Репортажи

Тампонираното срце на Охридско Езеро

Природата немоќна против приватната сопственост и интерес

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Како концерт во движење. Така изгледа пешачењето по патеката од Струга до Калишта, долга два и пол километри низ појасот со трски. Писоците од многу птици, водоземци и други животни се спојуваат во природна симфонија, на моменти заглушувачка, но попријатна од мобилните апликации за релаксација и медитација, на кои урбаниот човек вообичаено се среќава со звуците на дивината.

Домаќините на овој невообичаен концерт се вешто скриени зад завесата од трски и други крајбрежни растенија и не настапуваат на отворена сцена. Ако се тргне оваа завеса, ќе заврши и нивниот настап, засекогаш. Токму тоа се случува насекаде покрај езерото повеќе од 30 години.

Интензитетот на уништување на трската особено се зголеми во појасот меѓу Струга и Калишта во последниве 3-4 години, откако стана актуелна можноста охридскиот регион да го загуби статусот на заштитено светско културно и природно наследство на УНЕСКО и да биде преместен на листата на светско наследство во опасност. Компактниот зелен појас што може да се види на постари сателитски снимки сега е расцепкан како шаховско поле на кое се менуваат зелената и сивата боја од тампонирањето на површините.

Трската се покрива со тампон и со други материјали што го спречуваат нејзиниот раст | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Појасите со трски се неопходни заради филтрирање на езерската вода и за да обезбедат опстанок на биодиверзитетот. Во нив се мрестат рибите, се гнездат птиците, а засолниште наоѓа и остатокот од живиот свет. Важни се дури и за микроорганизмите, покажале различни студии. Екологистите често ги нарекуваат „срце на езерото“, објаснувајќи дека без нив тоа ќе стане обичен базен со вода и без живот.

Колку е силен ефектот од уништувањето на трските покажува и податокот од последниот извештај на УНЕСКО, кој се појави во јавноста минатата недела. Во него пишува дека во 1989 година, во македонскиот дел на крајбрежјето се избројани околу 79.000 водни птици, но, според истражувањата од 2010 година, нивниот број паднал на 10.000. Речиси осум наспрема еден, односно на секои осум птици што живееле при крајот на 1980-тите, две децении подоцна опстанала само една.

Главната причина била уништувањето и фрагментацијата (расцепкувањето) на појасите со трски, под притисок на туризмот.

Приватната сопственост над меѓународните обврски

Порано непрекината, сега зелената завеса е расцепкана на повеќе места | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Не се сите загрижени поради овие драматични бројки.

„Ова е наше земјиште и наша работа“, ни одговорија двајца сопственици што тампонираа едно парче земја на кое порано имало трска. Одбија понатамошен разговор и не дозволија фотографирање.

На многу места помеѓу локалниот пат и езерото може да се најдат полиња покриени со тампон или со друг материјал што го спречува растот на трската. Некаде тие се затрупани со ѓубре.

На две локации, пак, се отворени кафулиња во монтажни објекти и кампинг-паркиралишта, па е расчистена и трската на брегот и таа во езерото, значи врз државното земјиште, за да се отвори погледот кон водата и да се олесни пристапот на гостите до неа, ако сакаат да се капат. Со оглед дека и другите сопственици не ги расчистуваат земјиштата за да садат земјоделски производи на нив, туку ги рамнат со багери, може да се очекуваат повеќе вакви отвори во крајбрежниот појас.

Парапетче на еден од џебовите во зелениот појас | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Најголемиот дел од седумдесетината парцели меѓу езерото и локалниот пат се во приватна сопственост на граѓани од Струга, Калишта, Охрид, Велешта, Скопје и од други места, помали имоти имаат и МПЦ и ИВЗ, а државата е сопственик на околу 16 проценти од ова земјиште од 117 илјади квадратни метри.

Овој појас е пример за тоа како се спроведуваат препораките на УНЕСКО и меѓународните обврски што ги презела државата кога е засегнат приватниот имот. Законот за управување со светското природно и културно наследство во охридскиот регион предвидува дека ако некој имот е значаен за зачувување на вредностите, без разлика дали е во приватна или во државна сопственост, мора да се раководи според препораките.

„Со потпишувањето на Конвенцијата, државата презела меѓународна обврска да го чува охридскиот регион за сите следни генерации и треба доследно да ја спроведува оваа обврска. Законската основа е многу јасна“, вели Искра Стојковска од Фронт 21/42, невладина организација што се занимава со правните аспекти на зачувувањето на животната средина.

Законот вели дека ако, поради потребите на заштитата некој сопственик треба да го користи својот имот на различен начин од вообичаеното користење (на пример ако треба да ги остави трските наместо да ја обработува земјата), има право да побара надомест. Но, нема право самиот да одлучи што ќе избере – заштита или работа.

„Не може да се сечат и палат трски ниту на приватните имоти. Законот јасно дефинира дека во управувањето со наследството се применуваат и документите донесени од Конвенцијата, што значи дека препораките автоматски имаат сила на закон. За секоја активност во крајбрежјето треба да се добие дозвола, без разлика дали е тоа само тампонирање“, додава Стојковска.

Колку трски требаат и уште колку може да се загубат

Нивите не се подготвуваат за обработка, туку се рамнат со багери | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Сепак, додека одредбите што се однесуваат на обврските на приватните сопственици се појасни, каде што е прецизно дефинирано кој имот е под заштита (кај културното наследство, на пример, се знае точно кои објекти се под заштита), таму каде што дефинициите се општи, властите си нашле простор за слободно толкување. УНЕСКО препорачува да се вложат максимални напори за да се заштити крајезерската трска, но не може да се очекува од Светската организација да ги посочи катастарските парцели на кои овие растенија не смее да се уништуваат.

Затоа струшкиот градоначалник Рамиз Мерко вели дека треба да се направи разграничување меѓу приватниот и државниот имот и не треба да се ограничува правото на располагање со земјиштето.

„Ние можеме да контролираме само што се случува на државниот имот. Во приватните земјишта не се развиваше трската порано. Но, во последните години беше подигнато нивото на езерото и на подземните води, па затоа се прошири и натаму. Сега се повлекува и луѓето почнаа да се враќаат, да ги чистат трските за да ги обработат нивите, а некои ставаат и тампон за свои потреби. Но, во државниот имот, на крајбрежјето и во внатрешноста на езерото трската не се уништува“, вели Мерко, не коментирајќи ги неколкуте „џебови“ низ трската што ги забележавме при прошетката по патеката.

Кафулиња и кампинг-простори покрај граничната патека меѓу државниот и приватниот имот | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Мерко вели дека токму таа патека, која се изгради во 2020 година со помош на Швајцарската агенција за развој и соработка, е еден вид гранична линија меѓу крајбрежјето во државна сопственост и приватните земјишта.

Според Законот за води, за крајбрежје се смета просторот во широчина од 50 метри од водното тело. Овој параметар, како што објаснува Стојковска, е земен и во Планот за управување со охридскиот регион, но само како минимум, бидејќи ако има потреба, појасот под заштита може да се прошири и над тие 50 метри, на пример за да ги опфати блатните површини што се подалеку или за да не се расцепкуваат живеалиштата. Граничната патека на Општина Струга, на некои места е на само дваесетина метри од линијата на водата, според сателитските снимки.

Струшкиот градоначалник повтори дека нема да дозволи да се градат објекти на местата каде што се уништува трската, додавајќи дека „приказните дека таму ќе се правеле некакви хотели се чиста шпекулација и удар кон стружани, со цел да се наштети на туризмот“. Но, прашање е дали е дозволено и тоа што тој го дозволува – расчистувањето и тампонирањето.

„Препораката на УНЕСКО е да се стопира секаква урбанизација, освен неопходните работи за функционирањето на општините, сѐ додека не се усвојат и применат сите потребни закони и планови“, нагласува Стојковска.

Трската расчистена за да се направи платформа и да се засадат врби во бетонски жардиниери | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Берат Села од невладината организација Натура од Струга препорачува дека за да се направи баланс меѓу потребите за заштита на живиот свет и за користење на езерото за туризам, треба да се утврди колкави површини со трска се потребни за да се обезбеди филтрација на езерото и да се одржи биодиверзитетот, и да не се дозволува сечење под тоа.

„Јасно е дека не може да го оставиме целото езеро да биде обраснато со трска зашто така ќе го загубиме туризмот“, смета Села.

Стојковска, пак, е категорична дека имајќи предвид колку малку е останато од појасот трски, како и значењето на трските за квалитетот на водата во езерото, јасно е дека во моментов не смее да се дозволи нивното сечење и уништување никаде“.

Ќе го докрајчи ли железницата тоа што ќе остане?

Брана од камења спречува трската да се шири кон брегот | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Не е загрозен само појасот со трски кај Калишта. Северозападниот брег од Охридско Езеро, просторот меѓу Струга и албанското гратче Лин, се споменува во документите на УНЕСКО од последниве години како последното зачувано парче природа на крајбрежјето.

Додека речиси целиот источен брег под Галичица е пополнет со хотели, рибарски и туристички населби, кампови, северниот е со градовите Охрид и Струга, а југозападниот на албанска територија до неодамна беше полн со кафеани на платформи, ова парче останало со многу помали интервенции од човечката рака.

Еден инфраструктурен проект што сѐ уште не е откажан или изменет може целосно да го смени тоа – железничкото поврзување меѓу Македонија и Албанија. Предвидено е пругата да поминува покрај езерскиот брег и да се спои со веќе изградената пруга кај Лин. Не се знае кога би се градела оваа железница, но УНЕСКО бара навреме да се промени трасата и да се бараат рути што нема да навлегуваат во заштитениот регион.

Четири години по ова барање, сѐ уште не е ништо направено. Хари Локвенец, директорот на јавното претпријатие Македонски железници – инфраструктура, вели дека за прашањето треба да се разговара на највисоко ниво меѓу двете држави.

Пожарите се честа појава во појасот со трски | Фото: БИРН/Г. Трпковски

„Во македонскиот дел нема проблеми со трасата. УНЕСКО бара таа да биде најмалку 20 метри од езерскиот брег, кај нас е 50 метри. Но, главен проблем е граничната точка, која ќе треба да се наоѓа во албанскиот град Лин. Тоа е премногу блиску до езерото, во крајбрежната зона, а на таков граничен терминал би му била потребна голема логистичка поддршка – објекти, магацини, дополнителни шини за да стојат вагоните итн. Сето тоа може да донесе големо загадување“, вели Локвенец.

Како што објаснува директорот, не е лесно овој проект да се промени.

„Ако беше пат, може да се сврти со поостра кривина, но кај пругата тоа е невозможно. Затоа премиерот предложи да се одржи билатерална средба за ова прашање меѓу премиерите, министрите и директорите на железничките претпријатија на двете земји. Постојат алтернативи за кои се размислува, но неблагодарно е ние да предлагаме што треба да се менува во друга држава. Затоа повеќе детали би имало по средбата“, додава Локвенец.

Некаде трската се покрива со тампон, некаде со ѓубре | Фото: БИРН/Г. Трпковски

Железницата кон Албанија беше еден од трите спорни инфраструктурни објекти за кои УНЕСКО предупреди во реактивната мисија во 2017 дека може да ги загрозат вредностите на регионот, а со тоа и неговиот статус. Кога владата пред три и пол години ги откажа другите два – проширувањето на патот кон манастирот „Свети Наум“ и изградбата на скијачки центар на Галичица, самоуверено најави дека УНЕСКО-статусот на Охрид и на езерото е спасен.

Оттогаш, од Светската организација се добиваат сѐ полоши извештаи со сѐ посилни предупредувања дека не се исполнуваат обврските. Тоа се токму обврските за кои не е доволно само да се донесе одлука за поништување, туку треба да се работи, како расчистување на дивоградбите, доградба на колекторот за да се спречи излевање фекалии, промена на коритото на реката Сатеска, носење урбанистички планови и многу други.