Филип Темелковски, кандидатот за градоначалник на Кисела Вода, е член на СДСМ веќе 17 години, но во јавноста не беше премногу експониран, па единствено за време на предизборната кампања граѓаните можеа да се запознаат со неговите ставови во однос на општествените проблеми и развојот на општината која долго време тапка во место кога станува збор за инфраструктурата и решавањето на есенцијалните проблеми на жителите.
35-годишниот Темелковски е роден во општината Кисела Вода и целиот живот го поминува тука. Вели дека во неговата програма се зацртани само реално остварливи проекти, но и дека планира да оди надвор од програмата и да остварува уште повеќе.
Во првиот изборен круг, тој водеше со над 1.600 гласа разлика пред кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски. За својот противкандидат, тој не сака да зборува многу. Единствено, вели дека иако е помлад, поседува поголеми капацитети за да раководи со општината за разлика од Тарчуловски
„Само убави моменти ме врзуваат со општината, сите мои роднини и пријатели се тука и тоа беше мотивот зошто се нафатив да се кандидирам. Знаејќи ги сите проблеми на општината, а во изминатиов период гледавме како се уништува општината, сметав дека можам повеќе да придонесам на локално, отколку на централно ниво“, вели тој.
Темелковски е член сум на СДСМ од 2000 година и во овие години ги има поминато сите скалила во хиерархијата на партијата. Бил член на Извршниот одбор на партијата во Кисела Вода, во периодот од 2008 до 2009 година бил генерален секретар на Социјалдемократската младина на Македонија, а бил и прв претставник на социјалдемократската младина на YES (Young European Socialists – Млади Европски Социјалисти). Од 2013 тој е претседател на СДСМ на општинската организација Кисела Вода.
Со него зборувавме за клучните приоритети од неговата програма и надвор од неа кои планира да ги оствари доколку во вториот изборен круг ги добие гласовите од жителите на Кисела Вода. Во првиот изборен круг, тој водеше со над 1.600 гласа разлика пред кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски. За својот противкандидат, тој не сака да зборува многу. Единствено, вели дека иако е помлад, поседува поголеми капацитети за да раководи со општината за разлика од Тарчуловски.
„Јас 15 години работам во угостителство и туризам. Подобар сум во моите менаџерски способности и отвореноста за примање сугестии и соработка. Кога работите во угостителство и туризам мора да бидете сптремни на отвореност и критика за да се подобрите. Исто и во општина, мора да се отворени за критика за да ги најдете решенијата. Колку и да го земаме предвид пратеничкото искуство на мојот противкандидат, мене ми е дискутабилно неговото познавање на локалната проблематика и пред сe на општината Кисела Вода“.
Поразително е во 21 век да зборуваме за вода и канализација
Планското градење, гасификацијата, отворањето две нови градинки и поликлиника во општината се клучните проекти кои ги планира Темелковски доколку го добие градоначалничкото место во општината.
„Најголемиот проблем беше и остана хаотичното и инцидентно градење во општината. Самата инфраструктура на општината не може да го трпи ова градење, така што мора да се смени начинот на кој функционира општината. За да се прави плански, а не паушално. Кај нас прво се прави улицата, па потоа се прави водоводот, па се прекопува улицата“.
Тој вели дека ќе ја направи Кисела Вода отворена за сите, пред се за бизнис секторот, невладините организации и граѓаните, за да се најдат решенија за проблемите.
„Ниеден градоначалник не може сам да ги реши сите работи, затоа е потребна отвореноста. Друга работа, сметам дека е клучно да ги заборавиме работите кои се својствени за минатите векови, а не за 21 век, а тоа се вода и канализација за секој наш сограѓанин. Значи тие две работи ќе ги фаворизираме да се завршат“.
Инфраструктурните проекти како канализацијата во населените места УСЈЕ, Припор, Градинар и Пинтија, планирани се да се прават со градот Скопје. Станува збор за канализациона мрежа од неколку километри за која со градот Скопје е планирано да се аплицира во меѓународните фондови и на тој начин проблемот да се реши на целата територија на град Скопје.
„За мене е поразително во 21 век да зборуваме за канализација за вода, а сме општина во центарот на Скопје“.
По 400 деца секоја година чекаат прием во градинка
Темелковски планира градење две нови градинки бидејќи смета дека во тој дел се кријат најголемите проблеми. Секоја година, најмалку по 400 деца чекаат прием во една од десетте градинки во Кисела Вода, а храната која што се дава во градинките е на незадоволително ниво.
„Ги скениравме проблемите каде се, за да може решението да опфати повеќе луѓе. Затоа рековме една нова градинка да се направи во Расадник, бидејќи таму има останато државно земјиште. Пред се ги земавме предвид извештаите од советот на градинките. Во тој реон фалат градинки. 400 деца секоја година чекаат на прием. Бидејќи е изборна година реновираа две градинки, а бидејќи тие не работат со полн капацитет, 600 деца чекаат на прием во градинка“.
Секоја година, најмалку по 400 деца чекаат прием во една од десетте градинки во Кисела Вода, а храната која што се дава во градинките е на незадоволително ниво
Темелковски вели дека градинките би биле изградени по најнови стандарди каде што ќе се одвои делот за храна, а ќе има и медицинско лице.
„Ние сме единствена општина во градот Скопје каде што има само едно медицинско лице за сите градинки и тоа не може да постигне. Си постојат регулативи кои му се ингеренциите на тоа медицинско лице, а тоа е пред се да превенира ако не дај боже нешто се случи, да помогне додека да дојде брзата помош, да води историја на болести и сл. Освен тоа, мора да поработиме и во училиштата и во градинките на исхраната. Кај нас се случува за ужинка да имаат едно јаболко или сок, имаме најнеквалитетна исхрана. Затоа, ќе се ангажираат нутриционисти за секоја возраст различно да се прави оброк, нормално ќе се земат предвид и цената и квалитетот, но мислам дека и со постоечките цени може да се задржи квалитетот на храната. Впрочем, знаеме до сега како се добиваа тендерите на општина Кисела Вода“, смета Темелковски.
Со години се крие колкаво е загадувањето во Кисела Вода
Гасификацијата е проект што одамна се ветува во Кисела Вода и досега ниту еден градоначалник не успеал да ја оствари. Темелковски смета дека во соработка со централната власт и градот Скопје, сега тоа ќе оди полесно и побрзо, а крајниот резултат ќе биде заштеда на енергенси и намалување на загадувањето.
„Со самиот гас вие добивате минимум 30 проценти поевтин енергенс за затоплување. Во зависност од тоа какви средства за затоплување се користат, проценките се дека од 20 до 40 проценти може да се заштеди само на затоплувањето. За Кисела Вода, јас се исконсултирав со стручни лица кои направија целосен елаборат колку би коштала целата гасификација. Предност на Кисела Вода е индустриската зона и бројот на домаќинства, бидејќи со тоа општината може да набавува гас по берзански, односно поевтини цени бидејќи примарната гасоводна мрежа за Градот Скопје, во еден дел завршува во Кисела Вода“.
Ова, според него значи дека Кисела Вода ќе биде една од првите општини што ќе ја почне гасификацијата и ќе има поевтин енергенс за граѓаните, а ќе се намали и загадувањето.
„Ние сме единствена општина во градот Скопје која нема мерна станица за да се види загадувањето. Овој факт се крие веќе со години. Ние не треба да бегаме од одговорноста и проблемите. Треба да се постават мерни станици и да се види колкаво е загадувањето и да се детектира кои се главни загадувачи“.
Кисела Вода ќе биде една од првите општини што ќе ја почне гасификацијата и ќе има поевтин енергенс за граѓаните, а ќе се намали и загадувањето
Како еден од клучните проекти Темелковски ја наведува и изградбата на поликлиника на територијата на Расадник до 2021 година, бидејќи, како што вели тој, и во овој дел општината назадува, односно е една од ретките без своја поликлиника.
„Во Драчево има поликлиника но не сите одделенија се ставени во функција, дали рентген не функционира, или брзата помош не функционира, иако неколку министри доаѓаа, ја отвораа. Со Министерството за здравство ќе се разговара прво таа да се среди, до 2018 година, бидејќи оваа поликлиника не ја опслужува само општината Кисела Вода, туку и околните општини кои граничат, како Студеничани, Зелениково…“
Изградбата на новата поликлиника би била Расадник, бидејќи, според Темелковски, тоа е едно од малкуте места каде што има останато државно земјиште.
Освен овие проекти кои се веќе ставени во програмата, Темелковски ја наведува и изградбата на затворен базен на ниво на општината, иако овој проект не е ставен во програмата поради финансиската неисплатливост.
Општината ќе биде отворена и транспарентна
Доколку го добие градоначалничкото место, Темелковски ветува дека општината ќе стане отворена и транспарентна. Општината би добила портпарол, а седниците на Советот би биле јавни.
„Транспарентноста планираме да ја подобриме во неколку сегменти, бидејќи во изминативе години беше на најниско ниво и според транспрантноста и според отвореноста. Ќе почнеме од советот – навремено ќе се известуваат граѓаните и ќе бидат отворени седниците за ако се носи Детален урбанистички план, претставниците од таа месна заедица да дојдат, да дискутираат и да го кажат мислењето на жителите“.
Тој вели дека одлуките на советот ќе се објавуваат јавно на веб-страницата и во јавното гласило и на тој начин ќе бидат достапни до граѓаните.
Освен ова, планирано е и еднаш неделно градоначалникот да има средби со граѓаните, заедно со службите, за да можат да се регистрираат нивните проблеми.
Тој ветува дека и сите трошоци на општината, како на пример платите, трошоците за бензин, телефон или комуналии, ќе бидат јавно објавувани.
„Кварталните извештаи ќе ги покажат сите трошења и отворени ќе бидеме за секакви критики“, вели кандидатот за градоначалник на Кисела Вода.