Ракопис

Свадбата на Ристо Бицепс

Едночинки: Животот е фарса

Ликови:

РИСТО БИЦЕПС (45), набилдан ќелав маж

ПЕТРАНКА (65), наставничка во пензија, мајка на Бицепс

ДОБРИВОЕ (70), полковник во пензија, татко на Бицепс

(Сцената е уредена како стан. Има дневна соба, спална, бања и кујна. РИСТО БИЦЕПС е во бањата. Облечен е во панталони и бела долна маица на прерамки. Се бричи под мишка. Во дневната свири радио. Песната на радиото завршува, почнува да говори радио-водител.)

 

ГЛАСОТ ОД РАДИОТО: Бидејќи ѝ се смачило да бара совршен маж, фотографката Грејс Гелдер самата себеси си предложила брак, на клупа во парк, а потоа организирала свадба за 50 гости и станала прва личност во Велика Британија која е во соло брак. Како што тврди самата, немала никого во нејзиниот живот веќе шест години, а за тоа време единствена личност која секогаш била тука за неа и со која остварувала супер однос е самата таа. Едноставно, во самата себе ја пронајде личноста со која ќе биде до крајот на животот.

 

(Ристо Бицепс нервозно оди кон дневната соба.)

 

ГЛАСОТ ОД РАДИОТО: Инспирација добила од исландската пејачка Бјорк и нејзината песна „Исобел“, која зборува за девојка која се омажила самата за себе. Во таа чест ја слушаме Бјорк со песната…

 

(Ристо Бицепс го треснува радиото, тоа се исклучува.)

 

БИЦЕПС (кон публиката): Напишав сценарио за краток филм. Може да ви го раскажам? Пази сега. Прва сцена. Екстериер, аеродром – ден. Аеродромска писта. Авион слетува, други авиони чекаат за полетување. Втора сцена. Ентериер, аеродромска зграда – ден. Внатре во аеродромската зграда, педесетина луѓе од последниот лет го чекаат својот багаж. Кому како му стигнува куферот, го зема и тргнува кон излезот. Во аеродромска зграда од звучниците оди инструменталната музика. „Елено ќерко“ на гитара во изведба на Влатко Стефановски. Повремено е прекинувана од женски глас кој го најавува доцнењето на следното полетување, како и доцнењето на слетувањето, ги повикува патниците да се упатат на чекирање, дава информации за полетувања, слетувања и за доцнења. Бабичка на свои 75 години, облечена како благородничка, стои покрај подвижната лента со куфери. Меѓу скапите куфери и патнички торби, има и една црвена спортска торба со клупски ознаки на „Манчестер јунајтед“. Бабата ја зграбува спортската торба со амблем на „Манчестер јунајтед“ и тргнува кон излезот. Одејќи се снима со својот ајпад. Дознаваме дека е репортерка на магазинот Worldwide Weddings, за оние што не знаат енглески, тоа е магазин за свадби. Пази сега. Паралелно дејство. Екстериер, автомобил Фиат 1300 со голема брзина се движи по булевар. Брзинометарот покажува 100 км. на час. Вози Петранка Величковска (65), нервозно мавта со рака, мрмори, пцуе. До неа е Добривое Величковски (69). Облечен е во офицерска униформа. Со страв ја гледа, се обидува да ја смири со рацете. Петранка му вели: Вози, кретену, зелено ти е, баба ми да не ја чекаш! Добривое на тоа смирено: Полека, Петранке, нигде не брзаме. Но, Петранка е нервозна: Ти да ќутиш кога возам! Автомобилот како во слалом ги поминува другите автомобили од лево и од десно. Поминува на црвено, фаќајќи ја кривината едвај, со голема брзина и со чкрипење на гумите. Добривое: Малку на црвено како да… Петранка: Ќуте бе! Ради тебе е све ова! Три пути го пеглаш оделото од сабајле!

 

(Ристо Бицепс оди во спалната, се гледа во огледалото закачено на ѕидот. Застанува во бодибилдерски пози пред огледалото. Се истегнува, си ги проверува мускулите на рацете, на градите, на стомакот. Потоа неколку секунди се гледа в очи, па страсно се бакнува себеси во огледалото. Бакнежот го прекинува силно тропање на врата.

Ристо Бицепс отвора врата. Влегува ДОБРИВОЕ. Ја симнува офицерската капа. Отсечно, ја става десната рака на десна слепоочница во знак на војнички поздрав.)

 

ДОБРИВОЕ: Пуковник у пензији Добривое Величкоски, пооо-здрав! (Влегува во станот со војнички чекор.)

 

БИЦЕПС: Здраво тато.

 

(По него влегува и ПЕТРАНКА, со рацете прави гестикулации со кои покажува дека Добривое се мрднал.)

 

ПЕТРАНКА: Пак го фатија будалите. Едвај стасавме.

 

(Седнуваат во дневната. Бицепс седи на чело на трпезариската маса. Петранка замижува и мириса со задоволство.)

 

ПЕТРАНКА: Нешто морско. А?

БИЦЕПС (се сепнува, заборавил): Да, бе…

 

(Станува и оди во кујната. Се враќа со кутија за пица. Ја отвора пред нив. Добривое и Петранка ја мирисаат одблизу, многу одблизу, со носевите речиси зариени во пицата.)

 

БИЦЕПС: Фрути ди маре.

ДОБРИВОЕ: Добро мириса?

ПЕТРАНКА: Смрди, од кај е?

БИЦЕПС: Тоше Мрсул отвори пицерија. Му пропадна сервисот за коли.

ДОБРИВОЕ (вади шраф од пицата, ја фрла на подот од плочки): Шо има везе, добра е.

БИЦЕПС: Ќе се напиете нешто?

ДОБРИВОЕ: За мене кока-кола и дамата што ќе се напие.

ПЕТРАНКА: Пиво!

 

(Бицепс пак влегува во кујна, во оф отворање на фрижидер, тропање на шишиња, доаѓа со пластична кока-кола од пола литар и две скопски.)

 

ПЕТРАНКА: Бицепс, треба да се ожениш. Не можеш вака нон-стоп на цврста храна. Ќе ти се ебе столицата, тврдо ќе ми какаш, сине. Треба некој да ти зготви, да те испере…

БИЦЕПС: Ќе правам свадба!

ПЕТРАНКА (се крсти): Фала богу, фала курцу.

ДОРИВОЕ (разнежнето): Љуби га тата.

ПЕТРАНКА (вади мобилен): Кажувај, која е фуфата да ја барам за френд на Фејсбук.

БИЦЕПС: Нема фуфа!

ПЕТРАНКА, ДОБРИВОЕ: Педер си?

БИЦЕПС: Ќе се земам со себеси!

ПЕТРАНКА: Не сери, бре!

ДОБРИВОЕ: Ајде сега, Петранке, детето си направило избор.

ПЕТРАНКА (кон Добривое): Ти да ќутиш!

ДОБРИВОЕ (со војнички поздрав): Разумем, друже генерале!

ПЕТРАНКА: Знаев дека ова со селфијата ќе нѐ одведе сите у бестрага! Сакам бре жена да ти влезе у куќа, задњи воз да фатиш, магаре едно, 45 години имаш! Сакам, бе, Бицепс, сакам баба да станам. (Гласот од строг постепено ѝ станува плачлив, почнува да плаче.) Како ќе добијам внуче…

ДОБРИВОЕ (утешително): Де, де, како, ќе си посвојат, ма, Петранке.

ПЕТРАНКА: Ти да ќутиш, вампир еден!

ДОБРИВОЕ: Разбирам, друже генерале!

БИЦЕПС (одлучно): Јас решив! Вие како сакате.

 

(Петранка луто станува од масата и излегува, Добривое со рацете му се извинува на Бицепс и трча по Петранка.)

silentinfinite-via-foter-cc-by-nc-sa

Фото: silentinfinite via Foter

БИЦЕПС: Екстериер, скопски улици – ден. Бицепс, то ест јас, возам велосипед. Со едната рака управувам, со друга го држам огледалото. Оди телоп: Свадбата на Ристо Бицепс. Оди шпицата на филмот.

 

(Ристо Бицепс тука прави пауза, оди си зема парче пица од масата, па се враќа на просцениумот, зборува и јаде.)

 

 

БИЦЕПС: Екстериер, Градски парк – ден. Бицепс се шета по патчињата во паркот. Со десната рака го има прегрнато огледалото. Има заљубен и сериозен израз на лицето. Луѓето со кои се разминува зачудено го гледаат. Бицепс сите учтиво ги поздравува со „Добар ден“. Прашува едно момче во спортска опрема колку е часот. Момчето му одговара дека е два часот. Бицепс му вели на огледалото: Таман сме на време. Со левата рака му лепи бакнеж на огледалото. Во тој момент девојка на некои 35 години, со која се разминува, одеднаш му влепува шлаканица. Девојката плука во огледалото. Девојката: Ѓубре едно промискуитетно! Која ти е оваа ороспија! – се дере и покажува на огледалото. Бицепс кратко одговара: Ја сакам. Девојката револтирано заминува. Бицепс неколку секунди чекори со загрижен израз на лицето. Потоа драматично застанува и се врти кон огледалото. Вади марамче и ја забришува плунката. Му вели на огледалото: Моето срце е твое. Таа беше само мала авантура од минатото. Следна сцена ентериер, ресторан – ден. Бицепс со огледалото влегува во ресторанот. Го пресретнува келнер. Келнерот: Каде сакате да го оставиме огледалото? Бицепс: Со мене е. Келнерот, зачудено: Мислев, да не се скрши… Бицепс, строго, заканувачки: Реков, со мене е! Бицепс нарачува пица. За Огледалото цезар салата. Екстериер – Градски парк – ноќ. Панорама на Градскиот парк ноќе. Дедо шета куче. Дечко и девојка се љубат на клупа. Две девојки возат ролерки. Ентериер, ресторан – ноќ. Бицепс си ја дојадува пицата. Си ги брише рацете со салфета. Испива долга голтка вино. Ги става рацете под маса. Буричка по џебовите. Станува. Се претресува. Прави блажен израз на лицето. Од десниот преден џеб вади кутиче за накит. Го става на масата. Го отвора. Прстен. Бицепс на огледалото: Омажи се за мене. Чека десетина секунди. Потоа со заљубен поглед и насолзени очи полни со исчекување се гледа себеси во огледалото, а за тоа време неговиот глас оди во voice over: Добро, не мора веднаш да одлучиш… Знаеш, ние се знаеме веќе 45 години. Мислам дека ни јас не можам без тебе, ни ти без мене. Тоа досега сигурно и ти го имаш сфатено. Сѐ што е мое е и твое. Ние сме како една душа во две тела, дури е можно да сме и едно тело. Долго време ми требаше да сфатам дека никој во животот не сум сакал како тебе. Ти си ми сѐ. Кога гледам во тебе како да гледам во себе. Сѐ што правев во животот, правев за ти да си среќен. Нашата заедничка иднина нема алтернатива. Ти и јас… Тоа е безусловна љубов. Сум имал и многу девојки. Но, ниедна не сум ја сакал како тебе… Па… ќе се омажиш ли за мене? Во огледалото се гледа стегнатата тупаница на Бицепс. Палецот од тупаницата полека се одвојува од другите прсти и се крева нагоре во знак на одобрување. Бицепс: Јес! Срипува од столот, целата кафеана гледа во него. Ова е најсреќниот момент во мојот живот! Келнер! Му покажува да донесе уште едно шише од виното. После идеме контраст – ден. Ентериер, кафиќ на плоштад. Прво гледаме панорама на плоштадот. Гужва, луѓе, повеќето брзаат, во разни правци, други се движат побавно на прошетка, туристи се сликаат пред спомениците. Во кафиќот, бабата-новинарка Вероника Јанг седи на една од масите во преполниот ресторан. Врти слики од свадби со прстот на ајпадот. Па пак се враќаме овде дома, демек поминало време, може и телоп да има неколку месеци подоцна.

 

(Силно тропање на врата. Ристо Бицепс отвора врата. Влегува татко му. Повторно е облечен во офицерска униформа. Ја симнува офицерската капа. Отсечно, ја става десната рака на десна слепоочница во знак на војнички поздрав.)

 

ДОБРИВОЕ: Пуковник у пензији Добривое Величкоски, пооо-здрав! (влегува во станот со војнички чекор)

БИЦЕПС: Здраво тато.

 

(Добривое го бакнува Бицепс во образот и му шепоти.)

 

ДОБРИВОЕ: Уште е лута, ама почнува да прифаќа.

 

(По него влегува и Петранка, Бицепс се мести да го бакне во образот, таа одмавнува со раката.)

 

ПЕТРАНКА: Уште сум ти лута.

 

(Седнуваат во трпезаријата. Бицепс седи на чело на трпезариската маса. Петранка замижува и мириса со задоволство.)

 

ДОБРИВОЕ: Синко, ние сакаме да ти кажеме дека те поддржуваме. На мајка ти не ѝ е драго, ама се помири некако. Син си ни, што да правиме.

ПЕТРАНКА: Ќе умрам од срам на свадбата, не викам никого од моја страна, да си знаеш.

ДОБРИВОЕ: Ајде Петранке, не претерувај. Подобро да се ожени за себе, отколку да остане цел живот сам. (На Бицепс) Ќе ѝ помине.

ПЕТРАНКА (кон Добривое): Ти да ќутиш! (На Бицепс) Убаво мириса.

БИЦЕПС (се сепнува, заборавил): Да, бе…

 

(Станува и оди во кујната. Се враќа со кутија за пица. Ја отвора пред нив. Добривое и Петранка ја мирисаат одблизу.)

 

ДОБРИВОЕ: Мммм, капрезе?

ПЕТРАНКА: Капричиоза?

БИЦЕПС: Маргарита.

ДОБРИВОЕ: Од кај Мрсулот?

БИЦЕПС: Не. Од кај Даре Гомното. Мрсулот го затвори санитарна.

ДОБРИВОЕ: Добро мириса.

ПЕТРАНКА: Од кај Гомното е, како сакаш да мириса.

БИЦЕПС: За пиење?

ДОБРИВОЕ: За мене фанта и дамата што ќе се напие.

ПЕТРАНКА: Пиво!

 

(Бицепс пак влегува во кујна, отвора фрижидер, доаѓа со лименка фанта и две скопски.)

 

ПЕТРАНКА: Нешто си ми тужен, кој ташак ти е сега?

БИЦЕПС (срамежливо): Свадбата… се одлага… (Тажно) Врската ни е во криза.

ПЕТРАНКА: Знаев! (Го крши пивото од под) Знаев дека пак ќе засереш! Да не е неверство у прашање? Ако е неверство тури му пепел!

ДОБРИВОЕ (смирувачки): Ќе се смират децата, ма Петранке, ти па одма на најлошото помислуваш.

БИЦЕПС: Не е неверство.

ПЕТРАНКА: Туку?

БИЦЕПС: Непомирливи разлики.

ПЕТРАНКА: Со себе непомирливи разлики!? Ти реков жена да си најдеш!

ДОБРИВОЕ (саркастично додека со метла го собира стаклото од искршеното пивско шише): А, јас па, оти жена си најдов гледам супер ми е.

ПЕТРАНКА: Ти да ќутиш!

ДОБРИВОЕ: Разбирам, друже генерале!

БИЦЕПС (крајно резигнирано): А и покани испечативме.

ПЕТРАНКА: Како знаете да се смирите, јас покани не враќам назад!

 

(Петранка луто станува од масата и излегува, Добривое со рацете му се извинува на Бицепс и трча по Петранка. Бицепс тажно зема парче пица, седнува на просцениумот и раскажува.)

 

БИЦЕПС: Екстериер, клупа пред зграда во Автокоманда – ноќ. Бицепс седи на клупата. Замислен е и тажен. Му приоѓаат двајца. Едниот е метро и жилет, другиот метро и два жилета. Облечени се ко панкери, се однесуваат ко хулигани. Првиот: Ти си тој со огледалото? Бицепс ништо не одговара. Пак истиов: Јас сум Николче Модрица, ова е Драганче Штикла. У Автокоманда, јас сум главен, Томче е прв до првога. Дал е до овде јасно? Ако не е, да појасниме: лезбејки дупам, педери тепам, травестити убијам, а шо да им праам на нарциси шо се ебат со огледало, еве ти кажи. Бицепс станува до клупата. Повисок е од нив најмалку за една глава. Овој шо се претставува ко Штикла: Повеќе би можело да се каже дека му прилега улогата на Златоуст отколку на Нарцис. Додека Нарцис е човек на рационалниот аскетизам, Златоуст е човек на љубовната сетилност. Оваа спротивност е суштината на нивната длабока врска. Не е наша цел да се споиме еден со друг, да се идентификуваме, треба само да постоиме со разбирање и вреднување на различното, нашата контрадикција ќе значи и обострано надополнување, ќе напише Хесе во име на еден од своите ликови. Мислам Златоуст беше. Модрица: Не, сепак, мислам дека тоа е Нарцис. Зашто основното прашање што тој си го поставува е дали да го бара правилното или да го бара убавото… Сети се дека… Штикла: Не, ова е тотално бесмислено. Нарцис е монах, вдахновен учител, мудар мислител, аскет. Златоуст, пак, е ученик, уметник, секогаш свртен кон чувствата. Не можеш да го споредиш овој Нарцис со тој од митот… Модрица на тоа: Ти ќе ми кажеш, три пути сум ја читал. Вади пиштол-плашливец и божем го убива. Серко еден! На Бицепс: Другар, извини за гужвава пред влез. Нема да се понавља, обеќавам. Да не имаш сто денара? За лекови ми се. Вади и ноже скакач. Бицепс му ја фаќа раката, му го одзема ножето и почнува да ги млати двајцата.

 

(Станува и оди во бањата. Почнува да се бричи. Му зборува на огледалото.)

 

БИЦЕПС: Организирав и свадбено патување. Од соништата. Замисли си: Струга. Езеро. Зајдисонце. Хотел „Изгрев“. Само јас и ти. Поп Сталин, најбољи војнички друг на Добривое, ќе нѐ венча. Имале тајна тарифа за лезбејки и педери. Ќе смислат нешо и за нас селфијаши. (Си го плакне лицето од пената за бричење врз лавабото. Се исправа. Си намигнува во огледалото.) Ќе те возам со педаљинка.

 

(Бицепс се облекува во свечено одело. Става вратоврска. Го вклучува радиото. Свири валцер на Штраус. Бицепс танцува со огледалото. Силно тропање на вратата.

Бицепс отвора. Влетува Добривое. Во свечен костим е наместо во униформа.)

 

ДОБРИВОЕ: Побрзај сине, глупо е да доцниме, што ќе помислат сватовите.

 

Влегува и Петранка.

 

ПЕТРАНКА (кон Добривое): Кои сватови, морону еден! (На Бицепс) Бицепс, ги научи чекорите, бе? Немој да си ме обрукал пред луѓето. Нема друга прилика за први утисак, јасно!

 

(Тројцата излегуваат. Сцената се затемнува, па по неколку секунди пак се осветлува. Влегува Бицепс. Уморен. Краватата му е полуодврзана. Грозно изгледа. Го соблекува костумот, си облекува пижами. Во пижами седнува на просцениумот.)

 

БИЦЕПС: Како пројде свадбата? Свадба ко свадба, парада пијанства и кича. Онаа новинарката, бабата, опкружена со блех-оркестар од Роми кои свират и пеат. Им реди илјадарки во инструментите. Дрнда нешто на тоа ајпадот, дека сѐ било амејзинг. Пола сала е преполна, другата половина е празна. Пејачот на бендот чита на микрофонот од лист хартија кој што поклон донел. Почнува да трешти „Зете, мили зете“. Петранка го води орото. Весела е, игра во транс. До неа Бицепс пробува да ги фати чекорите, не многу успешно. Следна е „Долго време ерген одев“, сега Добривое води. До него е Петранка. Потоа се свири Пајдушкото оро, го водат двајцата панкери од Автокоманда – Модрица и Штикла, до нив е Вероника Јанг, па Петранка која со омраза ја глед Јанг, па Добривое… Во оф се слуша истрел од пиштол, кршење на стакло, пискање на жени. Музиката запира. Огледалото е парчосано. Бицепс сѐ уште го држи пиштолот во раката. Раката му се тресе. Петранка дотрчува, паѓа на колена до огледалото, лелека. Зошто бе синко, зошто? Зетееееее! И Добривое доаѓа, од шок му испаѓа лименката со спрајт од рацете.

 

(Бицепс станува, оди кон спалната, па се враќа со пиштолот на просцениумот. Го празни од куршуми.)

 

БИЦЕПС: Зошто? Не можев да поднесам никој друг да се огледува во него! Сакав да ми припаѓа само мене! Ако не можам да го имам само јас, нема да го има никој!

 

(Оди пак кон спалната, па пак се враќа.)

 

БИЦЕПС: Бабата од World Wedding Magazine кидна. Ние сме биле лудаци. А тие таму, демек, нормални. Нарцизам, тоа ти е Западот. Ние овде барем задржавме човечност, вредности некои… Ентериер, сала за свадби во ресторан. Гледаме парчиња стакло и Бицепс како седи на стол во празната сала. Бендот почнува да свири посмртен марш. Оди одјавна шпица на филмот.