Интервјуа

Тортевски: Системот е поставен против нови партии

Ужасно тешко се регистрира партија во Македонија, вели во интервју за БИРН Александар Тортевски

  • 9
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Законите во Македонија прават да биде речиси невозможно регистрирање нова партија, доколку тоа сака да го направи група луѓе што не произлегува од центар близок до големите три или четири партии.

Вака во интервју за БИРН, познатиот скопски адвокат Александар Тортевски го раскажа своето неодамнешно искуство при формирањето на новата партија што ќе го носи името Твоја. Тортевски е еден од основачите на партијата, а тие минатата недела успеаја да ги соберат неопходните 1.000 изјави потпишани на нотар.

Покрај изјавите, луѓето што го поддржуваат регистрирањето на партијата, треба да обезбедат и документи за државјанство што не се постари од шест месеци.

„Државјанствата се најголемиот проблем“, тврди Тортевски.

„Формирањето партија е ужасно тежок процес, кој може да се помине само доколку основачите имаат огромна волја“

Според него, непотребно и глупаво е законското решение за приложување државјанство, бидејќи тој што заверил изјава на нотар, веќе се легитимирал со важечки лична карта или пасош.

„А, пасош и лична карта не може да има некој што не е државјанин“!

Ова искуство му покажало дека формирањето партија е ужасно тежок процес, кој може да се помине само доколку основачите имаат огромна волја. Убеден е дека системот оди во прилог на двопартизмот и оти законските пречки намерно се поставени за да се ограничи конкуренцијата на големите партии.

„И нема што да се лажеме. Големите партии го злоупотребуваат овој систем на начин што кога треба да се формира некоја нова политичка опција, тие ја помагаат таа што им оди во прилог. Ако новата партија влече, условно кажано, гласови од СДСМ, тогаш ВМРО ќе ѝ помогне и финансиски и со членови за брзо да се регистрира и да ја ослаби СДСМ. Истото функционира и обратно“.

Државата има потреба од стечаен управник

„Се обидуваме да стапиме на сцена за да спасиме нешто што може да се спаси“ | Фото: БИРН

„Отсекогаш сум бил опозиционер“, вели адвокатот Тортевски, на кого ова му е втор директен излет во политиката.

Во зародишот на македонскиот плурализам, во деведесеттите години на минатиот век, тој беше дел од малата партија на познатиот професор Ѓорѓе Марјановиќ, Лига за демократија. Оттогаш не бил директно активен во политиката, сѐ до периодот пред Шарената револуција, кога отворено застана против Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.

За него, првите три години од власта на Груевски сѐ уште се најдобрите за Македонија, меѓутоа подоцна увидел до каде се отидени злоупотребите и јасно му било дека мора да се сруши, како што вели тој, режимот.
„Во одреден момент станав свесен дека тоа зло мора да се тргне“.

Во периодот пред, за време и по Шарената револуција беше редовен гостин на телевизиските дебати и стана прилично активен на Твитер, каде што доби доста следбеници. Работеше и како советник на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

„Тогаш многу луѓе ме прашуваа дали ќе има одговорност и јас им тврдев дека тоа сигурно ќе се случи. Меѓутоа, се покажа дека актуелнава гарнитура нема никакво чувство за принципи на правната држава“.

Му помагал на СЈО сѐ до 2017, кога Катица Јанева му го раскинала договорот зашто се кандидирал за државен јавен обвинител, функција која и таа ја пикирала.

Овие разочарувања се дел од причините зошто се приклонил кон идејата за нова партија.

„Се покажа дека актуелнава гарнитура нема никакво чувство за принципи на правната држава“

Таа политичка авантура почнала кога неговиот активизам се префрла главно на социјалната мрежа Твитер, каде што во тој период, меѓу одреден круг на луѓе, се зачнала идејата за сосема нова партија. Тие при крајот на минатата година одржаа основачко собрание, минатата недела ги собраа потребните потписи и сега се подготвуваат за изборите.

На прв поглед, Твоја партија изгледа како група луѓе со прилично хетероген состав.
Покрај Тортевски, дел од иницијативата е и професорката Мирјана Најчевска, кои за себе велат дека се идеолошки различни. Некои од членовите инклинираат кон левицата, други, пак, кон десницата. На идејата за нова партија ѝ се приклучиле и многу млади луѓе и нашинци од дијаспората, кои меѓу себе првично најмногу комуницирале на Твитер.

Тортевски вели дека, и покрај тоа што ова е хетерогена група, таа сепак го нашла својот најмал заеднички именител.

„Лесно е да се најде најмал заеднички именител во општество како нашето, кое е урнисано. Поделбата на десна и на лева идеологија доаѓа на ред дури кога државата е средена во речиси сите сегменти“.

Реторички тој прашува дали има левичарско решение за загадениот воздух или, пак, можеби десничарско за правна држава. Нема, одговара самиот.

„Нашиот заеднички именител се темели на правото и правдата, одговорноста и на екологијата. А, за другите прашања може да разговараме“.

Како што тој ги опишува приоритетите на неговата партија личи дека тоа се приоритети на стечаен управник, а не на менаџерски тим што отприлика и треба да биде улогата на владејачката партија во некакви нормални услови.

„Баш така е! И можеби уште пострашно, можеби тоа се приоритети на ликвидационен управник. И сега се обидуваме да стапиме на сцена за да спасиме нешто што може да се спаси“.

Место Бела палата, групи на WhatsApp

Тортевски се надева партијата по изборите да биде во ситуација да даде поддршка на малцинска влада | Фото: БИРН

Од јавните настапи на Тортевски и на Најчевска може да се разбере дека станува збор за партија, која во суштина и организациски е замислена сосема поинаку од постоечките политички мастодонти, кои се гломазни и прилично скапи.

Нивниот план е Твоја да биде економична партија, да не троши пари на штабови, митинзи, плакати, автобуси и на сендвичи и да дејствува главно на интернет. Повеќепати Тортевски потенцираше дека основачите досега потрошиле само 24.000 денари, пари од членарина, во споредба со СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои годишно делат по милион евра од буџетот.

Замислиле партијата да нема класичен лидер или султан како што Тортевски ги нарекува претседателите на големите партии, туку само проформа ќе има претставник оти тоа е законска обврска.

Тортевски открива дека секоја вечер членовите комуницираат преку интернет и до еден, два часот по полноќ дискутираат за тековните проблеми.

„Практично партијата е во постојано заседание, меѓутоа не губиме време да одиме и да се собираме по штабови“.

Твоја ќе нема класично седиште, како, на пример, Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Нивните штабови се наоѓаат во групите на апликацијата за интернет – комуникација WhatsApp, кои се поделени по области.

„Наш став е дека Македонија не смее да има повеќе од девет министерства. И по тој принцип ни се организирани групите на WhatsApp и уште сега така функционираат. Гледаме дека тоа е добар начин зашто, на пример – ресорите за екологија, индустрија и образование треба да се заедно“.

„Не може образованието да нема никаква допирна точка со индустријата. Индустријата мора да има влијание врз кадрите што ѝ требаат. Од друга страна, индустријата мора да биде поврзана и со екологијата, да се контролира загадувањето.“

Поинаку кажано, Тортевски и неговите партиски другари сакаат економичноста и ефикасноста од партијата да се рефлектираат врз државата.

„Скапите партии продуцираат скапа држава“.

Тој аргументира дека државата ги навикнала партиите на буџетски пари. Покрај годишните суми, државата им ги плаќа и изборните реклами, а добиваат пари и за партиски аналитички центри.

„Наш став е дека Македонија не смее да има повеќе од девет министерства“

„Ако некој млад човек влезе во една од големите партии, тој ќе се навикне да се расфрла со пари, кои во суштина се државни. Утре кога ќе дојде на функција, тој уште повеќе ќе се расфрла“.

Филозофијата на партијата, според она што досега јавно го зборувале нивните претставници, е со минимални влијанија врз клучните точки во општеството, преку еден домино-ефект да предизвикаат крупни промени во општеството.

„Ваквиот ефект ќе биде поголем ако влеземе во Парламентот, особено ќе биде многу голем ако формирањето на идната влада зависи од нас“.

Тортевски се надева дека идната извршна власт би зависела од Твоја, бидејќи анкетите како ретко досега покажуваат голема изедначеност на двата спротиставени блока предводени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ. И дополнително, според него, тие што не се изјаснуваат за кого ќе гласаат се повеќе од тие што велат дека би го дале гласот за едната или за другата опција.

Како пример за мал чекор што би предизвикал големи промени е определбата на Твоја доколку биде во ситуација да одлучува да не учествува во делбата на директорските места во јавните претпријатија, туку да инсистира на менаџери избрани на сериозни конкурси.

„Кога партиски се избира директор, тој има обврска да вработува партиски луѓе. Само за споредба, едно јавно претпријатие за снабдување со вода во Македонија има 170 вработени, а идентично такво во Словенија, кое опслужува ист број на луѓе, само 17.“

Партијата не планира да коалицира ниту пред, ниту, пак, по изборите. Идејата е да се притиска на промени преку Собранието. Она на што Тортевски најмногу се надева е партијата по изборите да има доволен број пратеници и со тоа да биде во ситуација да даде поддршка на малцинска влада, а не да учествува во власта со министри.

„Би дале поддршка доколку се реализираат нашите основи принципи. Со тоа ќе ја условиме власта и таа би знаела дека ѝ дишеме во врат, дека би паднала без нашата поддршка. Тоа е нашиот сон и немаме намера да отстапиме од тоа“.

Нa Давид не му даваат да влезе во ринг со Голијат

ТВ-соочувањата главен адут | Фото: БИРН

За да се оствари сонот на Александар Тортевски, партијата треба успешно да помине на претстојните избори.

И тука, уште на стартот тој посочува дека теренот не е еднаков за сите учесници на изборите, особено со последните промени на изборните правила, кои се донесоа во сенка на новиот Закон за јавно обвинителство.

Тортевски забележува дека, од една страна, државата ќе им ги плати изборните реклами на големите партии, додека Твоја не може да се рекламира ниту со свои пари зашто не учествувала на минатите избори.

„Како сме тука еднакви? Кај си Давид во приказнава, па уште не ти даваат ни да влезеш во рингот со Голијат“.

Само што заврши собирањето потписи, сега членовите на Твоја ги газат роковите и за кандидатските листи. Тортевски вели горе-долу се познати персоналните решенија за листите и оти тој и професорката Најчевска ќе бидат носители на листите во првата и во втората изборна единица.

„Со негласање не се казнуваат големите партии, напротив тоа е исто како да гласате за нив“

„Ќе поканиме и луѓе што не се наши членови, за кои би ни било чест да бидат на листите – на пример јас би сакал да ги видам на листите Дарко Лешоски и Румена Бужаровска. Би ни било чест да ги ставиме на врвот на листите“.

Митинзите и скапите реклами, партијата планира да ги замени со кампања на Фејсбук и на другите социјални медиуми. А, како најголем адут во изборната битка ќе ѝ бидат телевизиските соочувања и дебати.

„Во овој сегмент, никој не може да се носи со нас, зашто сите аргументи се на наша страна. И се надевам дека ќе нè канат на дебатите, досега не го правеа тоа со изговор дека не сме регистрирана партија“.

Твоја партија во предизборието ќе се обиде да ги убеди да гласаат тие што планираат да го скинат ливчето или да апстинираат, луѓето кои на таков начин сакаат да покажат револт.

„Сакам да ги убедиме оти тоа е нерационално. На тој начин не ги казнуваат големите партии, напротив тоа е исто како да гласале за нив“.

Александар Тортевски уверува дека големите партии нема да се срамат ако победат на избори со мала излезност, дека според Донтовиот модел не е битно дали еден пратеник ќе влезе во Собрание со освоени 6.000 или 2.000 гласови.

„На големите партии им е битно да седнат на фотелјите“.