Анализи

Тенка линија меѓу песимистичките економски прогнози и реалноста

Песимизмот варира од блага рецесија од -0,4%, до најостар пад на економијата во последните 20 години, од -4%

  • 4
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Веќе само оптимистите прогнозираат рецесија, сите останати очекуваат многу поголема економска криза годинава, од размери на Големата депресија од триесеттите години на минатиот век.

Оваа економска криза што настана како последица на рестриктивните мерки што ги воведоа државите за спречување на ширењето на корона вирусот, редефинираше што е оптимизам, а што песимизам, па така рецесијата која е веќе факт, е одлика на економистите со поумерени предвидувања. Песимистите, уште од сега сметаат дека дури и 2021 година ќе биде загубена.

Прогнозите за македонската економија се движат од намалување на бруто домашниот производ (БДП) од -0,4%, што е најоптимистичкото сценарио на Светска банка, потоа пад на економската активност од -2%, според попесимистичкото сценарио на оваа меѓународна финансиска институција, па до -4%, што засега е најнегативната прогноза од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

Меѓутоа, и ММФ има попесимистички сценарија од овие, според кои, Големото затворање, како што го нарече овој период додека се во сила мерките за ограничување на движењето, може да ѝ стане конкуренција на Големата депресија, феномен кој служеше како пример за економска криза од огромни размери, кога се забележани стапки на пад на БДП и до -15%.

Во просторот меѓу прогнозите и реалноста остануваат неколку непознати, меѓу кои, рокот на траење на рестриктивните мерки, кои буквално ги замрзнаа општествата и можноста за пронаоѓање вакцина или ефикасна терапија подоцна годинава.

Како што посочи извршната директорка на ММФ, Кристалина Георгиева, „за првпат во историјата на Фондот, макроекономските прогнози целосно зависат од проценките на епидемиолозите, а не на економистите“.

Во отсуство на официјални статистички податоци за обемот на економската активност во последните два месеца, некои индикатори, како на пример, фактите дека 70 проценти од граѓаните прифатиле одложување на ратите за кредитите, или, пак, намалување на движењата на луѓето до работните места за дури 82 проценти, упатуваат на сериозни последици врз економијата.

Освен тоа, податоците од Центрите за вработување покажуваат зголемување на бројот на граѓани кои активно барале работа во март, што упатува на заклучок дека пораснал бројот на отпуштени работници. 

Најновата анкета на Стопанската комора спроведена меѓу компаниите со вкупен обрт од 1,5 милијарди евра покажа дека речиси половина од нив пријавиле прекин на доставата на суровини од ЕУ, од земјите надвор од ЕУ, па и внатре во државава. Секоја четврта компанија очекува целосен прекин на производството во април, а 23 проценти од нив преполовување. Слични се трендовите и кај извозот и остварениот промет.

Имајќи предвид дека ММФ ја ревидираше својата прогноза за движењето на македонската економија за 7,4 процентни поени надолу, односно од првичната проценка за раст од 3,4% до последната, според која, ќе има пад од -4%, произлегува дека во апсолутен износ, домашниот бруто домашен производ ќе загуби околу 890 милиони евра од својата вредност годинава, како последица на кризата од корона вирусот.

Доколку се оствари, ова би бил најостар пад на домашната економија во последните 20 години. Податоците за движењето на БДП по години покажува дека во екот на големата светска криза во 2009 година, ние поминавме солидно со мал пад од само -0,4%, потоа во текот на 2012 година, кога Европа се соочи со должничката криза, нашата економија падна за -0,5%, а најголем пад од -3,1% е евидентиран во 2001 година, како последица на воениот конфликт.

Од домашните институции, засега само Институтот за економски истражувања и политики Finance Think објави своја проценка дека економијата годинава ќе падне за -3,8%, споредено со лани.

Според проценката на овој Институт, најголем интензитет на економската контракција се очекува во вториот квартал, за кога се проектира намалување на БДП од -12,7%, а следните квартали да забележат економска консолидација.

„Фирмите во секторите угостителство, хотелиерство и трговија на мало, кои беа затворени, позначајно ќе ја вратат својата активност кон средината или кон крајот на мај. Фирмите, пак, што се дел од меѓународните синџири на снабдување, постепено ќе ја воспостават меѓународната трговија во првата половина на јуни“, проценуваат од Finance Think.

Народна банка, која сè уште ги калкулира идните негативни ефекти и најави дека ќе излезе со своја прогноза до крајот на овој месец, исто така потврди дека рецесијата е неизбежна.

„Извесно е дека на краток рок, економските остварувања ќе бидат пониски од досега очекуваните“, вели гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска.

Министерството за финансии, исто така, сè уште нема официјална проценка за движењето на домашната економија, иако во неколку наврати лицитираше со различни бројки. Министерката Нина Ангеловска, пред неколку дена изјави дека веројатно и нивните прогнози ќе бидат на иста линија со оние на меѓународните финансиски институции, без да прецизира поконкретно. А за вториот квартал, кога се претпоставува дека ударот од пандемијата ќе биде најсилен врз економијата, Ангеловска рече дека падот на БДП ќе достигне околу -15%.

„Добро е што оваа економска криза не е од економска причина, што значи дека штом пандемијата ќе почне да се смирува, очекуваме економијата многу бргу да закрепнува“, истакна министерката за финансии, Нина Ангеловска.

Па така, ММФ за следната година прогнозира раст на македонската економија од дури 7%, што е, исто така, своевиден екстрем во услови кога просекот кај нас се движи меѓу 3% и 4%.

Даночните приходи секнуваат, задолжувањата надоместуваат

За финансиската кондиција на државата веќе информираше Управата за јавни приходи (УЈП), која обелодени дека приливите од даноци и придонеси се драстично намалени. Во март, кога стапија во сила рестриктивните мерки, со кои и се затворија голем дел објекти, во државната каса се слеале 12,3% помалку пари, додека, пак, во првите две недели од април, евидентиран е уште поголем кусок од дури 38,2%.

Меѓутоа, државната каса, во меѓувреме, се надополнува со пари од задолжувања. Иако финансирањето во време на светска пандемија и зголемена побарувачка за пари е огромен предизвик, особено за мала земја како Македонија со шпекулативен кредитен рејтинг ББ+ според Fitch, сепак, засега државата успева да ги надомести загубените јавни приходи на пазарот на капиталот.

Прво, ММФ ни одобри заем од 176,5 милиони евра, што е двојно повеќе од првично бараниот износ, односно тоа е максималната квота што може да ја добие земјава. Потоа и Светска банка најави дека разгледува програми за финансирање на земјата во вредност од околу 140 милиони евра.

И Европската комисија потврди дека одобрува 160 милиони евра за макро – финансиска стабилност на земјата, а Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) уште 250 милиони евра како дел од Пакетот за солидарност.

Кога ќе се собере вкупната помош, доаѓаме до сума од околу 726 милиони евра, а откако овие пари од концесионалните кредитори станаа извесни, власта го измени планот за задолжување со таканаречениот инструмент bridge to bond, со кој требаше да позајми околу 400 милиони евра од странски банки за да се премости овој период, па ќе оди директно на издавање еврообврзница.

Министерката Ангеловска ја објасни промената во стратегијата со очекувањето да се стабилизираат пазарите на капитал.

„Тој процес е започнат. Тоа значи дека се подготвуваат сите институции, се прават потребните документи и се следи пазарот. Целиот процес трае од 45 до 60 дена, што ни дава право, кога ќе одлучиме дека е најдобро, согласно движењата на пазарот, дека е најсоодветно да се задолжиме на тој пазар“, изјави министерката за финансии, Ангеловска, без да прецизира колку пари ќе позајмиме.

Освен на странскиот пазар, државата пред една недела се задолжи и кај домашните банки, со издавање шестмесечни и едногодишни записи во вредност од 95,5 милиони евра. Во исто време, за отплата доспеаја државни записи во вредност од околу 24,4 милиони евра, што значи дека во државната каса останаа околу 70 милиони евра.

Операцијата за задолжување кај домашните банки се случи и откако Народна банка ја намали основната камата на 1,75% и објави дека ја намалува понудата на благајнички записи за околу 130 милиони евра, со што се ослободи дополнителна ликвидност кај банките, пари што очигледно се префрлаат од трезорот во буџетот.

Сè на сè, пресметките на ММФ покажуваат дека во буџетот ќе фалат 727 милиони евра годинава, што значи дека буџетскиот дефицит ќе се искачи на 6,5% од БДП. Според ММФ, јавните приходи ќе се намалат за 14,8% во однос на првично планираниот буџет, со што паѓаат во вода сите претходни несмасни пресметки дека во државната каса ќе недостигаат над две милијарди евра, односно и до 60% од приходите.

Колку пари, толку мерки

Обемот на фискалните мерки што ги презема државата во насока да им помогне на најпогодените компании од оваа криза директно ќе зависи од можноста за обезбедување пари. Во услови кога јавните приходи паѓаат, задолжувањето ќе биде клучно, за да може државата да ги финансира сите основни потреби и дополнително да финансира помош за бизнисите и граѓаните преку посебни антикризни мерки.

Досега владата има усвоено два пакет-мерки, што се проценуваат на околу 200 милиони евра. Главната мерка е со државни пари да се покрие износ од 14.500 денари, односно колку што изнесува минималната плата во земјава, за сите работници од фирми погодени од оваа криза. Дополнително, истата сума се обезбедува и за спортистите, уметниците и за сите самостојни вршители на дејност, како фризери, козметичари, занаетчии, земјоделци и сл.

Освен тоа, преку Развојната банка одобрени се две бескаматни кредитни линии за компаниите, во вкупна вредност од 13,7 милиони евра.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска оценува дека нашите мерки не се разликуваат многу во споредба со останатите земји, освен според бројот на нули во сумите.

„Речиси стандарден пристап во овие неколку недели е фокусот да биде ставен на зачувувањето на работните места и спречувањето на поголем пад на платите, многу често преку различни шеми на субвенции. Досега, владата усвои два пакети на фискални мерки, а најави и нови, кои секако се неопходни, имајќи ја предвид силината на шокот. Обемот на фискалните мерки ќе зависи од можноста за обезбедување на финансирање. Оттука, многу ќе биде важно да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка преку задолжување“, посочи Ангеловска-Бежоска.

Колкав ќе биде навистина ефектот од овие мерки, допрва ќе треба да се види, откако ќе почне да се користат по завршувањето на овој месец.