Регион

Поднесено обвинение за воени злосторства против Хашим Тачи

  • 1
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Хашим Тачи

Според денешното соопштение, Специјализираното обвинителство на Косово (СОК), со седиште во Хаг, до Специјализираните совети на Косово (ССК), поднело обвинение од десет точки, со кое Тачи, политичарот, Кадри Весели, и други личности, се товарат за низа злосторства против човештвото и за воени злосторства, кои вклучуваат убиства, присилно исчезнување, прогон и мачење.

Во обвинението, според соопштението, се тврди дека „Хачим Тачи, Кадри Весели и другите осомничени со обвинението, сносат кривична одговорност за близу 100 убиства. Жртвите на кривичните дела од обвинението се стотици лица чиј идентитет е познат, меѓу кои има косовски Албанци, Срби, Роми и лица од други националности, како и политички противници“.

Моментално, обвинението го разгледува судија на ССК за претходна постапка, кој треба да одлучи дали ќе го потврди или ќе го отфрли.

Во соопштението се додава дека специјализираниот обвинител сметал оти е неопходно да објави соопштение за јавноста, поради континуираните обиди на Тачи и на Весели да ја попречат и да ја поткопаат работата на ССК.

„Г. Тачи и г. Весели, според наводите, спровеле тајна кампања со цел да се укине законот со кој се формираа Специјализираните совети како суд, како и со намера на друг начин да ја опструираат работата на судот, сѐ со цел самите да не бидат изведени пред лицето на правдата“, се додава во соопштението.

„Со ваквите постапки, г. Тачи и г. Весели покажаа дека нивните лични интереси се поважни од жртвите на нивните злосторства, од принципите на владеење на правото и од целиот народ на Косово“, се нагласува во соопштението.

Во изминатата година, СОК, како осомничени или како сведоци, сослуша повеќе од 100 лица, претежно поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), во врска со злосторства, наводно, извршени за време на војната во Косово, од 1 јануари 1998 до 31 декември. 1999 година.

Меѓу сослушаните поранешни припадници на ОВК се наоѓаат и високи политичари, како Рамуш Харадинај, кој поднесе оставка на функцијата премиер на Косово, откако беше повикан од обвинителството.

Пред ССК ќе се најдат случаите кои произлегоа од извештајот на работната група на ЕУ, во кој се вели дека неименувани официјални претставници на ОВК би можеле да се соочат со обвиненија за „кампања на прогон“ против Србите, Ромите и косовските Албанци, спроведена за време на војната. Наводните злосторства вклучуваат убиства, киднапирање, нелегални апсења и сексуално насилство.

Извештајот следуваше по оној на Советот на Европа објавен во 2011 година, во кој се вели дека некои високи косовски функционери, вклучително и Тачи, се одговорни за бројни кршења на човековите права. Тачи остро ги негираше овие тврдења.

Преговорите за формирање на таканаречениот Специјален суд траеја од 2011 до 2015 година. Во него се ангажирани меѓународни судии и обвинители, а самиот суд функционира според косовските закони.

По војната, косовскиот правосуден систем го управуваше меѓународната заедница. Нејзините резултати во постапките на воени злосторства беа лоши – помалку од 20 конечни пресуди во предметите на воени злосторства.

Се веруваше дека косовското обвинителство не ќе може да ги издржи политичките притисоци во чувствителните случаи во кои се вклучени високи функционери, што беше една од причините поради кои меѓународната заедница одлучи да формира нов суд.