Анализи

Короната ја намали транспарентноста на институциите

Информации од јавен карактер не може да се добијат навреме поради отсуство на вработените што треба да ги обезбедат

  • 7
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Законот го овозможува, но праксата го ограничува правото на пристап до информации од јавен карактер за време на кризата поради пандемијата од Ковид-19. Во време кога дел од државите во регионот ја искористија вонредната состојба за да воведат ограничувања на правото на информирање и на медиумски слободи, во Македонија немаше такви одлуки, но некои ограничувања си дојдоа сами, поради неможноста на институциите да ги остварат овие права навреме, како што се пропишани со закон.

Дел од нив пријавуваат дека поради вонредната организација на работата немаат луѓе што можат да ги обезбедат бараните информации од граѓаните, новинарите, невладините организации или од други, како резултат на мерките за ограничено движење, работа од дома, презафатеност поради покривање на колегите што се дома итн. Засега, според сведочењата и на баратели на информации и на институции, проблемот се решава со меѓусебно договарање да се одолжи рокот за некој ден, за да може да се обезбедат потребните материјали.

Во законот за пристап до информации од јавен карактер не е предвидена виша сила, односно што ќе се случува со ова право во вонредни ситуации како сегашната, која е продолжена до 18 мај. Кај дел од барателите постои загриженост, а во некои институции имало и толкувања дека роковите за одговор на барањата за информации треба да почнат да течат откако ќе заврши вонредната состојба, без разлика кога е поднесено барањето. Сепак, засега нема сведоштва дека тоа се случува.

Нема одбивања, но има одложувања

Информациите се тука, но не се тука луѓето што треба да ги дадат | Фото: БИРН

Граѓански здруженија и новинари, во изминатиов период добиле објаснувања дека ќе мора да почекаат повеќе од рокот за одговор, бидејќи лицето што ги има информациите или лицето што е одговорно да ги достави заминале да работат од дома, користи заостанат годишен одмор, или чува дете помало од 10 години, според препораките на властите за заштита од корона вирусот.

Со последниот закон за пристап до информации од јавен карактер донесен во 2019 година (како целосно нов закон, не како измена на стариот), роковите за добивање информации од јавните институции во земјата се скратија од 30 на 20 дена. Законот целосно профункционира од почетокот на 2020 година, откога се екипираше Агенцијата за заштита на правото на информации, одговорна за жалби кога некоја институција нема да им одговори на граѓаните.

Владата, со прогласувањето на вонредната состојба доби можност да носи уредби со законска сила заради справувањето со пандемијата и со последиците од неа, но оттаму категорично тврдат дека Законот за пристап до информации останува во сила како што е усвоен.

„Законот важи. Нема да правиме измени. Транспарентноста и пристапот до информации се особено важни во вонредна состојба“, вели за БИРН министерката за правда, Рената Дескоска.

Сепак, по првите регистрирани позитивни случаи на Ковид-19 на крајот од февруари и по воведените мерки за ограничено движење во првата половина на март, голем број јавни институции се реорганизираа да работат со скратен капацитет за да може во работните простории да се одржува безбедната оддалеченост на вработените едни од други. Тоа, како што покажуваат искуствата на барателите, негативно се одразило врз нивната способност навремено да обезбедуваат информации од јавен карактер.

Центарот за граѓански комуникации, токму во екот на пандемијата го подготвува индексот на активна транспарентност на институциите. До сите министерства и до сите општини испратиле барања за информации поврзани со бројот на вработените. Во последните денови пред истекот на рокот имаа одговори од 29 отсто од институциите. Герман Филков, претседател на ЦГК, вели дека дел од институциите им најавиле дека нема да можат да им одговорат навреме поради  отсуство на вработените.

„Ни рекоа дека луѓето што треба да ги обезбедат информациите не се на работа поради пандемијата. Не луѓето задолжени за пристапот до информации, туку оние од соодветниот сектор, во нашиот случај од секторите за кадровски прашања. Значи не рекоа дека нема да одговорат, туку дека нема да можат да го запазат рокот“, вели Филков.

БИРН имаше слично искуство обраќајќи се до една институција, од каде што добивме одговор дека задолжената за пристап до информации не оди на работа поради пандемијата и рокот не би можел да биде запазен.

Министерката вели дека тие оправдувања не треба да се прифатат.

„Институциите мора да си се организираат и да ги достават информациите по имејл или на друг начин“, вели Дескоска.

Толкувањата различни, примената иста

Без „автентично толкување“ законот е оставен на слободни толкувања | Фото: БИРН

Иако министерката Дескоска тврди дека законот треба да се почитува исто како да нема вонредна состојба, кај некои невладини организации се појавила загриженост дека со владината уредба што се однесува на Законот за општа и управна постапка, рокот се продолжува. Уредбата беше објавена по владината седница на 23 март. Во неа се вели дека сите рокови за постапување во управната постапка престануваат да течат за време на вонредната состојба и ќе продолжат откако таа ќе престане, за онолку денови колку што преостанале.

Управната постапка се однесува на услугите што управните органи (Владата, министерствата, агенциите, управите, други институции) им ги даваат на граѓаните, компаниите и на други субјекти, како разни дозволи, одобренија, решенија по предмети итн. Имало размислувања во листата на такви услуги да се внесе и одговарањето на барања за пристап до информации од јавен карактер. Ова било споменато и во Министерството за внатрешни работи, но не било воведено во пракса.

„Разговаравме со колегите, и иако имаше размислувања дека роковите може да се одложат согласно владината уредба што се однесува на Законот за општа и управна постапка, сепак решивме да не престанеме со одговарање на барањата. Условите се отежнати бидејќи не секогаш некој што располага со одредена информација е присутен на работа, но, и покрај тоа, постигнуваме да ги одговориме барањата навреме“, вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.

Засега одложувањето останува во сферата на слободни толкувања. Ниедно министерство на својата интернет-страница нема објавено упатство според кое се менува праксата на одговарање на барањата за пристап до информации, а тоа е случај и со други, пониски институции. Деловите за информации од јавен карактер се исти како и во периодот пред кризата и ги содржат задолжителните документи што институцијата треба да ги објави, законските одредби и контакт-информациите со лицето задолжено за постапување по барањата.

Мирче Котевски е задолжен за овие постапки во државната компанија Електрани на Северна Македонија (ЕСМ).

„Некои барања се сложени и бараат координација на повеќе сектори. За сето тоа треба време и во нормални услови, а уште повеќе во вонредните услови во кои функционираме. Не секогаш луѓето се присутни за да ги обезбедат информациите. Се обидуваме да ги испочитуваме роковите, но во одредени ситуации, ако тоа не е можно од објективни причини, се договараме со барателите да одложиме за неколку дена и имаме разбирање од нив. Во никој случај не одбиваме барања“, вели Котевски.

Судските рокови се одложени

Роковите за жалба се исти, но за тужба се различни | Фото: БИРН

Единствени одложени рокови се тие за судските постапки. Ако една институција одбие да даде информации, а Агенцијата ја одбие жалбата, граѓанинот може да поднесе тужба до Управниот суд. Но, судот нема да ја почне постапката додека трае вонредната состојба бидејќи според уредбата на Владата треба да се работи само на итни предмети.

Тоа од една страна го одложува и рокот за поднесување тужба, но од друга, дури и оштетениот граѓанин да се обрати до судот навреме, неговиот рок за да постапи по случајот ќе почне да тече откако ќе заврши вонредната состојба. Но, постапките пред овој суд во врска со информациите од јавен карактер и онака траат една до две години, со што оваа алатка не е од голема помош за новинарите и за медиумите.

За нив се поважни роковите за жалба и за постапување на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап, од каде што велат дека постапуваат без застои, но и дека немало зголемен број жалби во овој период во однос на претходниот.

„Нема значителни разлики. Законот предвидува дека институциите може да побараат да им се продолжи рокот од 20 до 30 дена, ако станува збор за пообемни информации за кои им треба повеќе време да ги соберат. Но, во него не се предвидени вонредни ситуации и како да се постапува во нив“, вели директорката Пламенка Бојчева.

Бојчева се надева дека и барателите и институциите ќе сторат најмногу што можат да го спроведуваат закокот во време на вонредната состојба и дека ќе имаат разбирање за тешкотиите.

Помалку труд за активната транспарентност

Брзите набавки во здравствените институции носат ризици | Фото: БИРН

Додека институциите се обидуваат и во вонредни услови да ги испочитуваат обврските за пасивната транспарентност (да дадат информации кога некој го бара тоа од нив), сепак беше забележано дека не се толку ажурни во активната транспарентност, односно самостојно да ги објавуваат информациите што се должни со закон да ги стават на увид на јавноста.

Едни од најважните информации од тој тип се изестувањата за склучени договори за јавни набавки, бидејќи се однесуваат на трошењето на народните пари. Вонредната состојба ја наметна потребата од итни набавки, особено од медицинските установи. За нив не е потребно мислење од Бирото за јавни набавки, но институциите се должни, откако ќе ја извршат набавката, да ги објават информациите за неа на Бирото.

Центарот за граѓански комуникации, во својата анализа објави дека заклучно со 5 април годинава биле објавени само 17 известувања за склучен договор и 12 одлуки дека е направен избор на најдобар понудувач, што според нив го отвора прашањето дали институциите ја почитуваат законската обврска да ги објават овие информации навреме.

Дури и објавените не откриваат сè што треба да откријат. На пример, има договори за набавки на маски и ракавици каде што не е прецизирано за какви точно станува збор, за да се види дали цената платена за нив е оправдана.

И во втората анализа на оваа тема, објавена на 22 април, која ги опфаќа набавките до 20 април, се вели дека во секој петти договор не биле наведени количествата на набавените материјали.

Од Центарот предупредуваат дека вонредноста на состојбата и општиот недостиг од неопходните производи го зголемуваат ризикот од корупција бидејќи постапките за јавни набавки се нетранспарентни, а набавувачите може да ја искористат ситуацијата и да ги зголемат цените. Затоа, како што се вели во анализите, во ова време е уште поголема важноста на објавувањето на договорите зашто нема огласи, нема тендерска документација и тие се единствен извор на информации дека некои набавки се случиле.

Меѓу институциите што спротивно од овие текови придонесоа за зголемена транспарентност е јавното претпријатие Службен весник, кое овозможи бесплатен увид и во новите изданија. Досега тоа беше можно само за старите изданија на весникот.