Регион

Судството на БиХ ги ограничува информациите во случаите на воени злосторства

Емина Диздаревиќ, Сараево

Зградата на Судот и на Обвинителството на БиХ | Фото: БИРН

Судовите и обвинителствата на Босна и Херцеговина, настојуваат да ги ограничат информациите за судските процеси, што на медиумите им го отежнува известувањето за случаите на воени злосторства или корупција, и покрај фактот што законот вели оти судењата се јавни.

Петнаесет години по реформата на судството во Босна и Херцеговина, судовите и обвинителствата немаат исти правила за транспарентноста во нивната работа, така што на државно ниво, не можат да се добијат обвиненија, аудио и видео снимките се достапни само во времетраење до десет минути, а новинарите и натаму се соочуваат со одложувања и опструкции при добивањето одговори на нивните прашања.

Новинарите и уредниците истакнуваат дека судството е сѐ повеќе затворено за медиумите, што оневозможува квалитетно известување за процесите кои се водат за воени злосторства, за корупција и за организиран криминал.

Мерван Мирашчија, од Фондот отворено општество БиХ, истакнува дека прашањето за транспарентноста на правосудството е „услов над сите услови во работата на судовите и обвинителствата”.

„Ние живееме во држава, која 25 години по војната, е сѐ уште полна со лузни и затоа мора да имаме судска вистина, за да можеме да го релаксираме ова општество, за да можеме да гледаме кон иднината, но, за жал, трендот на намалување на достапноста на информациите од година во година продолжува, и ова е една загрижувачка појава“, вели Мирашчија.

Обвинителството и Судот на БиХ и Високиот судски и обвинителски совет (ВСОС), не се согласија да разговараат со новинарите на БИРН за транспарентноста.

Без обвиненија, нема прилози

Вилдана Куртиќ, новинарка на Федералната телевизија | Фото: БИРН

Новинарката на јавниот сервис, Федерална телевизија (ФТВ), Вилдана Куртиќ, вели дека новинарите во електронските медиуми не можат да ги следат постапките без обвиненија.

„Во ситуација кога имате новинар кој првпат доаѓа на некое судење, ако нема обвинение, речиси е невозможно да направи добар прилог”, објаснува Куртиќ.

„Од друга страна, ако немаме обвинение, може да се случи воопшто да не можеме да сфатиме на што се однесува некоја ситуација во судницата. Ако обвинетиот се изјасни за виновен и ако каже: ‘Ја признавам точката три’, што нам ни значи таа ‘точка три’, ако го немаме обвинението за да ја видиме”, додава таа.

Од основањето на Државното обвинителство во 2003, до пролетта 2012 година, сите поднесени обвиненија беа објавени на веб-страницата на обвинителството, а истите им беа проследувани и на новинарите со соопштение.

Транспарентноста на Обвинителството на БиХ, во почетокот на неговото функционирање, додека во оваа установа работеа и странски обвинители, одеше до тој степен, што во документот од обвинението стоеше и список на докази, како и додатокот со наслов, „резултати од истрагата”, со кои се појаснуваше одлуката на обвинителството.

До намалување на транспарентноста доаѓа во 2012 година, кога Агенцијата за заштита на личните податоци, испрати писма до Судот и Обвинителството на БиХ, укажувајќи дека тие не можат автоматски да ги објавуваат сите податоци.

Државното обвинителство ги повлече сите обвиненија од својата веб-страница, а судот донесе измени на правилата за пристап до информациите, што подразбираа ставање на иницијали наместо целосна имиња во судските документи, како и издавање на снимка од судењата во траење од десет минути, што суштински ја намали можноста за медиумско известување.

БИРН, како одговор на ова, започна кампања „Стоп за цензурата”, која беше поддржана од меѓународните организации и здруженијата на жртвите, како што се Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ) и „Жени, жртви на војната”.

Координаторот на МКИЛ за Западен Балкан, Метју Холидеј, вели дека кампањата ја поддржал, бидејќи е круцијално јавноста да има точни информации за судењата за воени злосторства.

„Медиумите имаат клучна улога во комуникацијата со цел да се види што се прави за да се обезбеди правда за жртвите на воените злосторства и во врска со кршењата на човековите права, и јавноста да биде запознаена со тоа”, вели Холидеј.

Затвореноста на судството кон медиумите најмногу го чувствуваат здруженијата на жртви и оштетените, нагласува претседателката на здружението „Жени, жртви на војната”, Бакира Хасечиќ.

„Мислам дека судот и обвинителството во голема мера се затворени за јавноста, за невладиниот сектор и за граѓаните. Која е причината за ова, мислам дека треба нив да ги прашате. Очигледно, тие не сакаат јавноста да биде запознаена, знаејќи дека работеа многу на криење на идентитетот и на анонимизација на сторителите на злосторствата“, вели таа.

Како резултат на притисокот на јавноста, ВСОС назначи работна група која ги анализираше резултатите од кампањата „Стоп за цензурата” и донесе одлука дека анонимизацијата не може да се користи во случаи кога постои оправдан јавен интерес – со други зборови, во случаите на воени злосторства, тероризам и корупција.

Исто така, беше констатирано дека нема пречка за објавување на потврдените обвиненија. Сепак, Обвинителството на БиХ, никогаш повеќе јавно не објави ниту едно обвинение.

Меѓу членовите на оваа работна група беше и сараевската обвинителка, Сабина Сарајлија, која смета дека судските институции треба да ги објавуваат потврдените обвиненија.

„Ова се обвиненија кои веќе ја поминале судската контрола и сметам дека обвинителството треба на себе да ја преземе оваа обврска, барем во сложените предмети, односно во предметите за кои јавноста е заинтересирана”, вели Сарајлија.

Иако од препораката на ВСОС поминаа повеќе од три години, од обвинителството не сакаа да ни одговорат на прашањето, дали наскоро планираат повторно да почнат да ги објавуваат обвиненијата.

Со ограничување на видео-снимките, штета трпат електронските медиуми

Адмир Арнаутовиќ, портпарол на Кантоналното обвинителство во Тузла | Фото: БИРН

Судот на БиХ, кој по завршувањето на кампањата ги врати пресудите на својата веб-страница, сепак продолжи со практиката, аудио и видео материјалите од судницата, на медиумите да им ги доставува само со времетраење од десет минути.

Портпаролот на Кантоналното обвинителство во Тузла, Адмир Арнаутовиќ, смета дека не постои причина медиумите да не ја добијат целата снимка од сослушувањата, како што тоа беше практика до 2012 година.

„Во одредени ситуации, дури и на медиумите може да им биде дозволено да влезат со средства за аудиовизуелно, аудио и видео снимање”, истакнува Арнаутовиќ.

Видео-снимките од расправите што сега им се даваат на медиумите, траат само десет минути, што, како што вели Вилдана Куртиќ, е „неупотреблив материјал”.

„Ни се случува новинар да потроши три или четири часа во судница, да дојде дури и снимател, кој чека пред зградата на судот за да сними барем една тонска изјава, и вие на ДВД ќе добиете десет минути од некое сведочење, коешто можеби било најмалку важно тој ден“, вели таа.

„Или евентуално ќе добиете само еден кадар од тој еден сведок што зборувал, и тоа се можеби некои 20 секунди што вие ќе ги искористите во дневникот“, додава Куртиќ.

Сузана Стамбол, новинар уредник, има сличен став. Таа истакнува дека овие правила, ги ставаат колегите од електронските медиуми во нееднаква положба.

„Можете да влезете во судница, но без диктафон, без телефон, само со пенкало и хартија”, вели таа.

Како електронски медиум, „добивате ДВД со ‘исечени’ снимки, кои најчесто телевизиски не се употребливи”, додава Стамбол.

Адвокатот, Нина Кисиќ, смета дека Судот на БиХ, треба да го следи примерот на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), кој ги пренесуваше рочиштата преку својата веб-страница, со само половина час задоцнување, и ги објавуваше сите судски документи.

„Во последната година и пол, сите судења се објавени, значи, објавени се видеа-снимките од сите судења на страницата, а постои и судска архива на сите документи, на сите транскрипти, кои се ставени на страницата на МКТЈ. Мислам дека Судот на БиХ треба да ја следи оваа добра практика“, нагласи Кисиќ.

Без медиуми, нема контрола

Нина Кисиќ, адвокат | Фото: БИРН

Новинарите и уредниците тврдат дека интерните правилници на судовите, довеле до намалување на бројот на извештаи.

Тие, исто така, истакнуваат дека полошо искуство имале со одговарите на нивните прашања за истрагите и со одобрувањата за интервјуа со носителите на правосудните функции.

Причината за ова, според Арнаутовиќ, е што некои носители на правосудните функции, не се едуцирани за комуникација со медиумите.

„Тие не ја познаваат ниту структурата, ниту начинот на работа на медиумите, ниту пак начинот на кој е потребно да им се пласираат информациите на медиумите. Често тоа се луѓе кои се оптоварени со својот формално правен јазик, ниту медиумите, ниту јавноста ги разбира за што зборуваат“, вели тој.

Од друга страна, Стамбол истакнува дека причината за затворањето е политизација на судството.

„Мислам дека нетранспарентноста на правосудството е последица на политичката улога и на влијанието врз судството, всушност, политиката има интерес на медиумите да им ја затвори вратата во судовите и обвинителствата, односно во правосудството, за да не се откриваат некои важни афера и крупниот организиран криминал во оваа земја”, вели Стамбол.

Експертите објаснуваат дека без потранспарентна работа на судовите и обвинителствата, нема да може да се реализира функцијата на медиумите како коректив и единствен канал на информирање на граѓаните за правосудството.

„Медиумите треба да придонесат за контрола на работата на правосудството од страна на најшироката јавност, треба да бидат коректив на нашата работа, да укажуваат на лошата страна на правосудството, но, исто така, и да ги популаризираат добрите резултати. Сметам дека само медиумите кои својата работа ја работат професионално, стручно и етички, можат да придонесат јавноста да ја има правата информација, што се базира на проверени факти“, вели Сарајлија.

Мерван Мирашчија нагласува дека ако се продолжи на медиумите да им се ускратуваат информациите, граѓаните нема да знаат што се случува во нивната земја.

Како што нагласува, ВСОС мора на релевантен начин и навремено „кон сите судови да изврши толкување на своите инструкции – како да се почитува принципот на транспарентност во судовите и обвинителствата во БиХ”, заклучува тој.