Актуелно

Тешко им се пишува на прочистувачите на избирачкиот список

Починати, иселени и „фантомски“ гласачи откри БИРН само неколку часа по објавувањето на апликацијата за проверка на избирачкиот список, иако таму стои дека податоците се ажурирани до 1 декември 2015 година.

Полни раце работа ќе има Државната изборна комисија (ДИК) при прочистувањето на избирачкиот список, доколку се суди според податоците на веб-апликацијата за проверка на листата на гласачи која ДИК ја објави вчера.

Преку оваа апликација граѓаните со внесување име и презиме, адреса или матичен број можат да проверат дали се запишани во избирачкиот список и на кое гласачко место гласаат во својата општина.

Иако на веб-страницата стои дека податоците се ажурирани до 1 декември 2015 година, БИРН веднаш го пронајде името на лицето Аднан Садики, кој баран преку Интерпол, го сменил името во Аријан Алиу и кој починал пред една година во Скопје. БИРН веќе пишуваше дека починатиот Алиу е заведен дека живее на улицата Антон Попов 3, број кој на терен не постои.

Името на починатиот Аријан Алиу фигурира во Избирачкиот список

Името на починатиот Аријан Алиу фигурира во Избирачкиот список

sadiki1

За само неколку часа пребарување БИРН најде информации и од три различни адреси, кои покажуваат дека во еден стан се впишани по дваесет, триесет, па дури и над шеесет гласачи. Имињата и презимињата на станарите во „преполнетите“ стануви упатуваат дека најверојатно станува збор за лица од Пустец, Албанија.

Па така, на адресата „Васил Ѓоргов“ број 24, во станот број 27, кој според сведоштвата на соседите е напуштен со години, се впишани дека живеат, а со тоа имаат и право на глас 30 гласачи.

Дел од гласачите впишани во Избирачкиот список во напуштен стан на улицата „Васил Ѓоргов“

Дел од гласачите впишани во Избирачкиот список во напуштен стан на улицата „Васил Ѓоргов“

Слична е ситуацијата и со гласачите на улицата „Максим Горки“ број 11, стан број 2. Во овој стан се впишани дека живеат дури 67 гласачи. Напуштената куќа во центарот на Скопје беше актуелна и за изборите во 2013 година, кога во јавноста се открија „фантомските“ гласачи со место на живеење и право на гласање во куќа каде што околу една деценија не живее никој.

Напуштената куќа на улицата „Максим Горки“ | Фото: БИРН

Напуштената куќа на улицата „Максим Горки“ | Фото: БИРН

Гласачите на улицата „Максим Горки“ 11

Гласачите на улицата „Максим Горки“ 11

Исто како и за време на изборите во 2013 година, на улицата„Киро Крстевски Платник“ број 11, во станот број 3 се запишани 33 станари, иако во станот живеат две лица, како што изјави и самиот сопственик на станот пред речиси 3 години. Тој тогаш рече дека знае дека во избирачкиот список на неговата адреса се впишани триесетина гласачи, но дека не реагирал никаде.

Во стан на улицата „Киро Крстевски Платник“ живеат 2 лица, но заведено е дека има 33 станари

Во стан на улицата „Киро Крстевски Платник“ живеат 2 лица, но заведено е дека има 33 станари

Освен ова, на списокот кој ѝ беше даден на увид на јавноста, можат да се видат голем број впишани гласачи на адресата „Димче Мирчев“ 8 и „Димче Мирчев“ 4, но нема податок за влезот и за станот во кој живеат овие лица.

Станарите на улицата „Димче Мирчев“ 8

Станарите на улицата „Димче Мирчев“ 8

Откако се постави апликацијата за проверка социјалните мрежи се преплавија со реакции околу податоците во Избирачкиот список.

Додека во јавноста се откриваат фалинките во избирачкиот список, започна и вкрстената проверка на податоците од десет државни институции, која треба да заврши кон почетокот на наредната недела.

Експертски тим составен од информатичари ја заврши валидацијата на базите на податоци од МВР со базите на Фондот за здравствено осигурување, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Агенцијата за катастар на недвижности, Министерството за труд и социјална политика, УЈП и други државни институции, па ДИК започна со вкрстена проверка по која треба да се добие новиот ажуриран избирачки список. Тој треба да биде ставен на увид на 17 април доколку предвремените парламентарни избори се одржат според сега предвидениот термин, на 5 јуни.

ДИК започна вкрстена проверка по која треба да се добие новиот ажуриран избирачки список, кој треба да биде ставен на увид на 17 април ако изборите се одржат на 5 јуни | Фото: БИРН архива

ДИК започна вкрстена проверка по која треба да се добие новиот ажуриран избирачки список | Фото: БИРН архива

Неизвесно останува дали ова време е доволно за да се изврши прочистување на списокот, кој што, барем според она што може да се види од апликацијата, делува крајно хаотично, а „фантомските“ гласачи од Пустец и натаму фигурираат како жители на општина Центар. Се поставува прашањето и за тоа дали е можно, со оглед дека тие имаат валидни документи од таму да бидат избришани и префрлени во графата на гласачите од дијаспората.

Прочистувањето на избирачкиот список беше една од клучните точки од Договорот од Пржино. Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ стоеја на ставот дека списокот може да се прочисти дури и доколку изборите се одржат на 24 април, на што жестоко се противеше опозициската СДСМ. Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Чичаковски беше на ставот дека се потребни три до четири месеци за да може да се каже дека Македонија има избирачки список во кој граѓаните можат да веруваат.