Регион

Кокаински другари: Балканските врски на соборениот колумбиски нарко-бос

Длабоките нарко-врски меѓу Колумбија и Балканот

Претседателот Иван Дуке, овој настан го нарече „најтешкиот удар“ врз трговијата со дрога во Колумбија, во овој век, споредлив само со апсењето на нарко-босот Пабло Ескобар пред три децении.

Возбудата беше разбирлива. Даиро Антонио Усуга, попознат како „Отониел“, беше најбараниот нарко-дилер во земјата, поранешен герилец, кој стана лидер на Ел Клан дел Голфо, најголемата криминална банда во Колумбија.

Тој беше уапсен кон крајот на октомври. Околу 500 војници и 22 хеликоптери биле дел од полициската акција во неговото скривалиште во една рурална област во северозападна Колумбија.

Последиците од падот на Отониел ќе се почувствуваат многу пошироко од неговата јужноамериканска татковина. Колумбиските власти велат дека Ел Клан дел Голфо соработувал со меѓународни нарко-картели во Мексико, Италија и на Балканот.

Последнава врска не е случајна. Врските меѓу организираните криминални групи во Колумбија и на Балканот датираат со години наназад.

Тие биле толку блиски што емисари на балканските трговци лично се сретнувале со Отониел и преговарале лице в лице со него, велат колумбиските власти.

„Многу [балкански криминалци] имаа воена обука во нивните земји, а некои од нив можеби биле и дел од паравоени групи или разузнавачки агенции“, изјави колумбиски полициски истражител, кој сакаше да остане анонимен бидејќи не беше овластен да разговара со новинарите.

„Балканските картели користат хотели со пет ѕвезди за состаноци, а потоа поминуваат неколку дена во џунглата за да се сретнат со водачите на колумбиските криминални групи“, изјави истражителот за БИРН/Ел Еспектадор.

Долгогодишни врски

Како што често се случува во криминалното подземје, врските меѓу трговците со дрога понекогаш може да се влошат.

Во март 2020 година, српскиот државјанин Дејан Станимировиќ беше застрелан во колумбиската провинција Мета за време на расправија под дејство на алкохол со Хозе Висенте Ривера Мендоза. Станимировиќ, познат во Колумбија како „Маркос“, наводно бил член на балканска криминална банда наречена „Кека“. Мендоза, познат како „Солдадо“ или Војник, имал врски со Ел клан Дел Голфо на Отониел.

Но, Станимировиќ не беше првата криминална врска меѓу Колумбија и земјите од Балканот. Ниту, пак, веројатно, ќе биде последна.

Всушност, врските со шверцот со дрога датираат најмалку две децении наназад, во периодот веднаш по крвавиот колапс на социјалистичка Југославија и турбулентната транзиција на Албанија во капитализам, период што доведе до појава на моќни локални мафии, често произлезени од конфликтите.

Врските за првпат беа официјално разоткриени во 2001 година, кога пет албански државјани, вклучително и еден полицаец, беа уапсени во Албанија, во заедничка операција на колумбиската и на албанската полиција. Така беше откриена поврзаноста меѓу картелот Меделин што го основаше Ескобар и лица од балканската мафија. Шеснаесет години подоцна, албански суд прогласи двајца Колумбијци и внукот на поранешниот албански комунистички диктатор Енвер Хоџа, Ермал Хоџа, за виновни за трговија со дрога.

Во Србија, она што почна во раните 2000-ти со Сретен Јоциќ продолжи со Дарко Шариќ, кој српскиот суд во 2018 година го осуди за шверц на 5,7 тони кокаин од Јужна Америка во Европа. Оваа пресуда во јуни оваа година беше укината од страна на Врховниот касационен суд по процедурална основа.

Шариќ е поврзан со колумбискиот нарко-картел и паравоена група Лос Растрохос, формирана од водачот на картелот Норте дел Вале, Вилбер Варела, познат како Јабон.

Потоа, во 2019 година, српскиот државјанин Владимир Видаковиќ почина од непознати причини во болница, во Меделин, родниот град на Ескобар. На почетокот, колумбиските власти тврдеа дека тој е „српски турист“, меѓутоа Видаковиќ всушност организирал пратки на дрога од Колумбија во Европа и го убиле негови ривали.

Банани наменети за Европа

Илустрација: Ел Еспектадор

Колумбија не е единствената јужноамериканска врска. Полицијата во Еквадор смета дека границата меѓу двете земји – особено меѓу провинциите Путумајо и Сукумбиос – е главната рута по која поминуваат балканските организирани криминални групи што шверцуваат кокаин.

Областа е контролирана од поранешни герилци на Револуционерните вооружени сили на Колумбија, или ФАРК, и членови на Ла Констру, паравоена организација поврзана со мексиканските криминални групи и со еден од главните набавувачи на кокаин на балканската мафија.

Според медиумите од Еквадор, пратките се испорачуваат до еквадорските пристаништа Гвајакил и Ел Оро и се товараат на бродови, најчесто со банани, кои пловат за Европа.

Помеѓу 2014 и март 2020 година, еквадорската полиција уапси 24 лица осомничени за вмешаност во балкански организирани криминални групи. Во ноември 2020 година, платени убијци што се претставиле како полицајци, го застрелале албанскиот државјанин Адријатик Треса во неговата дневна соба.

Еквадорските власти веруваат дека Цезар Емилио Монтенегро, член на Картелот дел Норте дел Вале на Варела е главната врска со албанските криминални фигури, кои дејствуваат во Јужна Америка. Меѓу тие криминалци беше и Агим Черма.

Черма, албански државјанин, беше уапсен во јули годинава во Монтерија, северна Колумбија, под сомнение дека со приватен авион шверцувал кокаин во Европа.

Черма, кој се соочува со обвиненија во САД, седум години претходно живеел во морското пристаниште Баранкила. Неколку недели по неговото апсење, операција во која учествуваа Европол и колумбиската полиција разоткри мрежа за шверц на дрога составена од повеќе од 60 луѓе со врски со Балканот.

Неколку месеци претходно, црногорскиот државјанин Иван Армус беше уапсен откако половина тон кокаин беше запленет на едрилица во колумбискиот пристанишен град Картагена на Карибите. Се верува дека Армус живеел во Колумбија три години пред да биде уапсен. Колумбиските инспектори за наркотици изјавија за Ел Еспектадор/БИРН дека тој избегал од Шпанија во 2018 година бидејќи бил вмешан во убиство поврзано со дрога.

Властите рекоа дека, покрај набавката на кокаин од Ел клан дел Голфо на Отониел, Армус имал врски и со герилците на Ослободителната национална армија во подрегионот Кататумбо.

Чикито Мало и „Тито“

Илустрација: Ел Еспектадор

Според генералот Хорхе Луис Варгас, директорот на колумбиската национална полиција, емисари на балканските мафијашки групи патувале во планинскиот венец Парамило и во Ураба за да преговараат со Отониел и со неговата десна рака Чикито Мало.

Мало е осомничен дека одиграл клучна улога во шверцот на 96 тони кокаин во САД меѓу 2003 и 2021 година, за што Отониел и неговата партнерка Авила Виладиего се обвинети во Њујорк.

Мало го привлече вниманието на европските власти пред околу четири години, велат извори од колумбиската полиција, за време на истрагата против босанскиот државјанин Един Гачанин, алијас Тито.

Според официјалните документи, се верува дека Гачанин живее во Дубаи и дека оттаму ја насочува трговијата со дрога меѓу Јужна Америка и Источна Европа.

Вујкото на Гачанин, Мирза Гачанин беше уапсен во холандскиот град Бреда, во мај 2020 година, под сомнение за перење пари. Полицијата смета дека тој бил вклучен во шверц на кокаин скриен меѓу банани од северозападна Колумбија, кои биле запленети во белгиското пристаниште Антверпен.

Се смета дека Мало е главната врска меѓу Ел Клан дел Голфо и балканската мафија, а не само со Гачанин.

Колумбиските власти, исто така, истражуваат какви контакти имал Црногорецот Томислав Павловиќ пред неговото апсење во јануари 2019 година, во операција на бразилската полиција наречена „Ниска цена“. Според извештаите во Бразил, Павловиќ неколкупати се сретнал со емисари на колумбиските картели.

Полициски извори во Колумбија, за Ел Еспектадор/БИРН изјавија дека зделките со дрога се склучуваат за време на состаноци лице в лице меѓу еден или двајца пратеници на балкански картел и нивните колумбиски колеги во некое сигурно и оддалечено место.

Пратките на кокаин обично се пренесуваат со товарни бродови или со приватни авиони. Во првиот случај, според истражителите, пловилата ќе застанат на уште некое место откако ќе ги напуштат државните пристаништа за да си го „исчистат“ потеклото, односно делумно да прикријат дека товарот доаѓа од Колумбија.

Во јуни 2019 година, повеќе од 15 тони кокаин беа запленети на брод од Чиле што пристигна во американското пристаниште Филаделфија, најголемата заплена на кокаин досега во САД. Официјално не беше објавена врска меѓу бродот и Колумбија или Балканот, но се смета дека операцијата за шверц била типична за тоа како соработуваат балканските и колумбиските мафии.

Авионскиот транспорт поретко се користи. Тоа било специјалност на Черма. Познат како „Џими“, Черма бил пресретнат додека патувал да се сретне со лидерите на Кланот дел Голфо, велат полициски извори.

Ивана Јеремиќ, Марко Весовиќ, Александра Богдани, Диана Дуран, Хозе Давид Ескобар и Фелипе Моралес Сиера |  Белград, Богота, Подгорица, Тирана