Регион

Додека Хрватите го слават август 1995, Србите на него се сеќаваат со тага

Во селата во кои по операцијата „Бура“, се вратија мал број Срби, одбележувањето на 25-годишнината од воениот триумф над српските бунтовници, ги враќа трауматските сеќавања

Србите од Хрватска со тага се сеќаваат на жешкото лето 1995 година, кога со своите автомобили, камиони, трактори, па дури и со запрежни коли, ја напуштале Хрватска. Повеќето од нив никогаш не се вратиле.

Од околу 200.000 Срби кои ја напуштија Хрватска во август 1995 година, кога со операцијата „Бура“, хрватската војска ја врати територијата што за време на четиригодишниот конфликт ја држеа српските бунтовници, само мал број се вратија во своите предвоени домови.

Во пресрет на 25-годишнината од операцијата „Бура“, БИРН посети дел од повратниците, во рамките на петдневното патување што го организираа Српскиот народен совет (СНС), најголемата организација што ги претставува интересите на Србите во Хрватска и Младинската иницијатива за човекови права, под наслов „Запомни ја историјата, не ја повторувај“.

Организаторите сакаа учесниците да ги слушнат искуствата на Србите и да нагласат дека „еуфоријата на војната скоро целосно ја потисна емпатијата и сочувството за жртвите, нивните семејства, но и за сите оние што ги напуштија своите домови засекогаш“.

Операцијата „Бура“, со која хрватските сили ја разбија самопрогласената Република Српска Краина, во Хрватска секоја година се слави како победа и фактор што го обезбедил постоењето на независна Хрватска.

Сепак, според хрватскиот Хелсиншки комитет, повеќе од 600, претежно постари српски цивили, биле убиени во серија напади за време и по операцијата. Од таа причина, прославата на годишнината е сè уште болна за Србите во оваа земја.

Урнатини на училиштето во Ислам Грчки. Фото: БИРН

„Го разбираме народот кој ова го прославува, но ние навистина немаме причина да славиме“, вели за БИРН, Милан Узелац, од Самостојната демократска српска партија, заменик градоначалник на општина Удине, лоцирана во областа Лика.

„Сакаме да отидеме некаде и да не вклучуваме телевизор, ниту радио, а ниту да купуваме весници, само да отидеме некаде, ден-два да нѐ нема“, додава Узелац.

Пред војната, која се водеше во 90-тите години, општината Удбина имала  меѓу 4.300 и 4.600 жители од српска и 300 жители од хрватска националност. Денес има само 1.200 жители – приближно 45 проценти се Срби, а исто толку и Хрвати, објаснува Узелац.

Тој вели дека во последните 10 до 15 години односите меѓу нив се „пристојни и солидни“. „Ќе се најде и по некој екстремист, но тоа веројатно е нормално насекаде“, потенцира тој.

„Никому не направија ништо лошо“

 

Урнатини на православната црква во селото Комиќ. Фото: БИРН.

Некои Срби во Удбина сè уште трагаат по посмртните останки на членовите на нивното семејство, кои исчезнаа во 1995 година.

Еден од нив е Милан Сунајко, роден во 1948 година. Неговите родители починале на 12 август 1995 година, по операцијата „Бура“, кога хрватската војска влегла во селата Комиќ и Пољица, во општина Удбина, во кои останаа мал број локални жители. Луѓето во овие места биле убиени од огнено оружје или при палење на нивните куќи.

„Тие останаа, тие едноставно не сакаа, едноставно никому не направија ништо лошо“, вели Сунајко за своите родители, додека стои пред споменикот во Комиќ, подигнат во чест на партизаните и на жртвите на фашизмот од Втората светска војна, но и на „невините жртви на селата Пољица и Комиќ, кои паднаа пред куќниот праг во 1995 година“.

На споменикот се впишани имињата на неговите родители, Рајко и Милица, заедно со имињата на другите луѓе убиени во 1995 година.

Сунајко раскажува дека ја добил веста за смртта на неговиот татко додека бил во егзил во Србија, но дека името на неговата мајка Милица, сè уште е официјално на списокот на исчезнати лица. Сунајко се надева дека нејзините останки можеби се меѓу останките на цивилните жртви пронајдени во 2018 година, во заедничка гробница на градските гробишта во Грачац, и посочи дека ќе даде ДНК примерок за идентификација.

Освен споменикот во Комиќ, за тоа што се случило за време на војната, сведочат и разурнатите куќи, обвиени со вегетација.

Иако Сунајко, кој денес е во пензија, со семејството живее во Пољица, посочува оти тој всушност ѝ припаѓа на Лика. „Но, ја сакаш Лика, таа е таква каква што е – наша е “, нагласува тој.

И Узелац истакнува оти го сака овој регион, за кој верува дека е полн со потенцијал, особено земјоделски, но признава дека има и проблеми.

„Секако има егзистенцијални проблеми, добар дел е на социјална помош … а останатите луѓе имаат многу мали пензии“, објаснува тој.

 

Никола Болта пред својата куќа, во селото Кијани. Фото: БИРН.

Осаменоста е уште еден проблем, затоа што луѓето живеат во села во кои има „само неколку жители“.

Никола Болта е еден од ретките жители на личкото село, Кијани. Тој за БИРН вели дека „порано имало 95 куќи, а сега целото село има три или четири куќни броеви“.

Болта се сеќава дека на 4 август 1995 година, разговарал со неговиот 95-годишен татко да го напуштат селото. Тој заминал со својата сопруга и синовите, но татко му останал.

„Добив информација дека дошле единици … ја запалиле куќата … Тој успеал да излезе, но целиот изгорел”, ни кажува Болта.

„Само нозете му останале“, додава тој со пригушен глас и почнува да плаче.

Неговото враќање во Хрватска во 2004 година било тешко. „Куќата беше запалена, целосно уништена, останати беа само ѕидовите“, се сеќава Болта.

Тој вели дека кога во Хрватска се прославува годишнината од „Бура“, тој не оди никаде.

„Тука е мирно. Има неколку Хрвати кои живеат тука, тие се нормални луѓе, мирни“, ни објаснува тој.

„Тие ретко зборуваат за товарот што го носат“

Младен Деспот покрај дрвото што го „спасил“, во селото Ислам Грчки, во кое се вратил по војната. Фото: БИРН.

Мирно е и во селото Ислам Грчки, кое се наоѓа малку појужно, во периферниот дел на Далмација, каде живее 62-годишниот Младен Деспот.

Неговите родители биле убиени за време на операцијата на хрватските сили во јануари 1993 година, а тој самиот избегал во Србија за време на „Бура“.

„Подобро е да не го спомнуваме тоа, кога ќе ви дојде на сон, не можете да спиете“, вели тој, како одговор на прашањето за настаните што се случиле во ова место во 1995 година.

Тој се вратил во своето село во 2000 година и ја нашол својата куќа целосно уништена. Тој сè уште не успеал да добие приклучот на електрична енергија. Иако има некои приходи од земјоделството, неговиот живот е тежок.

Сепак, има една работа што го прави горд: „Кога се вратив, имаше некакви грмушка покрај училиштето… Го исчистив тоа. Избрав тогаш едно дрво, го оставив и тоа сега е пораснато“, истакнува тој.

Според пописот од 2011 година, Ислам Грчки има 150 жители, претежно Срби. Според пописот од 1991 година, во ова село имало 1.139 жители, од кои 991 биле Срби.

Злосторствата извршени на местата како што се Ислам Грчки, Кијани и Комиќ „останаа речиси невидливи за пошироката јавност“, вели Анета Владимиров, потпретседател на СНС.

Оние што беа сведоци на настаните од 1995 година и што останаа во овие села „ретко зборуваат за товарот што го носат“.

 

Урнатини на куќи во Грубори. Фото: БИРН

Грубори, населба во близина на селото Плавно, каде биле убиени најмалку шест цивили, стана симбол на страдањето на хрватските Срби.

Иако денес никој не живее во Грубори и на жртвите не им е подигнат споменик, Томо Медвед, министерот на хрватските бранители, најави дека ќе им оддаде почит на српските жртви во Грубори овој месец.

„Дваесет и пет години по Татковинската војна, Владата доби мандат од народот да гради односи засновани врз толеранција, на искажување на почит кон сите жртви, особено кон цивилните жртви и ние ќе продолжиме со таквата работа“, изјави Медвед за телевизијата Н1 на 31 јули.

Во меѓувреме, Борис Милошевиќ, српски политичар и вицепремиер на новата хрватска влада, потврди дека ќе учествува на државната свеченост во Книн, за одбележување на годишнината од „Бура“.

Милошевиќ рече дека не може да прости за сторените злосторства, но е решена да стори сé што може за да му помогне на српското малцинство во Хрватска. „Имам желудник за секој вид на гест за кој мислам дека ќе го подобри статусот на мојата заедница“, рече Милошевиќ.