Регион

Црна Гора: Побарана смена на министерот за правда

Владимир Лепосавиќ, министер за правда, човекови и малцински права на Црна Гора. Фото: Парламент на Црна Гора.

Црногорскиот премиер, Здравко Кривокапиќ, денеска предложи смена на министерот, Владимир Лепосавиќ, откако тој изрази сомневање во пресудите на меѓународните судови, со кои масакрите во Сребреница извршени од силите на босанските Срби во 1995 година, се класифицирани како геноцид.

Кривокапиќ рече дека во приватен разговор, тој го повикал министерот да си даде оставка, но дека Лепосавиќ одбил.

„Бидејќи Лепосавиќ остана доследен на својот став, донесов тешка одлука да предложам негово разрешување. Недозволиво е министерот за правда да ги искажува своите приватни ставови“, истакна Кривокапиќ.

Собранието, во кое трите блока што го сочинуваат владејачкото мнозинство имаат тесна предност, сега треба да гласа за предлогот на премиерот за смена на Лепосавиќ.

Лепосавиќ, просрпски политичар, минатиот месец изјави дека Хашкиот трибунал, кој настаните во Сребреница ги класифицираше како геноцид, немал легитимитет, затоа што, според него, тој уништил докази за трговијата со органи на српски цивили во Косово.

„Подготвен сум да признаам дека е сторено злосторство, тогаш кога тоа недвосмислено ќе биде утврдено“, нагласи Лепосавиќ.

Политичките лидери на просрпските партии во Црна Гора, постојано одбиваат да ја прифатат дефиницијата на Хашкиот трибунал, нагласувајќи дека убиствата во Сребреница се воено злосторство, но не и геноцид.

Опозициски партии и активисти на граѓанското општество, покренаа онлајн петиција со која бараат оставка на Лепосавиќ, наведувајќи дека неговата изјава го нарушува меѓународниот углед на Црна Гора.

Откако минатата недела американската амбасада во Подгорица ја повика црногорската Влада јасно да заземе став дека масакрите во Сребреница се геноцид, Владата на Кривокапиќ соопшти дека ги почитува одлуките на сите меѓународни институции и ги осудува сите воени злосторства.

Во 2009 година, црногорското Собрание, усвои декларација за прифаќање на резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница. Со декларацијата, 11 јули во Црна Гора, беше прогласен за Ден на сеќавање на жртвите од масакрот.

Но, иако декларацијата ги осудува злосторствата, како и другите злосторства извршени за време на конфликтот во поранешна Југославија, зборот геноцид не се спомнува.

Во декември 2020 година, црногорската опозициска Бошњачка партија, предложи Собранието да донесе резолуција за признавање на геноцидот во Сребреница, но владејачкото мнозинство гласаше против.

Во јули 1995 година, повеќе од 7.000 бошњачки мажи и момчиња од Сребреница, беа убиени во серија масакри извршени од силите на босанските Срби, а над 40.000 жени, деца и стари лица, беа протерани – злосторства кои Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија ( МКТЈ) и Меѓународниот суд на правдата, ги класифицираа како геноцид.