Истражувањa

Тајните хонорарци во Владата

Што се крие зад фактурите за договорни услуги од Владата

Граѓаните знаат колку кафе или вода испиле премиерот или министрите, рече неодамна во интервју за српската телевизија N1, премиерот Зоран Заев. Тоа, како што појасни, било знак дека Владата и министерствата се отворени и отчетни пред граѓаните и оти имаат контрола над буџетските трошења.

Оваа висока самооценка за транспарентноста на премиерот не е изолирана. И други владини претставници постојано говорат дека Владата е oтчетна и дека тоа е една од нивните стратегиски заложби. Таква беше изјавата на министерот Оливер Спасовски, кој говореше за „широка и обврзувачка транспарентност“.

Но, овие изјави се како лакмус. При најмала проверка, лесно може да ја променат бојата и да покажат спротивна состојба.

Истражувајќи што исплаќа Владата, БИРН преку Барање за слободен пристап до информации од јавен карактер ги доби сите фактури што биле исплатени преку авторската агенција „Артпицк“ за декември 2020 под ставката други договорни услуги.

Наодите покажаа дека Владата со над 250 вработени во Генералниот секретаријат, дополнително лани во декември ангажирала 58 луѓе, ама за разлика од вработените што се наведени со име и презиме, овие хонорарци се скриени, па, и покрај сите декларирани заложби за транспарентност, Владата инсистира тие да останат – анонимни.

Станува збор за хонорари, кои вкупно за еден месец изнесуваат над 37 илјади евра. Во нив спаѓаат ангажмани како: пишувач на соопштенија од пресови, пишувачи на разни студии, организатор на продукција, советник за борба против ковид-19, графички дизајнер, монтажер, советник за геодезија, советник за европски интеграции, преведувачи…

Делата за кои се ангажирани лицата ги добивме откако Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, оцени дека тоа е јавен податок и Владата нема основа да го сокрие.

Конто 425990

Над милион евра исплатени за две години за други договорни услуги | Oтворени финансии

„Стручен труд: Изработка на физибилити студија за ЈПП за фотонапонска електрана во РЕК Осломеј и обезбедување техничка помош за спроведување постапка за избор на приватен инвеститор“.

Ова е еден од долгите називи на авторски договор за кој Владата во декември на двапати исплатила 90 илјади денари. Авторите што ги добиле парите не се познати, бидејќи и Владата и Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации проценија дека станува збор за „личен податок“.

Аргументот дека станува збор за јавни пари, што ќе рече за исплати од Буџетот кој се полни од граѓаните, не беше доволен ниту за Владата, ниту за Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер.

Само за споредба, бидејќи станува збор за јавни пари, секој граѓанин кој добил поврат на ДДВ, па дури тој да е и 20 денари со име и презиме е објавен на сајтот „Отворени финансии“.

Заштитувајќи ја „приватноста“ Владата под контото 425990 што се води како „други договорни услуги“  во декември 2020 исплатила 58 фактури. Се чини дека оваа ставка е широко сметководствено покритие за под тој назив да се исплаќаат хонорари за разни услуги.

Потврда за тоа е што само за две години, односно од 2019 до 2020 година, преку ова конто се исплатени над еден милион евра.

Проверката на БИРН покажа и дека износите на овие месечни фактури се повторуваат. Па така, не само во декември 2020, туку и во годините претходно и во месеците потоа, исти или слични износи биле исплаќани за оваа ставка.

Ангажираните лица го анализирале и го истражувале антикорупциското законодавство и политиките во државата, давале стручни советодавни консултации од областа на правото и во други области.

Милион евра за две години за други договорни услуги

За други договорни услуги во 2019 и во 2020, Владата на авторската агенција „Артпицк“ ѝ исплатила над еден милион евра за различни услуги.

По 67.500 денари, односно 33.750 денари биле исплаќани и за компјутерска апликација за сервис, одржување и конфигурирање информатички системи за потребите на Генералниот секретаријат на Владата.

За консултации и совети за надминување на кризата предизвикана од ковид-19, некој добил хонорар од 30.375 денари. На оваа листа е и претседателот на Советот за информациски и комуникациски технологии, кој добил 67.500 денари.

Толкав хонорар зел и некој што ја советувал Владата за правни прашања за потребите на Генералниот секретаријат.

Екстра пиаровци

Повеќе ангажирани за пиар, поради повеќе работа | Фото: Flickr на Владата

Toa дека владата „ја опслужува“ мини-армија ангажирани лица во делот со пи-арот и медиумите се актуализира во првиот мандат на СДСМ од 2017 година, кога медиумите објавуваа податоци за бројот на ангажираните лица во овој сектор.

Оваа пракса е непроменета. Во Генералниот секретаријат на Владата има Сектор за односи со јавноста со четири одделенија и 17 вработени.

Дополнително во Кабинетот на премиерот за ангажман поврзан со медиуми работат уште неколкумина: советник за медиумски реформи, советник за дигитални комуникации, советник за информативни активности, раководител и помошник-раководители на секторот и одделението за односи со јавност, како и соработник за односи со медиуми.

Во секторите за медиуми се вработени вкупно дваесетина. Но, тие не се доволни. За потребите за „односи со јавност“, Владата во декември ангажирала уште 24 лица.

Сè укажува на тоа дека станува збор за редовен ангажман, кој месечно се повторува и исплаќа, иако ангажирањето хонорарни соработници се објаснува со „зголемен обем на работа“, односно, како што ни одговорија од Владата, поради „далеку поголемиот квантум на информации што се објавуваат на дневна база“.

Токму затоа процениле дека се неопходни „повеќе и поспецифични човечки ресурси, кои ќе овозможат континуирано висок степен на транспарентност и достапност на информации“. 

Но, таквата транспарентност ја снемува кога се поставува прашањето кои се тие што се грижат за „континуирано висок степен на достапност на информации“.

На прашањето зошто не ги објават имињата на оние што се хонорарно ангажирани, од Владата – наместо одговор, добивме изјава дека во целост се придржуваат до „Стратегијата за транспарентност и до препораките од Греко“.