Вести

Судот пресече: ДКСК мора да даде увид во сертификатот на Бојан Христовски

Управниот суд ја отфрли тужбата на антикорупционерите за документите на директорот на АНБ

Управниот суд ја отфрли тужбата на антикорупциската комисија, против Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, затоа што оваа институција му наложи на ДКСК да ни даде увид во документите за директорот на АНБ, Бојан Христовски.

Со оваа одлука, останува да важи решението на Агенцијата за слободен пристап, според, кое, ДКСК, на БИРН треба да му овозможи увид во овие документи.

Оваа тивка и упорна правна битка на БИРН со антикорупциската комисија траеше додека скопскиот обвинител Владимир Милошевски, истражуваше дали сертификатот на Христовски е фалсификат. Минатата недела тој ги отфрли двете кривични пријави и го затвори случајот без да утврди дали сертификатот бил фалсификат.

БИРН поднесе две барања за слободен пристап до информации од јавен карактер до ДКСК со кои, побаравме и увид и копија од сертификатот за познавање странски јазик за директорот на АНБ и уверението за положени испити.

По барањето на БИРН од јануари, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, во април ѝ наложи на ДКСК да ни даде увид и копија од документите.

Одговорот на ДКСК беше тужба против Агенцијата пред Управниот суд, затоа што оваа институција им наредила да ни дозволи увид до документите.

Управниот судија Ѓоко Живковски, на 22 мај ја отфрли тужбата на ДКСК како недозволена.

Објаснувањето на ДКСК, поради кое, со месеци не ни дозволуваше увид во документите на директорот на АНБ, беше дека на тој начин, ќе ги повредат личните податоци на Христовски, но и поради тоа дека овие списи се „предмет на постапување од страна на надлежното обвинителство“.

На тоа, Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап им одговори на антикорупционерите дека Христовски е „именувано лице“, и дека со овие документи во кои БИРН бара увид „се утврдува квалификацијата и стручноста на лицето што извршува јавна функција…“.

Во однос на истрагата, пак, според решението на Агенцијата документите до кои баравме увид „не се создадени или составени за истрага, кривична или прекршочна постапка туку се готови документи издадени од образовни институции“.

ДКСК се правдала и дека спровеле тест на штетност, но „не навеле кои се штетните последици кои ќе настапат со овозможувањето пристап до бараната информација“.

Во меѓувреме ДКСК поднела уште една тужба, со која ги бараме копиите од овие документи. За неа тече периодот во кој Агенцијата треба да одговори на тужбата од антикорупциската комисија.

* Оваа вест е коригирана кратко по објавувањето поради допрецизирање на судската одлука.