Стотици џамбо вреќи полни со опасна филтерска прашина од челичарницата „Макстил“ се оставени на отворен плац близу фабриката, во кругот на поранешната скопска Железарница. Дел од вреќите што со години стојат таму се отворени, оштетени или скинати, а од некои половина материјал е истурен.
Станува збор за прашина што содржи тешки метали, поради што е класифицирана како опасен отпад. Се создава при топењето старо железо за производство на челик, а филтерскиот систем служи за да ја собере и да го спречи нејзиното ширење низ воздухот. Ова е наложено во А-интегрираната еколошка дозвола што компанијата ја поседува повеќе од пет години и без која не може да работи.
Постапувањето со овој отпад не соодветствува секогаш со правилата пропишани во А-дозволата, според кои, прашината треба да се чува, или во складиште, или во добро затворени вреќи, и да не останува подолго од 36 месеци, туку да се даде некаде на обработка.
Државниот инспекторат за животна средина, кој е должен да контролира дали се исполнуваат условите од А-дозволата, досега не утврдил проблем. Компанијата тврди дека, без оглед на пропустите во чувањето, во нивните редовни испитувања нема забележано загадување. Експертите што ги консултираше БИРН, пак, предупредуваат дека ризиците за почвата, водите и за воздухот се реални.
Тешки метали во вреќи

Дел од вреќите со опасен отпад се оштетени | Фото: БИРН
Филип Иванов е инженер, кој речиси 25 години работи на проекти во животната средина, во приватниот сектор и во државните органи. Четири години беше и директор на Управата за животна средина, стручно тело на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Како прв човек на Управата, пред петнаесетина години, преговараше за условите што оваа компанија треба да ги исполни за да добие А-дозвола. Еден од клучните беше да го постави филтерот за прашина.
Иванов живее на помалку од еден километар од отворениот плац, на кој „Макстил“ сега ја чува токму таа прашина.
„Ова е страшно! Сум одел во многу постројки низ светот, но ваков начин на депонирање филтерска прашина досега не сум видел“, вели тој, коментирајќи ги снимките што БИРН ги направи од скинати, оштетени и истурени вреќи.
Филтерската прашина е отпад што содржи цинк и други материјали (често се нарекува и цинкова прашина). Може да се преработува и од неа да се добијат вредни суровини. Но, „Макстил“ нема таков капацитет поради што му е дозволено да ја чува најмногу 36 месеци и да бара партнери што ќе ја откупат.
Купиштата џамбо вреќи со прашина се наоѓаат на околу 500 метри од погонот. Екипа на БИРН двапати го посети местото. Нема обезбедување, па до него слободно може да се стигне.
Вреќите се наредени една врз друга, по три-четири реда во секој куп, со оставен простор за возила меѓу нив. Некои се означени со цифри, на други, или нема, или не им се гледаат ознаките. На ниедна не го видовме специфичниот код 10 02 07*, со кој се обележува овој опасен отпад.
Просторот околу вреќите, како пристапните патеки, е покриен со материјал со иста боја и форма, што укажува дека прашината се расфрла наоколу.
Сателитските податоци од Гугл покажуваат дека од 2020 до март 2025 година, од кога датира последната снимка, површината постојано се зголемува. На теренот се гледа мало намалување годинава.
Независна компанија најмена од „Макстил“ неодамна ги мерела површините на целиот индустриски отпад од челичарницата, која, освен филтерска прашина, опфаќа и неопасни материјали, како троската и коварината, кои се чуваат на целосно отворен простор. Таа утврдила дека цинковата прашина е распослана на 8.988 квадратни метри. Ова, за БИРН, во разговор го соопшти директорката на „Макстил“, Марија Дуковска-Павловска.
Тоа е површина нешто поголема од едно стандардно фудбалско игралиште, покриено со слој од два-три метри опасен отпад.
Најдобрите практики и реалноста

Прашината треба да се чува или во складиште или во добро затворени вреќи | Фото: БИРН
Не добивме податок за точните количества филтерска прашина, во тони, складирана на местото. Но, извесно е дека дел стои таму подолго од максимално предвидените 36 месеци.
Директорката Дуковска-Павловска немаше информација колку е старо тоа што е оставено на плацот, само рече дека во последниве години, тој не се дополнувал, бидејќи странски компании ја купувале новосоздадената прашина за преработка.
„Како што се создава, така ја земаат, бидејќи за преработувачите, поновата прашина е подобра“, рече таа.
Сателитските снимки покажуваат дека меѓу 2023 и 2025 година, иако темпото на ширење се намалило, сепак секоја година има по некое ново купче бели вреќи.
Но, поголем проблем се постарите и оштетени вреќи, што, според експертите, претставува ризик опасните материи повторно да се разлеат низ воздухот, водата или почвата.
Филтерската прашина содржи фини честички на метални оксиди, кои лесно се вдишуваат и можат да предизвикаат невролошки, респираторни и други сериозни здравствени проблеми. Ризикот е најголем кога прашината е сува и незаштитена, па може да се разнесува со ветер. Во контакт со дожд се создава контаминиран исцедок, кој може да продре во почвата и подземните води.
Професорот по хемија, Трајче Стафилов, кој со децении ги истражуваше загадувањата со тешки метали и ги мапираше еколошките жешки точки во земјава, појаснува дека филтерската прашина е класифицирана како опасен отпад поради големото количество тешки метали. Предупредува дека ако не се чува како што треба, претставува опасност по здравјето на луѓето.
„Може да се разнесува со ветер и да биде опасна, посебно кај оние што подолготрајно се изложени на неа“, вели професорот.
Потсетува дека поради таквите загадувачки материи, „Макстил“ беше ставен на листата на еколошки жешки точки во минатото и смета дека добивањето на А-дозволата треба да значи оти компанијата ги надминала овие состојби и веќе не претставува ризик.
И професорот Стафилов, и експертот Иванов, се децидни дека е најдобро филтерската прашина да се чува во затворено складиште, или ако веќе е надвор, вреќите да бидат многу добро затворени, за да не излегува ништо од нив.
Иванов своевремено инсистирал документите во кои се опишани најдобрите достапни техники да бидат водилка при издавањето на А-дозволите за големите индустриски капацитети, во кои спаѓа „Макстил.“ Во дозволата има детални препораки – прашината треба да се складира одвоено од другиот отпад, да стои во затворени џамбо вреќи, на непропустлива подлога за да се спречат исцедоци во почвата.
„Макстил“ има изградено затворено складиште за цинковата прашина уште во 2015 година, како предуслов за дозволата што ја добива пет години подоцна. Во неа, токму овој простор е обележан како место за нејзино складирање. На терен, белите џамбо вреќи се распослани под отворено небо, на простор неколкукратно поголем од самото складиште.
Без интервенции од инспекцијата досега

Челичарницата „Макстил“ во Скопје | Фото: БИРН
Инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина, кои најмалку двапати годишно ја контролирале работата на компанијата, не утврдиле нерегуларности. Во записниците што ги доби БИРН, често се споменуваат детали за постапувањето со филтерската прашина, но во врска со документи за извоз и решенија за рециклирање, а не за чувањето.
Надзор бил извршен на 17 декември 2025 година, само два дена пред БИРН да ја посети локацијата и да ги забележи оштетувањата на вреќите и расфрланата прашина. Такво нешто не се споменува во инспекцискиот записник.
И од инспекторатот, и од компанијата тврдат дека загадување од прашината нема.
„Има бетонска подлога, а се контролираат и подземните води и почвата. Досега не покажале негативни резултати. Ветрот не може да ја разнесе прашината бидејќи има 30 отсто влажност“, рече директорката на „Макстил“, без да одговори што се случува во лето, и дали таа влажност може да исчезне поради високите температури.
На теренот не може да се види дека има бетонска подлога под целиот плац каде што се чуваат вреќи. Ниту на сателитските снимки не може да се забележи дека некогаш таму бил спроведен градежен зафат за бетонирање на околу девет илјади квадратни метри површина. Може да се види изградбата само на затвореното складиште, чија бетонска основа има околу 600 квадрати.
На брифингот што го имавме со претставник од Државниот инспекторат за животна средина беше речено дека не е проблематично што вреќите се чуваат на отворено, затоа што прашината имала тешки метали, кои не дозволувале лесно да се разнесува преку воздух, а и „Макстил“ редовно извезувал, па немало заостанување.
На прашањето дали е во ред што има многу скинати и делумно отворени вреќи, наместо одговор, најавија нов надзор и се пожалија на малиот број инспектори. Појаснија дека инспекторатот може или да наложи мерки за да се подобри состојбата, или да поведе прекршочна постапка.
Две недели по разговорот, од Инспекторатот информираа дека биле во контрола на отпадот на „Макстил“, како и дека чекаат да поминат законските рокови за жалби, пред да соопштат што утврдиле таму.
Образложувајќи дека прават сè што можат за да го ублажат проблемот со заостанатата прашина, но дека можностите им се ограничени, од „Макстил“ додадоа и дека би изградиле поголемо затворено складиште, но не можат да добијат дозвола бидејќи за местото сè уште не е донесен детален урбанистички план.
Во 2021 година, Општина Гази Баба изработи ДУП за ова подрачје, но тој не беше донесен поради негативни реакции од јавноста.
Зделки за извоз со краток рок

Извозот на прашината одел тешко | Фото: БИРН
Тешко е да се дојде до прецизни податоци колку филтерска прашина „Макстил“ генерирал низ годините и како била третирана. Од Министерството за животна средина не ни ги дадоа овие информации. Од челичарницата открија само дека во последниве три години создале 9.762 тони, од кои 9.493 тони биле продадени, но не доставија податоци за претходните три години, откако ја имаат А-дозволата.
Министерството за животна средина сподели информација за издадени дозволи за извоз на прашината, што отвори нови недоследности. Се споменува извоз во Кореја, а „Макстил“ го негира тоа, додека во дозволата за извоз во Бугарија, во 2025 година, стои двојно помало количество од извезеното, според податоците на „Макстил“ и на Државниот завод за статистика.
Според јавно достапните документи за опасен отпад, како и според информациите што ги добивме од управата на „Макстил“, произлегува дека извозот, односно ослободувањето од прашината, е бавно и непостојано. Поради тоа се трупале вреќите и се оштетувале од стоење и изложеност на временските услови.
До 2023 година не може да се најде јавно достапен податок што укажува дека воопшто било предадено некое количество прашина откако „Макстил“ ја добил А-дозволата.
При една од нашите посети на плацот каде што се чува прашината наидовме на колона камиони со бугарски таблички, кои чекаа да бидат натоварени. Една дигалка им ги полнеше приколките и тие потоа го напуштаа местото.

Сателитски снимки од складиштето и просторот со вреќи со филтерска прашина | Фото: БИРН
Крајната дестинација, според достапните податоци, била Пловдив, Бугарија, каде што купувач е компанијата КЦМ, сопственик на голем металуршки комбинат што има капацитет да обработува индустриски отпад. Во 2025 година, до декември, таму биле извезени 5.586 тони, со 236 камиони.
Кога филтерската прашина се топи на висока температура, во специјализирани фабрики, од неа може да се извлечат цинкот и другите употребливи материјали и да остане главно неопасен отпад
Иако со ова било решено големо количество, од „Макстил“ појаснуваат дека тешко се наоѓаат партнери што ќе им ја откупат и ќе имаат капацитет соодветно да ја преработат прашината. Во изминативе две години влегле во неколку зделки, но два од три договори пропаднале по кратко време.
„Како општествено одговорна компанија, правиме проверки на сите фирми со кои соработуваме за да се осигуриме дека соодветно се постапува со отпадот, односно дека, и кога ќе го предадеме, нема да остане отпад, туку ќе се обработи. Во договорите ни стои дека ќе прекинеме ако забележиме неетичко однесување. Досега имаме прекинато со една македонска компанија и со една странска“, потврди директорката Дуковска-Павловска.
Прво, во 2024 година, „Макстил“ предал 3.000 тони прашина на македонска компанија, која се обврзала да ја претвори во брикети и да ја продава. Но, соработката престанала.
„Немавме повратна информација каде завршува отпадот“, одговори Дуковска-Павловска.
БИРН стапи во контакт со македонската фирма, од каде што негираа дека имало неодговорно постапување, објаснувајќи дека тие ја брикетираат прашината и добиваат производ што веќе нема карактеристики на опасен отпад и затоа немаат обврска да известуваат. Брикетите ги извезувале како ресурс во големи металуршки компании во Европа. Според нив, „Макстил“ им ја прекинал соработката само „за да има поголем профит“ од извозот.
Следењето каде завршува продадениот отпад не е оставено на општествената одговорност на компаниите, туку е обврска што Македонија ја има преземено со потпишувањето на Базелската конвенција за управување со опасен отпад. Строгите протоколи предвидуваат да се следи сè, од товарењето, транзитот, до постапувањето на крајната дестинација. Министерството за животна средина треба да го следи и да го одобри целиот процес.
Неуспешна тајландска врска

Затвореното складиште и вреќите со прашина околу него | Фото: БИРН
На самиот крај на 2024 година, „Макстил“ направил нов договор за извоз на филтерска прашина во Тајланд, но за кратко време и оваа соработка прекинала поради, како што рекоа од компанијата, „неетичко однесување на една од фирмите“ што биле вклучени.
Партнери на „Макстил“ тогаш биле една турска фирма, како организатор на извозот, и една компанија од Македонија што ги обезбедила камионите за превоз. Отпадот транзитирал низ Бугарија и Турција. Но, цариниците, на една од границите нашле дрога во вреќите со прашина во еден камион и извозот прекинал.
Тоа не бил единствениот проблем. Во истиот период, Одделот за индустриски работи, агенција во состав на тајландското Министерство за индустрија, открил дека фабриката што го увезувала отпадот, а во која требало да заврши и прашината од „Макстил“, воопшто не го обработувала, туку го закопувала на својот имот и во околината. Таа била казнета и привремено затворена. Нема информации дали дел од закопаниот отпад стигнал од Македонија.
Дури потоа доаѓа поинтензивниот извоз во Бугарија, каде што директорката Дуковска-Павловска вели дека претставници на „Макстил“ го посетиле бугарскиот партнер и се увериле дека сè е во ред со обработката на прашината.
Бараме и нови партнери, кои би можеле за кратко време да го преземат целиот отпад, додаде директорката на „Макстил.“
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

