Oсновни, апелациски и врховни судии, претседатели на судови, масовно ги тужат судовите каде што работат. Меѓу нив има и пензионирани судии.
Сите со тужбите бараат државата да им исплати регрес за годишен одмор, популарното К-15, потоа разлика во исплатени додатоци на плата и придонеси и за несоодветно непресметан минат труд.
БИРН најде најмалку 60-тина вакви заведени тужби од јануари годинава во базата на судскиот портал. Адвокати со кои разговаравме, тврдат дека бројките се многу поголеми, а меѓу тужителите, покрај судиите, има и јавни обвинители.
Веќе има правосилни и извршни пресуди, па она што судиите не можат да го добијат регуларно, го добиваат по судски пат, но тоа државата ја чини поскапо, бидејќи е со камата и со судски трошоци.
Тужби имало и претходните години, но, според објавените пресуди на судовите, нивниот број, годинава, се чини дека е најголем.
„Кај нас тужат сите судии во судот“, ни рече претседателот на еден од поголемите судови во државата.
За тужбите на судиите не одлучуваат нивните колеги судии од судовите каде што работат, туку судии од други судови. На пример, за тужбата на граѓанска судијка во Скопје одлучува нејзин колега од судот во Велес.
„Основниот граѓански суд Скопје се јавува како тужен и е странка во постапката, а тужителката е во редовен работен однос кај тужениот како судија“, пишува во едно од решенијата на Врховниот суд, со кое се определува друг надлежен суд да одлучува за тужбата.
Судиите бараат од државата да им бидат исплатени пари по три основи.
Регрес за годишен одмор за три изминати години, поточно за 2021, 2022 и 2023 година и персонален данок на доход што треба да се уплати во Управата за јавни приходи.
Бараат да им се плати и разлика во платата. Јануарската плата им била исплатена според пресметките на Државниот завод за статистика од 2022, наместо од 2023 година.
Освен тоа, придонеси им биле уплаќани на основица без пресметаните надоместоци до 35 отсто, кои ги добиваат за доверливост, за висок ризик и за посебни услови за работа.
Неисплаќањето надоместоци – постојан проблем
Во една од пресудите, граѓанскиот суд, во јули годинава го задолжил Управниот суд, како тужен суд, на судијка што работи таму, да ѝ исплати вкупно 162.451 денар за надоместоци од работен однос, разлика на плата, додатоци на плата, придонеси за социјално осигурување и три регреси за годишен одмор со камата.
На ова досудени се и трошоци од речиси 17 илјади денари за адвокатот, вештачење и за судска такса.
Правобранителствата, кои се заштитници на имотните права и интереси на државата, биле против тужбените барања на судиите. Во одговорите на тужбите пишувале дека Законот за плата и други надоместоци на пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во државата, на кој се повикуваат тужителите, „не се однесуваат на судиите“.
Исто така, напишале и дека гранскиот колективен договор не ги опфаќа судиите.
Сепак, ова правно толкување на правобранителите, судиите не го прифатиле и им ги усвоиле тужбите.
Судиите што одлучувале за своите колеги, се повикувале на Европската конвенција за човековите права и на Уставот на државата. Нагласуваат дека правото на регрес е загарантирано и со Законот за работните односи.
БИРН дојде до записник од март годинава, во кој судиите од четирите апелациски суда усвоиле заеднички заклучок дека имаат право на регрес за годишен одмор, во кој пишува: „Судиите се вработени лица во судовите и ова право за нив не е и не смее да биде ограничено“.
Дека овој проблем не е од сега, говори и тоа што Здружението на судиите во 2022 година ги известило Судско-буџетскиот совет, тело преку кое се финансираат судовите, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители, дека судиите ќе тужат за неисплатен регрес и надоместоци.
Потоа Судско-буџетскиот совет заклучил судовите што имаат пари, да им ги исплаќаат овие надоместоци и додатоци на судиите, а на останатите да им се исплаќа од буџетската сметка. Им укажале на судиите да не тужат, зашто „се преземаат активности за исплата на регресот за 2020 година“.
Но, судејќи според бројот на тужбите, кои ги има сè повеќе, ова прашање останало нерешено.