Пишува: Тихомира Дончева, Ана Лаура де Шалуп
Од Старото сајмиште, кое датира од времето на Кралството Југославија, па сѐ до мавзолејот во Куќата на цвеќето, каде што е погребан поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, туристичките тури на Југотур претставуваат еден вид на прошетка низ реликвиите на славното минато.
Величественоста на Тито се гледа дури и од разгледниците кои се продаваат во продавницата за сувенири, каде што доживотниот претседател е врамен со цвеќиња и живописни бои.
За впечатокот да биде целосен, туристите не се возат во каков било стар автомобил, туку во автомобил марка „Застава“, познат како Југо, кој се произведуваше во Југославија и се сметаше за симбол на оваа држава.
„Странците обично се изненадени кога ќе слушнат дека во тој период социјализмот бил просперитетен, бидејќи повеќето од нив имаат негативна слика за комунизмот”, вели туристичкиот работник од Југотур од Белград, Милица Илинчиќ.
За да им го покаже она што останало од овој просперитет, Југотур ги носи туристите на патување низ времето, на кое секоја станица има своја симболика.
Една од нив е хотелот Југославија, некогаш луксузен објект, кој беше бомбардиран од НАТО во 1999 година; втората е Сава центарот, кој е „пример на модерната архитектура”, вели Илинчиќ.
Освен странците, за овие туристички тури се заинтересирани и жителите од балканските земји, кои, според Југотур од Белград, претежно имаат над 30 години.
Илинчиќ вели дека тоа се луѓе кои живееле во Југославија и кои сакаат да се присетат на тоа време.
Забележала интересен тренд, додека повеќето странци се заинтересирани за „југото” и објектите, локалните туристи обично се фасцинирани од последната станица на турата – гробот на Тито и на собата со подароци што тој ги добивал од светските лидери, изложени во Музејот на историјата на Југославија во Белград.
Во бункерот
Поради трендот на пораст на ‘југоносталгичните’ патувања, интересна атракција стана бункерот на Тито во Коњиц, Босна и Херцеговина.
Со заглушувачки звук на системот за климатизација, туристичкиот водич, кој ве води низ овој бункер, се обидува да објасни зошто служат големите бели цистерни, поставени во еден од блоковите во ова антинуклеарно засолниште.
Но еден детал го одвлекува вниманието на посетителите, а тоа е натписот со црвени букви на една од цистерните – „Материјалната вредност на мрзеливоста”. Ова е дел од уметничка инсталација изложена во овој воен објект, што, според некои локални жители, го одвлекува вниманието од Тито.
„За луѓето од поранешна Југославија имам специјална тура, пееме партизански песни, скокаме наоколу и танцуваме”, објаснува гордо туристичкиот водич, Ламија Ризвановиќ.
На туристите, додека ги водела низ бункерот, Ризвановиќ им го објаснувала високиот технолошки развој на титова Југославија. Таа, сепак, не се согласува со поставувањето на уметнички дела меѓу воените инсталации, и незадоволна поради начинот на кој се организирале овие тури, ја напуштила работата.
„Бидејќи ако за нешто се дискутира, тогаш тоа ќе бидат уметниците, а не Тито”, вели таа.
Сепак, „таткото на Југославија” е насекаде; има и соба која нему му е посветена, во која на една од фотографиите, Тито е облечен во традиционална воена униформа, со застрашувачки израз на лицето.
Неколку сантиметри подалеку, уште една верзија на истата слика, која го претставува поранешниот претседател во поинаква светлина, со ореол, која дава впечаток дека е полубог.
Една жена, Босанка, трчаше цело време по останатите туристи од нејзината група. Се задржуваше пред секој портрет на Тито, сакајќи што подобро да го запомни. Отворено зборува за чувството на носталгија, што е едно од причините зошто дошла да го посети бункерот.
Ризвановиќ без двоумење вели дека најчести посетители се Словенците, кои, според нејзиното мислење, се големи југоносталгичари.
Други посетители од поранешна Југославија ретко доаѓаат, но и цената за домашните посетители е малку поскапа, таа повеќе е за странците.
Реконструираниот Југодом
„Види, баба ми имаше исти вакви, црно-златни тапети!”.
Овој извик на изненадување доаѓа од еден од туристите, додека неговата група влегува во преноќевалиштето Југодом во Белград, коe е опременo во стилот на еден типичен стан од времето на поранешна Југославија.
Сопственикот, Марио Милаковиќ, внимателно ги собирал предметите и мебелот од минатото, во настојување да го долови животот кој веќе не постои.
„Почнав од она што го имавме во нашата куќа, а потоа и кај семејството, пријателите … претресувавме по тавани и по подруми, на бувјаци, по продавници во кој се продава користен мебел, на интернет”, објаснува Милаковиќ.
Југодом ги враќа своите гости назад во времето кога сè било „произведено во Југославија”, од телевизорот на кој се ставаа ситници, до постери на музички икони, како што е Лепа Брена, закачени за белите ѕидови.
Сепак, овој проект, за Милаковиќ, не е југоносталгија, туку дизајнерски потфат кој можеби ќе бил реализиран „дури и ако Југославија сѐ уште постоеше”.
Тој го создал ова со страст, но признава дека повеќето од неговите гости се од странство.
„Тие доаѓаат од сите делови на светот и најчесто не знаат ништо за Југославија, туку им се допаѓа дизајнот за просторот”, објаснува тој.
„Повеќе се заинтересирани за старинскиот и ретро аспект на овој простор, отколку за земјата која веќе не постои”.
Белграѓани, исто така, ја поддржуваат оваа идеја, додава тој, бидејќи „повеќето (од нив) ги препознаваат работите што ги имале или и денес ги имаат во своите домови”.
Милош Нициќ, професор по културни студии во Белград и пријател на сопственикот, вели дека ова е поважно отколку заработката.
Ни го покажува југословенскиот пасош, која виси во кичеста рамка, нагласувајќи дека тој е вреден, бидејќи веќе не е во употреба.
„Тука има нешто навистина егзотично“, вели Нициќ, фасциниран од старомодниот шарм на ова место, кое го потсетува на куќата на неговата баба и дедо. Егзотичноста тој ја гледа во декоративниот стил, кој повеќето други хотели се обидуваат да го искоренат и да го заменат со проектни вредности на ИКЕА.
Нициќ вели дека ја цени единственоста на „автентичното локално наследство” и оти гледа потенцијал во неговата туристичка промоција, која интересот за минатото може да го претвори во приход.
Понудата и побарувачката
Ничиќ вели дека интересот за предметите поврзани со Тито, го трансформираат туристичкиот пејзаж на Балканот.
Кога странци го посетуваат Загреб, ниту еден од нив не пропушта да го види еден од најубавите плоштади во оваа престолнина, која го носи името на маршалот Тито (иако тој наскоро може да биде преименуван). И главниот булевар во Сараево, го носи името на покојниот лидер и не е невообичаено да се видат туристи што ја фотографираат таблата со неговото име.
Во Западен Балкан дури и масивните бетонски згради изградени по Втората светска, како дом за многу бегалци, можат да бидат зачудувачки за странците.
„Често, за постари туристи, главно од САД, се организираат крстарења по реката Дунав. Тие доаѓаат од друг континент и не знаат многу за Југославија, но знаат за Тито“, вели Нициќ.
„Тој беше популарен и додека беше жив … Дури и Реган изјави дека Тито е еден од најголемите лидери”.
Некои земји, кои во 90-тите стана независни, чувствуваат помала носталгија за Југославија од некои други.
Според истражувањето што минатата година го објави Галуп, 55 отсто од Хрватите сметаат дека нивната земја имала корист од распадот на Југославија, додека 81 отсто Срби и 77 отсто Босанци, жалат поради нејзиниот распад.
Овие поделена мислења подеднакво се однесуваат и на доживотниот претседател, вели Ноциќ.
„Многумина го сакаат Тито, но многумина и не го сакаат. Кога имате измешани чувства, обично се обидувате да ги потиснете негативните. Сеќавањето има тенденција да стави розови очила, кога се зборува за минатото“, заклучува тој.
Сепак, постојат млади луѓе кои навистина се фасцинирани од овие времиња. Една од нив е 20-годишната Ламија Ризвановиќ, која што е премногу млада за да се сеќава на комунизмот. Но, како што вели самата, нејзиното воодушевување со поранешната држава, е едно од причините зошто таа започнала да работи како туристички водич во бункерот на Тито.
Никиќ не гледа ништо лошо во тоа бизнисот да ја користи историјата за профит, сѐ додека бизнисот ја одразува целата реалност. Тој предупредува дека претприемачите кои сакаат да ја искористат југоносталгијата, треба да бидат внимателни кога го презентираат ликот и делото на Тито.
„Сѐ додека презентирате еден контекст, додека го правите популарен, тоа е во ред … но ако го претставувате само како чудовиште или само како херој, тоа е лажен пристап”, вели тој.
Милица Илинчиќ истакнува оти се обидува да биде објективна во организирањето на туристичките тури, но се согласува дека југоносталгијата може да се искористи за да се создаде приход.
„Тоа е дефинитивно интересно и се поголем број луѓе, југоносталгијата ја претвараат во бизнис. Некои дури организираат и кратки патувања со југо”, вели таа.
Се чини дека интересот за „туризмот-југоносталгија“ е сѐ позначајна, како што е и самата фасцинација со Тито.
„Имавме еден гостин од Македонија, навистина популарен актер, кој кога дојде тука, носеше иста облека како Тито”, се сеќава Ризвановиќ.
„Тој изгледаше речиси идентично (како Тито), а кога странците го видоа, тој два часа не можеше да излезе, бидејќи сите сакаа да се фотографираат со него”, ни раскажува таа, смеејќи се.