Регион

Трауматски сеќавања: Бегајќи од „Бура“

Четврт век по операцијата на Хрватската војска жените кои ги напуштиле своите домови, за БИРН ја раскажуваат својата траума

Неколку дена пред одбележувањето на 25-годишнината од операцијата на хрватската војска,  „Бура“, Ања Шимпрага, пратеничка на Самостојната демократска српска партија, им се обрати на пратениците во хрватскиот парламент, раскажувајќи како поради воената офанзива спроведена во август 1995, како дете, станала бегалец.

„На 4 август 1995 година, имав точно осум години … Со ранец купен за второ одделение основно училиште, бев подготвена за пат, кој немаше име и кој водеше којзнае каде“, рече Шимпрага во емотивното обраќање пред пратениците.

„Колоната  беше долга … Јас последните парчиња леб … ги поделив со моите роднини“, нагласи таа.

Околу 200.000 Срби ја напуштија Хрватска во долги конвои возила, за време на операцијата на ХВ, која имаше за цел враќање на територијата на самопрогласената Република Српска Краина (РСК). За време на говорот, Шимпрага истакна дека нејзиното семејство навистина сакало да се врати и дека во 1999 година се вратиле во Книн.

„Денес, 25 години подоцна, тоа девојче од колоната стои пред вас. Имам само една желба: да градиме општество на слобода и заедничка иднина “, порача таа во својот говор, кој беше пропратен со аплауз.

Шимпрага е една од многуте жени и девојчиња од српска националност, кои преживеале слично искуство за време и по операцијата „Бура“.

Во пресрет на 25-годишнината од „Бура“, БИРН посети некои српски повратници, како дел од петдневното патување под наслов „Запомни ја историјата, не ја повторувај“, во организација на Српскиот народен совет (СНС), најголемата организација што ги претставува интересите на Србите во Хрватска и невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права.

Во разговор за БИРН, жените кои, како Шимпрага, ја напуштиле Хрватска со колоната бегалци, посочуваат дека сакаат подобра иднина, во која Србите и Хрватите ќе живеат во мир.

„Сите ние сме луѓе од месо и крв“

Куќата на Аница Сладојевиќ во Глински Тртник. Фото: БИРН.

Деведесет и петгодишната Аница Сладојевиќ од Глински Тртник, село во централна Хрватска, преживеала две војни – Втора светска војна и онаа од 90-тите. За време на Втората светска војна, таа му се приклучила на Сојузот на комунистичката младина на Југославија и била дел од движењето на отпорот против фашизмот.

Таа вели дека пред последната војна, „доста луѓе“ живееле во селото, но дека денес останале само тројца.

Според пописот од 1991 година, во ова село имало 103 жители, од кои 91 биле Срби, иако Сладојевиќ вели дека имало луѓе од „сите нации“.

„Тие нации – што и кој ги подели – не знам! Сите сме луѓе од месо и крв “, вели таа.

Бидејќи хрватските трупи напредувале на територијата што четири години ја држеа српските бунтовници, таа и нејзиниот сопруг првично мислеле да останат, но на крајот решиле да заминат.

Таа објаснува дека во тоа време немале ниту трактор, ниту запрежна кола, па се качиле на нечија друга и се приклучиле на колоната бегалци. Одредено време престојувале кај роднини на нејзиниот сопруг во Белград, но во 1996 година се вратиле дома.

Денес ѝ е многу тешко. Таа е вдовица, живее сама во многу стара куќа. Намирници ѝ купуваат локални активисти. Една од нив е Љуба Врга, од Глина, која во 1995 година избегала во Србија со семејството.

Врга редовно ги посетува повратниците во руралните области – претежно постарите лица. Жените од тоа подрачје, кои се вратиле, се „среќни што се дома“, вели таа.

„За мене, како помлада личност која решила да се врати, ми беше чудно во некои ситуации и можеби неколку пати ја почувствував таа нетрпеливост … Подоцна, повеќе или помалку, стана нормално“, вели Врга.

Денес, таа ги учи своите деца дека војните не се решение и дека „војната е најстрашната работа што човечкиот род може да им ја направи на другите“.

„Без оглед дали некој ќе се смета за победник или за губитник, во суштина сите губат, а најмногу губат малите луѓе“, истакнува таа.

Анета Владимиров, потпретседател на СНВ, нагласува дека, и покрај „постојаното чувство на тага, поради аветските сцени на остатоците од човечки животи во таа убава природа“, во која живеат хрватските Срби, таа е инспирирана од „неверојатната сила на жените што ги запознала“.

„Тие успеаја да ги надминат сите свои стравови и горчини со активизам, грижејќи се за заедницата… Многу често тие остануваат надвор од политичката активност, иако се неспоредливо попаметни од нивните машки сонародници“, вели Владимиров.

„Никогаш нема да го заборавам мирисот на човечката кожа“

Просториите на здружението „Тара“, кое го води Соња Лека. Фото: БИРН

И Соња Лека, родена во Карловац во 1965 година, ја напуштила Хрватска во август 1995 година.

За време на војната, нејзиното семејство живеело во нивната куќа во Личко Петрово Село. Тие решиле да заминат кога во раните утрински часови на 4 август слушнале истрели. Лека се сеќава дека едвај успеале да го стартуваат автомобилот.

„И ние сега тргнуваме … и гледаш светлечки куршуми, гледаш дека нешто се случува, дека не е многу пријатно и тогаш татко ми се сети и вели: ‘Соња, ја зеде ли пршутата?“, ни кажува таа.

Лека се сеќава и на тешките моменти: на одбојниот став на Србија кон бегалците кои пристигнале од Хрватска, на непријателство меѓу роднините со кои нејзиното семејство морало да живее по пристигнувањето во Србија.

Таа започнала да волонтира во Црвениот крст на Србија и да им помага на другите бегалци кои пристигнувале од Хрватска, обезбедувајќи им храна и други потрепштини.

„Тоа беа шлепери полни со луѓе кои стојат, со бебиња во рацете, тие бебиња плачеа, се печеа на тоа сонце, а Србија не дозволува влез“, раскажува таа.

„Никогаш нема да го заборавам мирисот на човечка кожа, мирисот на луѓето кои со денови се на шлепери на кои наврнуваат, облеката им се мокри, па се суши на нив, тоа е еден специфичен мирис“, додава Лека.

Соња се вратила во Личко Петрово Село во 2002 година и денес води здружение наречено „Тара“, кое произведува и продава производи од традиционални занаети и плетки.

Освен Соња, во здружението работат уште две жени, но тие во моментот не можат да ги продадат своите производи затоа што нема туристи поради пандемијата.

„Единствената цел е тие баби да преживеат, додека не се вратат американските (туристички) групи“, истакнува таа.

Сакам луѓето да се зближат“

Душанка Дубајиќ. Фото: БИРН

Приказната на Душанка Дубајиќ е различна од приказните на Аница Сладојевиќ и Соња Лека. 88-годишната жена, која, исто така, ги преживеала ужасите на Втората светска војна, во август 1995 година не се приклучила кон конвојот бегалци, туку, со уште една жена, два месеци и осум дена се криела во блиската шума.

Се сеќава дека една ноќ поминале во поток, криејќи се од хрватските војници.

Таа ја загубила мајка си на осумгодишна возраст. Мајка ѝ била убиена во 1941 година, во масакр извршен од усташите во Доња Суваја.

Според хрватскиот Хелсиншки комитет, во 1995 година, повеќето од куќите во ова село биле запалени. Кога започнала „Бура“, од 153 жители, само 9 останале во своите домови. Сите, освен Душанка и другата жена, насилно биле однесени во собирниот центар во Задар.

Во септември 1995 година, воените набудувачи на ООН, виделе како хрватски војници ограбуваат куќи во Доња Суваја и во соседните населби.

„ Бура “не заврши на 8-ми (1995).… Ние сме живи сведоци“, потенцира Дубајиќ.

Совршено разумна и прецизна, таа вели дека точно се сеќава на она што се случило за време на „Бура“, затоа што гледала од далечина, криејќи се од хрватските војници, пукањето и палењето.

„Останав жива, многу запаметив, многу видов“, вели таа.

Кога излегла од шумата, била „слаба и валкана“, изгубила 16 килограми.

Денес, 25 години подоцна, таа има порака за помладата генерација.

„Сакам младите да живеат, да не слушаат поединци, ниту од оваа страна, ниту од онаа страна. Сакам луѓето да се зближат“, порачува таа.