Истражувањa

Кандидати го оспоруваат психолошкиот филтер за судии и обвинители

Најголемиот губитник е довербата во процесот на избор

Единствената порта за да се стане судија или обвинител во Македонија е преку Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Друг пат – нема.

Oние што сакаат да делат правда или да гонат криминалци, мора да поминат неколку филтри на проверка. Освен правен факултет, искуство и познавање странски јазик, на патот им се поставени и две големи „рампи“, психолошки тестови и тестот за интегритет.

Тие „барикади“ се на самиот почеток на селекцијата, a целта е уште од старт за судии и обвинители да поминат само тие што совесни, етични и непоткупливи.

Ако кандидатот не го помине макар едниот од овие тестови, колку и да e добар правник, може да се збогува од судиското или од обвинителското столче, или барем да чека следен оглас и повторно да конкурира за упис во Академијата.

БИРН разговараше со такви кандидати. 

Нивните сведоштва ги засноваат на фактот дека ова се единствените тестови за кои не е дозволен приговор, ниту им се дозволува да направат увид во напишаното. Или, со ситуација, во која, кандидат една година го поминува тестот за интегритет, а веќе следната година неговиот интегритет „не задоволува“.

Еден од нив се сомнева дека овие тестови, наместо за вистинска проверка на психата и интегритетот, служат за „елиминирање“ кадри, односно како метод за фаворизирање.

Во проверка на нивните наоди откриваме дека идните судии и обвинители, всушност, полагаат психолошки тестови што не ги одобрила Комората на психолози како стандардизирани тестови. За нивното одобрување тлее невидлива и тивка „војна“ меѓу Академијата и Комората на психолози.

А во неа најголем губитник е довербата на кандидатите во процесот на избор.

Имал интегритет, па за една година го „загубил“

Седница на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители | Фото: БИРН (август, 2022)

Кандидат за почетната обука во Академијата, кој одлучи да зборува анонимно, раскажа дека во 2019 година конкурирал на огласот за слушатели. Претходно работел како стручен соработник во обвинителство. Ги поминал сите фази на проверка, но на крајот не се нашол на конечната листа.

„На тоа не се лутев. Има ограничен број места“, се присети соговорникот на БИРН на тоа што се случувало пред речиси пет години.

Сепак, со веќе стекнатото искуство во полагањето одлучил да се пријави повторно. Бил на високото седмо место на квалификацискиот тест, од каде што се добиваат и најмногу бодови на приемниот испит.

Мислел дека неговиот прием во Академијата е половина завршена работа, сè додека на мобилниот не ги проверил резултатите на веб-страницата. Таму не ја видел својата шифра кај тие што го поминале тестот за интегритет.

Бил во неверување од резултатите, па отишол во Академијата.

„Дајте ми да си го видам тестот“, им рекол. Одговорите што ги добил оттаму се дека не се дозволени ниту на увид, а уште помалку приговор против тестовите.

На психолошки тест „не се паѓа“

Психолошкиот тест, всушност, се состои од прашалник за односот кон работата, тест за спознавање (т.н. когнитивен тест) и тест на личност. На овие тестови „не се паѓа“, бидејќи не се тестови на знаење. Тестот на интегритет се состои од т.н. себепроцена за проверка на етичките и моралните вредности на кандидатите. Кај двата теста нема бодови, туку опис. Тестовите се спроведуваат под испитни шифри за да се оневозможи надворешно влијание. Прашањата се ажурираат за секој испитен циклус.

Тој за БИРН вели: „Jас не приговарав, туку само барав увид во тестот. Сакав да се уверам дека тоа е мојот ракопис“.

Вели дека му се вклучил „црвен аларм“, кога од стручната служба добил одговор, „видовме дека те нема на листата“, иако тестовите се полагаат под шифра.

Наместо да слуша обука во Академијата, почнал да се докажува со институцијата пред управните судови.

Академијата останала на своето. Го цитирала Законот каде што пишува дека тестовите се доверливи и дека нивното откривање би ја повредило приватноста.

„Барав увид во мојот тест, а не во тестот на останатите. Како можам да ја повредам мојата приватност“, вели нашиот соговорник, кој во меѓувреме станал адвокат. На менаџментот на Академијата им предочил дека има и активен безбедносен сертификат од највисоко ниво, „државна тајна“ издаден од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации што подразбира најстрога проверка на неговиот интегритет.

Во судската постапка што ја повел, сомнеж му разбудило тоа што за неговиот предмет одлучувале управни судии, кои добивале хонорари како предавачи ангажирани во Академијата за судии и јавни обвинители. Побарал нивно изземање, но судот на тој аргумент останал глув.

Лани ја тужел државата во Стразбур. Предметот ја поминал првата фаза на прием и тој очекува одлука во негова корист.

Убеден е во тоа дека, не само што му е ускратено правото на увид во тестот, туку и дека во спорот со Академијата не судел непристрасен суд. Се сомнева дека зад „елиминирањето“ кандидати во психолошките тестови постои можноста од „елегантно откачување“ на тие што имаат висок резултат на тестот за правно знаење.

Поради тоа, повеќе не се јавува на огласите на Академијата бидејќи не му верува на процесот на селекција.

Од Институтот за психологија, од каде што ги адаптираат психолошките тестови за Академијата, објаснуваат дека може да се случи, кандидатот што претходно го поминал тестот, следниот пат да не биде доволно фокусиран на одговорите и да не помине.

Може увид во сè, ама не и во тестот

Уште една судска постапка за недозволен увид | Фото: БИРН

Најчесто кандидатите што се борат да влезат во Академијата, се жалат дека биле оштетени за половина бод или бод на некое од прашањата на тестот на правно знаење. Но, има и други такви како првиот случај, во кој тужбата е за недозволен увид во психолошките тестови.

А.М. работи како стручна соработничка во суд. Таа поминала правосуден „ролеркостер“ во обидот да докаже дека има право да си го види психолошкиот тест.

Се зафатила да се жали пред судот. Причината за тоа била иста, увид во психолошките тестови.

Пресудата, за разлика од првиот случај, била делумно усвоена во нејзина полза. Вишиот управен суд ѝ наложил на Академијата уште еднаш да го разгледа нејзиното барање за увид во тестот.

Ѝ било дозволено да ги види другите документи, како што се распоредот за полагање на тестот, пликото на кое била потпишана, резултатите, извештајот за тестирање на кандидатите и записниците за полагање и за верификација на резултатите. Но, не ѝ бил овозможен увид во тестот.

Постапката стасала и пред највисокиот суд, но не завршила во нејзина полза.

Не се овластени за сопствената приватност

Увид во тестот мора да се дозволи, сметаат правниците | Фото: БИРН

Од Академијата, „забраната“ за увид ја оправдуваат со лиценциран договор, кој не дозволува „увид на никој што не е овластен за нивно користење“ и со член од Законот за психолошка дејност, кој пропишува дека психодијагностичките средства за тестовите „не може да се пресликуваат во целост или по делови или на кој било начин да се даваат на неовластени лица“. Целиот одговор на Академијата е достапен на следниот линк

Тоа толкување за правниците со кои разговараше БИРН е бесмислено.

Адвокатката Павлина Зефиќ уверува дека секој кандидат треба да има увид во своето лично досие, вклучително и во психолошкиот тест и тестот за интегритет.

„Во никој случај, кандидатот што го создал тестот и се однесува на неговата личност, социјални способности, етички и професионални кодекси, не може да се третира како неовластено лице и со ова образложение да му биде оневозможен увид во неговите тестови“, смета Зефиќ.

„Доколку ваков случај дојде до ЕСЧП, голема е веројатноста да биде констатирана повреда на правото на приватност гарантирано со Конвенцијата“, вели таа. Децидна е дека оневозможувањето увид во сопствениот тест е во директна спротивност со членот 8 од Европската конвенција за човекови права.

На иста линија со неа е и адвокатот Драган Гоџо. „Во конкретниот случај, одговорите на тестот се од кандидатот, а не од комисијата, па тој приговор не држи. Второ, правото на правен лек не може да се одземе по ниту еднa оснoвa. Трето, кога и кој ставил клаузула за класифицираност и со кое ниво“, вели тој.

Универзитетскиот професор по управно право, Борче Давитковски, за БИРН, не само што смета дека увид вo тестовите мора да биде дозволен, туку вели дека штом одреден кандидат во која и да е постапка, губи одредено право, законски има право и на приговор, независно што во Законот за АСЈО пишува дека кандидатите немаат право на приговор.

„Тоа се т.н. реални акти, кои се предвидени во Законот за општа и управна постапка и приговор е дозволен. Дури и самите известувања дали некој кандидат не е примен, имаат карактер на реален акт и за нив може да се поведе управен спор“, тврди Давитковски.

БИРН од свои извори дознава дека во рамки на Управниот одбор на Академијата за увид, во психолошките тестови веќе расправал и имало поделени ставови. На крајот, пресудило мнозинството членови дека увид во тестот не треба да се дозволи.

Но, недозволениот увид во тестовите е само еден проблем.

Исклучен од Академијата со поминати психолошки тестови

Тестовите треба да имаат механизам за да не ги „надитрат“ кандидатите | Фото: БИРН

Дополнителна дилема на кандидатите им се јавила за тоа дали и колку психолошките тестови реално го отсликуваат психолошкиот профил на кандидатот.

Повод за тоа е што во последната генерација студенти, еден од слушателите е исклучен поради исклучително лошо поведение, откако претходно Академијата го опоменувала, и на крајот му отворила дисциплинска постапка.

Кандидатите со кои разговараше БИРН прашуваат како е можно кандидатот да ги поминал психолошките тестови, а да биде толку „проблематичен“ до степен да биде целосно исклучен.

Одговорот на ова прашање што од професорите по психологија го добила Академијата е дека кандидатот давал „социјално пожелни одговори“, односно дека успеал на некој начин „да го пополни она што од тестот се бара“.

Универзитетската професорка Елеонора Серафимовска, пак, која е член на секцијата за психолошки тестови при Комората на психолози, за БИРН вели дека психолошките тестови мора да имаат „механизми за препознавање на ваквата тенденција за давање социјално пожелни одговори“. Давањето такви одговори не може сосема да се исклучи, но може да се минимизира, оценува таа.

Меѓународни тестови – со македонска етикета

Обврска на Академијата е да ги обезбеди психолошките тестови, кои треба да се меѓународно признати. Ама такви во Македонија немало, а и сè уште нема.

Од Институтот за акредитација, за БИРН одговорија дека „од страна на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија (ИАРСМ), нема акредитирани професионални институции што изготвуваат и спроведуваат психолошки тестови и тестови за интегритет.“

Тоа е и една од причините зошто Собранието во 2018 го укина членот од Законот, со кој беше избришан условот, државната администрација да полага психолошки тестови.

Со истиот проблем се соочила и штотуку формираната Академија во 2011.  Морало да се најде начин да не се блокира процесот поради немањето меѓународно признати психолошки тестови.

Решение се нашло преку МНР, кога била договорена соработка со холандска фирма, од која Академијата ги откупила правата за психолошките тестови. За тоа сведочат фотографии од тогашниот министер за правда, Михајло Маневски, се сретнал со Франк Ван Луијк, психолог, професор и директор на холандската Лабораторија за применета психологија, ЛТП.

Потоа Академијата го избрала домашниот Институт за психологија, кој ги адаптирал тестовите, како единствена установа што има психометричари. Во 2014 година биле изработени т.н. норми за толкување на тестовите за читање на добиените резултати.

Агонија во докажувањето стандарди за психолошките тестови

Примерок од адаптиран психолошки тест во РСМ | Фото-скрин: БИРН

Стандардизираниот психолошки тест е темелен метод за проверка, кој „се придржува до одредени однапред усвоени стандарди“, вели за БИРН, професорката Серафимовска.

Tаа тврди дека кај толкувањето на резултатите од стандардизираните психолошки тестови нема субјективизам. Кандидатите добиваат бодови на секое прашање, кои водат до одреден резултат. Тој резултат, пак, се споредува со просечните резултати, кои се добиени претходно со тестирање направено на репрезентативен примерок.

Серафимовска појаснува дека резултатите добиени од психолошки тест што не е стандардизиран може да бидат проблематични, односно непрецизни.

„Психолошките тестови мора да поминат неколку ригорозни фази на проверка, во кои ќе се докаже дека го мерат она што велат дека го мерат и дека тие се стабилни, веродостојни…“.

Магла над истрагите за полагањето во Академијата

Речиси шест години нема обвинителска разврска за аферата со фалш сертификатите за англиски јазик од 2017 година. Засега нема исход ниту за предистрагата за евентуална злоупотреба на електронскиот софтвер на фирмата „Инвока“ во полагањето на прашањата. Предметот е во предистрага. „Се преземаат дејствија и проверки“, велат од Обвинителството за БИРН.

На пример, нормите за психолошкиот тест на личност НЕО-ПИ-3, изработен од Серафимовска и од професорката Маријана Марковиќ, има речиси 90 страници.

На веб-страницата на Комората на психолози има четири стандардизирани психолошки тестови во државата. Но, ниту еден од нив не полагаат кандидатите за судии и јавни обвинители. Тоа значи дека тестовите не се стандардизирани според Правилникот на Комората од 2018 година.

На прашањето на БИРН дали тестовите што ги полагаат кандидатите се одобрени од Комората на психолози, Академијата одговори: „одобрувањето е во тек“.

А тоа „во тек“ не е од сега.

Професори од Институтот за психологија што работеле на адаптирање на тестовите кажаа дека Комората на психолози побарала од Академијата да докаже дека тестовите што ги користи се стандардизирани во согласност со Правилникот што самата Комора го донела. По ова, професорите поднеле елаборати за тестовите да добијат одобрение за стандардизација, односно да бидат вклучени во пописот на посебно заштитени психолошки тестови.

Но, секцијата за психолошки тестови при Комората ги одбила. Професорите велат дека причината е тоа што им ги барале тестовите, кои не можеле да им ги дадат.

„Психолошките тестови и тестовите за интегритет се во сопственост на Академијата, а правото за користење е откупено врз основа на лиценциран договор склучен со ЛТП, проф. Кеесомлаан во Амстелвеен, Холандија 2011 година. Врз основа на тој договор, тестовите не можат да бидат дадени на увид на никој што не е овластен за нивно користење. Тие се за интерна употреба – не можат да се користат за други цели“, велат од Академијата.

 Од Институтот се сомневаат на тенденциозност на Комората. „И други институции користат нестандардизирани психолошки тестови, но проблем видоа само во Академијата“, ни кажаа од Институтот за психологија.

Дали (да) траат резултатите

Предлог-законот што чека во парламентот првпат изречно забранува увид во тестовите | Фото: БИРН

Иако не станува збор за тест на знаење, од Академијата велат дека прашањата на психолошките тестови се ревидираат, „со што е можно да има промена во резултатите кај кандидатите од една во друга генерација“.

Професорите од Институтот за психологија, пак, сметаат дека оние кандидати што веќе еднаш ги положиле психолошките тестови, повторно не треба да ги полагаат.

Академијата е тврдо против оваа идеја.

Консултирале, како велат, во одговорите на прашањата на БИРН „и други психолози“, кои им објасниле дека „состојбата на кое било лице од разни фактори (како на пример претрпен стрес) може да се промени за период од 6 месеци“ и затоа е потребно ново тестирање за секој приемен испит.

За споредба, Правилникот на Судскиот совет за полагање психолошки тестови за избор на судии и претседатели на судови има важност од четири години.

Од Комората на психолози не одговорија на прашањата на БИРН. На имејл напишаа дека нашите прашања ќе треба да ги постават „до сите 489 членови на Собранието на психолози“ за да добиеме одговор. Собранието се одржало на 24 март, но прашањата не биле поставени.

Залуден беше и повикот кон претседателката на Комората, Мирјана Јовановска-Стојановска, која рече дека останува на тоа што го напишале во имејлот.

Во меѓувреме, во парламентот, две години собраниски „стаж“ направи новиот предлог-закон за Академијата за судии и јавни обвинители. Овој нов предлог требаше да ги надмине недостатоците на стариот. Но, тој сега директно забранува увид во психолошките тестови.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.