Регион

Tоварот на докажувањето:Во архивата на предметите за воени злосторства

Во Судот на Босна и Херцеговина има сѐ помалку место за сѐ поголемиот број документи и докази од судските процеси за воени злосторства

Просторијата е полна со кутии. Секој празен простор е искористен: кутиите по полиците на шкафовите се наредени до таванот. Ги има и по масите и на подот. Некои се ставени дури и под работните маси, па луѓето што работат таму, едвај можат да ги помрднат нозете додека седат.

„Повеќе не знаеме каде да ги ставиме“, признава Даниела Новак, раководител на Одделот за судска управа на Судот на БиХ. „Имаме вистински проблем со просторот“.

Архива на Судот во БиХ. Фото: Мартино Ломбеци

Писарницата, која се наоѓа на вториот кат од зградата на Судот во Сараево е, исто така,  една од просториите каде се чуваат документите на одделението за воени злосторства. Тука се и документите од случаите на организиран криминал, кои се во тек.

„Две илјади и деветстотини случаи се во тек, со 12.950 регистратори“, вели Новак. „Ние ги користиме секој ден, но поради недостиг на простор, дел од регистраторите се чуваат и во други простории во зградава“.

Да не ги спомнуваме и затворените случаи на воени злосторства, чија документација се чува во пет други простории, во подрумот на судот.

„Босна и Херцеговина има строги правила за архивата, но не можеме целосно да се придржуваме кон тоа“, признава Новак. „Сите архивски простории не ги исполнуваат правилата за температура, осветлување и влажност“.

„Постои целосен недостиг на простор и капацитет за архивата“, потврдува судската регистраторка, Емира Хоџиќ, којa го води регистарот во Судот на БиХ.

„Ни треба еден објект, место каде ќе можат да се најдат сите предмети, документи и докази“, вели Хоџиќ. „Во моментов, ние немаме капацитет да ја организираме архивата за секое досие на систематски начин, како што е тоа пропишано со правилата. Ова е огромен проблем, ова се акти кои ја претставуваат историјата на нашата земја“, додава таа.

Но, не е во прашање само недостигот на физички простор. Постои и отсуство на електронска архива. Јавните документи и експонати не се достапни онлајн – ниту за судиите, ниту за адвокатите и обвинителите, ниту за јавноста.

Даниела Новак, секретар на Судот на Босна и Херцеговина, Сараево, 2020 година. Фото: Мартино Ломбеци.

Новак го објаснува обемот на проблемот.

„Правилото е – скенирање на сите јавни документи“, вели таа. „Но, добиваме толку многу документи, што едноставно немаме капацитет да ја извршиме таа задача. Немаме соодветна опрема, ниту персонал за тоа“.

Кога на обвинителите, адвокатите или на правните соработници, им е потребен некој документ од архивата, за да го добијат, тие прво мора да побараат одобрение од судија. Откако ќе добијат одобрение, документот од архива, може да го земе само овластено лице од писарницата. Тогаш, лицето кое го побарало документот, ќе биде повикано да дојде лично во писарницата, за да го разгледа.

Новак покажува  на аголот на преполната канцеларија: „Тие можат да седнат зад оваа маса“.

„Тоа е старомодно и долготрајно“, вели адвокатот, Нина Кисиќ, која била бранител во неколку случаи на воени злосторства, што се суделе пред Судот на БиХ.

 

Нина Кисиќ, адвокат, во нејзината канцеларија. Сараево, 2020 година. Фото: Мартино Ломбеци.

„Пристапот до документите е многу ограничен. Поголемиот број докази ги наоѓам на веб-страницата на МКТЈ. Тие направија добра работа со онлајн архивата“, нагласува таа. Релевантните информации лесно можат да се најдат, со впишување на клучни зборови, имиња или места, што не е можно во Судот на БиХ.

Бидејќи нема електронски систем за архивирање во овој суд, работа на Кисиќ, во овој случај, е посложена. „Кога треба да доставам поднесок, тоа можам да го сторам само кога поштата е отворена, за да можам да го испратам по пошта. А ако сакам да знам дали некое лице претходно сведочело, тоа можам да го дознаам, само ако ги прочитам претходните пресуди, кои, исто така, не можат да се најдат онлајн за секој предмет“, објаснува таа.

„Понекогаш, кога обвинителството е единственото место каде можам да најдам некои докази, морам да побарам судски налог за да го направам тоа. Потоа морам да одам во обвинителството и рачно да пребарувам по нивните регистратори“, додава таа.

Ситуацијата е предизвик и за правните соработници, а особено за јавноста, која тешко може да сфати како и каде може да се најдат релевантни материјали. „Понекогаш добиваме барање од здружение на жртви или од студент што работи на магистерска теза“, вели Новак. „Но, од пошироката јавност, ретко“.

„Политичарите создаваат негативна атмосфера“

 

Судницата број 5, Суд на Босна и Херцеговина. Сараево, 2020 година. Фото: Мартино Ломбеци.

Иако домашните и меѓународните експерти и институции континуирано ја истакнуваат важноста на лесно достапните и добро функционалните архиви, ситуацијата во повеќето судови во балканските држави, е далеку од идеална.

Состојбата на архивата на Судот на БиХ, е само еден пример за предизвиците со кои се соочуваат сите оние, кои се вклучени во судските процеси за воени злосторства.

„Научивме многу, не само за архивата, туку и за заштитата на сведоците, за правните процедури и за правичните судења“, нагласува Хоџиќ, која во 2005 година, кога беше основан Судот на БиХ, беше меѓу првите негови државни службеници.

Првите случаи на воени злосторства беа решавани од мешани тимови, со домашен и меѓународен кадар, а Хоџиќ работеше со меѓународни судии и адвокати до крајот на нивниот мандат, во 2011 година.

Таа истакнува дека Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг бил модел за Судот на БиХ. „Имаше толку многу добри реформи во нашиот правен систем. А сега, во последните неколку години, се обидовме да ги одржиме меѓународните стандарди, и покрај сегашната негативна општествена стагнација, која се случува во Босна и Херцеговина“, додава таа.

Писарницата на судот, каде се чува документацијата на одделението за воени злосторства. Суд на Босна и Херцеговина, Сараево, 2020 година. Фото: Мартино Ломбеци.

Хоџиќ истакнува дека политичарите намерно создаваат негативна атмосфера за судот во општеството. „Политичарите честопати го критикуваат судот, кога ќе биде осуден некој од нивната етничка група“, вели таа. „Тие не ги читаат целите пресуди, туку само го гледаат исходот. Тие се обидуваат да извршат притисок врз нас, со своите коментари на телевизија“.

Сепак, Хоџиќ потенцира дека таа и нејзините колеги се навикнати на овој негативен став кон нивната работа и се обидуваат да не обрнуваат внимание на тоа. „Единствено опипливо влијание што тие го имаат е она на нашиот буџет. Ако не го усвојат нашиот буџет, тие можат да ги ограничат нашите активности. А токму тоа и го прават“.

„Минатата година немавме буџет за капиталните инвестиции што очајно ни се потребни. Имавме само за плати и за генерално одржување на нашата институција. Истата работа се случува и оваа година, сè уште чекаме нашиот буџет да биде одобрен“, додава таа.

Една од клучните потребни капитални инвестиции е дигитализацијата на аудио-визуелниот материјал од судењата.

„Нашиот ИТ персонал максимално се труди да најде место за складирање на аудио и видео записите од судењата. Ова се официјални записи за предметите, не можеме и не треба да ги бришеме, тоа е наследството на нашиот суд. Сепак, сите наши сервери се полни“, објаснува Хоџиќ.

„Обвинителите понекогаш не се свесни за доказите“

 

Овие, но и другите предизвици, со кои се соочуваат вработените во судот, се потврдени и во неодамнешните извештаи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и на Европската унија, кои отворено ги критикуваа јавните институции во БиХ.

„Некои клучни актери не покажуваат решеност, со координација и соработка, да ги решат или надминат дисфункционалностите“, стои во Експертскиот извештај за владеењето на правото во Босна и Херцеговина на ЕУ, објавен во декември 2019 година.

„Наместо тоа, се чини дека тие прават сѐ што можат за да спречат какви било промени, што сметаат дека не се во нивен интерес“. Овој став ги негира обидите на многу службеници, кои во нивната секојдневна работа се обидуваат, и покрај сите тешкотии и пречки, ‘работите да функционираат’, што е за секаква пофалба“, се додава во извештајот на ЕУ.

Потребни се системски реформи, пишува Рајнхард Прибе, известувачот за правни прашања на ЕУ, за кои „се очајно потребни“ заедничко разбирање и чувство на одговорност на ниво на власт и институции.

„Државното обвинителство не ги фокусира своите ресурси на истрагите и гонењето на најсложените случаи на воени злосторства, што целиот систем го прави неефикасен“, нагласува, Неџад Смаилагиќ, правен советник на ОБСЕ.

Во извештајот, објавен во јуни 2019 година, ОБСЕ дава неколку препораки за поефикасно работење на обвинителствата, а една од нив е поедноставената архива, потенцира Смаилагиќ.

„Обвинителите честопати не се свесни за постојните докази, бидејќи доказите поврзани со еден случај, не можат да се најдат во друг. Не постои архива во која може да се пребарува“, додава тој.

„Најрелевантните материјални докази се во странство“

Згора на сѐ, голем дел од доказите не се чуваат во судот во Сараево, туку во Хаг. „Влеговме, зедовме сè и се вративме во базата“, изјави Боб Рид, шеф на оперативниот тим на Обвинителството на МКТЈ, во интервју во 2017 година, кога се затвори Хашкиот трибунал. Тој беше еден од првите иследници што дојдоа во БиХ кога војната заврши, за да побараат докази. „Ние зграпчивме сè што можеме и го донесовме тоа во Хаг“, нагласи Рид.

До денес, 9,2 милиони страници документи и 14.000 докази се зачувани во единицата за докази на Обвинителството на МКТЈ во Холандија.

 

„Најрелевантните материјални докази се во странство“, вели Кисиќ. „Само доказите што се користеа за време на судењата беа скенирани и обелоденети. Пристапот до другите материјали е тежок – воопшто не знаете кои документи постојат и каде да ги најдете. Понекогаш ова е навистина фрустрирачки. Како можам да изградам случај за еден клиент, кога не можам да ги добијам основните документи?“, прашува таа.

„Имаме само неколку случаи (физички докази) тука во зградата на нашиот суд во Сараево“, потврдува Амар Алајмовиќ, архивски службеник во Судот на БиХ.

Алајмовиќ оди во просторијата за складирање во подрумот на судот, каде се чуваат физички докази. Пристапот до овој дел им е строго забранет на сите, освен на двајцата службеници кои работат таму, а досега тука не влегол ниту еден новинар.

Тука можат да се најдат одземени и конфискувани предмети како што се дрога, пари и оружје. „Но, нема рачни бомби“, се смее Алајмовиќ. „Не сакаме нешто да ни експлодира овде“.

Кога пред десетина години тој започнал да ја работи оваа работа, архивата на артефактите не била толку добро организирана, вели тој и додава: „Сè беше расфрлано наоколу, за да најдам некој предмет ми требаше половина час“.

Тој и неговиот колега воспоставиле јасен систем за организирање на стотиците документи, кои тука пристигнуваат секоја година, но и построг систем за ракување со клучевите на разните трезори и сефови.

„Имаме две одделенија“, објаснува тој, додека го внесува кодот на сефот во неговата канцеларија, за да го земе првиот клуч. „Едно за предмети со низок, а другото за предмети со висок ризик“.

Тој оди низ ходнкот за да го отвори катанецот на вратата од првата просторија за архивирање. Во оваа просторија има пет сефови, секој со свој код или клуч, во кои има пасоши, пари, сребро и клучеви за други трезори.

„Мојот колега и јас сме единствените во оваа зграда кои можат да ги отворат овие сефови“, вели тој смеејќи се, додека го зема клучот за сефот во другата просторија за складирање.

„Овде чуваме оружје и дрога“, вели Алајмовиќ, отворајќи ја дебелата метална врата. Покрај запленетите наркотици и машината за фалсификување на банкноти, има и некои артефакти кои се одземени од лица обвинети за воени злосторства.

Алајмовиќ отвора една кутија и ни покажува пиштол од девет милиметри, кој му бил одземен на Јадранко Палија, кого Судот на БиХ го осуди на 28 години затвор во 2007 година.

Во истата кутија има и значка на воената полиција на Југословенската народна армија, како и неколку куршуми и чаури. На пластичната кеса, со рака е напишано „Покрај гробницата“. „5 парчиња“. „Полицискиот истражител кој ги пронајде овие чаури во близина на една масовна гробница, го напиша ова“, вели Алајмовиќ.

Тој ни покажува и неколку маскирни комбинезони. „Ова се комбинезоните на Жељко Тадиќ. Тие беа користени за време на неговото судење и беа поднесени како доказ на 18 јули 2019 година“. Судскиот процес против Тадиќ и неговите соборци, поранешни припадници на Војската на Република Српска, сѐ уште трае.

„Државниот суд дава наредба за уништување на некои физички докази, кои биле употребени на нечие судење. Не само цигари и дрога, туку и пушки и муниција“, вели Алајмовиќ.

Ова е уште една причина зошто, не толку мал број предмети, не можат да се најдат во архивите на Судот на БиХ. „Големи случаи на воени злосторства со интересни материјали беа решавани и пред 2012 година, кога судот сè уште беше хибриден. Повеќето докази веќе не се тука“, истакнува Алајмовиќ.

Недовршена судница се користи за чување докази

„Дали знаете дека чуваме дел од документацијата за тековните случаи во судница?“, не прашува Даниела Новак, додека седиме во писарницата.

Таа се качува на третиот кат и ја отвора вратата на судницата 10. „Оваа просторија никогаш не е користена за својата намена, затоа што немавме пари за да ја опремиме. Сега ја користиме за архивата“, вели таа.