Анализи

Треска – инвеститори фаќаат парцели додека граѓаните туркаат петиција

Порано во фабриката се правеше мебел за  становите, во иднина можеби ќе се прават станови| Фото: БИРН

Земјиштето на поранешната фабрика за мебел „Треска“ ќе биде новиот мегдан во вечната скопска борба меѓу приватниот интерес за градење и јавниот интерес за похумано урбанистичко планирање, во која приватниот многу почесто победува.

Откако поголем дел од просторот на напуштениот индустриски капацитет беше вратен со денационализација на семејството Виќентијевиќ од Скопје, градежните фирми почнаа да фаќаат позиции на теренот, каде што според сегашниот детален план (во мораториум) има градежни маркички за 30 згради на четири или на пет ката, плус поткровје. Архитекти и граѓански активисти, пак, туркаат иницијатива за таму да се направи ново урбанистичко решение што ќе се избере на јавен конкурс.

Свесни дека станува збор за имот што веќе е приватен, граѓаните се повикуваат на одредбите и на духот на Законот за експропријација, кој ги ограничува сопственичките права ако треба да се оствари јавен интерес, и повикуваат на дијалог. Сопствениците, пак, не се заинтересирани да разговараат за, како што велат, да се откажат од нешто што им е загарантирано со Уставот, а тоа е да ги искористат сите права стекнати на нивното парче простор.

Нов рецепт за „наполитанките“

Во сегашниот ДУП има 30 градежни маркички поделени во четири блокови

Советот на Општина Центар на последната седница ја прими информацијата дека е поднесена иницијатива со која се бара просторот кај Треска да се оддели како посебна урбанистичка целина од ДУП „Буњаковец“ и да се уреди со распишување јавен конкурс. Тоа би значело дека општината ќе определи општи параметри (колку простор за градба да има, колку зеленило, колку приватни и јавни објекти итн), а заинтересираните архитекти ќе понудат дизајни како сето тоа да изгледа.

На иницијативата се потпишани 272 граѓани, главно архитекти, како и повеќе организации, меѓу кои Здравје пред профит во Центар, Транспарентност Македонија, О2 Коалиција, а поддршка дадоа и Асоцијацијата на архитекти, Академијата на архитекти, Комората на овластени архитекти и инженери, и други.

Општина Центар веќе две години ги држи деталните планови под мораториум, барајќи начини како да се намалат габаритите на предвидените објекти за да се ограничи населеноста и притисокот врз локалната инфраструктура. На преиспитување е и планот „Буњаковец“ под кој спаѓа локацијата на фабриката. Но, и во новопонуденото решение од проектантската куќа (кое сѐ уште не стигнало на јавна анкета) таму имало „згради наредени како наполитанки“, како што велеле во општинската комисија за урбанизам. Затоа се барале поинакви идеи.

 „Мора да се запази јавниот интерес, дури и при располагањето со приватното земјиште. Затоа општините ја имаат обврската да прават детални урбанистички планови. Не е целта некој да трпи штета, верувам дека можеме низ разговор со сопствениците да најдеме заедничко решение“, вели претседателката на општинскиот совет Јана Белчева Андреевска, која е и член на организацијата Здравје пред профит во Центар.

Како што објаснува Белчева, фабриката се наоѓа во подрачје каде што веќе има густа изграденост, има малку зеленило, нема ниту училиште, ниту градинка со капацитет да ги прифатат децата, а ако се изградат новите објекти таму, ќе се додадат уште неколку илјади жители. Затоа, според неа, остварувањето на уставното право на здрава животна средина може да биде доволна основа за експропријација на делови од земјиштето. Тоа е предвидено со членот 4 од Законот за експропријација, каде што се вели дека јавен интерес е уредување, рационално користење и хуманизација на просторот.

Уставот против Уставот

Архитектите се загрижени дека просторот нема доволно услови за да прими нови жители | Фото: БИРН

Освен правото на животна средина, Уставот ја гарантира и приватната сопственост и на користење на правата што произлегуваат од неа, иако и таму е споменато дека заради остварување јавен интерес, овие права може да се ограничат ако се обезбеди правичен надоместок. 

Евентуалните високи суми за обесштетување беа причина зошто другите градоначалници на скопските општини (освен Центар) се откажаа од идејата за преразгледување на ДУП-овите и бришење или намалување на површините за градба. Сопственикот на спорниот објект кај Мајчин дом во Аеродром, на пример, кој веќе ги огласува становите за продажба, на реакциите на јавноста против неговата зграда одговараше дека ако општината му надомести пет милиони евра, може да се откаже и да ја остави зелената површина.

Единствено Центар одлучи да постапи различно и да се обиде да ги искористи сите можности за намалување на притисокот од нови градби. Сепак, градителите во центар не се различни од тие во другите делови на градот.

Две познати компании што имаа значителна улога во градежната експанзија на Скопје во изминатите десетина години веќе купиле парцели од сопствениците на Треска – „Мега“ од Куманово, заедно со нивните партнери „Акустик“ од Скопје, како и „Голден Арт“. 

Ивица Јаќимовски, директорот на „Голден Арт“, вели дека слушнал за иницијативата од медиумите. Неговиот став е дека за местото веќе постои важечки детален урбанистички план, кој, иако е под мораториум, веќе има предвидено површини за градба што се стекнати како право.

„Тоа е приватен имот и никој не може да се согласи да се откаже од правото што го има врз него. Во таа насока нема простор да се размислува за какви било разговори чија цел би била намалување на стекнатите права“, вели Јаќимовски.

Тој потврди дека компанијата го купила просторот неодамна, по денационализацијата, но не откри какви планови има за изградба на нови згради таму.

И судот може да влезе во играта

Се прават обиди за да се спречи старата фабрика да стане нова градежна зона | Фото: БИРН

Експропријациите како метод на одземање приватен имот со обесштетување најчесто се користеле при изградба на улици и патишта, но и во тие случаи не биле секогаш успешни. Најдобри примери за тоа се булеварот Мајка Тереза (поранешна Водњанска) и мостот кај Маџир маало и железничката станица, кој завршува со свиок и со стеснување затоа што еден сопственик одби да ја продаде куќата. Двата проекти се од времето на Ристо Пенов, а вториот го доврши Трифун Костовски.

И поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски направи булевар од над три километри, кој среде коловозот имаше автоперална. Станува збор за Трета македонска бригада, каде што еден објект не можеше да се урне бидејќи градот и сопствениците се тужеа околу обесштетувањето. Двете страни имаа различни вештачења за вредноста, со различни суми. По три и пол години од отворањето на булеварот беше пресудено во корист на град Скопје, кој во октомври минатата година ја урна куќарката, а на довршувањето на тоа парче од булеварот сѐ уште се работи. Сопствениците најавиле дека ќе се жалат во Стразбур.

Што значи ова во случајот со Треска? Јаќимовски од „Голден Арт“ не сака да претпоставува што би направил ако биде доведен во ситуација да мора да ги намали своите површини за градба.

„Не сум размислувал за тоа, но уште еднаш ќе нагласам – не може да наметнуваме тренд дека секој може да прави што сака на приватен имот. Општината може да одлучува за јавниот имот, но на приватниот, ако веќе имаме стекнато право, тоа не може да ни се одземе“, вели тој.

Белчева-Андреевска, пак, смета дека општината не треба поради страв од судски процеси да престане со обидите да го хуманизира просторот.

„Ако треба и судски да се бориме за да го заштитиме јавниот интерес, тогаш ќе се бориме. Но, јас сѐ уште верувам дека можеме да најдеме заедничко решение“, додава претседателката на советот.

На следната седница, советниците ќе треба да ја прифатат иницијативата на разгледување (ако утврдат дека е уредно поднесена) и потоа да расправаат за нејзината содржина и да донесат заклучок. Ако се одлучи дека за просторот ќе се распишува конкурс, потоа таа постапка ќе треба да ја спроведе општинската администрација.