Анализи

Транспарентност на пауза

Ковид ги сокри податоците за трошењето на функционерите

Кочо Анѓушев потрошил 600 илјади денари во хотели, Драган Тевдовски 22 илјади денари во ресторани, а Садула Дураки зел 13.500 денари дневници за патувања во странство. Ова се дел од последните податоци објавени на алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавните функции. Ниту еден од нив одамна не е владин функционер, но нивните податоци стојат како најнови затоа што последното ажурирање било во ноември 2019 година.

Некои имиња што биле на чело на институциите, како Нина Ангеловска (финансии) и Насер Нуредини (животна средина) воопшто ги нема. Нема ништо ниту за функционерите од техничката влада, како министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев.

Според информациите од Владата, ова е уште еден ефект на кризата со корона вирусот врз транспарентноста на институциите. БИРН веќе пишуваше дека за време на вонредните состојби од пролетта 2020 година доцнеа одговорите на барањата за пристап до информации од јавен карактер, поради работењето од дома, отсуството на одредени кадри во институциите и други причини. Во овој период е одговорено одвај на пола од барањата на БИРН, вклучувајќи тука и одговори за одбивање на барањето.

Некои држави во регионот донесоа одлуки со кои ги суспендираа правилата за транспарентност на своите институции, правдајќи го тоа со потребата да се ослободи јавниот сектор од одредени обврски за да може целосно да се посвети на справувањето со пандемијата. Во Македонија никогаш не беа воведени такви мерки, но транспарентноста опадна. Соочени со зголемениот број обврски и со вонредните работни услови поради карантините и другите мерки, голем број институции самите се откажале од овие обврски.  

Имаше доволно енергија за да се одржува транспарентноста само во врска со борбата со корона вирусот и со трошењето на јавните пари за таа цел. За тоа се отворија два нови владини портали. И тоа не траеше долго, па на порталот koronavirus.gov.mk последните бројки на тестирани и новозаразени се од 28 септември, а последните прес-конференции и соопштенија се од август. Порталот за финансиска транспарентност редовно ги следи набавките и исплатите поврзани со борбата со ковид 19.

Нов почеток наместо продолжение

Во март ќе се објават првите трошоци на новата Влада | Фото: Роберт Атанасовски

Ажурирањата на податоците кој функционер колку пари троши за своите активности треба да се прават на секои шест месеци, но во мај годинава, според извори на БИРН,  кога дошол тој рок, било проценето дека за тоа нема услови. Владата беше од технички карактер и целиот фокус беше ставен на справувањето со пандемијата од ковид 19. Потоа дојдоа парламентарните избори на 15 јули, па формирањето на новата влада и институции, кое се случуваше на крајот од август и во текот на септември.

Најавите од владата се дека објавување на податоците за трошоците на функционерите ќе има и во овој мандат, но со нов почеток. Динамиката на ажурирање на алатката треба да биде март-септември, односно шест месеци од почетокот на работата на сегашниот владин состав и на секои шест месеци потоа. Имало размислувања и за тоа да се намали овој рок, но тоа дополнително треба да се разгледа.

Засега нема конкретно објаснување што ќе се случи со податоците од ноември 2019 до септември 2020. Имало проценки дека тие нема да направат значајни промени во вкупните суми за целиот мандат на претходниот владин состав затоа што во времето на вонредните состојби немало патувања, а и угостителските објекти не работеа, па трошењето било минимално.

Поговорката вели – тој што сака, ќе најде начин, а тој што не сака, ќе најде оправдување. Во таа смисла, и покрај објаснувањата поврзани со избори и со пандемија,  останува фактот дека владата не успеа докрај да ги оствари заложбите за транспарентност во оваа област. И не само во неа.

Достапни бајати податоци

Официјалната ковид-страница на Владата на 13 октомври 2020

 

На 35-та страница од програмата за работа на новата влада (2020-2024) се вели дека таа „уште во првата година од овој мандат ќе донесе нова Стратегија за отворени податоци, која ќе постави јасни и повисоки таргети за транспарентност“. Се најавува дека ќе се обврзат институциите да ги направат своите податоци достапни, јасни и униформирани, што значи да бидат објавени на сличен начин и во слична форма насекаде, за подобра прегледност. 

„Отворени податоци значи и едноставен начин за пристап до нив“, се вели во програмата.

Во неа е нагласено дека исполнувањето на оваа обврска ќе биде услов за секој министер или директор да си ја задржи својата позиција.

Ако важеше вакво правило досега, на работа ќе се задржеа одвај неколкумина министри, и прашање е дали барем еден директор ќе останеше на функцијата.

На 31 октомври 2017 година, владата усвои листа од 21 документ што секоја институција треба да ги објави на својата интернет-страница за да ја подобри својата активна транспарентност. Меѓу документите на листата се буџетите на установите, реализацијата на буџетите, стратешките планови, ревизорските извештаи, органограмите, плановите за јавни набавки, различни контакт податоци, календари на настани и друго. Рокот што беше даден за да се исполни оваа обврска беше 15 дена.

На точно 1.000 дена по истекот на тој рок од 15 дена направивме преглед на веб-страниците на сите министерства и на десет агенции и други органи на управата. Некои министерства, како внатрешни работи, надворешни работи и други ги имаат податоците и документите, но не им се систематизирани на едно место.

Други имаат посебни линкови на веб-страниците именувани „21 документ за отчетност и транспарентност“, но во нив имаат буџети од 2018 или од 2019 година, стари планови за јавни набавки и други податоци со истечена важност. Такви се министерствата за земјоделство, транспорт и врски, образование, култура, економија и други. Обврската си ја исполниле министерствата за одбрана, правда, информатичко општество и за здравство.

Објавено, но тешко се чита

Институциите прво ги печатат, па ги скенираат документите | Фото: БИРН

Подолу од министерствата, пак, во другите управни органи, исполнетоста на оваа обврска е на уште пониско ниво. Последниот буџет што го објавила Агенцијата за млади и спорт е од 2017 година. На линкот „информации од јавен карактер“ на Агенцијата за електронски комуникации има само соопштение за објавен тендер во 2016 година. На страницата на Фондот за здравствено осигурување нема ништо. Агенцијата за филм, пак, нема објавено ниту биографија на директорот.

Нецелосни, несистематизирани и стари податоци може да се најдат и кај агенциите за вработување, поддршка на земјоделството, промоција на туризмот, планирање на просторот и други.

Начинот на објавување на документите, пак, во многу случаи покажува тренд на исполнување на обврските само за да се штиклира дека се исполнети, наместо за суштински да се придонесе кон поголема транспарентност. Голем број документи се испечатени и скенирани страници, што значи дека нема никаква можност за пребарување низ текстот во нив. Некои документи, како буџетите или плановите за јавните набавки, се хоризонтално испечатени, а вертикално скенирани и објавени. Сето тоа создава впечаток на неуредност, па дури и на намерно отежнување на читањето.

На половина пат до транспарентноста

Ретко кое министерство ги исполнило обврските за транспарентност | Фото: БИРН

Активната транспарентност, која владата се заложува дека ќе ја подобри, се смета за повисоко ниво на отвореност на институциите во однос на т.н. реактивна транспарентност, односно одговарање на барањата за пристап до информации. Со неа институциите сами ги објавуваат документите и податоците што ги имаат и до нив може да се дојде без поднесување барања и без чекање.

Тоа е обврска што произлегува и од Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и од други закони, како Законот за буџетите, за локална самоуправа, за јавен долг итн.

Центарот за граѓански комуникации од 2016 година наваму објавува индекси на активна транспарентност. Секоја година, Центарот ја мери транспарентноста на стотина избрани институции од централната власт и од поголемите општини, односно пресметува колкав процент од документите што треба да ги објават може да се најдат на нивните веб-страници.

Од нивните податоци може да се види дека, иако има подобрување низ годините, сè уште сме некаде на половина пат од целта. Просечната транспарентност во 2020 година изнесува 58 отсто, што е напредок во однос на 2017, кога била 42,5 отсто. Особено голем скок има меѓу 2018 и 2019 година, од 43,5 на 56 отсто.

Меѓу институциите, пак, постојат огромни разлики, па така во годинешниот просек влегува и Министерството за одбрана со 98 отсто исполнети обврски за транспарентност, и новоформираното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците со нула отсто во периодот кога се правела анализата.

Активната транспарентност досега не беше целосно „активна“. Сите мерки за подобрување на отвореноста дојдоа како иницијатива „од горе“ со која се поттурнуваат институциите да ги објават податоците. Кога тоа поттурнување ќе престане, дали поради пандемија или поради избори и нова влада, обврските се забораваат, а транспарентноста оди на пауза. До следното поттурнување.