Репортажи

Три години дружба: Како странците во Македонија шират пријателство

БИРН помина неделно попладне со странски иселеници во Скопје

„Здраво, дали си за средбата за експати?“

Со овие зборови ќе ве пречекаат во едно кафуле во центарот на Скопје. Овде секоја недела, во 17 часот, ќе сретнете дигитални номади, странски студенти или туристи што се желни да споделат дел од своите патешествија низ партија друштвена игра.

На овие средби, речиси три години странците во Македонија стекнуваат нови пријателстви и се дружат.

На една од масите, покрај новогодишни декорации и сијалички во боја, неколкумина веќе ја почнаа дружбата со по некој чај и пиво на страна и друштвена игра пред нив. Некои на одличен, други со скромен англиски јазик,  играа асоцијации за појави и личности.

„Мечовите што ги користат во ‘Војна ѕвездите’?“, прашува оној што ја држи картата.

„Лајтсајбер!“, погодува тој спроти него.

Тие веќе се знаеја меѓусебе, но набргу се појавуваа нови лица. Накратко изгледаат залутани, додека некој ќе ги праша дали се дојдени за средбата.

Потоа и тие одбираат која од десетиците друштвени игри да ја почнат. Изборот воопшто не е лесен со толку опции на игри, поставени како висококатници на две дрвени полици долж кафулето.

Секоја недела во 17 часот се организира средбата на експати во центарот на Скопје | Фото:БИРН

Во заднина, Даниел, млад волонтер од американскиот Мировен корпус, веќе се обидува да запознае ново лице. Во Македонија е една година како наставник по англиски јазик во училиште во Драчево. Му останува уште една пред да си замине.

„Убаво е, ми се допаѓа многу“, вели тој, одговарајќи ми на најклише можното прашање: „Како ти е во Македонија?“.

„Знам македонски, малку е тешко да се најдат пријатели, но имам омилени кафулиња и се обидувам да разговарам со локалците. Тие веќе ме препознаваат“, продолжи да раскажува.

Даниел е еден од редовните на овие средби. Но, се шегува дека преку средбите успеал да запознае еден пријател: „уште еден Американец“.

За миг, од 5-6 луѓе, просторијата се наполни со десетина, а до крајот на вечерта се преполни со дури дваесетина гости. Масите долж кафулето веќе се наполнија, а столчиња постојано се размрдуваа.

Доволно е едно „како си?“, за да почнат длабоки дискусии | Фото:БИРН

Настанува какафонија, страсно се дискутира за најнови екстензии на видеоигри, последно изгледани филмови, а се споделувааат и фотографии од мачиња. За момент, не сте 100 отсто сигурни на кој јазик се зборува, бидејќи наслушнувате шпански, германски, португалски, англиски секако, турски…

Овде несомнено ќе најдете луѓе од различни делови од светот, кои накратко или на подолго престојуваат во Македонија. Приказните за тоа како овие луѓе стигнале во државата се разликуваат.

Едни дошле да поработат, други само да се прошетаат пред да стигнат до својата крајна дестинација, но заедничко за повеќето е тоа што имаат потреба за дружба и да споделат искуства.

И срамежливите лесно се вклопуваат во друштвото на експатите. Доволно е едно „како си?“, за набргу да почнат длабоки дискусии за тоа колку јазиците можат да бидат слични или, пак, кои се најновите случувања во Скопје.

Алијана Харизан често доаѓа на ваквите средби | Фото:БИРН

Во еден агол од кафулето, додека во заднина владее громогласна смеа и се коваат планови каде да продолжи дружбата, Алијана Харизан внимателно ја следи партијата шах што ја игра нејзиниот сопруг.

Обидувајќи се да ја надвика вревата во заднина, 32-годишната Малезијка раскажа како Скопје веќе шест месеци е нејзин дом. Таа, во минатото повеќепати ја посетувала државава, па конечно решила и да живее овде.

Сега потребно ѝ е друштво со кое ќе си направи муабет. Во меѓувреме, бара и работа, но посочува дека „нема толку можности за странци“.

За настанот, пак, дознала откако на Фејсбук пребарувала групи што би биле наменети за експати во Скопје.

Токму во овие групи, често ќе најдете странци што неретко бараат мајстори, дадилки, препораки за места што треба да се посетат или дури како да се добие работна виза.

„Најдов и се приклучив“, вели таа.

„На почетокот беше малку чудно, бидејќи е тешко додека се скрши мразот, но дојдовме неколкупати и успеавме да се поврземе со неколку луѓе“, додава.

Мешани двојки се честа глетка на неделните средби со експати. Таков пример се и Ханес Роршпатс и Гленда Ернандес.

Ханес и Гленда играат играат џенга | Фото: БИРН

„Навистина е жешко“ од таму каде што доаѓа Гленда. Но, оддалеку тешко би погодиле дека таа e од Мексико, а тој од Германија, сѐ додека не почнат да ги споделуваат своите искуства од Балканот со другите експати.

Како дигитални номади во своите 30-ти ги поминуваат последните денови во Македонија. Пристигнале овде откако ги посетиле Албанија и Косово.

Како туристи, тие може да престојуваат во државава најмногу три месеци. И покрај најавите за воведување виза за дигитални номади, државава сѐ уште тапка во место. А, нема ниту официјални податоци колку дигитални номади годишно ја посетуваат Македонија.

За овие лица, нејзиното воведување би значело еден вид дозвола за работа и престој на подолг период.

Со желба да најдат млади луѓе со кои ќе можат да споделат дел од доживувањата и искуствата, Ханес и Гленда пресретнале на Инстаграм објава на неформалната група „Средбa на странски иселеници“ („Expats meet up“).

„Единствената негативна страна овде [во Македонија] е тоа што е ладно и нема многу сонце. Исто е како во Германија“, се пошегува Ханес.

„Ние дефинитивно ќе се вратиме“, уверува тој.

Улично маче се засолни од студот во скопското кафуле | Фото:БИРН

Меѓутоа, овие средби смениле неколку локации. Најпрво се одржувале во Градскиот парк како т.н. „размена на јазици“, каде што учесниците се обидуваат да разговараат на јазикот на другите.

Од неформалната група, за БИРН, велат дека по ковид-пандемијата, бил потребен некаков настан каде што луѓето едноставно ќе можат да дојдат и да се дружат. А, бидејќи во градов, па и во државава недостасуваат настани што се посветени на странци, решиле тие да почнат со еден таков.

Оттогаш, на овие средби поминале луѓе од Америка, Чиле, Украина, Кина, па до Малезија и Конго.

„Настанот помага во идејата да ги здружи странците за тие меѓусебе да си помогнат. И сега за сега тоа функционира“, велат од „Expats meet up“.

Досега дошле најмногу 40-тина на една средба. А, од самиот настан сосема непланирано се „родиле“ и неколку романтични врски.

Настанот е отворен за секој, иако главно е наменет за експати и туристи. Се обидувале да се приклучат и локалци, но набргу сфаќале дека тоа не е за нив.

Од „Expats meet up“ се надеваат дека овие дружби ќе се шират подалеку и во обем.

Што останува на крајот од овие дружби? Неколку фотографии за добро помината недела, кои ќе завршат во заедничка ватсап-група, со покана за следна собиранка, како и предлози за места што треба следно да се посетат во Скопје и во Македонија.