Црква и споменик на амбиции и хирови

Коментар на Владо Апостолов

По речиси 13 години меѓу улица Македонија и Домот на АРМ, на местото каде што некогаш имаше парк, за првпат во целина ја видовме новата црква Св. Константин и Елена.

Со години местото беше заградено – грдо и непријатно за сите. Сега, кога просторот се отвори, сите имаат причина за задоволство: едни зашто повторно им е вратен јавниот простор, верниците, пак, зашто добија храм. Славеничката атмосфера фрли заборав како воопшто дојде до тоа на местото да има црква.

Иако на осветувањето не се спомна човекот што важи за идеолог на проектот, тој самиот се јави на Фејсбук, и се портретираше како таков.

„Се соочувам со една од најдлабоките егзистенцијални дилеми на човечкото постоење – парадоксот на творецот кој е отсечен од своето творештво“, напиша Никола Груевски од Будимпешта потврдувајќи ги чаршишските муабети дека лично негова била идејата за црква – наследник на храмот што, според него, неправедно бил урнат во годината на неговото раѓање.

Тука тој открива што се случувало зад тарабите на градилиштето, но и низ личен визир ги врамува случките и инцидентите врзани со црквата, кои дел од јавноста ги помни во нешто поинаква верзија.

Првиот контрапротест

Првиот рендер за црквата

Медиумите известуваа за преизградбата на Св. Константин и Елена на скопскиот плоштад уште пред најавата за Скопје 2014, меѓутоа за првпат ја видовме на промотивниот клип во 2009, прикажана веднаш зад споменикот Воин на коњ.

Бргу потоа сведочевме како градските власти ги преместуваа подземните цевки и кабли од локацијата, за нешто подоцна да дознаеме дека Министерството за култура претходната 2008 веќе набавила идеен проект за црквата.

При неокласичното пресоблекување на Скопје не секогаш бевме на чисто кој објект ќе го гради државата, а кој приватници. Сепак, почетната замисла отсекогаш била црквата да ја финансирана државата, со што би се „исправила неправдата од 1970“.

Сентиментот на неправичност постоел и кај МПЦ зашто, како што сега вели поглаварот, црквава е „замена за храмовите разурнати од иноверните, другородни и неверни власти“.

Меѓутоа, реакциите што следуваа го сменија текот на настаните.

На 28 март 2009, студенти од Архитектонскиот факултет организирани во неформалната група „Архи бригада“ протестираа на плоштадот против изградбата на црква со мотото „Не силувајте го Скопје“, меѓутоа протестот прерасна во инцидент, во кој, студентите беа нападнати од контрапротестирачи, а полицијата не реагираше.

„Богохуљ еден“, му довикнува постара госпоѓа на еден од студентите во видео-прилогот на А1-телевизија посветен на протестот, кој сè уште може да се погледне на YouTube.

Инцидентов е првиот од многуте контрапротести што ќе следуваат. Тие беа подгревани или директно организирани од ВМРО-ДПМНЕ за обесхрабрување на секоја манифестација на незадоволство.

Се разгоре дебатата за и против црква. Следевме ТВ-дуели, се пишуваа коментари и полемики на колумнисти, а верници со икони и крстови в раце упаѓаа на тркалезни маси. Тие денови појасно од кога било се продлабочи поделбата помеѓу самопрогласените патриоти и наклеветените предавници.

Груевски и денес верува дека протестот го организирале „дежурните критичари платени од странски фондови“.

Покритие за бизнис-интереси и за насилство

Св. Константин и Елена сликана од височина | Фото: МТВ

Идејата за црква ја предизвика Исламската верска заедница (ИВЗ) да побара возобновување на Бурмали џамијата која некогаш постоела на плоштадот, веднаш до Камениот мост и која била урната во 1925 година.

Следуваше перформанс со езан, исламски повик за молитва од плоштадот.

По реакциите што добија и верска димензија, изградбата на православниот храм ја презеде МПЦ преку фондацијата „Св. Цар Константин“ и оттогаш секнаа официјалните информации за овој проект, сѐ до крајот на 2011 кога општина Центар го смени деталниот урбанистички план и црквата ја премести пред портите на кино Култура.

Груевски сега открива дека негова била и одлуката храмот да се помести за 300 метри на Улица Македонија и државата да се откаже од финансирање.

„И тогаш, во тој миг на сомнеж, на внатрешна борба, донесов одлука која ме измачи, но која – знам сега – беше единствено правилна“, алудирајќи дека спречил меѓуверски конфликт.

Темелите на црквата се удрија при крајот на 2012, дочекувајќи го јубилејот од Миланскиот едикт од 313 година – указот со кој императорот Константин ги окончал прогоните врз христијаните во Римската империја.

Непромисленоста на новата локација го илустрира и комичниот сетинг во просторот црквата да се гради веднаш до бронзената „Шмизла“ со кратко здолниште, по што бистата се помести десетина метри долж шеталиштето.

Изведувач на храмот беше градежната компанија „Бетон“, за која БИРН во базата Скопје 2014 под лупа пресмета дека го добила речиси секое трето евро што властите го дале за проектот или повеќе од повеќе од 182 милиони евра.

За црквата Св. Константин и Елена се врзува и епизодата од 2013, која подоцна заврши со затворска казна на Груевски. Зборуваме за обвинението на СЈО – Насилство во Општина Центар, кое од „бомбите“ на Заев беше познато како „Шамари за Жерновски“.

Под превезот на заштита на црквата, стотина демонстранти, кои се претставуваа како дел од верската иницијатива Веритас, во јуни 2013 насилно се обидоа да влезат во просториите на Општина Центар, со која раководеше Андреј Жерновски.

Извикуваа „Жерновски Талибанец“ и „Ни во турско не се рушеа цркви“.

Прислушуваните разговори, кои подоцна ги објави тогашната опозиција, фрлија друго светло врз настанот. Се отворија сомнежи дека наместо храмот се штителе градежни бизнис-интереси на Водно, а се дозна планот за напад врз Жерновски.

„Ќе му собереме едно 2.000 луѓе пред Центар, дел ќе си влезат и внатре… Да размислиме дали еден да стане и три-четири шамари јаки да му врзе“, вели Груевски во објавениот разговор со Миле Јанакиески.

Контроверзи околу финансирањето

Внатрешноста на црквата | Фото: БИРН

Новата црква Св. Константин и Елена во дата-базата Имот на верски заедници е запишана како градежно неизградено земјиште од 2.241 квадрат, зашто во Катастарот на тоа место сè уште не е внесен верскиот објект. Земјиштето се води како сопственост на Скопската епархија.

Планот, според Груевски, околу петтина од парите да ги обезбеди Скопската епархија зашто во иднина ќе ја поседува црквата и ќе заработува од посетителите.

Долго немаше прецизни податоци кој сè ја финансира изградбата на црквата и колку таа ќе чини. Новинарите се обидуваа да дознаат нешто повеќе за целата изградба, меѓутоа Фондацијата, МПЦ и градежната компанија „Бетон“ не се огласија околу цената на објектот.

МПЦ организираше три донаторски конференции на кои присутен беше и тогашниот премиер Груевски, стопанственици и други јавни личности.

Истражувачката репортерска лабораторија во 2018 откри дека до тој момент биле донирани нешто повеќе од два милиони евра и дека покрај бизнисмени, меѓу 440-те донатори има и државни институции.

Денес немаме официјална бројка колку чинел храмот, но во 2018, период за кој ИРЛ ги добиле финансиите, Груевски вели дека црквата била 80 проценти готова. Во меѓувреме се појави информација дека фондацијата зад црквата му должи на изведувачот 4,5 милиони евра.

Св. Константин и Елена е претставителен објект. Надвиснува во центарот на Скопје како катедрала од европските плоштади, а откако е отворена полна е со верници, но и туристи од Азија – ја фотографираа и впиваа впечатоци.

Несомнено верниците ќе ја користат според упатството на поглаварот – за венчавки, крштевки, молитви и како тивко прибежиште од скопската врева.

„Многу е убава“, сподели по телефон госпоѓа пред портите, кога ние ја посетивме црквата.

Повознесен е се чини само Груевски, кој црквата, чии делови гледани од дрон формираат крст, за сега ја видел само на фотографии.

„О, Боже! Фотографиите блеснаа пред мене како визии, како соништа на будниот човек“, напиша на Фејсбук.

Сепак, настојчивоста со која Груевски ја наметнуваше идејата и безобѕирноста при злоупотребите за овој храм, вклучително и насилство, за дел од јавноста ја обликуваат високата катедрала и како споменик на неговите хирови и модел на владеење.