторства, изјави дека очекувала да биде поднесено обвинение против поранешни високи претставници на ОВК.
Таа, според новинската агенција Фонет, додала дека јавноста во Србија мора да биде подготвена на тоа дека судските процеси нема да бидат фокусирани на трговија со органи, туку на злосторствата над Албанците, а потоа и на злосторства над Србите.