Регион

Црна Гора: Критики за негирање на Сребреница

Владимир Лепосавиќ, министер за правда, човекови и малцински права на Црна Гора. Фото: Парламент на Црна Гора.

Откако црногорскиот министер за правда, човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, изрази сомнеж во врска со пресудите на меѓународните судови за злосторствата во Сребреница, амбасадата на Соединетите Американски Држави во Подгорица, во неделата ја повика црногорската Влада, јасно да се произнесе дека масакрите во Сребреница извшени во 1995 година, од страна на силите на босанските Срби, се геноцид.

„Амбасадата е загрижена поради коментарите што фрлаат сомнеж на она што се случи во Сребреница во 1995 година. Бараме јасност и се надеваме дека Владата недвосмислено ќе го осуди масакрот и ќе го нарече она што беше – геноцид“, објави американската амбасада на Твитер.

Лепосавиќ, просрпски политичар, изјави дека Хашкиот трибунал, кој настаните во Сребреница ги класифицираше како геноцид, немал легитимитет, затоа што, според него, тој уништил докази за трговијата со органи на српски цивили во Косово.

„Подготвен сум да признаам дека е сторено злосторство, тогаш кога тоа недвосмислено ќе биде утврдено“, нагласи Лепосавиќ на седницата на Собранието на Црна Гора, во петокот.

Политичките лидери на просрпските партии во Црна Гора, постојано одбиваат да ја прифатат дефиницијата на Хашкиот трибунал, нагласувајќи дека убиствата во Сребреница се воено злосторство, но не и геноцид.

Реагираше и британската амбасада во Подгорица.

„Обединетото Кралство останува јасно на својот долгогодишен став дека она што се случи во Сребреница, е геноцид. Тоа се факти, утврдени пред два меѓународни суда, врз основа на бројни докази“, се вели на Твитер профилот на амбасадата на Обединетото Кралство во Подгорица.

Опозициските партии и граѓански активисти, побараа оставка од Лепосавиќ, и го повикаа премиерот, Здравко Кривокапиќ, јавно да ја критикува неговата изјава.

Но, Славен Радуновиќ, пратеник на просрпскиот Демократски фронт, ги обвини амбасадите на САД и на Велика Британија, дека вршат политички притисок врз Владата.

„Ставот на многумина во Црна Гора, според дефиницијата за она што се случи во Сребреница за време на војната, не е став кон жртвите, за кои сите длабоко жалиме и ги споделуваме болките и страдањата на нивните семејства, туку само однос кон исполитизираните одлуки на Хашкиот трибунал, кои, како и некои слични инструменти, беа користени за создавање на црно-бела слика на Србите како ‘лоши момци’, со цел да се оправдаат некои незаконски активности на големите сили против нас“, соопшти денеска Радуновиќ.

Во 2009 година, црногорското Собрание, усвои декларација за прифаќање на резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница. Со декларацијата, 11 јули во Црна Гора, беше прогласен за Ден на сеќавање на жртвите од масакрот.

Но, иако декларацијата ги осудува злосторствата, како и другите злосторства извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија, зборот геноцид не се спомнува.

Во декември 2020 година, црногорската опозициска Бошњачка партија, предложи Собранието да донесе резолуција за признавање на геноцидот во Сребреница, но владејачкото мнозинство гласаше против.

Во јули 1995 година, повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња од Сребреница, беа убиени во серија масакри извршени од силите на босанските Срби, а над 40.000 жени, деца и стари лица, беа протерани – злосторства кои Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ( МКТЈ) и Меѓународниот суд на правдата, ги класифицираа како геноцид.