Регион

Хашим Тачи, по две децении, би можел да се соочи со судење

Во обвинението се тврди дека Тачи, Весели и другите обвинети, се одговорни за скоро 100 убиства

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Не е коинциденција што косовскиот претседател, Хашим Тачи, поранешен командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК), е обвинет за злосторства против човештвото и за други воени злосторства извршени за време и по војната во Косово.

Во средата, Тачи се качи во неговиот авион на пат кон Вашингтон, на долгоочекуваната средба со српскиот колега, Александар Вучиќ, и со специјалниот пратеник на САД, Ричард Гренел, за да разговараат за идниот статус на Косово.

Додека го подготвуваше своето излагање на небото над Европа, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК) објави дека тој е првиот човек за кого јавно се знае дека е обвинет за серија злосторства против човештвото и за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, присилно исчезнување на лица, прогони и мачење.

Обвинението доаѓа откако овој поранешен висок припадник на ОВК и актуелен политичар, кој од крајот на војната во 1999 година, е носител на одлуките во Косово, по неколкумесечна борба ја собори владата на својот противник, Албин Курти, и ја замени со нова, марионетска, и се подготвуваше да го финализира „договорот на столетието“ со Србија и со неговите американски сојузници.

Во изминатата година, Тачи неуморно се состануваше со дипломати, моќни пријатели, политичари и адвокати, за да се отстрани потенцијалниот проблем што фрли сенка на неговата агенда во последните пет години – Специјализираните совети на Косово (ССК), хибриден суд со седиште во Хаг, пред кој ќе им се суди на поранешните припадници на ОВК, кои Тачи ги водеше против српската угнетувачка власт.

Притисокот беше огромен, а обвинителот, кој не зборуваше јавно за лицата кои би можеле да се соочат со обвиненија, соопшти дека „сметал оти е неопходно да објави соопштение за јавноста, поради континуираните обиди на Тачи и на Весели да ја попречат и да ја поткопаат работата на ССК … сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“.

Според обвинителот Џек Смит, Тачи и неговите блиски сојузници, со ова покажале „дека нивните лични интереси се поважни од жртвите на нивните злосторства, од принципите на владеење на правото и од целиот народ на Косово“.

Во обвинението, поднесено на 24 април, на 52-тиот роденден на Тачи, се наведува дека тој и другите се одговорни за скоро 100 убиства. Другите злосторства, наведени во обвинението, вклучуваат стотици познати жртви, косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политичките противници, косовски Албанци.

Обвинението го прекина патувањето на Тачи и го принуди да го откаже состанокот во Вашингтон, но дури откако судијата за претходна постапка ќе го потврди обвинението, ќе се знае дали тој ќе го чека судењето зад решетки.

Тоа може да се случи утре. Или најдоцна оваа есен. Судијата за претходна постапка има рок од шест месеци, од денот на поднесувањето на обвинителниот акт, односно од 24 април, истото да го потврди, отфрли или да побара да се измени.

Студент по историја кој ја напиша историјата на Косово

Хашим Тачи на одбележувањето на годишнината од демилитаризацијата на ОВК, Косово, Фото: твитер објава на профилот на Тачи на  21 јуни 2020

Косовскиот претседател се етаблира како паметен тактичар способен да маневрира со противниците и тој, од крајот на војната, доминира на политичката сцена во Косово – како прв премиер, преку министер за надворешни работи до претседател. Тој и неговата Демократска партија на Косово, ДПК, веќе две децении, ги држат конците во скоро сите аспекти на политичкиот живот во поранешната српска покраина.

Роден во 1968 година во земјоделско семејство во селото Буроја, во долината на Дреница, Тачи бил седмото од деветте деца во семејството. Студирал историја на Универзитетот во Приштина, а до крајот на осумдесеттите бил вклучен во тајното Косовското народно движење (КНД) – нелегална политичка организација во поранешна Југославија, еднопартиска држава управувана од Сојузот на комунисти на Југославија до 1990 година.

Основана во 1982 година, КНД се обиде да го обедини Косово со соседна Албанија, која во тоа време, исто така, беше комунистичка држава. Поради своите активности во КНД, Тачи ја напушти Југославија во 1993 година и доби политички азил во Швајцарија, каде што стана основачки член на поврзаната организација, ОВК.

Тој често патувал во Косово, нелегално преминувајќи ја границата, работејќи на организирањето на структурата на ОВК, во име на КНД. Повеќето од постарите припадници на ОВК потекнуваат од сега непостоечката КНД.

До 1997 година, Тачи го водеше политичкото крило на ОВК и тој имаше клучна улога во артикулирањето на политичките амбиции на косовските Албанци, во вооружената борба против владеењето на Белград.

Кога дојде до влошување на конфликтот во 1999 година, дојде и до интервенција на НАТО и бомбардирање на српските позиции, со што се стави крај на војната во Косово, при што Србија ги повлече своите сили.

Бидејќи, по војната, Косово го водеше мисијата на ООН, УНМИК, Тачи се согласи да ја распушти привремената влада и одигра клучна улога во распуштањето на ОВК.

Кон крајот на 1999 година, тој беше избран за лидер на новата Партија за демократски напредок, која наскоро беше преименувана во Демократска партија на Косово (ДПК). Оттогаш, Тачи стана еден од најрелевантните соговорници за меѓународните дипломати, особено кога стануваше збор да се обезбеди придржување кон меѓународните политики во Косово, вклучително и на поранешните фракции на ОВК под контрола или влијание на Тачи.

Тој кратко беше во опозиција – од 2001 до 2004 година, а потоа, во јануари 2008 година, се врати како премиер. Набргу, на 17 февруари 2008 година, тој ја прочита косовската Декларација за независност, која беше поддржана од мнозинството во косовското собрание, со што тој стана една од најважните личности во историјата на Косово.

ПДК победи на три последователни избори-во 2007, 2010 и во 2014 година. Тачи двапати беше премиер, помеѓу 2008 и 2010, и помеѓу 2011 и 2014 година.

Бидејќи, според уставот, шефот на државата не може да извршува други јавни функции, Тачи, кога стана претседател, поднесе оставка од раководството на ДПК. Него го наследи неговиот близок соработник, поранешниот претседател на Собранието, Кадри Весели, кој заедно со Тачи, е обвинет за воени злосторства.

Од мемоарите на Дел Понте, до наводите за трговија со органи

Поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла Дел Понте Фото: Викимедиа

Мислењата на јавноста за политичките достигнувања на Тачи се остро поделени. За многу жители на Косово, тој е основач на најмладата држава во Европа. За други, тој е корумпиран политичар кој ја спречил трансформацијата на Косово во демократија. За меѓународната заедница, тој скоро секогаш беше сигурен партнер.

За Србите тој отсекогаш бил воен злосторник, одговорен за прогонот на Србите во Косово, што доведе до поднесување на првото обвинение за воени злосторства против него, пред судовите во Србија.

Потерницата по Тачи, издадена од страна на Србија во почетокот на 2000 година, никогаш не беше сфатена сериозно во меѓународните кругови, поради очигледната пристрасност на Белград. По завршувањето на војната, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) започна да поднесува обвиненија против разни водачи, воени офицери, полицајци и војници, од сите земји на старата заедничка држава. Но, Тачи го избегна ова. Неговото име никогаш не се најде на списоците, и покрај гласините дека се води истрага против него.

Неуспехот да се спроведат истраги против водачите на ОВК, се најде во фокусот, кога поранешната главна обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте, ги објави своите мемоари. Во нив таа пишува дека „истрагата спроведена против борците на ОВК се покажала како фрустрирачка во однос на сите други истраги спроведени од МКТЈ“. Дел Понте беше првата што отворено проговори за проблемите со заплашувањето на сведоците, со кои таа и нејзиниот тим се соочија во своите случаи.

Во нејзината книга „Госпоѓа обвинителка“, објавена во 2009 година, таа пишува дека „сведоците толку се плашеле и толку биле заплашувани, што дури им било страв да зборуваат за присуството на ОВК во некои области, а не пак да спомнат некакви вистински злосторства“. Таа додава: „Оние што беа подготвени да сведочат мораа да бидат преместени во други земји заедно со своите семејства, а многу држави не беа подготвени да ги прифатат“.

По војната во 1999 година, на Косово немаше полиција, а силите на мисиите на НАТО (КФОР) и на УНМИК не можеа да осигураат безбедност. „Уверена сум дека офицерите на УНМИК и на КФОР беа исплашени за своите животи и за животите на членовите на својата мисија. Мислам дека некои судии од Хашкиот трибунал се плашеа дека ќе станат мета на Албанците“, пишува Дел Понте.

Врз основа на нејзините мемоари, беше покрената истрага, предводена од швајцарскиот известувач, Дик Марти. Јануари 2011 година го означи почетокот на, најверојатно, најтешкиот период на Тачи во политиката, кога Советот на Европа го усвои извештајот на Марти. Во него, раководството на ОВК, вклучително и Тачи, тогашен премиер, беше обвинето за вмешаност во „трговија со органи, киднапирање и лошо постапување со затвореници“ за време на војната во Косово, 1998-1999.

Овој извештај, како и последователните истраги на ЕУ, доведоа до создавање на нов суд, Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство на Косово, со задача да ги реши злосторствата за кои беше наведено дека биле извршени од припадниците на ОВК, над цивили и наводни соработници на поранешниот југословенски режим.

Новите обвинители следат поинаква стратегија

Седиштето на Специјализираните совети во Хаг. Фото: Европол

Она што е јасно од изјавата на обвинителот Смит, а во отсуство на целосното обвинение кое има десет точки, е дека ова обвинителство има поинаква стратегија од претходниците во Хашкиот трибунал.

Обвинителите на Хашкиот трибунал ги обвинија поранешните припадници на ОВК, главно за изолирани злосторства, фокусирајќи се на конкретни настани и потоа се обидоа да ја докажат поврзаноста на обвинетите со конкретните злосторства. Ова доведе до проблеми со сведоците, особено затоа што тие често ги менуваа своите изјави. И документацијата беше лоша, со оглед на герилската природа на ОВК. Резултатот беше неможноста да се обезбедат убедливи докази што ја потврдуваат „командната одговорност“ на лицата на кои им се судеше.

Наместо тоа, обвинителот Смит и неговиот тим, од кои многумина се ветерани на Хашкиот трибунал, се фокусираат на големи кампањи на убиства и прогони и тие се обидуваат да докажат дека како водач на ОВК, Тачи бил одговорен не само за воени злосторства, туку и за злосторства против човештвото.

Злосторствата против човештвото се однесуваат на злосторства извршени во контекст на широко распространети или систематски напади врз цивили или препознатливи делови на цивилното население и можат да бидат извршени и во мирнодопски услови, не само за време на конфликт, како што е тоа случај со воените злосторства.

Во обвинението се тврди дека Тачи, Весели и другите обвинети, се одговорни за скоро 100 убиства. Злосторствата кои се спомнуваат во обвинението вклучуваат стотици луѓе чиј идентитет е познат, вклучувајќи косовски Албанци, Срби, Роми и луѓе од други националности, како и политички противници. Тие вклучуваат присилно исчезнување, прогон и тортура.

Обемот на злосторствата што му се припишуваат на поранешното раководство на ОВК, првично беше обелоденет во 2014 година, од страна на поранешниот обвинител, Клинт Вилијамсон. Според неговиот тим, одредени елементи на ОВК, преку акти на прогон, намерно го целеле малцинското население. Тие вклучувале убиства, протерувања, нехуман третман, киднапирања и нелегални приведувања во логори во Косово и во Албанија, уништување на верски места и етничко чистење на одредени области.

Вилијамсон соопшти оти има докази дека припадниците на ОВК учествувале во континуирана кампања на насилство и заплашување на политичките противници, косовски Албанци, во 1998 и 1999 година, која вклучувала убиства, заплашувања и тортура.

„Пет минути“ за жртвите на суд или политички прогон

Фото: Валери Плеш

Објавувањето на обвинението одекна како бомба во регионот, соочен со нестабилност и превирања, кои се зголемија за време на пандемијата на корона вирусот. Со одделни соопштенија, ЕУ и САД ја поддржаа работата на обвинителството и истакнаа дека ваквите обвиненија се пат кон помирувањето во регионот.

Но, за косовските политичари, обвинението против Тачи е чиста политика и неправда.

Поранешниот премиер, Рамуш Харадинај, кога СОК минатата година го сослушаа како осомничен, изјави: „ОВК водеше чиста војна, што резултираше со слобода и формирање на Република Косово. Ние веруваме во невиноста на претседателот Тачи, на господинот Весели и на сите останати другари“.

Лидерот на ДПК, Весели, кој е, исто така, именуван во обвинението, беше првиот што реагираше на соопштението на СОК: „Обвиненијата се целосно неосновани. Не е точно ниту дека сме му се заканувале на судот“, рече тој.

„Загрижен сум дека вистинските мотиви на овој обвинител се целосно политички. Со оглед на времето и околностите, неколку дена пред состанокот во Белата куќа … луѓето со право се сомневаат дека не станува збор за случајност“, заклучи Весели.

Меѓународните групи за човекови права, како што е Хјуман рајтс воч (ХРВ), велат дека обвинението против Тачи и другите поранешни лидери на ОВК ќе ја унапреди правдата кога станува збор за воените злосторства и за злосторствата против човештвото, извршени за време и по војната во Косово.

Но, тие предупредија дека клучниот предизвик за правдата ќе биде заштитата на сведоците, проблем што се појавуваше во текот на бројни судења за воени злосторства на поранешните припадници на ОВК, како на Косово, така и пред Хашкиот трибунал.

„Ова обвинение е позитивен чекор кон правдата, бидејќи овие наводни злосторства висат над Косово две децении“, вели директорката на канцеларијата на ХРВ во Брисел, Лоте Лихт, која додава: „По повеќегодишно барање на правдата, жртвите од сите етнички групи, конечно ќе можат да ги добијат своите ‘5 минути’ на суд“.

Но, кој на крајот ќе ги добие своите ‘5 минути’ на суд, останува да се види. Надежта и влоговите се големи, како за веќе поларизираното општество во Косово, кое влегува од една во друга криза во последните пет години, така и за жртвите на Косово, но и во Србија. Тие, во анксиозност и со големи очекувања, повеќе од 20 години го чекаат тоа.

Во меѓувреме, лицето за кое се зборува на Косово, Тачи, молчи. Никаде го нема. Тој го откажа својот состанок во САД, а кога и како ќе се врати во Косово, допрва треба да се потврди. Од неговиот кабинет вчера соопштија дека тој ќе се врати во Приштина во четврток, но не дадоа детали каде тој моментално се наоѓа.