– Добро Гена, дали навистина мораш на секој проклет симпозиум да ја носиш и Лили со тебе? – ја праша Денко својата сопруга, гледајќи ја како во куферот ги реди и аливцата на нивната најмала, едногодишна ќерка.
– Да, морам. Не можам да патувам без Лили.
– А без другите две можеш, така?
– Можам, големи се тие. И немој да ме товариш со вина!
– Знаеш Гена, ќе мораш малку да ја олабавиш науката, овде е сè потешко за живеење, снемува струја, вода, ни протекува покривот. Мора да најдеш време да се преселиме, доаѓа зима. Реши кога и… да го направиме тоа. Малку да го промениме животов, секојдневието.
– Добро Денко, остај ме сега да се допакувам, треба и да го отпечатам рефератот, настапувам во главната сесија. Те молам донеси ми го несесерот на Лили за патување, со сите лекови, поднастината е.
– Не мислиш ли дека тоа е знак да не ја носиш со тебе?
– Не. Морам да ја носам.
Гена Трајанова беше истакнат универзитетски професор кој ги урна стереотипите дека мора да се избира помеѓу науката и секојдневието. Имаше семејство и три деца. Две со сопругот, едно со симпозиумите на кои најревносно учествуваше насекаде во светот. Живееја на Бит-пазар, во старата куќа на баба му на Денко, на прудолницата на „Теодосиј Гологанов“, токму на половина пат од црквата Свети Спас до Чифте амамот. Имаа стан на „Иво Лола Рибар“, ама со години таа немаше време да се преселат во него. Дипломираше, магистрираше, раѓаше деца, докторираше… Секогаш имаше некоја пречка за таков голем животен зафат. Првин двете поголеми девојчиња родени за две години беа премали, потоа кога потпораснаа нејзе ширум ѝ се отворија вратите на науката и почнаа да ја канат на најпрестижните симпозиуми во нејзината научна област, па непланирано роди трето дете – ќеркичката Лили со што само дополнително се забрза нејзината кариера и уште повеќе се забави преселбата. Гена секаде ја носеше Лили со себе уште кога таа имаше само неколку месеци и сè уште цицаше.
Гена втрча во холот на хотелот со куфер, детско ранче со големи крзнени уши на грбот и заспаната Лили на едното рамо. Надвор истураше, таа имаше чадор, ама немаше рака за него. Еден висок темноок господин речиси потскокна од фотелјата на самата рецепција каде што седеше и се залета накај нив. Многу нежно и вешто ја зеде Лили во прегратка, ја бакна во косичката и топло погледнувајќи ја Гена, без воопшто да се поздрави со неа, веднаш се упати кон лифтот. Беше повеќе од очигледно дека сака првин да се погрижи за детето. Гена бегло му го подаде смешното ранче со уши и се упати кон рецепцијата.
Петнаесетина минути подоцна, сите тројца беа во иста хотелска соба. Лили спиеше, а двајцата возрасни не можеа да си дораскажат сенешта еден на друг. Блискоста помеѓу нив беше како топла, сува облека на премрзнати, накисната тела. Одеднаш и речиси без никаков ред зборуваа за детето, за науката, за рефератите, за сесиите на симпозиумот,.. за нивните сè уште ненапишани трудови.
– Добро е што не настапуваме во иста сесија, едниот од нас ќе може да биде со Лили.
– Да, да, инаку кутрата ќе се здосадуваше на симпозиумот како минатиот пат.
– Ајде подготвувај се, остави ми ја мене Лили… – нежно ѝ ја допре раката и младата жена клекна на коленици и почна да пребарува во куферот.
Потиснатата вина беше нејзина раскошна долна облека. Редовна преслека за виткото тело на нејзините чувства и амбиции. Набрзина се истушира, се пресоблече, се нашминка за неколку секунди и го зеде својот уредно отпечатен реферат, да го прочита уште еднаш пред да излезе. За сето тоа време, на необичен начин ја следеа неговите темни очи, иако беа навидум заковани за нивната заспана ќерка.
Гена го запозна својот професионален идол пред неколку години, на еден симпозиум на друг континент. Возбудата дека разговара лично со науката, со авторот на најзначајните книги во нивната област, полека застануваше на нозе претворајќи се во ништожна човечка привлечност која набрзо се распука по сите шевови на востановените граѓански норми. Тој беше мошне славен во научните кругови, професионално и приватно реализиран човек, ординариус на еден престижен европски универзитет; во брак, со семејство. Таа – исто така во брак, со сопруг и две ќеркички, речиси близначки, со кои постојано се слушаше на телефон. Љубовта се спровре меѓу нив како цврст невидлив конец кој оздола совршено ги спои различните материјали на нивните животи, а озгора по малку ги затегна нивните секојдневија, правејќи набори од престап за двајцата. И она што се гледаше и она што не се гледаше во нивната страсна научна врска набрзо стана нормална состојба во академските кругови. Едноставно, двајцата си имаа засебни животи надвор од научните конференции и симпозиуми, и заеднички – за време додека тие траеја. Насекаде низ светот. Беа семејство само во хотелски соби; родители на Лили, нивната преслатка русокоса наука со дупчиња на образите и четири запчиња. Беспрекорни во она што го правеа и по малку себични во она што не го правеа. Немаа никаква намера да ги растурат своите вистински семејства. Тој беше реално среќен со својата жена, Таа – со својот Денко. Едноставно, едниот на другиот си беа само поглавје во обемните научни и животни трудови. Најубавото, највредното апстрактно поглавје што не може да се испланира однапред, туку самото се пишува кога си најмалку свесен за тоа.
И како што бива кога големите тишини пикнати во зандани ќе здогледаат ѕирка низ која можат да се спроврат во зборови, а лагите во вистини, Гена во преселбата од улицата „Теодосиј Гологанов“ одеднаш согледа решение за својот проблем. Почна свесно, аналгетски да се залажува себеси дека промената на адресата на живеењето ќе ја ослободи од адресата на престапот. Улицата „Иво Лола Рибар“ стана нејзина ѕирка. Штом слетаа од симпозиумот со Лили, таа уште на аеродромот му кажа на Денко дека треба што поскоро да го променат животот, секојдневието,.. да се преселат пред да дојде зимата. Тој се израдува и ги гушна двете во една џиновска прегратка.
Станот на улицата „Иво Лола Рибар“ беше голем и светол. Имаше вода, струја, ништо не протекуваше, сè беше ново и убаво. Имаше три спални соби, една за големите девојчиња, втора – родителска спална за Гена и Денко и трета за Лили кога ќе потпорасне, зашто сè уште спиеше со нив. Дотогаш, таа соба ја пренаменија во работна. Или гостинска.
Гена се чувствуваше прекрасно. Како сиот товар да го имаше оставено на „Теодосиј Гологанов“ на Бит-пазар. Беше цврсто решена веќе никогаш да не стапне на таа улица. Ја заобиколуваше во широк лак кога и патот да ја однесеше во тој дел од градот. Науката како малку да се оддалечи од нејзиното срце, ама ѝ се приближи уште поблиску до умот. Ја објави својата најзначајна книга, редеше толку интелектуални успеси што стекна чувство дека веќе нема место за емоционални порази. Ѝ се чинеше дека сè што било сложено во нејзиниот живот останало заклучено во старата куќа на „Теодосиј Гологанов“, а со нив на „Иво Лола Рибар“ беше дошла само едноставноста на секојдневието на која не можеше да ѝ се донарадува.
Но, за жал, последниот бран на налудничавата промена на имињата на улиците во градот, ги зафати и нивните животи. „Иво Лола Рибар“ ја преименуваа во „Митролопит Теодосиј Гологанов“. Гена не можеше да се соземе од ударот на коинциденцијата. Панично пребаруваше како тогаш е преименувана малата „Теодосиј Гологанов“ на Бит-пазар?
– Е, не ми се верува! – рече Денко еден ден седејќи на компјутерот и читајќи весници. – Замисли, Гена, нашата стара улица сега е „Архиепископ Ангелариј“, а нашата нова „Теодосиј Гологанов“.
– Не, во старото име на нашата нова улица го додале и зборот „митрополит“ – рече Гена, чувствувајќи дека овој кутар единствен збор не е доволен да ја издржи посакуваната промена во нејзиниот живот. Како да не сме се ни преселиле, си помисли таа и одеднаш сè стана повторно како што беше. Најстарата ќерка влета во станот во куп писма. Имаше неколку покани за симпозиуми на кои сигурно ќе учествуваат и Гена и Лили. И таткото на Лили, бездруго. Ништо не се случуваше во научниот и во емотивниот свет без него.