Посмртните останки на најмалку десет луѓе, откриени во јуни годинава, во масовна гробница кај градот Калиновик, им припаѓаат на жртви од Сребреница, кои смртно настрадале во 1995 година, потврди Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ).
Како што беше кажано за Балканската истражувачка репортерска мрежа на Босна и Херцеговина (БИРН БиХ), ова е најоддалечената масовна гробница од Сребреница, во која се пронајдени жртви од Сребреница, во подрачјето каде што дејствувала единицата „Скорпиони“.
Метју Холидеј, раководител на програмата на МКИЛ за Западен Балкан, вели дека оваа институција, денеска, на 8 декември, доставила извештаи за усогласувањето на десет примероци на ДНК, до Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина (ИИЛ БиХ).
Тие им припаѓаат на жртви на геноцидот во Сребреница, извршен во јули 1995 година, пронајдени при ексхумација пред шест месеци во Калиновик.
Холидеј за БИРН БиХ вели дека е невообичаено да се најде масовна гробница со жртви од Сребреница, толку далеку од овој град. Тој смета дека оваа масовна гробница е најоддалечената од Сребреница и Поточари, од досега пронајдените гробници.
Како што нагласува, ова е, по ексхумацијата во 2015 година во Козлук, прва ексхумација по повеќе од пет години, во која се пронајдени посмртни останки на жртви од Сребреница.
Според Холидеј, кога на МКИЛ, семејства ѝ дале информации и генетски материјал, било утврдено дека се работи за луѓе од Сребреница.
„Можеме само да нагаѓаме како стигнале до таму, и дали биле егзекутирани на друго место, а таму закопани, или биле егзекутирани на таа локација. Но, на органите на Босна и Херцеговина е да го утврдат тоа, а на СИПА и на Обвинителството, да го направат тоа преку натамошни истражни дејствија“, објаснува тој.
Во јуни оваа година, тим на БИРН БиХ, помина еден ден на теренот на подрчјето на Калиновик, со истражителите и членовите на семејствата на исчезнатите од Калиновик, кои се надеваа дека таму се скриени посмртните останки на нивните најблиски.
Тогаш официјално не беше кажано дека жртвите можат да бидат и од Сребреница.
Кога тимот на БИРН БиХ се спушти на непристапниот терен на тогаш откриената гробница, членовите на ИИЛ на БиХ, истражителите на Обвинителството на БиХ и членовите на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА), токму тогаш пронајдоа четврт череп.
Тие претпоставуваа дека жртвите се Бошњаци, најверојатно од Калиновик и Фоча.
Во близина на пронајдената гробница делувале „Скорпионите“
Локацијата, Добро Поље, е само неколку километри оддалечена од местото Годињске Баре кај Трново, каде припадниците на „Скорпионите“, специјална единица на Државната безбедност на Србија, во јули 1995 година егзекутираа шест Бошњаци од Сребреница, објаснува Холидеј.
„Исто така, интересно е да се забележи дека ако ги прегледате транскриптите од судењето на „Скорпионите“ пред Окружниот суд во Белград, од 2007 година, во сведочењето на обвинетиот, Слободан Медиќ, се наведува дека помеѓу 100 и 150 припадници на „Скорпионите“, биле лоцирани на ова подрачје во јули 1995 година. Тие дејствувале на подрачјето на Трново, Калиновик, Фоча, а Добро Поље се наоѓа во тоа поле на делување. Не можам да кажам повеќе за тоа како тие луѓе стигнале таму“, вели тој.
Извршителите на злосторството кај Трново, беа уапсени во Србија и во Хрватска, и осудени на повеќегодишни затворски казни.
Командантот на „Скорпионите“, Слободан Медиќ Боца, беше осуден на 20, а неговиот брат, Бранислав Медиќ на 15 години затвор. Петар Петрашевиќ, кој ја призна вината, беше осуден на 13, Милорад Момиќ на 15 години затвор во Хрватска, а исто толку доби и Слободан Давидовиќ.
Слободан Медиќ загина во сообраќајна несреќа во Србија, со целото свое семејство во 2014 година, кога од затвор беше пуштен на слободен викенд.
БИРН БиХ пишуваше за шестмината жители на Сребреница, чии убиства во Трново во јули 1995 година, беа снимени од припадниците на единицата „Скорпиони“.
Пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали, во моментов се води постапка против Јовица Станишиќ и Франко Симатовиќ, поранешни шефови на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија.
Тие се обвинети, меѓу другото, и за убиствата на шестмината жители на Сребреница во Трново, во јули 1995 година.
Ова е последната постапка во која судиите ќе ја утврдуваат одговорноста на Република Србија, за воените злосторства во Босна и Херцеговина и во Хрватска.
Станишиќ, поранешен шеф на српската СДБ, и Франко Симатовиќ, поранешен командант на Единицата за специјални операции на СДБ, се обвинети за учество во здружен злосторнички потфат, предводен од тогашниот српски претседател, Слободан Милошевиќ, од април 1991 до декември 1995 година, со цел отстранување на мнозинството Бошњаци и Хрвати од делови на територијата на БиХ и на Хрватска.
Според обвинението, Станишиќ и Симатовиќ, меѓу другото, им наредиле на членовите на „Скорпиони“ да отпатуваат во подрачјето под српска контрола, до селото Трново.
И двајцата, во јуни оваа година, во повторен првостепен судски процес, беа осудени на по 12 години затвор, за учество во злосторствата во Босански Шамац, северна БиХ.
Со пресудите беше утврдено дека во Сребреница, во јули 1995 година, за време на геноцидот, биле убиени повеќе од 7.000 мажи и момчиња, а повеќе од 40.000 жени, деца и постари лица биле протерани.
Досега, Трибуналот на ООН во Хаг и балканските судови осудија вкупно 48 лица на повеќе од 700 години затвор и 5 доживотни затворски казни, за злосторствата во Сребреница.
Во јуни оваа година, на Ратко Младиќ, поранешен командант на Главниот штаб на ВРС, му беше изречена конечната казна, доживотен затвор, за геноцид и злосторства во Сребреница во БиХ, и, меѓу другото, за прогон на Бошњаците и Хрватите во голем број општини, вклучително и во Калиновик.
Механизмот претходно го осуди поранешниот претседател на Република Српска, Радован Караџиќ, за истите кривични дела со истата казна.
Жртвите најверојатно биле „застрелани во тилот“
Форензичкиот археолог на МКИЛ, Алмир Оловчиќ, за време на ексхумацијата, секој ден го поминувал на гробницата во Добро Поље.
Според неговите зборови за БИРН БиХ, ексхумацијата била предизвикувачка, бидејќи останките биле прилично фрагментирани.
„Тие не беа целосно на едно место, туку развлечени по должина и попреку, што поради конфигурацијата на теренот, што поради времето поминато од злосторството и временските услови во последните 25 години“, вели тој.
„Дожд, снег, поплави. Реката Бистрица веројатно кога паѓа снег, се претвора во поројна река која носи се пред себе, па веројатно и таму имала влијание врз поместувањето на телата, и сите овие фактори заедно влијаеле да имаме прилично сложена ситуација во однос на археологијата и антропологијата, но и на начинот на работа“, објаснува Оловчиќ.
Според него, најверојатно станува збор за примарна масовна гробница, каде што жртвите, по нивна претпоставка, биле донесени и убиени. Теренот е прегледан со детектор за метал, со кој се барани делови од чаури или куршуми, што би било една од потврдите дека убиствата биле извршени на тоа место.
„Кога работевме со машина, тие мали делови едноставно се губеа, па на тој начин се обидовме да утврдиме дали тоа навистина е местото на ликвидација, но начинот на кој беа распоредени телата, сепак потврдува дека тоа е местото каде што биле донесени и убиени“, тој вели.
Оловчиќ додава дека на неколку скелетни остатоци биле пронајдени траги од врзување со жица, што дополнително може да укаже на начинот на кој биле убиени лицата.
Според Сандра Шоштариќ, форензички координатор на МКИЛ, при обработката на останките, на пронајдените черепи биле констатирани повреди од куршуми од задниот дел на главата, што укажува на убиство со стрелање.
„Со други зборови, овие луѓе беа застрелани во тилот“, објаснува Шоштариќ.
Таа додава дека е многу важно во мртовечницата да се утврди антрополошката обработка, за да се утврди минималниот број на луѓе меѓу останките, како и да се утврди кои коски ќе бидат земени за ДНК анализа, бидејќи не сите коски обезбедуваат доволно генетски материјал, за да може да се одреди идентитетот.
„Колку повеќе коските се измешани, толку повеќе време е потребно. (…) Тенденцијата е да се земат повеќе примероци, а штом се земат повеќе примероци, потребно е повеќе време да се почека на сите резултати“, вели таа, објаснувајќи зошто биле потребни шест месеци, за да се дознае кои се жртвите од гробницата, додавајќи дека посмртните останки на едно лице биле на повеќе места.
„Сега можеме повторно да ги поврземе овие делови на телото, во можеби поцелосни останки за секој од тие десет луѓе поединечно, но тие повторно нема да бидат целосни тела. Сè уште ќе има некои делови што недостигаат, а кои не можат да се соберат со оваа ексхумација, можеби ерозијата или реката ги однеле“, вели Шоштариќ.
Жртвите заслужуваат име и нивните посмртни останки да бидат вратени на семејствата
За неа целиот овој процес е примена на стручни и научни методи од археологијата и антропологијата, со цел посмртните останки да се предадат на семејствата.
Оловчиќ вели дека на семејствата и една коска им значи многу.
„Ние на крајот сме најсреќни кога некој што ќе го најдеме, макар и само една коска, ќе добие име и кога семејството барем донекаде знае што се случило со таа личност“, вели Оловчиќ.
По завршувањето на војната во БиХ, пронајдени се голем број гробници со посмртни останки на жртви, а според Холидеј, денеска се потребни веродостојни и точни информации за откривање на преостанатите масовни гробници.
Според него, треба да се поврзат информациите со кои располага СИПА, обвинителствата, ИИЛ БиХ и МКИЛ и на тој начин, во комбинација со изјавите на сведоците, да се лоцираат потенцијалните гробници.
„Поминаа повеќе од 25 години од крајот на конфликтот во БиХ и од геноцидот во Сребреница, и мислам дека ексхумацијата во Добро Поље треба да им даде надеж на другите семејства, дека исчезнатите сè уште може да бидат пронајдени“, нагласува тој.
„Доколку има ефикасна истрага, ако има веродостојни изјави на сведоци, ако имаме силна соработка меѓу домашните актери во БиХ, плус МКИЛ, ако продолжиме да ја користиме ДНК технологијата, тоа значи дека ќе можат да се пронајдат и други исчезнати лица и дека ќе може тие точно да се идентификуваат“, истакнува Холидеј.
„Мислам дека тоа им дава надеж на другите семејства, кои сè уште ги бараат своите исчезнати“, додава тој.
Досега, 6.652 жртви на геноцидот извршен во јули 1995 година, се погребани во Меморијалниот центар Сребреница-Поточари, додека 237 жртви на геноцидот се погребани на други локации, според желбата на семејствата на жртви.
Околу 1.000 сѐ уште се водат како исчезнати. На ниво на цела БиХ, над 7.000 луѓе и натаму се водат за исчезнати.
Холидеј смета дека пронаоѓањето на исчезнатите лица е од големо значење и за семејствата, и за транзициската правда.
Пронаоѓањето на исчезнатите лица придонесува за спречување на негирањето на геноцидот, кое од ден на ден се зголемува, иако се наметнати измени на кривичниот закон на Босна и Херцеговина, со кои се забранува и казнува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.
Тој додава дека откривањето на исчезнатите лица обезбедува и докази и факти, кои обвинителите можат да ги искористат и да покренат ефикасни обвиненија против сторителите.
„Овие семејства се заглавени, на некој начин, од кога за последен пат ги виделе живи своите роднини, а не знаат, или до сега не знале каде се наоѓаат, каде се егзекутирани, каде се закопани.
„Сега конечно ги добија тие одговори, ги добија посмртните останки, можат да ги закопаат, можат да им постават споменик и можат да започнат со процесот на жалост за своите роднини“, заклучува Холидеј.