Регион

Австриските пратеници ја поддржаа забраната за „ултранационалистичкиот“ настан во Блајбург

Австриската Зелена партија, за БИРН објаснува зошто пратениците ја поддржале предложената забрана на комеморацијата во Австрија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Во Хрватска, дебатата што секоја година се води во врска со комеморацијата во Блајбург, која се одржува секој година во месец мај, стивна, откако помина датумот на овој настан. Но, дебатата во Австрија, земјата во која Блајбург се наоѓа, околу предложената забрана на комеморацијата, сè уште е актуелна.

Кон крајот на мај, четири политички партии кои имаат членови во австрискиот парламент – социјалистите, зелените, либералите и конзервативците – усвоија необврзувачка резолуција со која го повикуваат австрискиот министер за внатрешни работи, да ја забрани комеморацијата во чест на сојузничките нацистички хрватски војници и цивили, кои на крајот од Втората светска војна, биле убиени од партизаните во Блајбург.

„Со нашиот предлог, побаравме од министерот за внатрешни работи да ги разгледа сите можности на домашно, билатерално и европско ниво, за забрана на ултранационалистичко-фашистичката комеморација во Блајбург и на австриска територија во 2021 година, но и понатаму, со преземање на законски мерки во согласност со Повелбата на ЕУ за основните права, со Европската конвенција за човекови права и со другите уставни одредби“, вели за БИРН, Олга Воглауер, пратеник на Зелената партија на Австрија.

Воглауер, чија партија е иницијатор на предлогот, посочува дека иако резолуцијата не е правно обврзувачка, таа е „дефинитивно чекор во вистинската насока“, а во исто време „политички знак дека собирите во Блајбург повеќе нема да се толерираат“.

Комеморацијата во Блајбург е контроверзна, затоа што некои учесници истакнуваат симболи на усташкото движење, кое, за време на владеењето на Независната Држава Хрватска (НДХ), во Втората светска војна, убиваше Евреи, Срби, Роми и Хрвати антифашисти, во концентрациони логори како озлогласениот Јасеновац.

Воглауер смета дека со текот на годините, овој настан станал „еден од најголемите собири на ултранационалистичките и фашистичките групи во Европа“.

Комеморацијата во Австрија оваа година беше откажана поради ограничувањата за патување воведени поради пандемијата на Ковид-19. Наместо неа, беа одржани миси во Сараево и во Загреб, што предизвика нови спорови и големи антифашистички демонстрации во главниот град на Босна и Херцеговина.

Воглауер потенцира дека австриската резолуција е извонредна, затоа што „за прв пат, не само Зелената партија, туку и нашиот конзервативен коалициски партнер ОВП и двете опозициски партии, социјалдемократите и неолибералниот НЕОС, ја поддржаа нашата предлог резолуција“.

Освен десничарската Слободарска партија, „сите други партии претставени во парламентот зазедоа став против ултранационалистичките собири“, додаде таа.

Слободарската партија предупреди дека забраната на настанот во Блајбург е проблематична, затоа што може да доведе до забрана и на други собири во Австрија.

„Не мора да ви се допаѓа настанот во Блајбург, но слободата на собирање е исклучително важна придобивка заштитена со уставот“, изјави пратеникот на Слободарската партија, Ханс Амесбауер.

„Величење на фашистичките ‘херои’“

Споменик на жртвите од Блајбург Извор: Википедија

Светскиот еврејски Конгрес, меѓународна организација која ги застапува еврејските заедници, ја поздрави иницијативата на австриските пратеници, нагласувајќи дека настанот во Блајбург „стана место каде се прославуваат ‘хероите’ на фашистичкото пронацистичко движење кое владееше во воена Хрватска и беше виновно за грозни акти на масовно убиство на Срби, Евреи, Роми и антифашистички Хрвати “.

Конгресот посочи дека „ниту едно општество не може да избегне да се соочи со злогласните поглавја од своето минато“, додавајќи дека „за жал, Хрватска повеќе пати избегнувала вакво соочување“.

Во мај 2016 година, хрватскиот парламент реши повторно да биде покровител на овој настан, откако во 2012 година покровителството беше укинато, поради загриженоста дека собирот се користи за рехабилитација на усташката идеологија.

Секоја година во мај, хрватските министри и државни функционери, положуваат венци пред споменикот во Блајбург, на кој пишува: „Во чест и слава на паднатата хрватска војска“.

Од австриската антинационалистичка организација АК Плиберк/Блајбург, за БИРН истакнаа дека тие го поздравуваат усвојувањето на резолуцијата во австрискиот парламент, но дека забраната за собирање ќе биде „тешка и проблематична, со оглед на тоа дека собирот се одржува не само на јавен, туку и на црковен и на приватен имот“.

Дебатата на парламентарната комисија за внатрешна политика по ова прашање, закажана за 3 јуни, беше одложена, а на следниот состанок на комисијата, кој треба да се одржи кон крајот на овој месец или на почетокот на јули, треба да се смени текстот на резолуцијата.

Во меѓувреме, австрискиот министер за внатрешни работи, Карл Нехамер, најави формирање на работна група која треба да ја испита целата ситуација, предупредувајќи дека прашањето е многу комплексно и дека мора да се донесе одлука во согласност со уставот и законот.

Настанот ги „вознемирува“ локалните Австријци

 

За време на комеморацијата во Блајбург, во мај 2018 година, некои од присутните го носеа знамето на екстремно десничарската, Хрватска партија на правото. Фото: фејсбук страна на ХСП

Даниел Мајиќ, новинар со хрватско потекло, кој работи во Германија, три пати известуваше од комеморацијата во Блајбург – во 2013, 2018 и минатата година.

„Ова беа многу различни собири … во 2013 година, јас бев еден од ретките новинари што не беше од Хрватска. Собирот тогаш беше мал, со околу 4.000 учесници“, вели Мајиќ за БИРН.

„Тогаш можеше да се забележи отворено глорифицирање на усташкото движење; некои учесници носеа усташки униформи … можеше да се купи ЦД со ‘најубавите песни на усташкото движење’, а усташки песни се пееја и под тендите“, се сеќава тој.

Мајиќ додава дека секоја година славењето на усташкото движење е „сѐ помалку отворено“, но дека во последниве години сè уште имало поединци кои прикажувале усташки симболи.

„Се сеќавам дека еден човек во 2018 година имаше маица со ликот на (водачот на усташите) Анте Павелиќ, па не му беше дозволено да присуствува на комеморацијата и тој остана на влезот … никој не го вознемируваше, тој едноставно не смееше да пристапи кон комеморацијата“, посочува Мајиќ

Католичката црква на Корушка, минатата година го одби барањето на Хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург, бидејќи, како што образложи, овој настан се користи за промоција на националистички идеи.

Исто така, минатата година, Министерството за внатрешни работи на Австрија забрани два симбола на хрватското усташко движење, буквата У, која се наоѓа околу сребрена граната од која се појавува црвен пламен и грбот со шаховницата на Независната Држава Хрватска, од Втората светска војна.

Според организаторите на комеморацијата, Почесниот блајбуршки вод (невладина организација основана во Австрија), минатата година на собирот биле присутни околу 15.000 луѓе, претежно од Хрватска.

Пред комеморацијата во 2019 година, тие предупредија дека на посетителите им е забрането да носат други знаци, освен хрватското државно знаме и верски симболи.

Боже Вукушиќ, од Почесниот блајбуршки вод, за хрватското католичко радио во мај годинава изјави дека „да се оди со рехабилитација на режимот од  Втората светска војна би било малоумно“ и дека организацијата направила сѐ што можела, да ги спречи во тоа „неразумните лица“.

БИРН, за овој текст, побара коментар од Почесниот блајбуршки вод, но не добивме одговор.

Од АК Плиберк/Блајбург, нагласуваат дека забележале оти учесниците на комеморацијата се воздржуваат од несоодветни гестови, со оглед на зголеменото внимание на медиумите, политичарите и на полицијата.

Во 2019 година еден хрватски државјанин беше уапсен поради упатување на нацистичкиот поздрав, додека претходната година на комеморацијата беа уапсени пет Хрвати и еден словенечки државјанин, кои беа обвинети за јавно прикажување на екстремно десничарски обележја.

Сепак, од АК Плиберк/Блајбург тврди дека промените се површни: „Главниот споменик сè уште ја слави фашистичката војска, а собирот служи како ревизионистичка контра точка на Јасеновац“.

Воглауер потенцира дека настаните во Блајбург „очигледно служат за домашни политички цели во Хрватска“.

Сепак, на подрачјето на Корушка во Австрија, каде се одржува комеморацијата, многу луѓе „отворено се вознемирени заради ултранационалистичката и ревизионистичката идеологија што е основа на овие собири и заради нивната зголемена масовност“, вели таа.

Ваквите настани треба да бидат забранети ширум светот, а исто и во Австрија, нагласува таа и додава: „Како и многу други, не сакам мојот регион и мојата земја да продолжат да служат како платформа за ултранационалистички идеолошки позиции од минатото“.