Тајно гласање за јавен срам

Коментар на Васко Маглешов

Којзнае што си помисли полскиот судија кој вчера беше на седницата на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, на која, Ирина Трајкоска-Стрезоски, беше избрана за нова директорка, кога слушна како претседателот на ова тело, судијата Беким Мехмеди, само што почна расправата, веднаш побара пауза.

Верojатно затоа, судијата, кој инаку е во Македонија во проект на Делегацијата на Европската унија за владеење на правото, збунето ме праша што се случува. Па на шега му реков дека изгледа ќе гледаме натпревар со „тајмаут“.

„Барам пауза од 15 минути за да може евентуално да дискутираме по однос на начинот и утврдувањето на начинот како би ја извеле целата таа работа“, говореше збунето Мехмеди и како да сакаше што поскоро да ги „избрка“ присутните новинари од салата.

Судијата-гостин чекаше еден час надвор заедно со обезбедувањето на дојдените функционери и со новинарите, за деветтемина членови на Управниот одбор да ја „утврдат процедурата“ како ќе гласаат за пријавените кандидати, иако при досегашните избори, веќе е воспоставена пракса како се гласа.

Мехмеди ја даде паузата по само 10-тина минути од почетокот на седницата. Никој од членовите не го праша, уште помалку му се спротистави дека паузата е всушност работа зад затворени врати. А „на пауза“ остана само јавноста.

Според Стaтутот на Акадeмијата за судии и јавни обвинители, одлуките на седниците на Управниот одбор, Програмскиот совет, Комисијата за приемен испит, Комисијата за завршен испит и Комисијата за ревизија се донесуваат по пат на јавно гласање.

И додека чекавме во ходникот, можевме повремено да чуеме високи тонови од салата во која седеа членовите на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, меѓу кои четворица судии и четворица обвинители и претставничката на министерството за правда.

Кога се вративме, најмалку што очекувавме е дека ќе гледаме хумореска, во која, претседателот на Управниот одбор, со „амин“ од сите членови ни соопшти дека договориле сценарио: Секој од нив да добие едно ливче и да може да заокружи колку кандидати сака.

Изборот на директор на единствената институција што регрутира идни судии и јавни обвинители, де факто, беше претворен во политички избор, бидејќи, гласањето, наместо јавно, како што нормира членот 9 од Статутот на Академијата, всушност беше тајно.

За споредба, изборот на претходната директорка, Наташа Габер-Дамјановска, беше со јавно гласање и со кревање рака.

Вчерашната претстава беше во режија на Мехмеди, тој ставаше печати и потписи на „избирачките ливчиња“, и ги најавуваше и одјавуваше сесиите.

Еден час за процедурата, нула минути за дискусија

Примопредавањето на „избирачките ливчиња“ | Фото: БИРН

Дискусија за кандидатите немаше. Немаше ниту образложение зошто се гласало за кандидатката Трајкоска-Стрезоски што беше избрана. Во Законот и во Статутот не пишува дека мора да се образложат одлуките, но вчера не се избираше претседател на куќен совет, туку прв човек на многу важна институција за владеењето на правото, па оттука важно е кој ќе застане на чело на Академијата.

На крајот, на седницата еден час зад затворени врати членовите говореле за процедурата, а на јавната седница посветија 17 минути за изборот на нов директор. Со други зборови, двапати повеќе време се потроши за формата, а ниту една минута за суштината, бидејќи и тие 17 минути, беа потрошени на броење гласови, а не за аргументи како да се избере најдобриот.

Мехмеди ѝ честиташе на избраната од името на сите членови и си отидоа.

Замислете да читате само пресуда без образложение, или обвинение без дејствија. Е токму таков беше вчерашниот избор во АСЈО и начинот на кој што беше изведен отвора простор јавноста да се сомнева дека имало натегања околу тоа кој член за кого ќе гласа.

Не чувме, на пример, дали било пресудно тоа што новоизбраната директорка, Трајкоска-Стрезоски, експресно напредувала и само четири години откако била избрана за основна обвинителка во 2009, била унапредена во виша обвинителка во 2013.

Партијата што била на власт кога Трајкоска-Стрезоски била унапредена во виша обвинителка, ВМРО-ДПМНЕ, случајно или не, е истата партија што и денес е на власт, кога неа ја избраа за директорка на Академијата за судии и јавни обвинители.

Во јавноста уште минатата недела почнаа да се плетат шпекулации дека таа е омилениот кандидат на власта и влегува со силно лобирање во изборот за директор на Академијата.

Тоа се прашања кои заслужуваа да се дебатираат на седницата, што впрочем е улогата на членовите кои се платени да дискутираат и да го изберат најдобриот менаџер на институцијата.

Дека над изборот лебди непријатност не беше доказ само вчерашната седница и фацијалните експресии на некои од членовите на Управниот одбор. Таа седница беше одложена од минатата недела, кога поради отсуство на претставничката од Министерството за правда, изборот пропадна.

Објаснувањето зошто се одлага седницата беше затоа што телото треба да одлучува „во полн состав“. Но, тоа не е точно. Минатата недела беа присутни 8 од 9 члена на Советот, и имаа мнозинство гласови и можеа да одлучат. Според објаснувањата на присутните се обидувале да избегнат сценарио во кое кандидатите може да добијат „парен број гласови“.

Технички, парен број гласови кандидатите можеа да добијат и вчера, поради можноста еден член да гласа повеќе пати.

Статутот на Академијата е јасен: Управниот одбор донесува одлуки „со мнозинството гласови од вкупниот број членови“.

Mинатиот четврток, кога членовите, без јавноста, се изјасниле за кого ќе гласаат, друг кандидат имал најмногу гласови. Но, еден од членовите на одборот им дал „ишарет“, да не брзаат и „да преспијат“!?

Вчерашниот избор е зрел за тужба пред Управниот суд, затоа што одлуката за избор на директор е донесена спротивно на Статутот на Академијата, и за жал многу потсетува на кабадахиското преземање на Судскиот совет, кога беше разрешена Весна Дамева, надвор од процедурите.

На почетокот од седницата, членот на Управниот одбор, Ермон Незири, рече дека сите кандидати се добри, и дека ќе одлучуваат нијанси.

За жал, нијанси не видовме.

Впрочем, не видовме ништо, освен анонимно и техничко гласање сведено на заокружување ливчиња.