Заштитениот сведок на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) – сведокот 67, е Србинка која во август 1995 година, живеела во селото Уздоље, во хрватската општина Орлиќ.
Тој месец Хрватска ја започна операцијата „Бура“, голема воена офанзива насочена кон враќање на територијата што од 1991 година ја држеа побунетите хрватски Срби, во регионот Краина.
Кога хрватската војска (ХВ) ги нападнала српските позиции, соседите на сведокот 67, почнале да бегаат од селото.
Попладнето, на 6 август 1995 година, таа отишла до една од куќите во соседството, каде што сретнала тројца војници, кои држеле седум цивили. Кога еден од војниците ја забележал, се стрчал по неа. Потоа ја удри во рака со кундакот и ја натерал да им се придружи на другите.
Војниците ги принудиле да тргнат кон блиската фабрика. По патот, војниците искинале дел од нивните лични документи и ги навредувале.
Кога групата стигнала до патот, двајца од војниците заминале со двајца заробени цивили.
Третиот војник ги принудил останатите да се вратат во селото, заканувајќи им се и навредувајќи ги. Враќајќи се, забележале уште еден цивил, на кого војникот му наредил да ѝ се приклучи на групата.
„Војникот во прав ја напишал буквата ‘У’ (симбол на усташкото движење од Втората светска војна) и рекол дека станува збор за златна буква, а потоа зел автоматска пушка и испукал куршуми врз групата“, се вели во првостепената пресуда, што им беше изречена на хрватските воени генерали, Анте Готовина, Младен Маркач и Иван Чермак.
Сведокот 67 била единствената што преживеала.
Ова е само еден од низата слични напади, во кои биле убиени или измачувани српски цивили, претежно постари лица, за време и по операцијата „Бура“, со која хрватските сили ги поразија српските бунтовници и нивната самопрогласена држава, Република Српска Краина (РСК).
Според хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права, неколку стотици Срби биле убиени за време и по операцијата „Бура“, а повеќе од 200.000 избегале во Србија.
Готовина, Маркач и Чермак, во Хаг беа судени за учество во заеднички злосторнички потфат, во рамките на кој, за време на операцијата „Бура“, биле извршени злосторства против човештвото врз хрватските Срби.
Тие беа обвинети за планирање, организирање и учество во убиства, прогон, депортација и уништување на имот, со цел „трајно да се отстрани српското население од регионот Краина“.
Со првостепената пресуда, Готовина и Маркач беа осудени, додека Чермак беше ослободен. Подоцна, во жалбена постапка, беа ослободени и двајцата осудени генерали, што резултираше со прослава во Хрватска, каде секоја година се слави воената победа во „Бура“, како еден од најважните фактори за создавање на денешна независна Хрватска.
Ослободителните пресуди значеа дека злосторствата извршени за време и по операцијата „Бура“, како што се убиствата на српските жители на селото Уздоље, поминаа неказнето.
Првостепената пресуда утврди дека некои од овие злосторства биле извршени од хрватски војници или припадници на специјалните полициски сили, иако оние кои се директно одговорни не беа именувани.
Анализирајќи ги доказите на МКТЈ од судските процеси против Готовина, Маркач и Чермак, БИРН успеа да утврди кои единици биле на теренот кога се случиле убиствата.
Некои од командантите на единиците, по војната, беа именувани на високи позиции – едниот беше ангажиран во Министерството на хрватските бранители, другиот, неколку години, беше министер за одбрана на Хрватска, третиот, на неодамнешните избори во Хрватска, стана пратеник, а четвртиот е градоначалник.
Имињата на сторителите сè уште не се познати
Операцијата „Бура“, започна во раните утрински часови на 4 август 1995 година. Хрватските вооружени сили го гранатираа Книн, „главениот град“ на РСК, целејќи ги и местата Бенковац, Обровац, Грачац, како и околните села.
Вооружените сили на РСК, кои останаа без поддршката на Србија, пружија мал отпор и операцијата заврши за четири дена. Српските сили започнаа да се повлекуваат, а со нив заминуваше и локалното српско население, претежно движејќи се кон Србија или кон Босна и Херцеговина, односно, Република Српска.
Сепак, според судските документи, некои решиле да останат. Се работело претежно за постари луѓе, некои од нив биле и неподвижни. Тие биле дел од малобројните жители во селата.
Нема официјални податоци за тоа колку лица се убиени после „Бура“: во обвинението на Хашкиот трибунал се наведени 38 смртни случаи во делот на Хрватска што ООН го именуваа како „сектор југ“, додека според подтоците на хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права од 2001 година, во овој сектор биле убиени 410 цивили, односно вкупно 677. На 19 септември 1995 година, набљудувачите на цивилната полиција на Обединетите нации изјавија дека 65 лица биле убиени после 4 август.
Еден од инцидентите наведени во обвинителниот акт на МКТЈ, но и во извештајот на хрватскиот Хелсиншки комитет, е убиството на седум лица во селото Уздоље, лоцирано 13 километри јужно од Книн, на патот кон Дрниш, кое сведокот 67 успеа да го преживее.
Во тоа време, подрачјето било под контрола на оперативната група Шибеник на ХВ.
Дневникот на оваа оперативна група, воден за време на „Бура“, во периодот од 4 до 7 август, дава детали за распоредувањето на нејзините единици во наведената област.
Утрото на 5 август, 142-от домобрански полк на оперативната група Шибеник, го зазел селото Житниќ, на околу 18 километри од Уздоље. Дневникот покажува дека командантот им наредил да влезат во Дрниш, а неколку часа подоцна „да напредуваат кон Книн“.
Подоцна, истиот ден, командантот му наредил на еден дел на единицата „да продолжи со нападот … со цел да се дојде до Врбник, каде ќе се спојат со силите на 7-та гардиска бригада“.
Во дневникот е забележано дека во Поткоње се споиле 142-от домобрански полк и 7-та гардиска бригада. И Врбник и Поткоње се места близу Книн.
Присуството на 142-от полк во оваа област, во која се наоѓа Уздоље, дополнително беше утврдено со извештајот за безбедноста на оперативната група Шибеник, што го напишал капетанот Матко Куртовиќ, а кој бил испратен на 11 август.
Направени се некои напори да се идентификуваат сторителите.
Во август 2017 година, невладината организација Документа – Центар за справување со минатото, со седиште во Загреб, поднесе кривична пријава до Државното обвинителство на Република Хрватска, во која се тврди дека непознати сторители, во август 1995 година, убиле десет постари српски цивили во Уздоље и околните села, лоцирани јужно од Книн.
Од Окружното обвинителство во Шибеник за БИРН изјавија дека, заедно со полицијата, работат на истраги „со цел да се утврдат сите околности за смртта на луѓето во овие места, како и да се идентификуваат сторителите“.
Но, иако постојат јасни докази за тоа кои единици биле во таа област во тоа време, сè уште никој не е обвинет. Овој образец се повторува и во други случаи поврзани со операција „Бура“.
„Пуми“ и „Пајаци“
Северно од Книн, хрватските сили извршија злосторства и за време на операцијата „Бура“.
Србин, кој сведочеше пред МКТЈ како заштитен сведок П-069, на 5 август околу 10.00 часот, бил во својата куќа во селото Загровиќ, кога започнало силно гранатирање. ХВ влегла во селото подоцна истиот ден.
Еден од војниците го натерал 81-годишниот Дмитриј Рашу, сосед на овој сведок, да оди зад куќата. Сведокот тогаш слушнал рафал од автоматско оружје.
Во тоа време, во куќата на сведокот П-069, имало уште две лица од српска националност, кои избегале од своите домови. Кога П-069 решил да избега во шумата, тој ги повикал да дојдат со него, но тие одбиле.
Неколку дена подоцна, на 11 или 12 август, П-069 се вратил во својот дом, каде нашол пет мртви тела. Тоа биле неговите соседи Дмитар и Ѓуро Рашуо, потоа двете лица што биле кај него, Илија Петко (роден во 1950 година) и неговата мајка Милица (родена во 1923 година), и уште едно непознато лице.
Во првостепената пресуда на Хашкиот трибунал изречена на Готовина, Маркач и Чермак, се вели дека убиствата биле извршени од војници на ХВ.
Според пресудата, за ова подрачје биле одговорни 4-та гардиска бригада, позната како Пајаци, и 7-та гардиска бригада, т.н. Пуми, кои биле дел од оперативна група Север, една од четирите оперативни групи под надлежност на воениот округ Сплит на ХВ, под команда на Анте Готовина.
На 2 август, Готовина издал наредба за офанзивна операција, која содржи детали за распоредувањето на хрватските вооружени сили, за време на операцијата „Бура“.
Задачата на 4-тата гардиска бригада била да го нападне подрачјето каде се наоѓало селото на заштитениот сведок П-069 – Загровиќ.
Нападот требал да започне рано наутро на 4 август, а дневникот на 4-та гардиска бригада покажува дека станува збор за Книн и околината.
„Нашата бригада утрово беше распоредена на врвот на планината Плешевица … со задача да се пробиеме до поднежјето, кон Загровиќ, преку Голубиќ и да го опколиме Книн… Нашите сили, денеска околу 10.20 часот, влегоа во Книн и ние го подигнавме знамето на тврдината“, се вели во дневник.
Командант на 4-та гардиска бригада бил Дамир Крстичевиќ, кој подоцна стана министер за одбрана на Хрватска (тој ја извршуваше оваа функција од 2016 до 2020 година). Командант на 7-та гардиска бригада бил Иван Кораде, кој, наводно, во 2008 година извршил четири убиства, а потоа се самоубил.
Овие две бригади биле дел од оперативната група Север, со која командувал Рахим Адеми, а која била под команда на воениот округ Сплит. Адеми подоцна беше ослободен од обвинението за воени злосторства извршени во друг дел на Хрватска.
На прашањето за инцидентите во Загровиќ, Окружното обвинителство на Шибеник одговори дека работи на случај во кој е вклучен непознат сторител на воено злосторство, и дека „се води заедничка истрага на полицијата и Окружното обвинителство, за утврдување на идентитетот“.
„За мене, сите беа четници“
Неколку убиства извршени во седмиците по операцијата „Бура“, кога хрватските сили спроведувале таканаречени операции на чистење на теренот, со цел да се угуши преостанатиот отпор, завршија на суд. Сепак, мал број сторители се осудени.
Осум лица, од кои некои беа припадници на 15-тиот домобрански полк, кој ѝ припаѓал на оперативната група Шибеник, во три одвоени случаи, се појавија пред Окружниот суд во Задар во 1996 година, за убиство на 17 постари цивили во селата Вариводе, Гошиќ и Зрмања, извршени во август и во септември.
Во мај 1997 година, судот донесе заедничка пресуда за овие три случаи, „бидејќи постоела важна врска помеѓу обвинетите“. Но, само двајца војници беа прогласени за виновни – Никола Рашиќ и Ивица Петриќ, и двајцата припадници на 15-от домобрански полк.
Селимир Вукушиќ и Тихомир Буданко, денес претседател на општина Промина во Шибенско-книнскиот округот, кој е многу близу до местото каде се извршени злосторствата, командувале со 15-от домобрански полк.
Петриќ беше осуден на шест години затвор за убиството на Ѓураѓ Чанак (роден 1915 година) во Зрмања во август 1995 година. Рашиќ беше осуден на една и пол година затвор за обид за грабеж и обид за убиство на Јека Тањга во местото Очестово, општина Книн.
Во мај 1999 година, хрватскиот Врховен суд ги потврди пресудите, но го врати случајот Вариводе-Гошиќ во Окружниот суд во Задар на повторно судење. Сепак, заради територијалната реорганизација, случајот се најде во надлежност на Окружниот суд во Шибеник, кој ја прекина постапката во 2002 година.
Окружниот суд во Шибеник го осуди Веселко Билиќ, доброволец на 15-от полк, на осум години затвор за убиство. Пресудата, по жалба, подоцна беше намалена на седум и пол години од страна на хрватскиот Врховен суд.
Неговата казна дополнително беше намалена во 1998 година од страна на претседателот Фрањо Туѓман, а потоа заради добро однесување и здравствени проблеми казната беше намалена уште еднаш, па на крајот тој отслужи три и пол години затвор.
Случајот Билиќ е уште еден показател дека припадниците на 15-от домобрански полк, со кој командувале Бандало и Вукушиќ, останале распоредени во дадената областа, неколку недели по операцијата „Бура“, односно откако српските бунтовници биле поразени.
На 7 септември 1995 година, Билиќ влегол во куќата на Дара Милошевиќ, 67-годишна Србинка, во селото Павиќи, во општината Скрадин, во потрага по машко лице за кое верувал оти им помогнал на вооружените сили на РСК да го организираат преземањето на Краина. Откако Дара Милошевиќ го турнала Билиќ и му рекла да ја напушти куќата, тој ја застрелал во главата.
Набргу потоа, тој двапати бил апсен и бил испрашуван за ова убиство. Прво од воената, а потоа од цивилната полиција.
„Кога воената полиција ме ослободи, почнав да мислам дека можеби ќе ме најдат, но се надевав дека истрагата нема да биде темелна, со оглед дека жртвата е Србинка“, изјави Билиќ пред локалниот суд на 8 октомври 1995 година.
Кога се појави пред Хашкиот трибунал како сведок, Билиќ беше замолен да ја објасни оваа негова изјава. Тој одговори: „Можам само да повторам дека тие сите (Србите) кои останаа во Краина, гласаа за (Република Српска) Краина, и за мене, сите беа четници. Оние на возраст од 18 и повеќе години“.
Дваесет и пет години по злосторството, новиот хрватски потпретседател на Владата, Борис Милошевиќ, од Самостојната демократска српска партија, откри дека Дара Милошевиќ била негова баба.
„На 7 септември, доцна попладне, сестра ми ми се јави. Заминала со нашиот татко да ја посети нашата баба. Ја нашле мртва … Убиецот бил пронајден случајно, заради сопствената ароганција, верувајќи дека никој нема да го истражува убиството на „четничката“, како што самиот велел“, напиша Милошевиќ на Фејсбук на 1 август.
Зад „антитерористичката“ операција останаа мртви Срби
Судските документи и сведоштва покажуваат дека злосторствата биле извршени не само во областите контролирани од ХВ, туку и на места каде биле распоредени хрватските специјални полициски сили, како и дека убиствата продолжиле по поразот на побунетите Срби, односно по завршувањето на „Бура“ на 7 август 1995 година.
За време на, како што ја нарекоа хрватските власти, „антитерористичката“ операција во селото Грубори, во близина на Книн, на 25 август 1995 година, специјалните сили убиле шест постари српски цивили, од кои најстариот имал околу 80 години. Според исказот на неговата внука даден пред Хашкиот трибунал, неговото тело било пронајдено во кревет.
„Тој беше во пижами и беше прекриен со крв, не знам како починал, се чинеше дека е заклан. Имаше крв на подот и околу креветот“, изјави Милица Карановиќ.
Со „антитерористичката“ операција требало да се обезбеди премин на „Возот на слободата“, од Загреб до Сплит преку Книн, со кој патувал претседателот Фрањо Туѓман, кој во повеќе места држел говори, во кои ја величел хрватската војска, заради „ослободување“ на оваа област.
Во септември 2019 година, хрватскиот Врховен суд ја потврди пресудата со која поранешните полицајци, Франо Дрљо и Божо Краина, беа ослободени од обвинението за убиство на шест постари Срби во Грубори.
И двајцата се поранешни членови на антитерористичката единица „Лучко“, а беа ослободени поради недостиг на докази. Судот забележа дека постои завет за молчење меѓу припадниците на единицата, како и дека некои од нив дале лажни извештаи за операцијата, како што е извештајот за наводен вооружен отпор од српски војници кои заостанале.
„Лажните извештаи беа напишани откако претставниците на меѓународната заедница дознаа за убиството на цивилите и палењето на куќите во селцето Г (рубори)“, соопшти хрватскиот суд, наведувајќи дека лажните извештаи требало „да ја прикријат одговорноста на командантите и директните сторители“.
Судот ја критикуваше и улогата на државните институции, истакнувајќи дека првите сведоци биле сослушани кога поминало многу време од злосторството.
Единицата „Лучко“ беше дел од хрватските специјални полициски сили, чиј командант за време на „Бура“ беше Јосип Туркаљ, додека Јосип Ќелиќ беше помошник командант.
Некои членови на единицата „Лучко“, сведочеа за злосторството во Грубори, на судењето на Готовина, Маркач и Чермак.
Стјепан Жиниќ, инструктор за обука, сведочеше дека на 25 август 1995 година, единицата „Лучко“ учествувала во операциите за „чистење“ на теренот, за да се обезбеди сигурноста на „Возот на слободата“ на Туѓан, во областа околу Грубори.
Жиниќ истакна дека единицата била поделена во четири групи, кои ги воделе Бранко Балуновиќ, Божо Краина, Франо Дрљо и тој. Пред Хашкиот трибунал сведочеше и Краина, кој изјави дека не знае кој ги убил постарите цивили, при што не сакаше да одговори на директното прашање дали единицата „Лучко“ ги убила.
Според првостепената пресуда на Хашкиот трибунал, командантите на специјалните полициски единици, вклучени во овие операции, му биле подредени на Маркач.
МКТЈ заклучи дека по убиствата во Грубори, била измислена приказна дека хрватските антитерористички единици се судриле со српски војници. Челиќ сведочеше дека неговиот прв извештај за Грубори не ги спомнува судирите, но дека заменик командантот на специјалната полиција, Жељко Сачиќ, му рекол дека имало „вооружен судир“ и дека треба да се напише нов извештај.
Во јануари 2015 година, Сачиќ беше обвинет дека не ги надгледувал, казнил и пријавил убиствата во Грубори. Тој, исто така, беше обвинет дека доставил лажен извештај до неговиот претпоставен, но само еден месец подоцна, Државното обвинителство го повлече обвинението, објаснувајќи дека има „значајни недостатоци“.
Во 2017 година, од хрватското Државно обвинителство за БИРН изјавија дека покренале неколку илјади кривични предмети по операцијата „Бура“. Осудени се вкупно 2.380 лица. 14 лица, од кои 10 биле војници, беа осудени за убиства, но не и за воени злосторства.
Од српското обвинителство за воени злосторства за БИРН нагласија дека тие работат на „разни случаи“ поврзани со злосторствата извршени за време на операцијата „Бура“, но не ни дадоа дополнителни детали.
Од сите случаи поврзани со убиствата на Србите извршени за време и по операцијата „Бура“, досега само едно лице е правосилно осудено за воено злосторство – Божо Бачелиќ, поранешен командант на вод на извидничката чета на 113-та бригада на ХВ.
Тој беше прогласен за виновен за убиство на една постара брачна двојка од српска националност и тој во затвор помина седум години.
Повоените кариери и политичките врски на командантите
Дамир Крстичевиќ, командант на 4-та гардиска бригада, ја продолжи својата воена кариера. По ова, тој работеше во компании за развој на компјутерски софтвер. Крстичевиќ стана министер за одбрана во 2016 година, но тој си даде оставка во мај 2020, кога се урна воен авион за обука во близина на Задар, при што загинаа двајца членови на хрватското воено воздухопловтво.
Иван Кораде, командант на 7-та гардиска бригада, кој пред војната беше цивилно лице, се пензионираше во 1997 година. По завршувањето на неговата воена кариера, тој беше вклучен во неколку кривични дела, кои вклучуваа возење во пијана состојба и тепачки. Во април 2008 година, Кораде беше обвинет за убиство на четири лица во неговото родно село. Тој избега, а полицијата го бараше осум дена. Тој беше пронајден мртов, а официјални лица изјавија дека извршил самоубиство.
Тихомир Буданко беше командант на 15-от домобрански полк. Во 2011 година, хрватските медиуми објавија дека, според изјави на преживеани лица, тој спасил 14 Срби од селото Чучево, во близина на Кистање. Тој во моментов е градоначалник на општина Промина, во Шибенско-книнскиот округот.
Рахим Адеми по војната ја продолжи воената кариера, но беше обвинет од Хашкиот трибунал за злосторства во областа Медачки џеп, Хрватска, во 1993 година. МКТЈ му го отстапи случајот на хрватското судство и тој беше ослободен во 2008 година. Врховниот суд, во 2010, ја потврди ослободителната пресуда. За време на претседателските избори во 2014, како што беше објавено, тој бил локален координатор на кампањата на победничкиот кандидат, Иво Јосиповиќ.
Иван Вукиќ беше во хрватската војска сѐ до неговото пензионирање во 2002 година. Во 2016 година тој беше назначен за државен секретар во Министерството на хрватските бранители. Тој сè уште ја извршува оваа функција.
Жељко Сачиќ беше заменик командант на специјалната полиција за време на операцијата „Бура“. Веќе некое време тој е политички активен како член на десничарската партија Хрватски суверенисти, која, пред парламентарните избори во јули, му се приклучи на десничарското Татковинско движење. Сачиќ освои пратеничко место на овие избори.
БИРН се обиде преку е-пошта да ги контактира Иван Вукиќ и Тихомир Буданко, но не добивме одговор. Со Дамир Крстичевиќ не беше можно да стапиме во контакт.