Регион

Најавеното поставување на скулптура на Петер Хандке повторно покрена спор во БиХ

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Австрискиот писател, Петер Хандке, добитник на Нобеловата награда за литература за 2019 година, одржа говор за време на церемонијата на доделувањето на наградите во Градското собрание на Стокхолм, Шведска, во декември 2019 година. Извор:© Nobel Media. Photo: Alexander Mahmoud

Петер Хандке, австриски писател, чија Нобелова награда ја осудија воените жртви во БиХ, поради неговиот просрпски став и негирањето на геноцидот во Сребреница во 1995 година, ќе добие скулптура во Бања Лука.

Уметникот, Бојан Микулиќ, вели дека очекува во септември да ја заврши скулптурата на 77-годишниот писател, познат по тоа што го поддржуваше Слободан Милошевиќ и негираше дека масакрот во Сребреница во 1995 година е геноцид, како што тоа го утврди Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ).

Хандке ја доби Нобеловата награда за литература во декември минатата година, што предизвика жестоки критики на политичарите, активистите за човекови права, на историчарите и други јавни личности во БиХ и пошироко.

Како што дозна БИРН, скулптурата нема да биде поставена во јавен простор во градот.

Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојичиќ, ни изјави дека градот нема никаква врска со изработката на скулптурата. „Таа градба во градот не е најавена“, нагласи Радојичиќ.

Микулиќ за БИРН БиХ изјави дека не го интересираат политичките спорови околу Хандке и дека скулптурата е негов прв голем проект. „Работев на оваа фигура од 220 см. еден месец. Убав комплекс се гради спроти фабриката за тутун и тој ќе биде поставен таму“, нагласи тој.

„Покрај оваа, ќе има и скулптури на Скендер Куленовиќ, Бранко Чопиќ и Иво Андриќ. Сите ќе бидат со приближна големина“, вели Микулиќ. Андриќ бил, исто така, добитник на Нобелова награда.

Инаку, моментално, спроти фабриката за тутун во Бања Лука, на местото на поранешната зграда на Радио Република Српска, се гради хотел „Интегра“. Од „Интегра“ ниту ни потврдија, ниту негираа дека во хотелот ќе биде поставена скулптурата на Хандке.

Во неколку кантони во Федерацијата на БиХ тој беше прогласен за „персона нон-грата“, додека во Република Српска, неколку водечки политичари изјавија дека се задоволни што таквата награда заминала во рацете на „потврден пријател на српскиот народ и на правдата“.

Хасан Нухановиќ, кој го преживеал геноцидот, и чии родители и брат биле убиени во Сребреница во јули 1995 година, за БИРН вели дека целата приказна за Хандке „ужасно го вознемирува“, затоа што Ханде, како нобеловец, е секако добар писател, но го претставуваат како пријател на Србите, односно непријател на Бошњаците, кои претходно и не знаеле кој е тој.

„Поголем проблем за мене е што имаме, на пример, мурали посветени на Ратко Младиќ и што тоа стана нормално“, вели Нухановиќ.

Младен Бубоњиќ, доктор по културолошки науки од Бања Лука, посочува дека на споменикот на Хандке може да се гледа, пред сè, како на уште еден во низата клинови на раздорот, што го нагризуваат општеството во Босна и Херцеговина.

„Културата на сеќавањето во Босна и Херцеговина и на Балканот често не ѝ служат на својата цел, односно зачувување на сеќавањето на трагичните и на трауматските историски моменти. Судбината на поединците, но и на народите во целина, честопати се злоупотребува во дневно политички цели“, заклучува Бубоњиќ.